Никола Груевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Никола Груевски
Никола Груевски

Премиер на Република Македонија
Мандат
27 август 2006 – 18 јануари 2016
Претседател Ѓорге Иванов
Претходник Владо Бучковски
Следбеник Емил Димитриев (привремен)

Роден 31 август 1970
Скопје, СР Македонија
Партија ВМРО-ДПМНЕ
Сопружник
  • Сузана Арбутина (в. 2001–05)
  • Боркица Груевска (в. 2007)
Професија економист
Религија православен христијанин

Никола Груевски (р. 31 август 1970, Скопје) — македонски политичар. Тој бил министер за финансии во владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски од 1998 до 2002 година, претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ од мај 2003 година и претседател на владата на Република Македонија од 27 август 2006 до 18 јануари 2016 година.

Биографија

Приватен живот

Никола Груевски е роден во Скопје на 31 август 1970 година. Татко му Тало потекнува од леринското село Крушоради во Егејска Македонија, денешна Република Грција. Тало е доктор на науки на Белградскиот универзитет и пред тоа долгогодишен професор на Шумарскиот факултет при Скопскиот универзитет. Мајка му Надежда е од Штип, сестра на првиот министер за внатрешни работи на Република Македонија Јордан Мијалков. Груевски основно и средно образование завршил во Скопје. Дипломирал на Економскиот факултет во Прилеп, при Универзитетот „Св. Климент Охридски” - Битола во 1994. Се здобил со квалификации за меѓународниот пазар на капитал на Лондонскиот институт за хартии од вредност во 1996.

Во периодот 1995-1998 година работи како директор на одделот за „безбедност, планови и анализи“ во Балканска банка во Скопје. Потоа продолжува како управник од Република Македонија во Светската банка и во Европската банка за обнова и развој. Бил претседател и основач на брокерската асоцијација на РМ (1998) и ја направил првата трансакција на македонската берза. Магистрирал на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на 12 декември 2006. Груевски бил во брак со Сузана Арбутина, од кој нема деца. По разводот со првата сопруга, во мај 2007 година се оженил со Боркица Груевска (моминско презиме Манчева), со која имаат две ќерки, Анастасија (2007) и Софија (2010).

Политичка кариера

Министер за финансии

Кон крајот на 1999, Груевски е назначен за министер за финансии на местото на Борис Стојменов во владата на Љубчо Георгиевски. По иницијатива на Груевски се интензивира процесот на денационализација на национализираниот имот во периодот 1945-1990. Има имплементирано финансиски реформи меѓу кои воведување на данокот на додадена вредност (ДДВ), воведувањето на фискалните сметки, кампањата „Купувајте македонски производи“, брендирана преку логото со насмеано сонце. Списанието „Форум“ во 2000 година го прогласи за „Човек на годината“ и го вброја меѓу десетте најпосакувани ергени.[1]

Лидер на опозиција

По параментарните избори 2002 година, во ВМРО-ДПМНЕ следува период на внатрепартиски превирања, после кои Груевски е избран за лидер на партијата, заменувајќи го дотогашниот претседател Георгиевски. ВМРО-ДПМНЕ ги загубила претседателските избори 2004 година, по што на партискиот конгрес во хотел „Панорама“ се случил вооружен инцидент и обид за смена на Груевски од челната позиција во партијата.[2] ВМРО-ДПМНЕ освоил двојно помалку градоначалници од владејачкиот СДСМ на локалните избори 2005, по што Груевски изјавил дека имало „многу нерегуларности во некои општини“ за време на вториот изборен круг.[3]

Премиер

Никола Груевски и Жозе Мануел Баросо на самитот на Европската народна партија во 2009 година

ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарните избори 2006 година. На 25 август Груевски ја формираше новата Влада, во која клучните министерства ги зазедоа лица на возраст од 30-тина години. На предвремените парламентарни избори 2008 година, победила коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што беше нивна втора изборна победа по ред, добивајќи повеќе од половина од пратеничките мандати во Собранието на РМ. Тој направи коалиција со ДУИ.

Во мандатот на Груевски се воведе концептот на рамен данок, а обемот на странски инвестиции во периодот 2007–2014 бил 277 милиони евра по година. Просечниот економски развој во периодот 2007–2013 изнесувал 2,6%, додека невработеноста се намалила од 36% во 2006 на 28% во 2014.[4] Остварени се мерки за подобрување на бизнис-климата, поради што „Дуинг Бизнис“ во 2015 ја рангираше Македонија на 12. место во светот по тој критериум.[5]

Во време на Груевски се вовело задолжително средно образование, и се отвориле два нови државни универзитети и над 20 државни факултети. Неговиот предлог за воведување „државен испит“ на факултетите предизвикал масовни студентски протести кон крајот на 2014, бидејќи студентите сметале дека власта ја загрозува универзитетската автономија.[6] Спровел мерки за подобрување на земјоделството, при што субвенциите за земјоделството тројно се зголемиле во периодот 2008–2015. И покрај овие мерки, во овој период двојно се зголемил увозот на храна и материјални добра.[7]

Афера со прислушувани разговори

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, во февруари 2015 објавил дека управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) по наредба на Груевски и Сашо Мијалков повеќе години незаконски прислушувала над 20 илјади граѓани.[8] Во дел од снимките, Груевски наредил рушење на објектот „Космос“ поради политичка одмазда кон бизнисменот Фијат Цаноски.[9] Во друг разговор, Груевски нарачал претепување на градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, како и демолирање на општинската зграда.[10] Груевски преку МВР тајно купил луксузно возило „Мерцедес“ од 600 илјади евра,[11] како и плац на Водно со површина од 11 илјади квадратни метри.[12]

Критика

Американскиот весник „Вашингтон пост“ во 2011 го портретирал Груевски како корумпиран и моќен „популист“ кој се пресметува со независните медиуми.[13] Груевски бил критикуван во извештаите на Европската Унија за непочитување на слободата на медиумите, независноста на судството и на политичкиот дијалог.[14]Утрински весник“ по излегувањето на содржината на Викиликс објавил дека владата на премиерот Груевски и неговите блиски соработници системски го користеле правниот и репресивен апарат на државата за да ги исклучат политичките неистомисленици.[15] Во извештајот на германскиот правен експерт Рајнхард Прибе од мај 2015 забележано е мешање на власта во работата на судовите, индиции за изборен криминал, како и незаконско богатење на владини функционери.[16] Наодите на Прибе, како и прислушуваните материјали доставени од опозицијата, биле основа специјалното јавно обвинителство (СЈО) да покрене кривична постапка против министри од владата на Груевски за изборни местенки.[17]

Наводи

  1. Груевски - Автократот од наше маало - Призма, од 19.01.2016
  2. 2004 година – Превирања и поделби во ВМРО-ДПМНЕ - Иnbox7, од 13.02.2016
  3. Локалните избори преку факти и бројки - Дневник, од 28.04.2013
  4. Четири непријатни вистини за македонската економија - Окно, од 03.04.2015
  5. Груевски не го чита „Економист“: Најсиромашните најбрзо напредуваат на листата „Дуинг бизнис“ - Мета, од 29.10.2015
  6. Студентите на државен тест - за непартиски студентски протест! - Дојче Веле, од 09.12.2014
  7. Субвенции во земјоделството – реална помош или промашена политика? - Призма, од 15.06.2015
  8. SDSM Leader Releases First 'Bomb': More than 20,000 Citizens Were Wiretapped - Independent 09.02.2015
  9. Груевски и Јанакиевски договараат како да се сруши „Космос“ на Цановски - Фокус 27.02.2015
  10. Кривична пријава против Груевски за поттикнување агресија - Фокус 24.04.2015
  11. Груевски преку МВР си купил луксузен Мерцедес од околу 600.000 евра - Фокус 13.05.2015
  12. Осумте чекори на Груевски до плацот на Водно - Мета 24.03.2015
  13. „Вашингтон пост“: Премногу власт во младешки раце - Утрински 28.12.2011
  14. Груевски не прифаќа критики - Радио Слободна Европа 11.02.2011
  15. Владата на Груевски сее страв - Утрински весник, од 03.06.2011
  16. Жестоки критики за Македонија во извештајот на Прибе - Плусинфо 18.06.2015
  17. Катица Јанева тргна против функционери на ВМРО-ДПМНЕ - Вест 12.02.2016

Надворешни врски

Политички функции
Претходник
Борис Стојменов
Министер за финансии
1999–2002
Наследник
Петар Гошев
Претходник
Владо Бучковски
Премиер на Република Македонија
2006-2016
Наследник
Емил Димитриев привремен
Партиски функции
Претходник
Љупчо Георгиевски
Претседател на ВМРО-ДПМНЕ
2003–денес
Наследник
нема