Масакр кај Љуботенски Бачила
Масакр кај Љуботенски Бачила | |||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Дел од Воен конфликт во Македонија, 2001 | |||||||
Поглед на Скопска Црна Гора од југ |
|||||||
|
|||||||
Завојувани страни | |||||||
Македонија | Ослободителна Народна Армија | ||||||
Команданти и водачи | |||||||
Борис Трајковски Љубе Бошкоски Јохан Тарчуловски | Али Ахмети Џавит Асани |
||||||
Жртви и загуби | |||||||
8 војници убиени 8 повредени | нема податоци |
Масакрот кај Љуботенски Бачила се случил на 10 август 2001 година во 8:00 часот наутро откако воениот камион на АРМ нагазил на две противтенковски мини кај месноста Љуботенски Бачила, при што загинале осум припадници на резервниот состав на АРМ. Покрај осуммина убиени имало и осуммина повредени.
Тоа било повод за воени дејствија. Безбедносните сили влегле во Љуботен, откако оттаму бил отворен оган. Во борбите загинале 10 жители на Љуботен, за кои пред Хашкиот суд се нашле Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски. Меѓутоа, допрва се докажува дали наместо невооружени цивили, всушност биле убиени припадници на ОНА.[1]
Заднина
[уреди | уреди извор]Во почетокот на август 2001 година во околината на селото Љуботен се позиционирани единици на Третиот баталјон на Првата гардиска бригада на АРМ и Вториот баталјон на 114-та бригада на ОНА. И единицата на АРМ и единицата на ОНА имаат по околу 500 луѓе, а единствената разлика е во артилериското вооружување, каде што предноста е на страната на АРМ.
Единиците на АРМ се поставени во селата Бродец, Раштак и Љубанци, каде што се наоѓа и командниот центар на Третиот баталјон. Единицата на ОНА се наоѓа од другата страна на Скопска Црна Гора, кај манастирот Матејче, на околу 8 км по воздушна линија.
Настан
[уреди | уреди извор]На 10 август 2001 година, околу 8 часот наутро, кај месноста Љуботенски Бачила на околу 5 km од селото, камион на АРМ полн со муниција налетува на две нагазни мини поставени на патот. Во експлозијата гинат 8 војници од резервниот состав на АРМ. Веднаш по нападот почнува неколкучасовна престрелка меѓу ОНА и втората чета на Третиот баталјон, од каде што се и загинатите војници. Во текот на престрелката е извршен воздушен напад врз формацијата на ОНА со хеликоптери „ми-24“ и тие се повлекуваат.
Во меѓувреме, во знак на одмазда е гранатирано селото Љуботен (Скопско) и во тој напад загинуваат двајца цивили. Истиот ден во вечерните часови во селото Љубанци пристигнува полициската единица на Јохан Тарчуловски и врши извидување на Љуботен. Наредниот ден, 11 август, е релативно мирен, со исклучок на два помали напада од АРМ и од МВР. Утрото меѓу 8 и 10 часот единиците на АРМ отвораат оган кон селото од малокалибарско оружје, додека попладнето околу 18 часот полициската единица испукува неколку ракети.
Во неделата, 12 август, околу 8 часот наутро, почнува нападот врз селото изведен од полициската единица што ја командува Тарчуловски. Нападот е поддржан од армиските единици на Третиот баталјон, кои го гранатираат селото со расположливите артилериски орудија. Во тој момент во Љуботен се наоѓаат меѓу 10 и 15 лесновооружени припадници на ОНА. Полициската акција за чистење на селото трае околу 6 часа и во неа гинат шест жители на селото, а околу 14 куќи се запалени. Од гранатирањето се уништени уште седум куќи. Во меѓувреме, околу 11 часот, единиците на ОНА од местото Бел Камен, кое се наоѓа на околу 4 km од селото, отвораат минофрлачки оган врз армиските позиции за да го заштитат повлекувањето на нивните борци од селото. Истовремено контингент со околу 60 припадници на ОНА, преку Никуштак, доаѓа пред Љуботен и се обидува да ги заобиколи армиските позиции и да влезе во селото. Меѓутоа тие се пресретнати од армиските единици и нападнати кај месноста Раштански Поток и потоа се повлекуваат. Околу 17 часот сите акции се запрени.
Случајот Љуботенски бачила не е сосема расветлен. Освен шпекулациите дека поставувач на мината е групата на Џавит Асани, командант во ОНА, не е утврдено кој ја направил заседата. Асани моментално е во затвор во Косово поради друго кривично дело.
Жртви
[уреди | уреди извор]- Томе Бадаревски († 33) од Скопје
- Марјанчо Бошковски († 28) од Волково, Скопско
- Томе Димовски († 37) од Скопје
- Ивица Златевски († 24) од Скопје
- Бранко Јанев († 36) од Скопје
- Раде Јанковски († 32) од Волково, Скопско
- Томислав Настевски († 27) од Ѓорче Петров, Скопје
- Гоце Чанкуловски († 39) од скопско Љубанци
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Единаесет години од загинувањето на осумте македонски бранители кај Љуботенски бачила“. Нова Македонија. 10 август 2012. Посетено на 2015-09-13.[мртва врска]