Палењето на Маврово

Од Википедија — слободната енциклопедија
Спомен плоча на загинатите мавровски партизани и цивилни лица

Палењето на Маврово — злосторство извршено од албанските балисти на 3 септември 1944 година, при што биле запалени 150 домаќинства и убиени неколку жители на селото.[1]

Настан[уреди | уреди извор]

Претходни настани[уреди | уреди извор]

Селото Маврово во 1944 станало значаен пункт не само за логистика туку и за пренесување на нови борци од Гостиварскиот регион на Караорман. Затоа во селото во текот на 1944 година се движеле десетици курири во разни правци, меѓу кои имало и неколкумина постојани курири од Мавровско (Здравко Ѓоревски, Трпе Груевски, Наќе Андоновски, Јово Стефановски и други) и многу повеќе повремени, меѓу кои Влајко Десовски, Лазар Лазаревски, Видое Стамевски, Крсте Лазаревски и др. Поради ова зачестило доаѓањето на злосторникот Аќиф Речани, по што била донесена одлука да се ликвидира.[1]

Атентатот врз Аќиф Речани[уреди | уреди извор]

Околискиот комитет на КПМ организирал акција на 1 септември 1944, кај месноста Мунеа чешма (патот Маврово-Маврови Анови) кога доаѓал Аќиф да го собира спаилакот од овој регион. Во нападот еден жандарм и Аќиф биле ранети, а бил убиен кметот од селото Сарафин Петрески, кој се возел во истата чеза со нив (иако не било планиран тој да биде убиен).[1]

Напад на жандармеријата[уреди | уреди извор]

Кога силите на НОБ воделе борба кај Кичево, Околискиот комитет на КПМ донел решение за напад на албанската жандармериска станица во Маврово. Со акцијата требало да се заробат жандармите со цел да се обезбеди свртување на вниманието на балистите и кон овој терен и на партизанските единици да им се олеснат борбите за ослободување на Кичево и Буковиќ и за непречено функционирање на масовните политички организации и испраќање нови борци. Оваа акција ја извршиле илегалните партиски работници со група младинци. Посебно со храброста во акцијата се истакнал Акик Таири од Пешкопејско кој веднаш потоа доброволно заминал во партизани и есента 1944 година храбро загинал како борец на Шестата македонска бригада во борбите на Сува Гора.[1]

Палењето на селото[уреди | уреди извор]

Дознавајќи уште во текот на ноќтa за нападот на албанската жандармериска станица, познатиот балистички злосторник Аќиф од селото Речане утредента собрал околу 300 вооружени балисти и се упатил кон Маврово. Нафрлувајќи се на селото од сите страни, тој го опколил со својата разјарена банда. Селаните благовремено создале збег и повеќето од нив успеале да се засолнат во шумата над самото село. Како и во Никифорово и Леуново една година порано, така и овде штом влегле во селото започнале со палење па куќите и грабеж на подвижниот имот и на добитокот. Селото Маврово вивнало во оган што ги зафатил скоро сите куќи. Пред изгоретините повеќе лица на брутален начин биле претепани и стрелани, а некои фрлени во оган. Тогаш загинале Куне Трпевски, Евде Десовски, Симун Трифуновски и Мара Штерјовска, а селанецот Вене Јовановски умрел по извесно време од мачењето.[1]

Без покрив останале околу 150 домаќинства. Тие со децата и изнемоштените стари лица биле принудени привремено да се засолнат во шумата над селото. Партиската келија со непосредна помош на некои членови од Околискиот комитет презела итни мерки за смирување на положбата, за што ги активирала и членовите на месниот народноослободителен одбор. Бидејќи условите за живеење во шумата и во селото станувале се потешки, еден дел од селаните заминале во Гостивар и во другите гостиварски села.[1]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Синадиновски, Јаким; Груевски, Зоге (1976). Трите мавровски села. Скопје: Заедница на научните дејности. стр. 209–210.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Повеќе од 300 балисти го палат Маврово, четири лица живи фрлени в оган