Љубанци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Љубанци
Ljubanci.JPG

Поглед на најгорниот дел на селото Љубанци

Љубанци се наоѓа во Македонија
Љубанци
Местоположба на Љубанци во Македонија
Координати 42°06′30″ СГШ 21°27′16″ ИГД / 
Општина Општина Бутел
Население 928 жители жит.
Надм. вис. 749 метри м
Commons-logo.svg Љубанци на Ризницата

Љубанци — село во Општина Бутел, во околината на градот Скопје, на северот на Македонија. Денес претставува своевидно предградие на главниот град.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Поширок поглед на селото Љубанци и планината Водно во позадина

Селото Љубанци се наоѓа во северозападниот дел на Скопската Котлина, на територијата на Општина Бутел, чиј атар се издигнува до сртот на планината Скопска Црна Гора каде што се допира со просторот на Општина Липково[1]. Љубанци е ридско село кое е сместено на јужните падини во подножјето на Скопска Црна Гора на надморска височина од 570[1] до 749 метри. Од центарот на градот Скопје, Љубанци е оддалечено 18 километри во северен правец. Низ селото протекува Љубанската Река која е притока од која настанува реката Серава. Соседни села се Љуботен на исток и Побожје на запад, со кои е поврзано со асфалтен пат. Селото Љубанци се дели на 9 маала, кои носат имиња според главните родови кои што живеат во нив: Ниникева, Раева, Којчикева, Шаманска, Шишманска, Долно или Ново, Пештер, Терзинска и Цоцово. Долното маало е најново и тоа настанало со преселување на семејства од постарите маала. За географијата и местоположбата на Љубанци и опис на неговата околина запис дал и Ѓорче Петров во чии записи стои дека Љубанци е расположено 3 часа на север од Скопје по ридовите Пијановец и Дубичиња и на самиот отвор на долот на Љубанската Река, при што билото над Пијановец се нарекува Рамно, а она над Дубичиња – Бреза[2]. Долината на Љубанската Река како и падините на ридовите се покриени со градини од овошни дрвја најмногу црешови и оревови, а по падините има и красти[2]. Тоа е второто село по живописноста на местоположбата после Бањани[2]. Љубанци се граничи со Радишани и Лопушани на југ, со Побожје на запад, со Бродец на северозапад, на север со Матејче и Стрима[1]. Атарот на Љубанци зафаќа простор од 24,1 км², а на него шумите зафаќаат 1166 ха, пасиштата 627 ха и обработливото земјиште 546 ха[1]. Љубанци имало корија од даб, погоре леска, бука, јасика и див дрен или клен–вид јавор[2], од која големи и значајни делови и денес сè уште се зачувани. Над самото село Љубанци во шумовиот предел веднаш до манастирот Свети Никола, постои детското одморалиште „Страхил Андасаров“ во кое повремено се згрижуваа бездомници.

Историja[уреди | уреди извор]

Стари куќи-чардаклии во Љубанци
Стари куќи во Љубанци

Селото Љубанци е една од постарите населби на Скопска Црна Гора за што сведочат повеќето цркви и манастири во неговата околина кои датираат од XI и XII век, како и големиот број на сочувани старинечки родови и родови доселени две околни села кои сега не постојат. На атарот на селото Љубанци има остатоци од различни културни епохи, а особено стари гробови, пари, остатоци од црквишта селаните ископувале на местата Гребиште, Делба, Св. Јован. Од пишаните документи од средновековиот период од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 од 1452/1453 година за тогашниот Скопски вилает, селото е запишано како Лубанце и во него живееле вкупно 54 македонски христијански семејства кои произведувале пченица, јачмен, 'рж, просо, овес, граор, бостан, лен, лозја, чувале свињи и пчели во улишта, одгледувале свилена буба во кожурци, за што имале црници (дудинки) како и други овошни дрвја како круши, ореви и друго овошје и работеле 4 воденици за што остварувале приход од 11.725 акчиња[3]. Подоцна во XVI век, во 1544 селото имало 72 македонски христијански семејства, а исто толку се запишани и во 1568 каде што е одбележано дека имало и втор назив - Пустинец[3]. Во минатото, во непосредната околина на Љубанци постоеле селата Згуровци на планинската падина над сегашното село и Лопушани за кое има пишани податоци уште од 1302 и 1308 година, а кое се наоѓало на ниско земјиште околу 3 км јужно од денешното Љубанци[4]. Животот на жителите на овие две села Згуровци и Лопушани за време на отоманското владеење бил многу тежок, бидејќи постојано биле напаѓани од муслиманските Албанци на планината од север и чифлик-сајбиите Турци од југ[4]. Поради тоа, тие се собрале во поголемото потпланинско село Љубанци каде што како христијани можеле полесно да се бранат од насилствата на споменатите муслимани[4]. Опширен и детален опис за Љубанци и неговите жители, нивниот дух, стопански занимања и живот во 19 век, во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 дава македонскиот револуционер Ѓорче Петров. Во тоа време Љубанци имало 120 македонски куќи, а атарот бил мал сразмерно со селото, планината е повеќе гола, заради што жителите биле бедни, но печалбарството ги направило доста будни[2]. Отворени, живи и весели луѓе се љубанчани и не паѓаат подолу и во гостопримството, па изреката: „На село, на гости, на тевна ќотек“ е вистинита и применлива за сите села, но во Љубанци остануваш толку задоволен и задолжен од нивната услужливост што ги забораваш вообичаените селски незгоди[2]. Просторот меѓу Коренска и Песчинска Река се нарекува Кула затоа што на него се наоѓаат урнатини од една стара кула, а за таа кула се раскажува дека до пронаоѓањето на пушката нејзиниот сопственик се бранел со стрели, а откако излегле пушката и топот тој се криел во неа[2]. Турците, кога ја освојувале Црна Гора, долго време не можеле да ја заземат таа кула и најпосле една баба им го покажала местото каде што таа можела да се бие и набрзо паднала во нивни раце[2]. Над Љубанци во Скопска Црна Гора имало две стари сега непостоечки села Згуровци и Едриевци[2]. До пред 80 (денес 200) години атарите на тие 3 села биле спахилак[3]. Љубанчани најпрвин го откупиле својот атар, а бидејќи тој бил мал, подоцна тие ги откупиле атарите на другите две соседни села[2].

Споменикот на загинатите бранители кај Љуботенски бачила во 2001 година во Љубанци

За разлика од останатите околни и соседни села на Скопска Црна Гора во кои е силно изразено србоманството, Љубанци и неговото население се одликуваат со висока македонска национална свест, голема приврзаност и свест за припадност кон Македонија, како и изразен македонски патриотизам и преданост на идеалите на ВМРО. Поради овие одлики, жителите на Љубанци од остантите претежно србомански села се нарекувани Бугари. За тоа сведочи и Ѓорче Петров кој запишал дека важно е тоа село во тој однос што од почетокот на црковното прашање, па дури до сега не се откажало од својата тврдост во бугарштината (денес, македонштина) и сите обиди на српските агитатори да се вметнат меѓу селаните наишле на силен отпор, макар што имало многумина од тоа село кои биле видни богаташи во Србија, чии убедувања, исто така, не наоѓале добра почва[2]. Дури и роднините на српскиот конзул во Солун, родум од тоа село, се откажале од роднинските врски кога тој се обидел да ги поткупи да станат Срби[2]. Тоа село држи силна спротивставеност на Кучевиште кое е гнездо на српската пропаганда[2]. Првото училиште во Љубанци се отворило уште во 1853 година[4]. Во непосредна близина на Љубанци, во соседното село Љуботен, на почетокот на месец август 2001 година, се водеа тешки борби помеѓу македонските безбедносни сили и албанските терористи при што дел од населението на ова село учествуваше во одбраната на Љубанци, главниот град Скопје и Македонија. На 10 август 2001 година, на нагазна мина кај месноста Љуботенски бачила загинаа 8 припадници на македонската војска. Истиот ден во вечерните часови во селото Љубанци пристигнува полициската единица на Јохан Тарчуловски (кој потекнува од Љубанци) и врши извидување на Љуботен, веќе на 12 август, околу 8 часот наутро, од Љубанци почнува нападот врз селото Љуботен изведен од полициската единица што ја командува Тарчуловски, кој за оваа полициска акција ќе биде осуден од меѓунардниот трибунал во Хаг.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото Љубанци потекнува од личното име на некој човек[4] - Љубомир, Љубан, кој можно е во најдалечните времиња да бил основател и поседник на селото.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Според составот на атарот Љубанци има мешовита земјоделска функција[1], а самиот атарот на селото Љубанци е доста поволен за сточарство, шумарство и земјоделство при што таквата комплеметарна земјишна основа е створена како една географска целина околу населбата[4]. Населението во најголем дел се бави со земјоделство, најмногу со одгледување на полјоделски култури (житни и градинарски), а поради неговата местоположба и непосредната близина на градот Скопје значаен дел на населението се занимава со разни видови на стопански дејности. Во Љубанци работат три продавници и уште неколку дуќани со угостителско-услужна дејност меѓу кои познатиот рибник, како и мелница-млин за жито и производство на брашно. На падините во непосредната околина на Љубанци има голем број на лозја од кои многу домаќинства произведуваат вино и ракија, а македонскиот револуционер Ѓорче Петров во во својата книга од 1896 запишал дека прочуеното скопско вино, коешто се ползува со голема слава и познатост во Србија, Босна и Македонија се произведува од 4 скопски села: Нерези, Љубанци, Кучково и Никиштани, при што Љубанското вино било прво во Скопска Црна Гора и второ во Скопската каза после нерешкото[2]. За стопанството на Љубанци, понатаму Ѓорче Петров запишал дека главните занимања на жителите се земјоделство и сточарство, освен тоа во Скопје носат и малку овошје, а некои одат и на печалба[2]. Сточарството во XIX век било силно развиено, имало до 15.000 глави по билото на планината и до 2.000 глави добиток во селото, а од лозарството, исто така, многу се печалело[2]. Тоа село давало спахилак 200-250 товари грозје[2]. Само во љубанскиот дел на Скопска Црна Гора има костени кои некогаш давале значителен приход на селаните, но сега се без значење[2]. По реката нагоре од селото имало до 30 воденици на кои мелат брашно и многу од селата во полето[2]. Од сите дејности во минатото најразвиено било сточарството, а сточарските станови (бачила и трла) се наоѓале на месностите Згуровци, Јадри-овци и други, каде лете во нив престојувале повеќе луѓе заради сточарските и земјоделските работи, а зиме таму останувале само оние кои ја хранеле стоката - претежно кози и говеда[4]. Жителите живееле во големи куќни задруги кои биле карактеристика на стопанскиот живот на љубанчаните сè до крајот на Втората светска војна после која сточарството нагло опаднало, а семејните задруги исчезнале[4]. Најпознати задруги кои биле најимотни со добиток биле: Костенцови, Спасенцови, Раеви, Шаркови[4]. По долго неискористување на пасиштата на планината[4], денес во Љубанци повторно заживува сточарството, а посебно козарството. Животот на жителите на Љубанци до крајот на отоманското владеење бил доста тежок поради честите пљачкашки напади од муслиманските Албанци од соседните села Љуботен на исток и Брест на планинскиот масив на север, поради што одредени мажи од селото започнале да одат на печалба каде работеле претежно како пекари, а помалку како бозаџии[4]. Денес во Љубанци и околината развој е и туризмот.

Население[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 година, во селото Љубанци живеат 928 жители, од кои:

Љубанци е голема населба која што во 1961 година имала 1312 жители од кои 1298 биле Македонци, а 10 Срби, додека во 1994 година бројот се намалил на 893 жители од кои 859 биле Македонци, а 3 Срби[1].

Родови[уреди | уреди извор]

Љубанци од секогаш и во целост е населено со Македонци од православна христијанска вероисповед. Тоа спаѓа во оние села на Скопска Црна Гора во кое се сочувани и живеат голем број на старинечки родови[4]. Според истражувањата на Ѓорче Петров на крајот на XIX век, првите семејства основачи на с.Љубанци биле: Ниниеви чиј родоначалник Нино според една книга на умрените во тоа време имал родослов стар 350-400 години, Капраникови и Цоцови кои биле преселени од Сириник, додека новиот род Чанкулови дошол од с.Пустиник (Качаничко - веднаш до денешната гранична линија), а има доселеници од Порече, од Дебарско и од косовските села[2]. Според истражувањата на Јован Трифуноски од шеесетите години на ХХ век, староседелски родови се: Ниникеви (слават Воведение на Пресвета Богородица) чии куќи им се во посебно маало и за кои се вели дека се „најастари во селото“; Шаманци (слават Воведение) и нивните куќи се во посебно маало, а се делат на помали родовски гранки: Козарови, Костенцови и др.; Шишманци (слават Свети Никола) имаат посебно маало, а старото име им било Калови; Цоцови (слават Воведение) имаат посебно маало и се делат на помали огранки - Андасарци и др.; Пештерци (слават Свети Никола) се доселиле од сега раселеното село Згуровци кое што се наоѓало на планинскиот масив северно од Љубанци, имаат посебно родовско маало, а правото родовско име им е Сурлови[4]. Доселенички родови со познато потекло се: Којчикеви (слават Воведение) куќите им се во посебно родовско маало, а се делат на помали родовски гранки по име: Мерџанови, Ќосеви и др.; Рајови или Раевски (слават Воведение) се доселиле од сега раселеното село Лопушани кое се наоѓало меѓу Љубанци и Радишани, а во овој род во 19 век живеел познатиот домаќин Сокол Раев, а пред крајот на отоманското владеење овој род дал неколку видни домаќини и личности; Кекенови (слават Свети Ѓорѓи - посен по Митровден) се доселиле исто така од некогашното раселено село Лопушани, а порано се викале и Чурукови. Од овој род потекнуваат повеќе денешни македонски видни јавни личности, професори и политичари; Уткови родовска гранка од Раевци кои живеат во Долното Маало; Терзиини се доселил нивен предок како терзија од пределот Сириник на Шар Планина; Тарчугови се доселиле од селото Нерези на планината Водно; Петкинчови (слават Света Петка) по потекло се од Мирковци од каде што преминале во Јазирци кое денес не постои, а од таму се доселиле во Љубанци; Бочварови потекнуваат од домазет доселен од Порече[4]. Доселени родови со непознато потекло се: Рајкови и Попадини чии куќи се во Долното Маало, а можно е да се деленици и гранки на некои од претходно споменатите родови[4].

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Поглед на Љубанци од патот Радишани - Побожје

Во селото Љубанци работи основното училиште „Гоце Делчев“, а постои и црквата Света Богородица.

Цркви и манастири[уреди | уреди извор]

Администрација и политика[уреди | уреди извор]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Во селото Љубанци постои познатиот Љубански манастир посветен на Свети Никола, а исто така подигнат е и споменик во чест на загинатите македонски бранители од воениот конфликт во 2001 година, кои загинаа во близина на селото во борбите со албанските терористи во соседното село Љуботен.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Карневал за Прочка - По повод празникот Прочка, во Љубанци се одржува карневал под маски.
  • Меморијално хуманитарен турнир во мал фудбал - секоја година во Љубанци се одржува во чест на бранителите од конфликтот во 2001 г.

Личности[уреди | уреди извор]

  • Јохан Тарчуловски - припадник на македонските полициски сили во воениот конфликт од 2001 година, обвинет од Хашкиот трибунал
  • Јове Кекеновски - поранешен градоначалник на Скопје, професор на универзитетот ФОН, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ВМРО (Вистинска)
  • Љубомир Кекеновски - професор по економски науки и декан на Економскиот факултет во Скопје и Беркли во САД, голем познавач на античката македонска историја особено на нејзиниот економски и финансиски систем
  • Коце Тапчановски Претседател на Советот на Општина Бутел

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Поради немање на доволни пририодни и стопански услови за живот на бројно население, многу домаќинства се иселиле и тоа најмногу во Скопје, особено во населбите Бутел (преку 40 куќи), Чаир, Радишани, како и во следните села во Скопското Поле: Бујковци семејства: Симоновски, Јаневски, Костовски, Ацеви, Шеркови и Спасевски[4], Илинден и др каде купиле земја од „беглери“ по завршетокот на Првата светска војна. Кон крајот на 1969 едно семејство се иселило во Австралија, а денес има и неколку семејства иселени во Западна Европа[4].

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 184–185. ISBN 9989-862-00-1. 
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 2,19 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски. уред. Материјали по изучувањето на Македонија (2016 издание). Скопје: Единствена Македонија. стр. 358-359. ISBN 978-608-245-113-8. 
  3. 3,0 3,1 3,2 Соколоски, Методија (1976) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 191-192. 
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 4,13 4,14 4,15 4,16 4,17 4,18 4,19 4,20 Трифуноски, Јован (1971) (на српски). Скопска Црна Гора - природна средина, прошлост, насеља, становништво и привреда. Скопје: Универзитет Кирил и Методиј. стр. 89–93. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]