Македонци во Грција

Од Википедија — слободната енциклопедија
Македонци од Грција
Егејски Македонци
Делчев Хаџиниколов Димитров
Турунџев Чипов Воскопулос
Македонки во Демократската армија за време на Грчката граѓанска војна
Вкупен број
>500.000
Подрачја со значајно население
 Грција250.000 - 1.000.000[1]
 Македонија70.000[2]
 Австралија90.000
 Канада26.000[3]
 САД[4]
 Романија9.052[5]
 Србија7.500
 Полска11.458[5]
 Чешка11.623[5]
 Албанија10.000[6]
 Унгарија7.253[5]
 Русија11.980[5]
Јазици
македонски и грчки
Вероисповед
православие; католицизам
Сродни народи
Македонци
Јужни Словени

Грчките Македонци се граѓаните на Република Грција кои имаат македонска национална свест или Македонците кои водат потекло од територијата на денешна Грција. Најголем дел од Македонците во Грција живеат или потекнуваат од Егејска Македонија (тие се познати како егејски Македонци или Егејци) и има други македонски емигранти во другите делови на грчката република. Тие не се официјално признато етничко малцинство во Грција. Според тврдењата дадени од Виножито, единствената политичка организација на Македонците во Грција, денес во државата има околу 400.000 - 1.000.000 Македонци.[1][7]

Во ноември 1919 година, Грција и Бугарија потпишаа конвенција за иселување на населението што живееше во двете држави и 86.571 Македонци и Бугари беа принудени да заминат од Грција во Бугарија. Исто така, како последица на Грчката граѓанска војна се случи егзодусот на Македонците од Грција.

Најголемиот дел од егејските Македонци кои живеат денес во Република Македонија водат потекло од Леринско, Воденско, Костурско, Кајларско и др.

Егејци[уреди | уреди извор]

Малцинствата во Грција.

Егејски Македонци или едноставно Егејци— етногеографски поим со кој се нарекуваат Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Терминот Егејци започнал да се користи за Македонците од Егејска Македонија во времето на Граѓанската војна во Грција од 1946-1949 година, кога грчките монархофашистички власти започнуваат масовно протерување и геноцид врз македонското население од Егејска Македонија кое учествувало или го помагало НОФ и комунистичкото движење. Егејските Македонци се староседелското македонско население во Грција, но со тек на време одреден број се имаат раширено низ целата територија на државата.

Населеност[уреди | уреди извор]

Застапеност на Македонците во северозападна Грција.

Првичната населеност на Македонци во Егејскиот дел на Македонија ја опфаќала речиси целата територија на север од границите со останатите делови на Македонија на југ сè до долината на реката Бистрица, Солунско и Драмско. Во времето на појавата на етногеографскиот термин Егејци, по големите прогони, иселувања, протерувања и меѓудржавни договори за размена на население, како и процесите на насилна асимилиција, убиства и уништување на имотите и условите за живот на Македонците од страна на грчките власти, населеност на Македонците во егејска Македонија, значително се намалува и опаѓа, особено во источните и јужните краишта. Токму затоа, во времето на Граѓанската војна во Грција најсилните упоришта на ДАГ се наоѓаат во западните делови на егејскиот дел на Македонија и планинските предели кон границата со Албанија, каде што во најголем дел биле населени Македонци.

Јазик[уреди | уреди извор]

Македонските дијалекти во целиот регион.

Од Македонците во Грција користен е македонскиот јазик. Македонците од егејско потекло го користат југоисточното наречје на македонскиот јазик. Во ова наречје спаѓаат долнопреспански дијалект, понатаму костурски дијалект, нестрамско-костенарски дијалект, солунско-воденски дијалект, прилепско-битолски дијалект (во Леринско) и серско-драмско-лагадинско-неврокопски дијалект. Македонскиот јазик го говори претежно постарото македонско население.

Македонскиот јазик не е признат како малцински или регионален јазик во Грција и е познат во грчката јавност како „славомакедонски јазик“ (грчки: Σλαβομακεδονική γλώσσα).

Во XIX и XX век македонскиот јазик и дијалекти беа презервирани со учењето во училиштата на Бугарската егзархија. Во 1925 година со донесување на одлуката од страна на грчката влада за печатење на Абецедарот јавно е признаено постоењето на словенско население во северните делови на Грција. Абецедарот имаше цел за образование на македонски јазик во Грција, но за жал тоа се случи за многу мало време. Со доаѓањето на Јоанис Метаксас на власт македонскиот јазик беше официјално забранет. За време на Граѓанската војна во Грција македонскиот јазик беше учен во 87 училишта на 10.000 ученици во северна Грција од страна на комунистичките сили.

Во 2006 година се издаде нова верзија на Абецедарот од страна на Виножито. Денес македонскиот јазик се учи во Грција но во тајност поради страв од грчките власти.[8] Курсови по македонски јазик има во Воден, Лерин, Овчарани, Солун и други градови со македонско население.

Бројот на говорници на македонскиот јазик во Грција денес не е познат, но според Ethnologue има 180.000 македонски говорници само во административната област Западна Македонија.

Историја[уреди | уреди извор]

Податотека:Slavonic toponym in Greece.png
Словенски топоними во Грција

Медиуми[уреди | уреди извор]

Насловна страница на Нова Зора.

Првиот македонски медиум во Грција беше весникот Црвена Ѕвезда. Тој беше пишуван на локален солунско-воденски дијалект, но со грчка азбука. Потоа се појавија Единство, Словено-Македонски Глас, Нова Македонка, Слoбода, Победа, Преспански Глас, Искра, Стражар и други. Непокорен се издаваше на 1 мај 1947 година до август 1949 и служеше како пример за македонски медиум во Грција. Тој бил орган на Главниот одбор на НОФ. Исто така, за време на граѓанската војна постоел и македонскиот весник Билтен. По граѓанската војна се забранила употребата на македонскиот јазик.

Во 1990 со освестувањето на македонската заедница во Грција одново почнаа да се создаваат печатени медиуми на македонски јазик. Прво се појави Τα Μογλενά, потоа Лоза, Зора и Македонико. Ова беше проследено со издавање на публикацијата Задруга во раната 2010. Во мај 2010 излезе месечниот весник Нова Зора.[9] Задруга и Нова Зора се печатени и на македонски, и на грчки јазик. Нова Зора има над 20.000 тираж на секое издание.

Неколку македонски радио станици беа поставени во Егејска Македонија. Но, исто како другите македонски медиуми, станиците му претставуваа пречка на грчките власти и македонското радио Македонски Глас беше затворено.

Дијаспора[уреди | уреди извор]

Егејските Македонци во Република Македонија[уреди | уреди извор]

Први населувања на Македонци од Егејска Македонија на територијата на Вардарска Македонија (денешна Република Македонија) се забележуваат уште за време на првите големи прогони од грчките окупаторски власти, по Лозанскиот договор во дваесеттите и почетокот на триесеттите години на 20-от век. Во овој период Македонци од егејскиот дел на Македонија се населуваат во Струмичко, Гевгелиско и Кавадаречко. Овие македонски доселеници водат потекло претежно од средишниот и источниот дел на Егејска Македонија - Кукушко, Меглен, Солунско, Серско и др. За овие луѓе најчесто не се користи терминот „Егејци“ иако водат потекло од Егејска Македонија.

Помасовните населувања на Македонци од егејскиот дел на Македонија во Република Македонија се забележуваат во педесеттите години на 20-от век, по масовните протерувања на децата-бегалци и нивните семејства од нивните домови од страна на грчките монархо-фашистички власти по Граѓанската војна во Грција 1945-1949 година. Голем број од децата-бегалци по нивното прифаќање во источноевропските социјалистички земји се враќаат во СР Македонија тогаш во склопот на СФРЈ. Егејските Македонци во овој период почнуваат да се населуваат во сите градови во Република Македонија, а плански се населувани и во Западна Македонија во Тетово, Гостивар, Дебар и во турски напуштени села во Источна Македонија.

Денес Македонците-Егејци се највеќе населени во Скопје, Битола, Гостивар, Тетово, Штип, а во сите овие градови се познати и термините „егејски згради“, „егејски улици“ т.е. места во кои највеќе живеат Македонци од Егејска Македонија. Во градот Скопје како населби со најголем број „Егејци“ се познати населбите Мичурин, Топанско Поле и Автокоманда. Македонците со потекло од егејскиот дел на Македонија, денес се активно вклучени во политичкиот, економскиот и културниот живот на Република Македонија, а имаат и повеќе свои здруженија со седишта во Скопје, Гостивар, Битола и Штип кои органзираат културни собири и средби и се залагаат за правото на децата-бегалци да можат да ги посетат своите родни места, што долги години им е оневозможено од страна на грчките власти.

Во Република Македонија Егејците се често споменувани и во негативна конотација, преку измислување на шеги и вицеви за Егејци, најчесто претставувајќќи ги како скржави луѓе.

Егејските Македонци во странство[уреди | уреди извор]

Македонците со потекло од егејскиот дел на Македонија во масовна бројка се имаат иселено и во странство претежно во прекуокеанските земји, најмногу во Австралија, Канада и САД. Егејските Македонци претставуваат голем, но и доста организиран и активен дел од македонската дијаспора.

Познати личности со потекло од Егејска Македонија[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Во Центар со Васко Ефтов, Македонците во Грција
  2. Simpson, Neil (1994). Macedonia Its Disputed History. Victoria: Aristoc Press. pp. 92. ISBN 0646204629.
  3. Peter,Hill. (1989) The Macedonians in Australia, Hesperian Press, Carlisle
  4. Stephan Thernstrom, Ann Orlov, Oscar Handlin (1980). Harvard encyclopedia of American ethnic groups. Harvard University Press. ISBN 0674375122, 9780674375123 Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 „Aegean Macedonians Address To UNHCR“. Архивирано од изворникот на 2008-07-05. Посетено на 2011-08-26.
  6. Вклучувајќи и тие Македонци коишто живеат во селото Врбник, дел од Егејска Македонија во Албанија
  7. „Where are the Macedonians in Aegean Macedonia?“. Virtual Macedonia. 2020.
  8. „Нова Македонија - Македонскиот јазик во Грција се учи тајно како во турско“. Архивирано од изворникот на 2012-03-23. Посетено на 2013-02-09.
  9. „КОНЕЧНО НОВА ЗОРА - МАКЕДОНСКИ ВЕСНИК ВО ГРЦИЈА“. Архивирано од изворникот на 2012-03-27. Посетено на 2013-02-09.