Шешково

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Шешково
Шешково 08.jpg

Поглед на селото Шешково

Шешково is located in Македонија
Шешково
Местоположба на Шешково во Македонија
Координати 41°22′13″N 21°54′34″E / 41.37028° СГШ; 21.90944° ИГД / 41.37028; 21.90944Координати: 41°22′13″N 21°54′34″E / 41.37028° СГШ; 21.90944° ИГД / 41.37028; 21.90944
Регион Logo of Vardar Region.svg Вардарски
Општина Coat of arms of Kavadarci Municipality.svg Кавадарци
Област Тиквеш
Население 7[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1430
Повик. бр. 043
Надм. вис. 620 м
Слава Мала Богородица
Commons-logo.svg Шешково на Ризницата


Шешково — село во Општина Кавадарци, во областа Тиквеш, во околината на градот Кавадарци.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во југозападниот дел на територијата на Општина Кавадарци, од левата страна на Тиквешкото Езеро. Селото се наоѓа на надморска височина од 620 метри. Сместено е на една бреговита тераса, под линијата на вториот егејски расед, во северното подножје на врвовите Голем и Мал Руен[2]. Од градот Кавадарци е оддалечено 20 километри.[3] Селото е сместено во пазувите на планината Вишешница.[4]

Атарот на селото зафаќа простор од 20 км². На него преовладуваат шумите на површина од 1.852 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 130 хектари.[3]

До селото води многу лош земјен пат.[4]

Историја[уреди | уреди извор]

Селото Шешково е доста старо и тоа со истото име се споменува уште во средновековниот период од турските пописни дефтери од XVI век, односно од 1570 година кога тоа било чисто христијанско македонско село кое припаѓало во рамки на нахијата Тиквеш во Ќустендилскиот санџак[5]. Во ова време во селото живееле 42 македонски христијански семејства како и 37 неженети кои произведувале 60 товари пченица, 48 товари мешано жито, 2 товари уров, леќа, градинарски култури, овошје, грозје и вино, сено, се чувале и свињи и пчели во кошници и улишта, за што селото Шешково остварувало севкупен приход и давачки од 6000 акчиња[5].

Во 19 век, Шешково се наоѓало во Тиквешката каза, во Отоманското Царство, и за време на турското владеење Шешково било „одвек слободно“, а некој собирач на данок-десток „за душа“ изградил чешма надвор од селото наречена Ибраимица, инаку самото село „никој пат не било агинско[2]. Доказ за ова е што во селото не било зафатено од огромниот бран на исламизација во Тиквешијата и тоа од секогаш било македонско православно христијанско.

Селото било познато за време на партизанските борби во НОБ. Во тоа време, во селото работела и партизанска болница. Болницата работела во рамките на селското училиште, но и во околните куќи, каде што работел еден заробен германски лекар. Во селото била сместена и првата англиска воена мисија, а имало и радиостаница со која раководел Киро Хаџи Василев. Во текот на 1943 година почнал да излегува и „Народен глас“, весник на македонскиот народноослободителен фронт за Тиквешко, Велешко и Гевгелиско.[4]

На 22 август 1944 година во Шешково била создадена Деветтата македонска ударна бригада.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Селото во основа има полјоделско-шумарска функција.[3] Населението во последно време одгледува стока, при што чуваат околу 100 кози и 300 овци.[4]. Во минатото покрај нивите кои биле под селото, селаните имале „вареници“ за производство на вар, а во „неделници“ се одело на риболов на Црна Река каде се ловело мрена, црвенперка, крап, јагула, сом, а пред изградбата на железницата селските родови Јанчевци и Димовци, граделе „кораби“ и ги спуштале по Црна за „житарите“ во Росоман и Неготино[6].

Население[уреди | уреди извор]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Шешково имало 350 жители, сите Македонци христијани.[7] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Шешково имало 280 жители.[8]

Селото е мало, населено со македонско население и е во фаза на наполно раселување. Во 1961 година, селото имало 177 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 16 жители.[3]

Според последниот попис од 2002 година, во селото живееле 4 жители, сите Македонци.[1]

Во 2013 година биле населени само 5 куќи, при што четири семејства одгледувале стока.[4]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[9] 1905[10] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 350 280 269 245 177 87 20 4 16 4
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Родови[уреди | уреди извор]

Според записите од теренските истражувања на Воислав Радовановиќ од 1914 година, селото Шешково било „средновековно“ со многу старинечко население, при што во него живееле следните староседелски родови: Биновци живееле во свое истоимено маало, Вишовци, Мојсовци, Јовановци, Ѓорѓиевци, Југовци, Јаневци, Цветковци, Темовци, Пенчевци сите славеле Свети Никола, Ордановци, Кочовци, Витановци, Јанчевци, Јаквовци, Јосифовци, Илковци сите славеле Свети Ѓорѓи[2]. Постари доселеници биле: Терзиовци-Зајковци избегале од Добротино во XVIII век, Милицовци некоја Милица од Јанџиковци од Праведник се премажила во тукашниот род Терзиовци, Димовци и Бошевци и двата рода се доселиле од Грбовец во средината на XIX век, додека понови доселеници биле Ѕавировци од Праведник кои дошле во 1909 година[2].

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на проширената Општина Кавадарци, на која ѝ била додадена поранешната Општина Конопиште по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на некогашната Општина Кавадарци.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кавадарци.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Дреново, во која покрај селото Шешково, се наоѓале и селата Возарци, Брушани, Галиште, Грбовец, Дебреште, Добротино, Драдња, Дреново, Кесендре, Мрзен Ораовец, Праведник, Раец, Фариш и Шивец. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната Општина Шешково, во која влегувале селата Добротино, Праведник и Шешково.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[12]
Споменици

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 "Попис на Македонија" (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 8 февруари 2016. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Радовановиќ, Воислав (1914). Јасминка Јанева (превод). уред (на македонски). Тиквеш и Раец (2011 (превод) издание). Култура. стр. 438-440. 
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 322. https://commons.wikimedia.org/wiki/File:%D0%95%D0%BD%D1%86%D0%B8%D0%BA%D0%BB%D0%BE%D0%BF%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0_%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B0_%D0%B2%D0%BE_%D0%A0%D0%B5%D0%BF%D1%83%D0%B1%D0%BB%D0%B8%D0%BA%D0%B0_%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0.pdf. посет. 8 февруари 2017 г. 
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Дарудова, Светлана. „До револуционерно Шешково се уште се оди партизански“, „Дневник“, МПМ Македонија, 28 август 2013 (посет. 8 февруари 2017 г). (на македонски)
  5. 5,0 5,1 Соколоски, Методија (1982) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 492-493. 
  6. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Раец.
  7. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 154.
  8. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 104-105.
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. "Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна". Државен завод за статистика. 
  12. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]