Масакр во Беличица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Споменикот посветен на загинатите партизани и цивили, подигнат во Трница

Масакр во Беличица — масовно убиство извршено од балистите врз македонското население од горнореканското село Беличица на 19 септември 1944 година.[1][2] Во борбата со балистите, бранејќи го селото загинале 19 партизани од Третиот тетовски партизански одред. По завршетокот на борбата со партизаните, балистите убиле 17 жени, деца и старци од селото, а потоа го запалиле до темел целото село.[3] Биле заробени и четворица партизани, од кои двајца биле стрелани во Тетово два дена потоа, на 21 септември.[4]

По војната во месноста Трница е подинат споменик во чест на загинатите партизани и жители на селото Беличица во овој масакр.

Настан[уреди | уреди извор]

Горнореканското село Беличица во текот на НОВ било познато како партизанско село. Тоа дало голем број борци во Народноослободителната војска, било центар за врски на Комунистичката партија и Народноослободителната војска, а често овозможувало безбедно засолнување на илегалци и преминување на функционери на народноослободителното движење. Во Беличица и во нејзината околина често наминуваа партизански единици, кои селаните секогаш ги снабдувале со храна. Меѓу другото, во јули 1944 година на Бистра, близу Беличица, неколку дена престојуваше и Првата албанска бригада, која се одмораше по тешките битки што ги водеше во Албанија и на која беличичани им ја обезбедиле потребната храна додека била во реонот на селото.[5]

Неколку месеци пред масакрот на 19 септември 1944 година, поточно во јули 1944 година, балистите веќе го имаа нападнато селото. Тогаш тие претепале многу селани, пљачкосале голем број добиток и убиле еден селанец.[6]

Новиот напад врз селото, во утринските часови на 19 септември 1944 година го извршија преку 300 добро вооружени балисти на чело со Аќиф Речани. Непланирано, непосредно пред нападот на балистите врз Беличица, во селото пристигнале борците на Третиот тетовски партизански одред. Овој одред бил составен од 35 борци, од кои поголемиот дел штотуку беа станале партизани и од кои само 13-мина биле вооружени. Во својот состав Одредот имал Македонци, Срби кои биле доселени во Тетовско, како и Албанци. Одредот се движел од Шар Планина кон Караорман и Дебарца со цел дополнително да се вооружи, а потоа да се врати во Тетовскиот регион. Во раните ноќни часови на 19 септември Одредот влегол во Беличица со цел да воспостави врска и да се снабди со храна пред да продолжи понатаму. Кога сфатиле дека се опколени, и покрај својата слаба вооруженост и 10 пати помалата бројност, партизаните решиле да ја прифатат борбата и да го бранат селото. Во повеќе од шестчасовната борба, неколку партизани успеале преку јуриш да го пробијат непријателскиот обрач, но 19-мина биле убиени, а четворица биле заробени. Како што истакнува Нешо Маркоски, еден од борците на Третиот тетовски партизански одред, на бојното поле „еден покрај друг лежеа работник, земјоделец, ученик; Македонец, Србин и Албанец; двајца браќа и едната нивна сестра; неразделни другари од детството; соученици од тетовските училишта.“[7]

Откако го совладале отпорот на партизаните, балистите влегле во селото и прво почнале да се изживуваат врз телата на убиените партизани, а потоа следувала планираната одмазда врз селаните. Биле убиени 17 жени, деца и старци, кои потоа биле фрлани во оганот на нивните запалени куќи. Најстарата старица која ја убиле балистите, додека лежела во својот кревет веќе подолго време поради тешка болест, Лиска Јовановска, имала 88 години, а најмладиот жител, Нада Брајковска, била девојче со само 12 години. Некои од жртвите биле и живи фрлани во оган, како 61-годишната старица Соломија Јовановска.[8]

Четворицата партизани што ги заробиле балистите ги одвеле со себе, од кои тројца биле стрелани во Тетово два дена потоа, на 21 септември. Сепак еден од нив, Сретен Теофиловски, и со 17 куршуми во телото, не подлегнал на повредите и по стрелањето е спасен и излечен.[9]

Жртви[уреди | уреди извор]

Во борбите и масакрот во Беличица загинале вкупно 38 партизани и селани. Жртви имало и кај балистите. Кај зградата на училиштето била разбиена и една група балисти со голем број на убиени,[10] но нивниот број е непознат.

Загинати партизани во Беличица[уреди | уреди извор]

  • Тодор Циповски - Мерџан (роден 1920 во Тетово)
  • Ѓоце Стојчевски - Амбарче (роден 1920 во Тетово)
  • Христо Антески (роден 1925 во с. Требош, Тетовско)
  • Мурат Бафтијари (роден 1918 во с. Вејце, Тетовско)
  • Боро Вулиќ (роден 1925 во с. Биела, Коњиц, Босна и Херцеговина)
  • Александар Здравковски - Санко (роден 1922 во с. Брезно, Тетовско)
  • Владимир Јаниќ (роден 1920 во с. Биела, Коњиц, Босна и Херцеговина)
  • Трпе Јованоски - Мишка (роден 1924 во Тетово)
  • Александар Јованоски - Журчин (роден 1927 во Тетово)
  • Борче Кочоски (роден 1925 во Тетово)
  • Љубомир Момироски (роден 1928 во Тетово)
  • Михајло Раичевиќ (роден 1924 во с. Стронци, Крушевац, Србија)
  • Пано Симоски (роден 1926 во Тетово)
  • Драгомир Стефановиќ (роден 1923 во с. Божурно, Прокупље, Србија)
  • Љубица Стефановиќ (родена 1926 во с. Божурно, Прокупље, Србија)
  • Љубомир Стефановиќ (роден 1922 во с. Божурно, Прокупље, Србија)
  • Андреја Стојановиќ (роден 1923 во с. Божурно, Прокупље, Србија)
  • Саво Тасески (?)
  • Благоја Тоскоски - Тоска (роден 1922 во Тетово)

Стрелани партизани во Тетово[уреди | уреди извор]

  • Младен Симоски - Требош (роден 1923 во Тетово)[11]
  • Андреја Христоски - Шварц (роден 1919 во Тетово)

Загинати селани[уреди | уреди извор]

Список на загинатите селани во Трница
  • Калина Јовановска (родена во 1925 година)
  • Тодор Ѓурчиновски (роден во 1904 година)
  • Петар Атанасовски (роден во 1908 година)
  • Анестија Богучевска (родена во 1878 година)
  • Наталија Богучевска (родена во 1913 година)
  • Ана Бибовска (родена во 1858 година)
  • Нада Брајковска (родена во 1932 година)
  • Сара Брајковска (родена во 1878 година)
  • Лена Ѓурчиновска (родена во 1868 година)
  • Лиска Јовановска (родена во 1856 година)
  • Лефтер Јовановски (роден во 1931 година)
  • Параскева Брајковска (родена во 1912 година)
  • Адам Метаниевски (родена во 1929 година)
  • Сара Богучевска (родена во 1868 година)
  • Ценија Богучевска (родена во 1928 година)
  • Грозда Богучевска (родена во 1930 година)
  • Соломија Јовановска (родена во 1883 година)

Галерија[уреди | уреди извор]


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Нешо Маркоски. „Беличица во пламен“. Тетово, 1975. стр. 27
  2. Стојан Карајанов „И Беличица гореше“, СИЗ за култура – Гостивар, 1985.
  3. Нешо Маркоски. „Беличица во пламен“. Тетово, 1975. стр. 8
  4. Нешо Маркоски. „Беличица во пламен“. Тетово, 1975. стр. 41-42.
  5. Нешо Маркоски. „Беличица во пламен“. Тетово, 1975. стр. 21-22
  6. Нешо Маркоски. „Беличица во пламен“. Тетово, 1975. стр. 23
  7. Нешо Маркоски. „Беличица во пламен“. Тетово, 1975. стр. 37
  8. Нешо Маркоски. „Беличица во пламен“. Тетово, 1975. стр. 8 и 80-86
  9. Нешо Маркоски. „Беличица во пламен“. Тетово, 1975. стр. 41-42
  10. Нешо Маркоски. „Беличица во пламен“. Тетово, 1975. стр. 33
  11. Сеќавања на случувањата на Мала Богородица во 1944