Никола Кљусев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Никола Кљусев
Nikola-Kljusev.jpg
I Премиер на Македонија
На должноста
27 јануари 1991 – 17 август 1992
Претходник нема
Наследник Бранко Црвенковски
Министер за одбрана
На должноста
1 декември 1998 – 28 јули 2000
Претходник Лазар Китановски
Наследник Љубен Пауновски
Лични податоци
Роден(а) 2 октомври 1927
Штип, СФРЈ
денес Република Македонија
Починал(а) 16 јануари 2008
Скопје
Националност Македонец
Партија ВМРО-ДПМНЕ
Вероисповед Православен христијанин

Никола Кљусев (Штип, 2 октомври 1927 - Скопје, 16 јануари 2008[1]) бил македонски економист, универзитетски професор, научен истражувач, општественик, член на МАНУ и прв премиер на Република Македонија по прогласувањето на независноста од Југославија.[2]

Рани години[уреди | уреди извор]

Никола Кљусев е роден на 2 октомври 1927 година во Штип. Основно училиште и гимназија завршил во родното место. Релативно млад тој се приклучил на партизанските единици на Македонија и зел учество во Антифаштичката борба во периодот од 1942 до 1945 година.

Научна кариера[уреди | уреди извор]

По ослободувањето го продолжил своето образование. Во 1947 година заминал на студии на Економскиот факултет во Белград. Поради затворањето на Голи Оток, за време на поминатиот период, бил исклучен од Универзитетот. По прекин од две години продолжил со студирањето, и дипломирал на 10 јули 1953 година.

По дипломирањето во 1953 година се вработил во Институтот за научно истражување во индустријата на НР Македонија во Скопје, каде работел прво како стручен, а потоа од 1960 година и како виш стручен соработник. Во 1961 година се префрлил на Економскиот институт во Скопје како научен соработник, а по одбраната на докторатот од областа на економските науки на Економскиот факултет во Белград во 1964 година, станал Виш научен соработник.

На Економскиот факултет во Скопје бил избран за вонреден професор во 1968 година, а во 1972 година и за редовен профессор. За првпат на Економскиот факултет воведил два нови предмети: “Теорија и политика на стопанскиот развој” и “Инвестиции - теорија, политика, економика -оценување и избор”. Никола Кљусев и за двата предмети објавил учебници кои биле користени на сите Универзитети во Југославија. Долги години бил раководител на постдипломски студии од областа на економски развој и бил ментор на десетици магистерски и докторски дисертации. Во периодот од 1985 година до 1987 година бил декан на Економскиот факултет во Скопје, а веќе во наредната 1988 година бил избран за член на МАНУ. Во 2002 година бил избран за раководител на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ.

Во 1963 ја објавил книгата „Активизационен период на инвестициите“ што е прифатена како негов магистерски труд. Станал доктор на науки 1964 год. работејќи на темата „Критериуми и методи за оценување на економската ефективност на инвестициите“. Како познат економист бил раководител на повеќе број домашни и странски проекти. Објавил повеќе книги, монографии и научни студии, како и неколку збирки поезија, есеи и други трудови.

Во текот на професионалниот живот тој постојано се надградувал. Бил на специјализации и студиски престои во САД (Фордова фондација на универзитетите „Колумбија“ во Њујорк и „Беркли“ во Сан Франциско), во Велика Британија (на Универзитетот „Сасекс“ во Брајтон и на Лондонската економска школа), во Академијата на науките на Советскиот Сојуз во Москва и во Академијата на науките во Полска во Варшава, во Меѓународната банка за обнова и развој во Вашингтон итн. Учествувал на меѓународни конгреси на економистите во Монтреал, во Мадрид и во Будимпешта. Во рамките на меѓународниот проект „Инструменти на научнотехнолошката политика (СТПИ) престојувал во повеќе земји.

Како врвен економист Никола Кљусев станал член на Економскиот совет на СФРЈ и на Економскиот совет на СРМ; член на Централниот одбор и на Научната секција на Сојузот на економистите на Југославија, како и претседател на конзорциумот на економските институти. Исто така, тој бил член и на редакцијата на списанието „Економист“ како и главен и одговорен уредник на списанието „Стопански преглед“. Никола Кљусев работел на повеќе научно-истражувачки проекти. Работејќи на инвестицио-развојната проблематика, која станала негова животна опсесија, ги добил сите научни степени, заклучно со докторат на Белградскиот универзитет и сите научни звања сè до редовен професор на Економски факултет во Скопје и член на МАНУ.

Политичка кариера[уреди | уреди извор]

Никола Кљусев беше првиот премиер на првата експертска Влада на Република Македонија во периодот од 1991-1992 година и одигра значајна улога во воспоставувањето на независноста и сувереноста на македонската држава. Во текот на неговиот мандат, била воведена македонската валута и се формирала Армијата на Репблика Македонија.

По падот на првата експертска влада во земјата, Кљусев во 1994 година бил избран за претседател на Националната конвенција на Македонија и на Советот на ВМРО ДПМНЕ во 1997 година. Во периодот од 1 декември 1998 до 28 јули 2000 година бил министер за одбрана во Владата на Љубчо Георгиевски, а во 2006 година бил именуван од Владата на Република Македонија за претседател на Управниот одбор на Агенцијата за директни странски инвестиции.

На 16 јануари 2008 година починал ненадејно, најверојатно од срцев удар.

За својот научен допринос акасемик Никола Кљусев е одликуван со Орден Златен венец и е носитела на наградата „13 Ноември“, а за шивотно дело ја добил наградата „11 Октомври“, како и бројни пофалници и признанија во земјата и странство.

Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, постхумно го одликувал академик Никола Кљусев, со орденот „8 Септември“.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. А1 Телевизија
  2. Macedonia bids farewell to its first prime minister Kljusev“, „Makfaxonline.com“, 18 јануари 2008 (конс. 18 јануари 2008 г).
Политички функции
Претходник
Глигорие Гоговски
(Претседател на Извршен совет на СРМ)
Премиер на Република Македонија
1991–1992
Наследник
Бранко Црвенковски
Претходник
Лазар Китановски
Министер за одбрана
1998-2000
Наследник
Љубен Пауновски