Козјак (Мариово)
- Ова е статија за планината во областа Мариово во Јужна Македонија. За планината во областа Козјачија во Северна Македонија, видете Козјак (Козјачија). За други значења на поимот „Козјак“, видете на појаснителната страница.
| Козјак | |
|---|---|
Поглед на планината Козјак кај селото Витолиште | |
| Највисока точка | |
| Надм. вис. | 1823 м |
| Матичен врв | Балтова Чука |
| Координати | 41°11′34″N 21°53′3″E / 41.19278°N 21.88417°E |
| Географија | |
| Место | |
| Покраина | MK |
Козјак — средновисока планина која се наоѓа во областа Мариово во јужниот дел на Македонија. Се наоѓа меѓу планините Ниџе и Кожуф, издигнувајќи се од левата страна на Рожденска Река и Блаштица, а се протега од Црна Река на север во меридијански правец сѐ до македонско-грчката граница на југ.[1]

Поточно, таа се јавува како северно отклонување и огранка на целиот планински масив на Ниџе и Кожув и со своето протегање таа воедно ги дели прилепскиот и тиквешкиот (кавадаречкиот) дел на Мариово. Билото кое е голо и доста заоблено има меридијански правец на протегање од север кон југ, со највисок врв Балтова Чука (1.823 м).[1] Северно веднаш до него се наоѓа нешто понискиот врв Перум (1.807 м), додека на север е појасно издадениот врв Перун (1.703 м), а во северниот дел се исто така и врвовите Дуров Камен (1.569 м), Мешник (1.470 м) и Зелка (1.426 м), додека на самата граница со Грција е врвот Голем Козјак (1.814 м).[1]
Самата планина има поголема разгранетост кон запад каде се наоѓа гребенот Скрка со врвот Панделе висок 1.344 метри. Меѓу превоите најзначаен е Трибор (1.406 м) преку кој комуницираат прилепскиот и кавадаречкиот дел на Мариово.[1] Во тектонско-геолошки поглед претставува синклинала составена од гнајсеви, микашисти, со гранитоидни тела и мермери.[1] Планината изобилува со многу шума каде што особено многу е застапен црниот бор.
Наводи
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
Козјак (Мариово) на Ризницата ?
