Писмо до Стојана

Од Википедија — слободната енциклопедија
Писмото до Стојан

„Писмо до Стојана“ е проглас во форма на писмо што тогашниот секретар на ПК КПЈ за Македонија, Методија Шаторов - Шарло, го упатува до македонскиот народ во мај 1941 година.[1] Прогласот е напишан на македонски народен говор, а има облик на писмо за поголема непосредност. Потпишано е со „Митре“, што е едно од конспиративните имиња на Шарло, додека „Стојан“ е фиктивно име. Во Писмото се констатира новонастанатата состојба по окупацијата на Југославија и Грција од Силите на Оската во април 1941 година и се повикува народот на борба против окупаторите.

Поради повоената осуда на Шарло од страна на македонското и југословенското раководство, овој проглас на Шарло, исклучително важен во борбата за афирмација на македонската национална самобитност, беше целосно запоставен. И до денешен ден тој не е доволно познат во пошироката јавност.

Историскиот момент на појавата на Писмото[уреди | уреди извор]

„Писмото до Стојана“ се појавува во исклучително важен историски момент. Објавено е само еден месец по капитулацијата на Југославија и неполн месец по окупацијата на Македонија од бугарската војска. Поради репресивноста на југословенскиот режим во периодот помеѓу двете светски војни, во Македонија во тој период се релативно раширени мислењата дека Македонија е ослободена од страна на бугарската војска, мислење против кое токму и е насочен овој проглас. Од друга страна, нацистичка Германија сè уште не го имаше нападнато СССР, па комунистите сè уште главниот виновник на Втората светска војна не го лоцираа кај Силите на Оската. Без разлика на тоа, Шарло во „Писмото до Стојана“ го повикува народот на борба против новата окупација на Македонија.

Содржината на „Писмото“[уреди | уреди извор]

Во „Писмото“ се издвојуваат повеќе важни моменти:

Прво, помеѓу причините за брзата капитулација на Кралството Југославија се наведува и „безразличието на широките народни маси по одношението на југославјанската држава и правителства, који 23 години плјачкаја и потискаја народите на Југославија“, со што индиректно се посочува и на потиснатата положба на македонскиот народ во Кралството Југославија.

Второ, се констатира дека „како резултат на војната и наша Македонија е окупирана од германски, италијански и бугарски војски.“ Овде бугарската војска не е претставена како ослободителна, туку како окупаторска. Се наведува и дека токму поради тоа што Македонија не е ослободена, целата администрација е бугарска, а не македонска. При тоа се акцентира се понагласената дилема кај народот: „Каква ли е оваја слобода, штом Шумадинците се заместени со Бугари, а Македонците се држат под карантина.“

Трето, во позитивен контекст се претставува „Македонската внатрешна организација“ и нејзината борба за автономна Македонија. Во таа насока и во контекст на погоре-кажаното, се посочува: „Ние не видофме нити наши чиновници, нити да се споменува нешто за нашите македонски револуционери, што пак за македонската култура. Се што е наше ни се представуе како да е било бугарско.“

Четврто, се упатува повик „да се обединат сите Македонци и други народности во Македонија за општо своје право за слобода и равноправност, но не цепене на македонската земја и македонскио народ.“ При тоа им се предочува на Македонците дека во таа своја борба за слобода треба да се борат заедно со „Бугарите, Хрватите, Србите, Грците и Црногорците.“ Важен момент што овде треба да се нагласи е наведувањето на Бугарите и Грците, што посочува дека Шарло решението на македонското прашање го поставува во пошироки рамки од југословенските. И во подоцнежниот развој на НОБ во Македонија овој момент ќе се наметнува со својата важност.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Писмо од Методија Шаторов Шарло до „Стојана“, „Македонска нација“, 17 август 2011.