Емануел Чучков

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Емануел Чучков
Emanuel Chuchkov - Емануел Мане Чучков.jpg
Министер за Македонија во Привремената влада на ДФЈ
На должноста
7 март 1945 – 16 април 1945
Лични податоци
Роден(а) 27 ноември 1901
Штип, Османлиска империја
(денес Македонија)
Починал(а) 1 септември 1967(1967-09-01) (воз. 65 г.)
Скопје, СР Македонија
Националност Македонец

Емануел (Емануил, Мане) Чучков (Штип, 27 ноември 1901 - Скопје, 1 септември 1967) бил македонски политичар. Тој е и првиот штипски доктор по географски науки.

Биографија[уреди | уреди извор]

Рани години[уреди | уреди извор]

Чучков го завршува основното образование во Штип, гимназија во Скопје, а дипломира 1925 г. на Филозофскиот факултет во Белград - на фундаменталната група за географија (антропогеографија и физичка географија, етнологија и етнографија, историја и словенска филологија).

Како ученик, во 1919 година се вклучува во социјалистички кружок. Активно учествува во агитирањето за време на изборите и во 1921 година по што за првпат бил приведен од полицијата. Во 1923 година, Чучков е еден од учесниците во основањето на огранокот на Македонската младинска тајна револуционерна организација (ММТРО) во Скопје.[1] Во 1924 година на митинг во Штип, Чучков бил уапсен и затворен. Повторно е затворен во 1927 година и е еден од обвинетите на Скопскиот студентски процес, но поради немање докази е ослободен од обвинението.

Првото службување како стажант му било во Охрид, каде повторно бил затворен. По ослободување, стажирањето го продолжува во Свилајнац (Србија). Во 1929 година го положува професорскиот испит во Белград, по што службува се до 1941 година како гимназиски професор во Србија и Босна: Свилајнац, Чачак, Биелина, Смедеревска Паланка и Ќуприја. Во меѓувреме, една учебна година 1935/36, работи во родниот град, а во 1941 година во Великата медреса во Скопје.

Во Втората светска војна[уреди | уреди извор]

По бугарската окупација, како внук на војводата Ефрем Чучков, Мане Чучков е поставен за директор на гимназијата во Прилеп, а потоа во Скопје и Штип.

Во 1943 година Чучков станува член на групата интелектуалци кои го сочинуваат Акциониот народноослободителен комитет (АНОК). Во април 1944 година станува член на проширениот состав на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. На почетокот од мај 1944 година, заедно со Методија Андонов - Ченто и Кирил Петрушев, заминува за Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито. Во август 1944 година учествува на Првото заседание на АСНОМ и е избран за член на Президиумот на АСНОМ како негов втор потпретседател.[2]

Чучков говори во слободно Скопје, 1945 година

Како претставник од Македонија, на 30 август 1944 година е испратен во Народниот комитет за ослободување на Југославија. Во НКОЈ ја врши функцијата повереник за земјоделство, а на 7 март 1945 година кога е формирана Привремената сојузна влада на чело со Јосип Броз Тито, станува министер за Македонија. Ставовите на Чучков како сојузен министер за Македонија во раководните кругови на Федерацијата се оценети како националистички сепаратистички и анти-југословенски, поради што е тргнат од функцијата и е вратен во Македонија.

По војната[уреди | уреди извор]

Иако деградиран, од 1946 до 1950 година е пратеник во Народното собрание на Македонија, а од 1946 до 1947 година ја врши функцијата директор на Народната библиотека во Скопје.[3] Како музиколог етнолог во 1947 го основа Заводот за домашни уметнички ракотворби „Македонски фолклор“, а од 1948 година станува соработник на новооснованиот Институт за национална историја. Во 1949 станува директор на државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“.

Во педесетите години повторно се враќа на својата професија и извесно време е потпретседател на Комитетот за високи школи. Потоа во 1954 година станува хонорарен доцент, а во 1957 година и редовен наставник по Економска географија на Економскиот факултет во Скопје. Во март 1958 година ја одбранува порано започнатата докторска дисертација „Овче Поле. Географско-стопанска студија“. Автор е на повеќе универзитетски и средношколски учебници и прирачници и истражувања од областа на историјата, географијата, економијата, фолклористиката, етнографијата и просветата во Македонија.

Својот живот го завршил како професор на Економскиот факултет во Скопје.

Наводи[уреди | уреди извор]