Мирковци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мирковци
Поглед на Глуво, Бањани и Мирковци.jpg

Поглед на селото Мирковци
(во најгорниот дел на фотографијата)

Мирковци во рамките на Македонија
Мирковци
Местоположба на Мирковци во Македонија
Мирковци на интерактивна карта

Координати 42°5′39″N 21°24′23″E / 42.09417° СГШ; 21.40639° ИГД / 42.09417; 21.40639Координати: 42°5′39″N 21°24′23″E / 42.09417° СГШ; 21.40639° ИГД / 42.09417; 21.40639
Регион Logo of Skopje Region.svg Скопски
Општина Coat of arms of Čučer Sandevo Municipality.svg Чучер-Сандево
Област Црногорија
Население 969[1] жит.
(поп. 2021)[2]

Пошт. бр. 1011
Повик. бр. 02
Шифра на КО 25089
Надм. вис. 465 м
Слава Свети Пантелејмон
Мирковци на општинската карта
Мирковци во Општина Чучер-Сандево.svg

Атарот на Мирковци во рамките на општината
Commons-logo.svg Мирковци на Ризницата


Мирковци — село во Општина Чучер-Сандево, во областа Црногорија, во околината на градот Скопје.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на месноста Бањашница во планинскиот дел на атарот на Мирковци

Селото се наоѓа во северниот дел на Скопската Котлина, а на јужната страна на територијата на Општина Чучер-Сандево, во подножјето на планината Скопска Црна Гора.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 475 метри.[3]

Мирковци се наоѓа на рамен полски простор на надморска височина од 480 до 500 метри. Северно од селото се наоѓа планината Скопска Црна Гора. Околни села на Мирковци се Кучевиште на североисток, Бањане на северозапад и Глуво на југозапад. Поседува поволна местоположба и атарот изобилува со обработливо земјиште. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од една чешма и 15 бунари, кои лете честопати пресушувале. Во околината на селото, посилни извори се Докша и Сливовиќ.[4]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Рамниште, Сенокос, Докша, Сливовиќ, Папрад, Пашиновац, Бела Бара, Градиште, Присој, Бунар, Бањашница, Гроб, Зарбова Ливада, Црквен Рид, Коприве, Јаори, Преслап, Ајдучко Кладенче, Кумановско Кладенче, Голема и Мала Ледина, Компириште, Под Село, Блатина, Мел, Бузалак, Доња Река, Гребиште, Река, Голиово, Караџинац, Орлов Брест, Бара и Батов Брест.[4]

Селото има збиен тип, издолжено од север кон југ. Меѓутоа, селото може да се подели на два краја: Горно и Долно маало. Понатаму, во секое маало постојат групирани куќи по родови, како што се Шишкови, Кајсторови, Левајкови, Смокови и други.[4] Куќите се разделени на стари и нови. Старите куќи се изградени пред Втората светска војна, а некои и за време на турското владеење.

На јужната страна од селото во непосредна близина се наоѓа излетничко место „Чардак“ и манастирот Св. Илија (Долни Свети Илија).

Источно, близу селото тече Кучевишка Река. Селото има свој центар, мал плоштад, со убава чешма.

Историја[уреди | уреди извор]

Жители од Мирковци на почетокот на XX век

Селото е староседелско, по преданијата, можеби, се населиле уште во времето кога се населувале Словените со Скопје и околијата. Има остатоци на стари градби во наоѓалиштето Развраниче, Шумарица и тоа: гробови, камен, покривна керамика, остатоци од стара црква, најверојатно ранохристијанска базилика.

Месноста Градиште се наоѓа во планинскиот дел на атарот на селот. Се наоѓа на поранешниот пат кој водел од Скопска Црна Гора кон областа Биначка Морава. Денес, таму се наоѓаат мали остатоци од ѕидини.[4]

Во Мирковци има мала група на староседелци, поради што може да се заклучи дека се работи за старо село. Меѓутоа, во историските извори тоа првпат се сретнува во XV век, односно на 9 февруари 1445 година, кога Иса-бег го приложил на медресата во Скопје.[4]

Во селото покрај староседелците, се населиле и поранешните жители на раселеното село Сливовиќ (во атарот на Мирковци), како и од денешните албански села во Качаничката Клисура, но и од кумановското село Матејче. Доселувањето се случиле кон крајот XVIII век и во првата половина на XIX век.[4]

Селото отсекогаш било едно од поважните села во областа Црногорија. Поради тоа, селото поседувало училиште од 1844 година.[4]

Во XIX век, Мирковци било село во Скопската каза на Отоманското Царство.

По Втората светска војна, еден дел од куќите се обновени и оспособени за современо живеење, додека помал број се напуштени и служат за сместување на земјоделски производи.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот зафаќа простор од 15,9 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 894 хектари, на обработливото земјиште отпаѓа 399 хектари, а на пасиштата 266 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[3]

Мештаните се занимавале со земјоделство и со сточарство. Стока особено чувале големите родови во селото. Најмногу се одгледувале кози, а потоа овци и говеда. Се користеле пасиштата на Скопска Црна Гора, особено месностите Сливовиќ, Докша, Сенокос и Папрат.[4]

Селаните по Првата светска војна добиле плодна земја во Скопската Котлина. Меѓутоа, тие продолжиле да се занимаваат со сточарство. Сепак, по Втората светска војна, селаните целосно го напуштиле сточарството.[4]

Население[уреди | уреди извор]

Стара разгледница од селани во Мирковци на почетокот на XX век

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мирковци живееле 720 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Мирковци имало 896 жители, од кои 456 патријаршисти и 440 под врховенството на Бугарската егзархија и во селото функционираат бугарско и српско училиште.[6]

Мирковци е големо село, со незначителна промена на бројот на населението. Така, селото во 1961 година имало 838 жители, од кои 819 биле Македонци, 9 Срби, 2 Црногорци и 5 останати, а во 1994 година 866 жители, од кои 797 биле Македонци, 50 Срби и 19 други.[3]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Мирковци живееле 969 жители, од кои 883 Македонци, 72 Срби, 9 Роми, 1 Влав и 4 останати.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 720 896 1.039 1.073 838 795 958 941 866 969
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[7]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[8]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]

Родови[уреди | уреди извор]

Мирковци е доминантно македонско православно село. Дел од родовите се сметаат за староседелци, додека другите родови се доселени.[4]

Според истражувањата од 1960-тите години, родови во Мирковци се:

  • Староседелци: Новковци (6 к.), Вучковци (4 к.), Копчаровци (3 к.), Каровци или Костиќевци (2 к.), Кимовци (2 к.), Зотевци (4 к.) и Урумовци (5 к.), староседелски родови. Во родот Урумовци, во средината на XIX век постоел предок Станко, нарекуван и Урум-бег, кој поседувал задруга од 90 члена и Галички хан и Бела кафана во Скопје;
  • Доселеници:
    • Доселеници со познато потекло: Смоковци (9 к.), Каскаровци (4 к.) и Тоскинчевци (2 к.), доселени се од денешното албанско село Блаце; Вучовци (8 к.), доселени се од денешното албанско село Ѓургевдол кај Качаник; Шолиовци (4 к.), доселени се од селото Дробњак кај Качаник; Дабовци (2 к.), доселени се од денешното албанско село Паливоденица кај Качаник; Ковачевци (3 к.), доселени се од селото Чагловица во Косово, кое лежи на патот Приштина-Липљан; Шишковци (14 к.), доселени се од селото Матејче, Кумановско; Кајсторовци (12 к.), доселени се од селото Сливовиќ, раселено село во атарот на Мирковци. Меѓутоа, некои од овој род имаат предание дека се доселени од Прилепско, што е помалку веројатно; Курбалијевци (5 к.), и тие се доселени од раселеното село Сливовиќ; Јанковци (4 к.), доселени се од раселеното село Сенокос на планината Скопска Црна Гора; Зотевци (4 к.), доселени се од селото Бардовци, таму се викале Туневци; Кумановци (2 к.), доселени се од околината на Куманово;
    • Доселеници со непознато потекло: Левајковци (9 к.), Шолиовци (3 к.), Темковци (2 к.), Шутевци (1 к.), Зивисовци (6 к.), Грујовци (4 к.), Инглизовци (3 к.), Манџуковци (1 к.), Врсаќевци (8 к.), Бундевци (4 к.), Балшиќевци (3 к.), Беличевци (3 к.), Цангаревци (2 к.), Калемџиовци (1 к.), Вучовци (7 к.), Цимбаровци (5 к.), Пијаковци (4 к.), Бајевци (7 к.) и Шкрипчевци (3 к.), доселени се, но не знаат од каде.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • ОУ „Александар Урдаревски — средишно училиште за повеќе села во областа, катастарски припаѓа во селото Мирковци
  • Полициско одделение „Мирковци“[11]
  • Месна заедница

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Чучер-Сандево и која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од тогашната Општина Чучер-Сандево.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Кале.

Во периодот од 1955 до 1962 година, селото било дел од тогашната општина Бутељ. Потоа, оваа општината била распуштена и била префрлена во општината Кале.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бразда, во која покрај селото Мирковци, се наоѓале и селата Бањане, Блаце, Бразда, Визбегово, Глуво, Горно Оризари, Горњане и Чучер. Во периодот 1950-1952, селото исто така било дел од некогашната општина Бразда, во која влегувале селата Бањане, Бразда, Глуво, Горњане, Мирковци, Оризари и Чучер.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 2469 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[12]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 818 гласачи.[13]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Поглед на манастирската црква „Св. Илија“ (позната и како „Св. Илија Долни“)
Археолошки наоѓалишта[14]
Цркви[15]
Манастири

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави[4]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Мирковци

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од Мирковци имало малку иселувања. Како постари иселеници се Мирковци (9 к.) и Анџици (3 к.) во селото Сушица и Петкинчеви (1 к.) во Љубанци.[4]

По Втората светска војна, од селото имало иселеници во Визбегово (5 к.), Скопје (околу 20 к.), банатското село Глогоњ (4 к.).[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 22 февруари 2020.
  2. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 197. Посетено на 22 февруари 2019.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 Трифуноски, Јован Ф.; Трифуноски, Јован Ф. (1971). Скопска Црна гора : природна средина, прошлост, насеља, становништво и привреда : (са скицама, фотографијама и картом) = Skopska Crna Gora : antropogeographische Forschungen. Skopje: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. OCLC 637308591.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 206
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 114-115.
  7. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  8. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  9. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  10. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  11. „Полициски станици“. МВР. Посетено на 2020-02-23.
  12. „Описи на ИМ“. Посетено на 22 февруари 2020.
  13. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 22 февруари 2020.
  14. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  15. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  16. Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив. 1969. стр. 84. На |first= му недостасува |last= (help)

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]