Петар Манџуков
Петар Манџуков | ||
Роден | 26 јули 1878 Мирковци, Скопско | |
---|---|---|
Починал | 1 јануари 1966 Пловдив, Бугарија |
Петар Манџуков (26 јули 1878 - 1 јануари 1966) — македонски револуционер, просветен работник, анархист, еден од основачите на Македонскиот таен револуционерен комитет во Женева (1898 г.), како и соработник на илегалните весници „Отм’штение“ и „Глас“. Бил учесник во четата на Гоце Делчев. Бил ценет автор на мемоарска белетристика. Позната е неговата мемоарска проза „Предвесници на бурата“[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Образование и првите контакти со македонското револуционерно движење
[уреди | уреди извор]Роден е во скопското селото Мирковци на Скопска Црна Гора, а основно училиште завршува во Ловеч, Бугарија. Средното образование го започнал во Пловдив под непосредно менторство на неговиот вујко, митрополитот охридски и пловдивски Натанаил Кучевишки.
Поради личното ангажирање во работата на месниот анахристички кружок, есента 1895 година е исклучен од пловдивската гимназија во V клас и образованието го продолжува во Казанлак и Лом.
Приклучување кон МТРК
[уреди | уреди извор]Кон крајот на мај 1898 пристигнува во Женева со намера да студира хемија. Сепак, вистинскиот повод за неговото доаѓање во Швајцарија е желбата за директно поврзување со МТРК и стекнување на неопходна теоретска подготовка за идната анархистичка револуционерна дејност.
Соработувајќи агилно со предводниците на овој кружок: Михаил Герџиков, Светослав Мерџанов, Петар Соколов, Јордан Калчев и другите, сосема ги запоставува студиите.
Во Женева, од француски на бугарски ја преведува брошурата на Себастиен Фор „Престапите на Бога“, а од руски „Речта на Емил Анри“. Двата превода му ги доставува на Гоце Делчев за да ги публикува.
Враќање во Македонија, приклучување кон четата на Гоце Делчев
[уреди | уреди извор]Напуштајќи ги дефинитивно студиите, по краткотраен престој во Бугарија, заминува во Македонија со задача да организира анархистички кружоци во Солунската егзархиска гимназија и Скопското педагошко училиште.
Меѓутоа во јануари 1899 ќе биде откриен од турските власти во Скопје, каде што ќе помине неколку месеци во истражниот затвор. Ослободен поради недостиг од докази, тој заедно со четата на Гоце Делчев ќе крстосува низ Македонија и ќе присуствува на средбата на револуционерните чети во подножјето на Спиров Чукар, Серско.
Акции
[уреди | уреди извор]Кон крајот на ноември 1899 година, заедно со Светослав Мерџанов, пристигнуваат во Цариград со тајна задача, да ископаат тунел до Отоманската банка и да ја минираат.
Акцијата е финансирана од Врховниот македонски комитет од Софија предводен од Борис Сарафов. Подоцна ним ќе им се приклучат и други анархисти како Павел Шатев.
Потфатот во Цариград доживува целосен неуспех при откривањето на тунелот во еден случаен пожар во близина на банката. Главните негови дејци се веднаш затворени, но по интервенција на бугарскиот диполоматски претставник во Цариград Иван Гешов тие се екстрадирани во Бугарија.
Во септември 1901 година Манџуков на чело на чета презел обид да ослободи од затворот во Едрене Слави Мерџанов, како за цел, тој планирал да го заземе Ориент Експрес и да ги земе патниците како заложници, но претрпел неуспех. Без пари, во летото на 1902 година во Софија, тој го планирал убиството на еден свој познаник од Цариград, но откако претходно без негово знаење го осугурал на свое име за големи сума пари, чија сима би била исплатена на трето лице. Потфатот пропаднал поради ненадејното заминување на незнајната жртва. По неуспехот Манџуков извесно време се занимавал со уцени во корист на Врховниот комитет. Од пролета на 1903 година Петар Манџуков станал војвода на чета на ВМОК на Родопите. Со новата чета Манџуков се упатил да ја уништи железничката пруга Крстополе - Скеча, а сè со цел да биде спречено пренесувањето на отомански војници. Поради вниманието на турската железничка заштита пропаднал и овој напор. Манџуков дознал од весниците за Солунските атентати и за смрта на самите атентатори, меѓу кои биле и неговите најблиски пријатели. За време на Илинденското востание бил војвода на чета во Ахчелебискиот револуционерен реон. По востанието Манџуков го извршил своето прво убиство по нарачка на Комитетот. Жртвата била Турчин, кој го тероризирал населението во регионот. Само четири дена потоа следувала нова нарачка, овој пат за убиството на Бугарин од Лакавица. Како стражар на заспаната врховистичка чета, Манџуков ја преиспитал својата улога на платен убиец на организација, која му била туѓа на неговите анархо-комунистички погледи и тој ги прекинал односите со Комитетот.
Натамошен живот
[уреди | уреди извор]Смислата во натамошниот живот ја пронаоѓа во посветувањето на едно благородно општополезно дело. Завршувајќи више образование на шумарската академија во Нанси (Франција) во 1909 година, до крајот на својот живот ќе работи на зачувување и збогатување на природните богатства на Бугарија.
Починал во Пловдив во поодмината старост во 1966 година.
Дела
[уреди | уреди извор]Манџуков е автор е на две дела „Одисеја на првите“ (1947), посветено на страдањата на првите шумари во Бугарија и на петтомната мемоарска проза „Предвесници на бурата“ (1993) чиј оригинален ракопис е депониран во архивот на градот Пловдив, заедно со целокупната негова литературна оставнина.
Таа, според идејно-содржинската структурираност и според начинот на обликувањето на третираната материја се вбројува меѓу најдобрите обрасци на овој вид литература.
Цитати
[уреди | уреди извор]- „По некаква верна интуиција, каква што поседуваат само народите, Македонците го чувстуваа Фердинанд како душман на македонскиот народ; душманот, по чијашто заповед и самоволие, четата на дворцовиот агент Тодор Панов (како што гласеше бугарското име на Ерменецот-авантурист Торос Степањан) во почетокот на Првата европска војна, ќе го искасапи речиси целото население на прилепските села: Слепче, Маргари, Долгаец и Богомила… за да се всее по таков начин крвна омраза меѓу бугарскиот и македонскиот народ…“[2]
- „Нашиот несреќен македонски народ е изложен на безброј несреќи и понижувања од Турците... Далеку позагрижувачки е поведението на Европа, која за сметка на своите сомнителни интереси го заборава својот долг кон еден мал народ во срцето на светот. Ми се чини дека нашата должност во моментот е борбата да ни биде свртена кон таа Европа, која одлучува за судбината на нашиот народ, а потоа борбата со Турците ќе биде беспредметна. Чинам дека треба да сториме се, да ја заболи Европа, удирајќи ја по џебот за да се свести дека и другите поробени луѓе имаат право на живот и слобода... македонскиот народ... не може да се ослободи со едно востание... Ние сакаме да жртвуваме сопствени, а не народни животи... Ние сакаме повремено да предизвикуваме судири... и преку нашата крв да го свртуваме вниманието и симпатиите на човекољубивата Европа... македонското прашање ќе може... да се реши само ако ние, водечките Македонци... постојано предизвикуваме безредици."[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Предвесници на бурата“, ФАБ, София, 2013.
- ↑ Предвесници на бурата, стр 477.
- ↑ К. Битоски, Солунски атентати, Скопје, 1985.
Литература
[уреди | уреди извор]- Петар Манџуков, „Предвесници на бурата: мемоари“, Т. 1, „Менора“, Скопје, 1997.
- Петар Манџуков, „Предвесници на бурата: мемоари“, Т. 2, „Менора“, Скопје, 1999.
- Петар Манџуков, „Предвесници на бурата: мемоари“, Т. 3, „Менора“, Скопје, 2003.
- Петар Манџуков, „Скопска Црна Гора: битови белешки“, МИ-АН, Скопје, 2011.
- Македонка Митрова (ур.), „Петар Манџуков (1878-1966): анархист и критичар на едно совремие: публикации и писма“, Државен архив на Република Македонија, Скопје, 2019.
- Македонка Митрова (ур.), „Петар Манџуков (1878-1966) и неговиот анархистички светоглед: раскази, публикации и писма“, Државен архив на Република Македонија, Скопје, 2020.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Писмо од Петар Манџуков до Костадин Кирков
- „Интересен дијалог помеѓу гемиџиите Петар Манџуков и Павел Шатев“, „Црн блок“.
- „Предвесници на бурата“, ФАБ, София, 2013.
- Кратка биографија на Петар Манџуков од Георги Хаџиев Архивирано на 13 мај 2010 г.