Независна македонска организација Илинден

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
За други значења на поимот Илинден видете ја појаснителната страница

Независната македонска организација „Илинден“ е создадена за борба против денационализацијата и асимилацијата од страна на бугарската држава врз граѓаните, кои по етничко потекло и самоопределба биле Македонци.

Формирање[уреди | уреди извор]

Создадена е на 15 април 1968 година во Петрич. Основоположници на организацијата се: Сократ Маркилов, Пандо Илиев, Ѓорги Алексов Дунгалов, Илија Кочев, Алексо Иванов, Тодор Цаканделов, Иван Тимчев, Јордан Гошев и Иван Немчев. Нешто подоцна во организацијата влегол Стојан Георгиев Томовичин. На почеток броела 20 членови, а нејзиното зголемување се одвивало бавно, бидејќи било неопходно да се зачува коспирацијата. Според евиденцијата што ја водел Сократ Маркилов, во периодот од 1968 до нејзиното откривање при крајот на 1973 година, во Организацијата членувале меѓу 200 и 300 лица од цела Пиринска Македонија. А пак според нотесот во кој ги запишувал, нивниот број изнесувал 134 души.

Дејствување[уреди | уреди извор]

Организациските членови вршеле усна пропаганда за будење на македонската национална свест и самосознание кај Македонците во пиринскиот крај, печателе и распространувале материали со најразлична содржина. Печатени биле карти на Македонија во нејзините природни географски и етнички граници, фотографии на македонски револуционери од периодот пред и по Илинденското востание од 1903 година, апели до населението во кои го повикувале на борба за своите национални права и слобода, материјали во кои се опишувала тешката материјална и духовна положба на Македонците во Пиринска Македонија и друго. Материјали биле распространувани низ сите населени места во пиринскиот крај, како и во поголемите градски центри во Бугарија. Истите биле доставувани дури и до Собранието и Владата на НР Бугарија, до Централниот комитет на КП на Бугарија, како и до дипломатските и конзуларните претставништва на државите од Европа, Америка и другиот свет, акредитирани во НР Бугарија.

Откривање[уреди | уреди извор]

Бугарската полиција успеала да ги најде трагите на организацијата и на 5 ноември 1973 година, во Петрич, Софија и Разлог биле уапсени Сократ Маркилов, Пандо Илиев и Стојан Георгиев - Томовичин. Нешто подоцна биле уапсени и Илија Кочев, Тодор Цаканделов, Ѓорги Дунгалов, Иван Тимчев и многу други. Во истражната постапка тие се жестоко малтретирани, како например во резултат на удири со рачката од револвер по слепочницата на Илија Кочев му истекло левото око. Покренати биле обвиненијата против осум души за ширење на клеветничка пропаганда и за загрозување на безбедноста и териториалниот интегритет на НР Бугарија. Интересно е што ниту на едно место и кај ниту еден од обвинетите не била прибележана неговата национална припадност. Ниту пак во документите од судскиот процес не било забележано дека обвинетите се организирале во организација преку чиј статут и програма се бореле за своите македонски национални и човечки права. Според тогашната политика Бугарија спроведувала едноставно бришење на Македонците на секој начин.

Сократ Маркилов, Пандо Илиев и Иван Тимчев биле осудени на пет години строг затвор, Илија Кочев и Стојан Георгиев на четири, еден бил осуден на три, еден на две и еден на една година. Две години потоа, во 1976 година биле обвинети и осудени Кирил Панчев и Јордан Костадинов Иванов.

Со апсењето и по пресудите на најистакнатите членови на Независната македонска организација „Илинден“ не престанала борбата на Македонците од пиринскиот дел на Македонија. По излегувањето од затвор, без исклучок, сите се приклучиле кон новоформираните македонски организации во Бугарија, кои ја продолжиле борбата за националните права на Македонците во тој дел на Македонија.

Извори[уреди | уреди извор]

  • Спомени на Сократ Маркилов (снимени на магнетофонска лента од Васил Јотевски), мај-јуни 1991
  • Македонија над сè, Стојан Георгиев-Томовичин, Битола, 1990

Литература[уреди | уреди извор]

  • Д-р Васил Јотевски "Македонците во пиринскиот дел на Македониjа 1949-1989"