Моклиште (село)
Моклиште — историско село во Кавадаречко, на 6 км југоисточно од Кавадарци, во непосредна близина на селото Ваташа, на десниот брег на реката Луда Мара.
Историја[уреди | уреди извор]
Моклиште е населено уште од железното време, за што сведочи наоѓалиштето Моклишко Кале непосредно до манастирот.[1]
Во XIX век Моклиште ѝ припаѓало на Тиквешката каза. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Моклишта имало 140 жители, сите Македонци христијани.[2][3]
На етничката карта од 1927 г. Леонард Шулце Јена го наведува Моклишта (Moklišta) како христијанско село населено со Македонци.[2][4]
Денес[уреди | уреди извор]
Денес Моклиште е познато излетничко и рекреативно место во Тиквешијата. Каде кавадарчани најчесто го слават 1 мај. Поради широките и рамни тревнати ливади, близината на реката Луда Мара и споменикот на 12-те убиени ваташки младинци, Моклиште исто така е и позната дестинација за екскурзии на основни и средни училишта од другите градови во Македонија.
Преку хидросистемот „Моклиште“, изграден во 1950 г. градот Кавадарци се снабдува со вода за пиење.
Во селото подигнат споменик на 12-те младинци од Ваташа стрелани од бугарскиот окупатор во 1943 г.
Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]
Моклишки манастир „Свети Никола“[уреди | уреди извор]
Во Моклиште се наоѓа и познатиот Моклишки манастир, посветен на Свети Никола, подигнат во 1595 г. од страна на зографот Никола и неговите синови од селото Тимјаник.
Во Моклишкиот манастир во XVII век мошне успешно работи ќелијното училиште, а првите писмени луѓе во овој крај своето описменување го стекнале токму во овој манастирски комплекс. Манастирот имал богата библиотека која според Јордан Хаџи Константинов - Џинот, кој бил учител во селото Ваташа изнесувала околу 30 товари книги и ракописи. Со запустувањето на Полошкиот манастир монасите се преселиле во овој манастир и ја продолжиле својата работа.
Археолошки наоѓалишта[уреди | уреди извор]
На подрачјето на Моклиште и околината среќаваат археолошки наоѓалишта:[1]
- Валенција — некропола од доцноантичко време
- Градиште — населба и некропола од доцноантичко време
- Гркови Садеви — населба и некропола од доцноантичко време
- Моклишко Кале — градиште од железно и доцноантичко време
Поврзано[уреди | уреди извор]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ 1,0 1,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 154-155. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ 2,0 2,1 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите отсекогаш се изјаснувале како Македонци.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 154.
- ↑ Leonhard Schultze Jena. "Makedonien, Landschafts- und Kulturbilder", Jena, G. Fischer, 1927
|