Герасим Тодоров

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Герасим Тодоров
Gerasim Todorov with his children.JPG
Роден 27 ноември 1910
Влахи, Пиринска Македонија
Починал 30 март 1948
Влахи, Пиринска Македонија

Герасим Тодоров (Влахи, 27 ноември 1910 - Влахи, 30 март 1948) — македонски борец за обединета и независна Македонија. Тодоров бил водач на нелегална чета, која што дејствувала од средината на 1947 година, до април 1948 година.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Тодоров е роден на 27 ноември 1910, во селото Влахи, Пиринска Македонија, во кое се родени и други патриотски македонски дејци, како Јане Сандански. Во 1947 година, создава илегална чета од околу 80 комити за вооружена борба за обединета и независна Македонија.

Од нив 13 души се осудени на смрт и обесени во Горна Џумаја, меѓу кои два свештеника, еден полковник и еден потполковник. Неколку се убиени без суд и пресуда. Повеќе од четириесетмина се осудени на доживотен затвор, а другите на тешки временски казни.

Во одредот учествувале полковникот Стоjно Бачиjски (поранешен командир на 51 Вардарски полк во Скопје), потполковникот Димитар Цветков, Петар Грков - Попето, Димитaр Павлов - Дупничанецот, Крум Монев, Д-р Петар Х. Митов од Гара Пирин и други.

Последни денови[уреди | уреди извор]

Тодоров е предаден од негов верен јатак, што доведува до неговото самоубиство.[2]

Тогаш трагично завршиле и браќата Никола и Јордан Рајчеви од селото Плоски.[3] Во обидот да го пробијат обрачот наишле на заседа крај селото Драката, при што Никола бил тешко ранет и за да не падне во рацете на полицијата го молел својот брат да го убие. По неколку дена и Јордан го завршил својот живот. Ја избегнал заседата и стасал во селото Карпелево, со надеж дека ќе најде засолниште кај својот добар пријател, но наместо да го скрие тој го предал, по што се самоубил. Гимназијалецот Георги-Гошката Сучев од Горна Белица стасал до родното село и цела седмица бил криен од едно турско семејство. Меѓутоа, бил предаден кога се преместил кај своите роднини. Кога дознал за предавството го извадил пиштолот и си стрелал во главата. По својот живот посегнал и Петар-Пецето Грков од селото Брежани, откако сфатил дека нема никакви шанси да се спаси од полицијата. Александар Султов, Веселин Михајлов и Марко Ангов своите животи ги завршиле на поинаков начин. Ги предал Тома Маникатов од селото Плоски, по што биле живи изгорени во месноста Шарена Скала во Плошката Планина.

Четворица Македонци биле ликвидирани без судење, а осуммина обесени откако им биле изречени смртните пресуди. Солун Георгиев, Македонец до фанатизам, бил мачен и испитуван во селското училиште на Влахи, а потоа убиен. Асен Драчев го врзале и го претепале до смрт, како и Ванчо Танчев и Васил Адамов. Петар Донков од селото Оштава, по жестоките тепања во подрумите на МВР на Сандански, умрел во затворот во Благоевград. И Димитар Павлов од Мал Врбовник бил убиен со уште неколкумина другари. Се претпоставува дека го ликвидирал агент-провокатор, негов близок роднина. Подоцна неговата ќерка Искра била затворена и повеќе месеци свирепо измачувана во благоевградскиот затвор.

По изречувањето на смртните пресуди во затворот во Благоевград биле обесени Илија Чопев, Асен Михајлов од селото Оштава, Јанчо Јанев од Гара Пирин, Андреј Спасов од Влахи, Георги Тополигов од Петрово, Смилен Гаргов од Џигурово. Тогаш биле обесени и двајца офицери на бугарската армија, како и двајцата Македонци, полковникот Стојне Бајчијски и потполковникот Димитар Кузманов, кои тие денови дошле од Софија и и' се приклучиле на четата на Герасим Тодоров со намера да пребегаат во Грција. Од осудените на смрт само тројца се спасиле од бесилка. На свештениците Иван Џолев од Катуница и Стефан Камбитов од Падеш и на д-р Петар Митов од Гара Пирин смртните пресуди им биле заменети со доживотна робија.

Крум Монев од село Оштава, кој поради тоа што бил малолетен го осудиле на 15 години затвор, по излегувањето на слобода подготви посебен албум на сите што настрадале во злокобната 1948 година. Во неа ќе ги забележи имињата и на уште шеесетина Македонци, кои најдобрите години од животот ги минаа по бугарските затвори.

Мисли[уреди | уреди извор]

За ослободувањето на Македонија загинале стотици илјади нејзини чеда, стотици илјади други се расфрлени, исфрлени од татковото огниште низ целиот свет, десеттина илјади куќи се запалени... И ако и на нас сега ни се падне истиот к'смет, ако и нас нè снајде истата судбина и треба да изгориме во пламените на таа борба, бидете спокојни, дека за родината ни тогаш нема да биде толкава голема загуба. Нели знаете, дека за одржувањето на тој свет оган, потребен е запалив материјал, и тоа многу многу.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Зловещата - 1948 год. за Пиринска Македония. Горна Џумаја. стр. 1. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. Зловещата - 1948 год. за Пиринска Македония. Горна Џумаја. стр. 2. На |first= му недостасува |last= (help)
  3. „Utrinski Vesnik“. www.utrinski.com.mk. Посетено на 2021-05-02.
  4. Зловещата - 1948 год. за Пиринска Македония. Горна Џумаја. стр. 3. На |first= му недостасува |last= (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]