Тимјаник

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Тимјаник
Timjanik-MKD.JPG

Поглед на Тимјаник од патот кон Неготино

Тимјаник is located in Македонија
Тимјаник
Местоположба на Тимјаник во Македонија
Координати 41°28′00″N 22°05′00″E / 41.46667° СГШ; 22.08333° ИГД / 41.46667; 22.08333Координати: 41°28′00″N 22°05′00″E / 41.46667° СГШ; 22.08333° ИГД / 41.46667; 22.08333
Регион Logo of Vardar Region.svg Вардарски
Општина Coat of arms of Negotino Municipality.svg Неготино
Население 1155 жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1440
Повик. бр. 043
Надм. вис. 190[1] м
Commons-logo.svg Тимјаник на Ризницата


Тимјаник — село во Општина Неготино, во непосредна околина на градот Неготино.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Панорамска глетка од влезот на Тимјаник

Селото Тимјаник се наоѓа во средното Повардарие, на територијата на Општина Неготино, недалеку југозападно од градот Неготино при што поради непосредната близина припаѓа на неговата рурбална зона.[1] Од градот Неготино, селото Тимјаник е оддалечено неполни 3 километри и е поврзано со добар и обновен асфалтен пат.

Сместено е во долот на Тимјаничка Река со амфитеатрален распоред на куќите и отвореност кон исток. Тимјаник е рамничарска населба расположена на надморска височина од 190 метри.[1] Низ селото Тимјаник води скоро обновениот асфалтен пат до Долни Дисан кој продолжува и ги поврзува и селата Горни Дисан и Вешје со градот Неготино. Недалеку од Тимјаник минува меѓународниот автопат „Александр Македонски“ дел од меѓународниот паневропски коридор 10 (Е-75).

Во минатото селото се делело на 9 маала и со вода се снабдувало од неколку чешми и повеќе бунари.[2] Денес, Тимјаник се снабдува со вода од централниот водоводен систем „Лукар“[3], а во центарот на селото од 2011 е обновена чешмата „Св. Петар“ и „Св. Богородица“.

Селото Тимјаник се одликува со доста висок степен на уреденост и урбанизираност. Од неодамна во селото е изграден и уреден плоштад во средина на селото, ново игралиште во училишниот двор, асфалтирани се повеќе улици. Куќите во Тимјаник се нови, модерни и големи со широки и пространи дворови кои се убаво уредени, а постојат и сосема новоизградени куќи на семејства од градот Неготино кои од скоро се преселиле да живеат во селото. Атарот на Тимјаник зафаќа простор од 15 км², на кои обработливото земјиште зазема површина од 1.308 ха, а на пасиштата отпаѓаат 289 ха.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Глетка од сретселото во Тимјаник

Селото Тимјаник се наоѓа во предел каде има голем број на значајни археолошки наоѓалишта од древниот антички македонски, хеленски и римски период и во близина на остатоците на античките градови Стоби и Антигонеа, што укажува дека на ова место имало организиран живот уште многу одамна.

Првиот запис на селото Тимјаник потекнува од турските документи од 1570 година, а потоа се повторува и во XVI век, каде на едно место среќава и под името Мал Тимјаник.[4]

Во однос на настанокот на сегашното село Тимјаник е едно од селата во Тиквеш кое избегнало уништување и преместување во време на турското ропство.[2] Затоа, Тимјаник меѓу населението се смета дека е староземанско односно е настанало и постоело уште пред доаѓањето на турските поробувачи во XIV век.[2] Со доселувањето и колонизирањето на Јуруци во XVI век во Тиквешијата започнува првиот бран на исламизација на македонско христијанско население, при што први на удар биле сите старинечки села во котлинската рамнина, на преминот кон планинските падини и подножја и поважни важните патишта, меѓу кои особено било зафатено и Тимјаник.[2]

Кон крајот на XVI век во Тимјаник живеело богатото и значајно македонско семејство Ѓоревци кои го подигнале, односно изградиле познатиот манастир во Моклиште.[2] Кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век е извршено главното исламизирање на Тимјаник, за ајанот на Кантур-бег, при што членовите на христијанскиот род Ѓоревци задржувајќи ја својата земја во Тимјаник поголемиот дел се иселиле во Неготино, а другите во селото Клисура, а истото го сториле и други христијански родови од Тимјаник како Леблебиџиовци кои се иселиле во селото Корешница.[2] Последните христијани од Тимјаник, кое важело за „младо потурчено“ село се иселиле околу 1870 година.[2]

Селото Тимјаник во својот патепис за Тиквеш насловен како „Љубљано-Пеонија“ објавен на 12 февруари 1855 година го споменува и македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот[5] По Балканските и Првата светска војна, како и во повеќето околни големи села во средиштето на Тиквешката Котлина, настапува промена на населението во Тимјаник при што со повлекувањето на турските власти сите муслимани се иселуваат, а на нивно место се доселуваат христијани од повисоките околни планински предели на Кожуф, долината на Крива Лакавица во Радовишко, Мариово, при што селото до денес го задржува својот чист македонски и христијански карактер.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото Тимјаник потекнува од македонскиот јазик со значење на место со темјан или темјанушки кои на местниот тиквешки говор се изговара со наместо со е. Уште во 1914 година е запишано дека мештаните потеклото на името доаѓа од цвеќето тимјанушка кое го има во многу голем број во околината.[2] Според научните истражувачи постојат 3 претпоставки за настанокот и значењето на името:

  1. од исчезнатата старословенска именка: тимјан со значење кал + додавката -ник, со значење место под кал[4] што до некаде може да се потврди со местоположбата во долот на реката;
  2. од илирската именка тимор или тимар[4], што исто може да се потврди со местоположбата на долот отворен кон исток, кој брзо станува темен со заоѓањето на сонцето;
  3. од именката на растението темјан.[4]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Селото Тимјаник е едно од најголемите лозарски села во Македонија. Според составот на атарот тоа има полјоделска функција[1], при што најголем обем и најзначајно место зазема одгледувањето на винова лоза и производството на грозје, вино и ракија. Во селото Тимјаник постои и работи расадник за лозови калеми како и неколку приватни винарници меѓу кои винарницата Винарија Сарафов и др. Речиси секое семејство поседува лозја, а голем број на произведено вино и ракија жители на селото го продаваат и на „Зелениот Пазар“ и другите пазари во Скопје, Неготино и Кавадарци. Најмногу се одгледуваат сортните видови грозје: вранец, смедеревка, мерлот хамбург, станушина. Од полјоделството во помали размери е застапено одгледувањето на жито, претежно пченица, како и градинарство за сопствени потреби во дворовите при што на отворено и под пластеник најмногу се одгледуваат: патлиџани (домати), пиперки, краставици, лук, кромид, морков, марула. Од сточарството најмногу се одгледува живина односно домашни птици како кокошки, а за разлика од другите тиквешки села во Тимјаник многу малку или речиси воопшто не се носат овци на зимување од Западна Македонија.

Во Тимјаник постои земјоделска задруга[1], а работат и повеќе трговски продавници, занаетчиски дуќани и услужни објекти. Исто така во Тимјаник постојат и работат повеќе приватни претпријатија и фирми како „Делта Тим“ за производство и рециклажа на вреќи, најлонска фолија, ќеси, амбалажа, отпаден најлон и пластика. Поради непосредната близина до градот Неготино, значаен дел од жителите на Тимјаник се занимаваат со дејности во градот, како занаетчиски и услужни дејности во градежништвото, превозот, просветата, угостителството. Како големо и значајно село, Тимјаник и во минатото имало доста развиен стопански живот. На почетокот на XIX век во селото имало по 2 дуќани, ковачници, касапници и по една кафеана, фурна и налбантница, а повеќето селани биле орачи.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 година во Тимјаник живееле 1.155 жители од кои:

Поради поволната местоположба во непосредната близина на градот Неготино, добрата сообраќајна поврзаност и плодното земјиште со одлични услови за живот и стопанисување, Тимјаник постојано бележи пораст на бројот на своите жители што се должи на доселувањето од други повисоки неготински села, но и на природниот прираст и раѓањето деца. Во поново време е забележано доселување и на жители од градот Неготино. Така, во 1961 година во Тимјаник живееле 515 жители од кои 433 биле Македонци, 72 Срби и 7 Турци, а во 1994 година бројот се зголемил на 1094 жители од кои 1025 биле Македонци, 55 Срби и 13 Турци.[1]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Тимјаник:

Години Македонци Албанци Турци Срби Ост. Вкупно
1948 418
1953 332 0 111 24 3 470
1961 433 0 7 72 3 515
1971 546 1 5 49 6 607
1981 759 7 8 63 3 840
1991 1.022 0 13 48 4 1.087
1994 1.025 0 13 55 1 1.094
2002 1.096 0 9 49 1 1.155

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1953-2002), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови[уреди | уреди извор]

Во селото Тимјаник живеат исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед. Денешните македонски родови и семејства во Тимјаник во најголем дел се доселеници со потекло од повисоките тиквешки села на планината Кожуф, како Чемерско, Конопиште, Радња, Горни Дисан, Драчевица, Стрмашево и други, потоа од Радовишко од селата зад планината Серта како Скоруша, Лубница. Македонски родови и семејства кои денес живеат во Тимјаник се: Цветкови (доселени од с.Драчевица), Сарафови, Јованови, Ѓорѓиеви (по потекло од с.Скоруша - Радовишко), Темелкови, Димови, Гоцови, Коцеви, Петрови, Станоеви, Ристови, Дилимановски, Зафирови, Колеви, Мојсовски, Богевски, Гелеви, Ризови, Стаменкови, Станкови, Маневи, Петкови, Милевски, Димитриеви, Михаилови и др.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Како доста големо и значајно село во Тимјаник има повеќе општествени установи, меѓу кои:

  • Основно училиште до IV одделение[1], подрачна единица на ОУ „Гоце Делчев“ - Неготино
  • Дом на културата[1]
  • Водните заедници „Тимјаник 1“ и „Тимјаник 2“ на водостопанство „Тиквеш“
  • Споменик на НОБ

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во Општина Неготино, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Неготино. Селото припаѓало на општината Неготино и во периодот 1957-1962 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Неготинска градска општина, во која покрај селото Тимјаник, се наоѓале и градот Неготино и селата Дуброво и Курија. Неготинската градска општина постоела и во периодот 1950-1952.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[6]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Како верски празници селаните редовно ги празнуваат патрониот празник на селската црква посветена на Пресвета Богородица, како и празникот на Свети Атанасиј и летен кога се осветила црквата и зимен[7], а поради тоа што речиси сите жители се лозари во селото се празнува и празникот на Свети Трифун.


Иселеништво[уреди | уреди извор]

Во подалечното минато во втората половина на XIX век од Тимјаник се иселиле последните христијански семејства: Ѓоревци познато богато семејство чии предци го изградиле познатиот Моклишки манастир се иселиле во Неготино и селото Клисура, а родот Леблебиџиовци се иселиле во селото Корешница. По завршувањето на Балканските и Првата светска војна речиси сите муслимански семејства од селото се иселиле во Турција претежно во областите околу градовите Измир и Бурса. Во поново време имало иселеници во градовите Неготино, Кавадарци и Скопје. Во денешно време речиси воопшто нема иселувања од селото.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 1,8 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 296. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 Радовановиќ, Воислав (1914). Јасминка Јанева (превод). уред (на македонски). Тиквеш и Раец (2011 (превод) издание). Култура. стр. 185 и 193. 
  3. "„Водовод и канализација“". Неготино: Општина Неготино. 2019-2013. конс. 10 септември 2015. 
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 Иванова, Олга (2014) (на македонски). Речник на имињата на населените места во Р. Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 165–166. 
  5. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 год. стр.71
  6. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред. Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  7. Според кажување жители на Тимјаник. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Никола Цибрев на 10.04.2015

Надворешни врски[уреди | уреди извор]