Тодор Циповски - Мерџан
| Тодор Циповски - Мерџан | ||
| Роден | 16 ноември 1920 Тетово, Кралство СХС | |
|---|---|---|
| Починал | 19 септември 1944 (возр. 23) Беличица, ДФ Македонија, ДФЈ | |
Тодор Пецов Циповски (16 ноември 1920 - 19 септември 1944 ) познат со прекарот „Мерџан“ — македонски комунист, учесник во НОВ и народен херој на Југославија.
Животопис
[уреди | уреди извор]Тој бил роден во 1920 година во Тетово. Потекнувал од мошне сиромашно занаетчиско семејство. Заради тешката економска состојба, тој морал да го напушти својот дом на дванаесет години и да појде на печалба во Белград. Тешкотиите и неприликите на тогашниот живот го изградиле како силна и борбена личност. Во 1940 година, тој бил примен за член на СКОЈ.[1]
Учество во НОБ
[уреди | уреди извор]На почетокот од 1941 година како член на СКОЈ, тој бил уапсен од белградската полиција. Од затвор, тој бил пуштен по капитулацијата на Кралството Југославија, во април 1941 година. Од Белград, тој веднаш дошол во Тетово и стапил во врска со партиската организација. Извесно време работел и во Скопје како член на месната скоевска организација, а во јануари 1942 година, тој бил примен за член на КПЈ.
Во 1942 година, тој преминал да работи во Тетово. Во јули 1942 година, тој станал член на Околискиот комитет на Партијата во Тетово, а подоцна и негов секретар. На оваа должност останал сè до смртта. Во текот на 1942-43 година Околискиот комитет на КПЈ за Тетово бил долго време без врска со Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Но благодарение на Циповски револуционерите од овој крај, иако отсечени од покраинското раководство, останале доследни на револуционерната борба. Тогаш се покажал како добар организатор и одличен раководител. На 19 март 1943 година, во неговата куќа била одржана првата седница на ЦК на КПМ.
Во август 1944 година, Циповски бил делегат на Првото заседание на АСНОМ.
Загинал херојски на 19 септември 1944 година при нападот на балистите над селото Беличица, Мавровско.
За народен херој на Југославија бил прогласен на 11 октомври 1951 година.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Почит за загинатите борци и жители на Беличица[мртва врска], „Утрински Весник“
Литература
[уреди | уреди извор]- Димче Савевски, „Тодор Циповски-Мерџан: време, живот и дело“, Архив на Македонија, „Матица македонска“, Скопје, 1997.
- „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 405-409