Прејди на содржината

Дасарети

Од Википедија — слободната енциклопедија
Карта на Епир

Дасарети ― палеобалканска популација, античко племе од Горна Македонија кое го населувало Охридско-струшкиот регион.

Територија

[уреди | уреди извор]

Територијата што ја населувале Дасаретите, била предмет на проучувања на повеќе истражувачи, таа никогаш не била јасно дефинирана. Се смета дека се простирала на југ до Епир, на запад кон Илирите до Партините, на исток до Линкестите и Орестите, а на север до Пенестите и Дарданците. Меѓутоа, централниот простор што го населувале овие прастари жители од антиката, судејќи според книжевните и епиграфските извори, е, секако, областа околу Лихнидското односно Охридското Езеро.[1] Овие територии претходно ги населувале Бригите и Енхелеите (Енгелани). Во римско време преовладувало името Дасарети, наместо претходното име на племето Енгелани. Континуитетот во културата е потврден од наодите во некрополата во Требеништа од крајот на VII до IV/III век п.н.е.[2]

Се смета дека Лихнид бил административно уреден уште пред доаѓањето на Римјаните. Со археолошките ископувања сè повеќе се оформила сликата за античкиот град Лихнид, кој бил приклучен кон Македонското кралство, уште од времето на Филип II, кој и натаму останал во рамките на политичките, економските и културните случувања меѓу Македонија, Илирија и Епир низ целиот антички период.[1] Во римскиот период потврдено е дека центар на Десаретите им бил градот Лихнид,[2] кој бил организиран како автономна градска општина - полис.[1]

Монетоковањето на Дасаретите

[уреди | уреди извор]

Првата дасаретска монета била откриена со заштитните ископувањата на некрополата Дебој, во 1978 година, кога сосема случајно е откриена античката некропола на градот Лихнид. Ископувања биле спроведени во неколку наврати во периодот меѓу 1978-1980 година. Во тој период биле откриени трикорабна ранохристијанска црква со подни мозаици и некропола со околу 190 гробови во хронолошки распон од хеленистичкиот период до средниот век. На некрополата бил откриен богат и разновиден археолошки материјал.[3]

Вкупно биле откриени 4 бронзени монети, од кои три биле пронајдени на Плаошник, а една во некрополата во Дебој. Поделени се во два типа[3]

Каталог на дасаретските монети Дасаретија (234 - 168 год. пр.н.е.)

[уреди | уреди извор]

За време на римските навлегувања на Балканот, дасаретската област заедно со нејзиниот центар Лихнид биле на страната на Римјаните и биле користени како главна воена база на римските војски. Затоа по 168 г.пр.н.е. кога се става крај на илирската и македонската држава, Дасаретија и градот Лихнид најверојатно припаѓаат на ослободените области и градови заради нивната лојалност кон Римјаните уште пред крајот на војната. Затоа ѝ монетоковањето на Дасаретската монета хронолошки се врамува во периодот меѓу 234-168 г.пр.н.е., што во целост се поклопува со монетоковањето на Епирската лига.[3]

ТИП I

  • Аверс: Глава на Ѕевс-Амон со ловоров венец и рог од овен, надесно Реверс: крилеста молња и натпис во два реда, над и под молњата ΔΑΣΣΑ-ΡΗΤΙΩΝ, внатре во дабов венец АЕ: 8,6 грама; 22 мм. лок. Плаошник, археолошки ископувања 2008 година[3]
  • Аверс: Глава на Ѕевс-Амон со ловоров венец и рог од овен, надесно. Реверс: крилеста молња и натпис во два реда, над и под молњата ΔΑΣΣΑ-ΡΗΤΙΩΝ, внатре во дабов венец АЕ: 7,9 грама; 22 мм. локалитет Плаошник, археолошки ископувања 2008 година[3]
  • Аверс: Глава на Ѕевс-Амон со ловоров венец и рог од овен, надесно. Реверс: крилеста молња внатре во дабов венец (ΔΑΣΣΑ-ΡΗΤΙΩΝ), внатре во дабов венец. АЕ; 8,12 г.; 21мм. локалитет Дебој, археолошки ископувања 1978 година[3]

ТИП II

  • Аверс: Глава на голобрад Херакле со лавовска кожа, надесно; лево BAΣ Реверс: Суровица и натпис во два реда ΔΑΣΣΑΡΗΤΙΩΝ, внатре во ловоров венец, и монограм ʘ десно над суровицата. АЕ: 5,2 г.; 17 мм. лок. Плаошник, археолошки ископувања 2010 година.[3]
  1. 1,0 1,1 1,2 Битракова - Грозданова, Вера (2016). ПРИЛОЗИ - ΛΥΧΝΕΙΔΙΩΝ Η ΠΟΛΗΣ (Нов епиграфски споменик) (PDF). Скопје: МАНУ. стр. 57.
  2. 2,0 2,1 д-р Стојан Киселиновски и др. (2000). Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. стр. 142. ISBN 9989-624-46-1. Недостасува |author1= (help)
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Арџанлиев, Перо (2018). „Монетоковањето на Дасаретите“ (PDF). Каламус, брoj 16: 127–133.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]