Масакр во Ваташа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Стреланите младинци од селото Ваташа, Тиквешко.

Масакр во Ваташа — крвав настан што се случил на 16 јуни 1943 година[1] кога биле стрелани 12 младинци од селото Ваташа во близина на Моклиште кај месноста „Чаир“, на 2 км оддалеченост од Ваташа. Колежот го извршила бугарската воjска и полициски одреди на чело со капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов и подофицер Петко Опреков под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија.

Настан[уреди | уреди извор]

Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година, презема офанзива за уништување на партизаните и се нафрла и на мирното население. Кулминација на погромите над цивилното население е масовното стрелање во Ваташа, на 16 јуни 1943 година, кога на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ се убиени 12 младинци. Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнесла веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнувале на работа ги враќале назад.

Сестрата на Блаже Ицев, Нада Ицева (Јанева), го памти денот кога го уапсиле нејзиниот брат. Не насетувале, каков крвнички чин ќе се случи истиот ден. Блаже (17 г.) и сестра му Ката (15 г.), работеле домашни работи, кога биле одведени во селската меана на Васил Хаџи Јорданов. Таму ги затекнале и останатите младинци, каде почнало крвничкото тепање од страна на полицискиот заменик-началник Петко Опреков, поручникот Борис Костов и двајца бугарски агенти.[2]

Погубените младинци од Ваташа.

"Јас веднаш истрчав по нив, но постојано ме враќаа назад до мостот. Бидејќи имав само 12 години, постојано се враќав колку што можам поблизу и некако разбрав дека ако се слушне истрел младинците ќе бидат стрелани. Истрчав дома и веднаш ѝ кажав на мајка ми дека ќе ги отепаат. Но таа ми рече:„Молчи, името пусто да ти остане, само ќе ги заплашат и ќе ги интернираат" - Нада (Ицева) Јанева[2]

Во раните утрински часови во селската кафеана во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле поткажани. Според Стева Илиева од Кавадарци: „Кметот нè собираше од куќите со готов список, сите нè имаше по име и презиме.“ Во кафеана тие се испрашувани и тепани, а потоа се терани да признаат дека биле сите заедно со партизаните на 1 мај во месноста Моклиште и дека биле нивни помошници. На крајот на полицискиот распит се ослободени еден младинец и една девојка. Останатите 12 младинци и 4 девојки остануваат со обвинение за врска со партизаните и претстојно бегство во планината. Откако тие ги поднеле сите тортури и измачувања, полиција и војска ги одвеле пешки во колона кон Моклиште.[3]

Додека ги воделе младинците, на неколку места ги запирале. Веројатно се премислувале каде да ги стрелаат, додека ним им велеле дека ги носат за да ги фотографираат. Најстариот од сите, Васо Хаџиjорданов насетил дека нешто лошо се подготвува, па кај месноста „Чаир“ каде биле запрени, почнал да бега, а по него побегнале и други. Тогаш била издадена наредбата „оган“. Дванаесетте младинци биле застрелани, иако сите војници не сакале да пукаат. Најмладиот од стреланите имал само 15 години. Еден од стреланите пред да умре, успеал да изусти „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!“. Четирите девојки што исто така биле уапсени — Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева — ги тргнале настрана.[4] Полицискиот началник Петко Опреков се спротивставил на поручникот Костов кога сакал да ги убие и девојките, а капетан Борис Жеглов го поддржувал Опреков па така тие биле спасени.[5] Интересно е сведочењето на девојките, кои биле натерани од поручникот Костов да се припојат до младинците, на што се спротивставил Петко Опреков, нагласувајќи дека не е таква наредбата[2]. Ова говори за претходно спремана акција од страна на фашистичките бугарски сили. Откако насетиле дека ќе бидат погубени, се дале во бегство, но биле покосени од бугарските војници. За крволочноста на бугарските сили, говори и извештајот на ГШ на НОВ, од септември 1943 каде пишува:

"Младинците се изрешетани од куршуми од митралези, па потоа се избодени со бајонети. На некои им се исечени рацете и извадени очите и притоа сите биле ограбени“.

Сестрата на Блаже, Ката која била одведена на местото и била сведок на овој грозоморен чин се сеќава дека нејзиниот брат Блаже, сè уште давал знаци на живот после стрелањето, но Бугарите со бајонети ги боделе и сечеле 12 младинци од Ваташа.

"Кога сестра ми Ката влезе во дворот, изнемоштена падна. Мајка ми ја праша каде е Блаже, а таа со плачење одговори дека е стрелан. По толку години и сега со силна болка се сеќавам на таа слика и на зборовите на Ката дека Блаже по рафалното пукање сѐ уште бил жив, но Бугарите со бајонети го убиле пред нејзини очи извикувајќи: „Гледајте, не седнувајте комунистки, гледајте“. Родителите и другите селани истрчаа во Моклиште, но под силна закана дека ќе го запалат селото можеа само набрзина со гранки и со лисја да ги покријат телата и да ги покријат со земја. Мајка ми не ми дозволи и јас да отидам таму, ми нареди да донесам алишта за Блаже, а јас уплашена, не знаејќи што да земам, избрав голем куп алишта, но, за жал, не успеав да ѝ ги однесам на мајка ми." – раскажува Нада.

За свирепоста на Бугарските фашисти говори и фактот што не им било дозволено на родителите да ги погребаат своите деца, па тие набрзина нафрлиле земја и ги прекриле со гранки.[2][6]

Денес на тоа место постои мал споменик. По војната, бил организиран вистинскиот погреб. Кога семесјтвата сами си ги откопале коските, ги премиле во реката и во мали ковчези ги закопале во Моклиште.[2] А, по третпат, таму каде што денеска има голем споменик, се закопани во 1963 година.

Жртви[уреди | уреди извор]

Бугарскиот терор извршен во Тиквешијата - опишан од Лазар Мојсов, објавен во весникот Нова Македонија бр.28 од 3 јануари, 1945 година (среда)

Дванаесетте убиени младинци од селото се:[7]

Име и презиме Возраст
Перо Видев 15
Ванчо Гурев 19
Данко Давков 18
Илија Димов 18
Ристо Ѓондев 18
Блаже Ицев 20
Пане Мешков 18
Герасим Матаков 18
Ферчо Попѓорѓиев 26
Васо Хаџиjорданов 28
Диме Чекоров 20
Пане Џунов 18

Судење[уреди | уреди извор]

Љубен Апостолов

Овие бугарски злосторници, по една година и ја добиваат заслужената казна. Имено во с. Стрмашево на 13 јули 1944 година дошло до судир со два батаљона на Втората македонска ударна бригада. 40тина Бугарски војници биле убиени, а другите се дале во бегство.[8]

Полковникот Љубен Апостолов на 3 ноември 1944 година бил откриен од македонските емигранти во Софија и го привеле во штабот на македонската народноослободителна бригада “Гоце Делчев“. Од Софија е екстрадиран во Кавадарци. По две години Народниот суд во НР Македонија ги осудил на смрт главните раководители и учесници во оваа акција: полковник Љубен Апостолов, капетан Борис Жеглов, поручник Костов и подофицер Петко Опреков. Пред тоа сите тие се предадени од новата влада на Бугарија на југословенските власти за судење како фашисти. Апостолов, кој бил командант на војската и ја издал наредбата за стрелање, тврдел дека не е виновен за ваташкиот масакр. Тој бил суден за повеќе злодела и сите ги признал, но за ваташкиот масакр кажал дека добил листа со имиња, а на неа стоело дека младинците се партизани уапсени во шумата, а не собрани од нивните куќи.[9] Раскажал и за улогата во настанот на четворица ваташанци-предавници, тројца мажи и една жена. Ова злодело извршено од бугарските фашисти, останува срамен белег кој вечно ќе биде поврзан со шестиот роденден на бугарскиот престолонаследник Симеон II.

Истата судбина ги снашла и полицискиот инспектор Димитар Раев и агентот учесник во овие настани, Борис Жуглов. Двајцата се осудени на смрт во Скопје и стрелани.[8]

Во извештајот на Мито Хаџивасилев до ЦК на КПМ од 5 јули 1943 во Кавадарци, меѓу другото дава јасна слика дека терор бил вршен и во претходни наврати од страна на бугарската војска кон невиното македонско население во Кавадаречко. Каде се палени куќи, плевни, во селата Шивец, Ресава, Ваташа, Праведник и други. Според овој извештај убиени се близу 50тина селани и дел интернирани. Сето, ова му го препишува на "главниот крвопиец полковник Апостолов".[10]

Одбележување[уреди | уреди извор]

Спомен обележје во Моклиште

Во спомен на настанот, изградена е спомен костурница на стреланите 12 младинци од Ваташа, која е откриена на 11 октомври 1961 година. На јужниот ѕид на споменикот е запишано: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“. На местото на стрелањето подигнат е спомен парк со површина од 7 ха, а во него се посадени 12 јавори како симбол на стреланите младинци. Настанот е опеан во песната на Лазар МанчевскиМи заплакало селото Ваташа“.[11]

Споменикот во последниве години честопати е сквернавен.[12] Последен пат во март 2012 година кога поголемиот дел од релјефот бил уништен од вандали.[12][13]

Масакрот во Ваташа како тема во уметноста[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, стр. 249.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Весник, Нова Македонија (18.06.2018). „Од Моклиште 75 години одекнува плачот по 12-те ваташки младинци“. https://www.novamakedonija.com.mk/. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help); Надворешна врска во |work= (help)
  3. „Годишнина од убиството на ваташките младинци“. Утрински Весник. 18 јуни 2007. Посетено на 2016-08-17.[мртва врска]
  4. Дарко Јаневски, „Ги лажеа дека ќе ги сликаат за полесно да ги убијат“, „Нова Македонија“.
  5. Македонски репортажи - Заплакало е село Ваташа.
  6. „Извадок од документарниот филм за Масакрот во Ваташа - РТС 1979“. www.youtube.com. 1979.
  7. „Македонска енциклопедија“, стр. 273.
  8. 8,0 8,1 Камчевски, Петре (16.06.2019). „77 години од стрелањето на 12-те ваташки младинци“. https://www.fakulteti.mk/. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help); Надворешна врска во |work= (help)
  9. Меѓу другото во упатствата, кој се издадени од командантот на Петтата армија, генерал-мајор Васил Бојдев и кои се испратени на 6 октомври 1941 година до бугарскиот воен контингент во Македонија се вели: „Партизаните треба да бидат уништувани со користење на сите средства на располагање... Во борбата против нив да не се применува Женевската конвенција. Таа останува во сила само во случај на фаќање на сојузнички падобранци. Партизаните да се ликвидираат на место, а заробеници да не се земаат.“
  10. Извори за ослободителната војна и револуцијата во Македонија 1941-1945 Том I, книга седма. Скопје: Студентски Збор. 1983. стр. 42–47. На |first= му недостасува |last= (help)
  11. „Ми заплакало селото Ваташа“ Архивирано на 8 август 2016 г., pesna.org
  12. 12,0 12,1 „Осквернавен Споменикот на стреланите ваташки младинци, 1 март 2012“. Утрински Весник. Посетено на 2016-08-29.[мртва врска]
  13. „Вандали го оштетија релјефот од спомен-обележјето во Ваташа, 1 март 2012“. Дневник. Посетено на 2012-03-29.[мртва врска]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]