Михајло Маневски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Михајло Маневски
Министер за правда
На должноста
26 август 2006 – 28 јули 2011
Премиер Никола Груевски
Претходник Мери Младеновска-Ѓорѓиевска
Наследник Блерим Беџети
Лични податоци
Роден(а) 26 декември 1937
Башино Село, Кралство Југославија
денес Република Македонија
Националност Македонец
Партија ВМРО-ДПМНЕ

Михајло Маневски (роден на 26 декември 1937 година во Башино Село, Велешко) — македонски правник и политичар. За време на комунизмот бил член на Извршниот совет на Собранието на СРМ (од 1986 до 1991), а по осамостојувањето на Македонија бил министер за правда од 2006 до 2011 година.

Биографија[уреди | уреди извор]

Маневски е роден во велешко Башино Село на 26 декември 1937 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје 1960 година. Во текот на својата кариера извршувал голем број на функции. Бил заменик околиски јавен обвинител во Штип, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Велес, а од 1966 до 1976 година бил заменик на Окружниот јавен обвинител во Скопје. Од 1976 до 1984 година бил заменик на јавниот обвинител на Македонија. Од 1984 до 1986 година бил претседател на Окружниот суд во Скопје.

Во 1986 година бил избран за член на Извршниот совет на Собранието на СРМ и министер за правосудство и управа.[1] Функцијата ја извршувал до 1991 година.

Од 1994 до 2000 година бил советник во Владата, а во 2000 година бил именуван за заменик на јавниот обвинител на Македонија. Во 2002 година бил избран за член на Државната комисија за спречување на корупцијата, а во декември 2005 година бил избран и за нејзин претседател.

По победата на ВМРО ДПМНЕ на изборите во 2006 година, Маневски бил избран за министер за правда во владата на Никола Груевски. Во 2008 година е реизбран на истата функција, на која останал до 2011 година.

Маневски работел на подготвување на голем број законски и подзаконски акти од областа на правосудството, казненото право, финансискиот криминал и корупцијата и во работни тела за изготвување на амандмани на уставни одредби. Учествувал на повеќе меѓународни конференции за прашањата на организираниот криминал, особено финансискиот криминал и корупцијата. Во 2003 година ја издаде книгата Казнено правна заштита на јавните финансии - правни аспекти и практични искуства, а во 2005 година ја издаде втората книга Корупцијата во Република Македонија - Превентивни и казнени мерки за спречување. Објавил и повеќе научни трудови, во стручни списанија и билтени од областа на казненото право и финансискиот криминал и корупцијата.

Наводи[уреди | уреди извор]

Политички функции
Претходник
Мери Младеновска-Ѓорѓиевска
Министер за правда
28 август 200628 јули 2011
Наследник
Блерим Беџети