Историја на Украина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Дел од темата Украина

Историја на Украина

Античка историја

Рана историја
Киевска Русија

Среден век

Полско-литванска Државна Заедница
Козаци

Современа историја

Прва светска војна
Втората светска војна
Украинска ССР
Украина

Портал:Украина

Територијата на Украина била главен центар на источната словенска култура во средниот век. Секако историјата на Украина датира многу години наназад. Територијата била населувана континуирано од пред 5000 години пред нашата ера и според некои автори се смета за татковина на праиндоевропската фамилија на јазици. Коњот за првпат бил припитомен на територијата на Украина.[1][2][3]

Хронологија[уреди | уреди извор]

Предисторија[уреди | уреди извор]

Податотека:Slavic peoples 6th century historical map.jpg
Територија на словените (6 век)

Географските простори на денешна Украина биле населени пред многу години.

Пронајдени се траги на населување на Украина од страна на неандерталците, во археолошки наоѓалишта во Молдавија во периодот од 43.000 - 45.000 година пред нашата ера.[4][5] Населувањето на Граветите датира од пред 32,000 години, според пронајдоци во Буран-Каја пештерата во Кримските Планини.[6][7] Доцно неолитската Трипилианска култура се појавува некаде околу 4500–3000 година пред нашата ера.[8]

Трипилианската култура, се смета за една од најстарите култури која оставила траги во денешниот југозападен дел на Украина. Трипилианците одгледувале жито и изработувале глинени садови. Трипилианската култура се смета за врв на развојот на неолитските земјоделски и сточарски племиња на територијата на Европа.

Околу 1500 година пред нашата ера на просторите на денешна Украина се појавиле номадски племиња. Едно од тие племиња било и племето на Кимеријците кои оставиле и писмени траги. За ова племе пишувале и античките автори меѓу кои: Хомер, Калимах, Херодот и Страбон. Кимеријците го населувале просторот помеѓу реките Днестар и Дон а го населиле и Кримскиот полуостров. Се смета дека припадниците на ова племе се потомци на старо иранско номадско племе, генетски блиско до Скитите. Подоцна, околу 7 век пред нашата ера Кимеријците биле потиснати од Скитите од денешните украински степи. Во тоа време исто така античките грци започнале со основање на своите први колонии на северните брегови на Црното Море. Скитите биле протерани од овие простори некаде во 2 век пред нашата ера од страна на Сарматите - друго номадско племе.

Кон крајот на 2. и почетокот на 3 век од новата ера, низ денешна Украина владеело германското номадско племе - Готи. Хуните пак во 375. година ги поразиле Готите, по што создале моќна држава која се простирала помеѓу реката Дон и Карпатите. На чело на оваа држава бил Атила. Атила починал во 451. година. После неколку порази од Римјаните и нивните сојузници, хунската држава се распаднала.

За прататковината на Словените сè уште нема општоприфатена територија. Првите записи за Словените се сретнуваат во 1. и 2 век пред нашата ера кај римските автори Плиниј Постариот, Такит и Клаудиј Птолемај, кои Словените ги нарекуваале Венеди или Венети. Етнонимот Словен прват се сретнува кај византиските автори. Според некои извори Словените се поделиле на три големи групи: Венеди (во подрачјето околу реката Висла), Анти (во подрачјето околу реката Днепар) и Словени или Склавини (во подрачјето околу реката Дунав).

Повеќето историчари сметаат дека преселбата на племињата на Антите и Склавините треба да се земе за почеток на формирање на словенските народи а со самото тоа и на украинскиот народ.

Во 7 век, територијата на денешна Украина била срцето на државата на Булгарите (често наведувана како Стара Голема Булгарија) со главен град Фанагорија. На крајот од седмиот век, повеќето Булгарски племиња мигрирале во неколку правци а остатоците од нивната држава биле апсорбирани од страна на Хазарите, полуномадско племе од Цетрална Азија.

Хазрите го формирале Хазарското царство во југоисточниот дел на денешна Европа, близу до Каспиското Езеро и Кавказот. Царството се простирало на територијата на Казахстан, делови на источна Украина, Азербејџан, јужна Русија и Крим.

Последните големи преселби на народите на просторот на Украина биле оние на Бугарите и на Унгарците, но во тоа време веќе била воспоставена една од најголемите и најмоќните европски држави – Киевска Русија.

Кнежевства[уреди | уреди извор]

Историска карта на Киевска Русија и територијата на Украина: последните дваесет години од државата (1220–1240)
Карта на Киевска Русија

Во периодот од 9. до 10 век била создадена првата источнословенска држава со средиште во Киев на чие чело се наоѓала династијата Рјуркович. Првите записи за ова кнежевство се забележани во Бертинските анали во кои се наведува дека Олег бил водач на скандинавското племе Варјази (Викинзи) кој го освоил Киев 882. година и го направил престолнина на новата држава.

Во следните сто години Киевска Русија ќе ги опфаќа околните источнословенски племиња како и некои фински племиња на североисток. Во 988. година, Владимир I Велики го прифатил Христијанството од Византија.

Најголем степен на централизација државата ќе постигне за време на владеењето на Јарослав Мудриот (1019-1054).

Со текот на времето дошло до распаѓање на државата на посебни кнежевства. После напливот на монголите под водство на Бату Кан 1237-1241 и потполното разрушување на Киев (1240), главното упориште на државноста ќе се префрли во Галициско-волинското кнежевство (1199-1340).

Полско-литванска Државна Заедница[уреди | уреди извор]

Во 14 век значаен дел на Киевска Русија, вклучително и Киев, потпаѓа под власт на Литванија со што настанала Литванско-руска држава која се нарекувала Големо Кнежевство Литванија. Полското кралство ја зазело Галиција и подрачјето околу градот Холм. После Кревската унија 1385. година во Големото Кнежевство Литванија почнал да јакне послкото и католичкото влијание. Унијата помеѓу Литванија и Полска, т.н. Лублинска унија постојано се зајакнувала со што дошло и до нивно реално соединување, во 1569. година. Поголемиот дел од украинските територии потпаднал под власт на Полска, а полската аристократија се стекнало со право на поседи во Украина. Црквата, до тогаш под самостојната Киевска митрополија, 1596. година ја сколопила т.н. Брестска унија со католичката црква. Со помош на оваа унија католичка Послка сакала да ја прекине врската на Украина со православна Русија. После распадот на Златната Орда пред крајот на 14 век околу Днепар се населиле украинските Козаци, кои одиграле важжна улога во отпорот кон турско - татарскиот притисок. Тоа е време на развојот на книжевноста на староукраински јазик. Во периодот од 1591 - 1638 година избиле низа на селски буни потпомогнати од козаците. 1648 година започнала ослободителна борба на украинскиот народ под водство на Богдан Хмелницки против Полска. Хмелницки ѝ нанел тешки порази на полската војска, но увидел дека самостојна Украина нема да може самата да се одбрани од Турците и пољаците, поради што помош побарал од Русија. На т.н. перејаславски собир 1654. година, Украина се обединува со царска Русија.

Унија со Царска Русија[уреди | уреди извор]

Веднаш после обединувањето на Украина и Русија, Русија започнала војна со Полска, која завршила после 13 години со потпишување на примирје во Андусов 1667. година. Како последица на војната, и граѓанските војни, Украина ќе се подели на два дела разделени од реката Дљепар. Автономијата на хетманската (козачката) држава ќе опстане уште некое време само во Украина источно од Дљепар под власт на Москва. Меѓутоа Царска Русија продолжила со феудално и национално угнетување на Украина, на ист начин како што тоа претходно го правеле Полска и Унгарија, за што сведочат селско-козачки буни пред крајот на 17. и во текот на 18 век.

Хетманот Иван Степанович Мазеп во сојуз со шведскиот крал Карло XII (1708-1709) направил неуспешен обид за отцепување од Русија, после што рускиот цар Петар I ја намалил автономијата на хетманската држава. Подоцна руската царица Катарина II Велика во периодот од 1760. до 1780. година ги укинала сите слободи на украинците.

Украина ја изгубила својата автономија 1871 година. При првата поделба на Полска, Австроунгарија во 1772 година ја добила Галиција, а 1775 година ја добила Буковина, додека пак Русија ги добила териториите помеѓу Днепар и Буг 1774 година а нешто подоцна и Крим. После втората поделба на Полска, 1793 година, преостанатиот дел на Украина потпаднал под руска власт.

Народна преродба[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 18 век дошло до формирање на украинско народно движење, прво како културно а подоцна со основањето на кирило-методиското братство и како политичка организација. Тоа е време на раѓање на модерната украинска нација. Големо влијание во будење на националната свест на украинците имало творештвото на украинскиот поет и сликар Тарас Григорович Шевченко.

Поради постојаниот притисок и пресии на руските власти, сединштето на народната преродба се поместило во Галиција, која во тоа време се наоѓала во состав на Австрија.

Кон крајот на 19 век во Украина се појавиле и првите политички партии. Повеќето од тие партии се занимаваат со основање на самостојна украинска држава.

Украинските писатели и интелектуалци биле инспирирани од останатите европски народи кои исто така биле под јарем на големите европски царства, и биле одлучни во својата намера за оживување на украинскот јазик, култура, традиција и државност. Русија наметнувала строги закони против обновувањето на украинскиот јазик целосно забранувајќи ја неговата употреба.

Многу украинци ја прифаќале својата судбина да живеат во рамките на Русија, а некои дури и имале голем успех. Многу руски писатели и композитори, сликари и архитекти биле по потекло од Украина. Најпознат меѓу нив бил Николај Васиљевич Гогољ, еден од најголемите руски писатели.

Украина ќе остане во состав на Царска Русија сè до нејзиниот распад во февруари 1917 година.

Украина помеѓу 1917-1920[уреди | уреди извор]

Западноукраинска Народна Република

Украинската Централна Рада (тогашен украински парламент) во ноември 1917 година ја прогласува Украинската Народна Република, која на почетокот се наоѓала во состав на Русија, а на 25 јануари 1918 година била прогласена самосталност и отцепување. Првиот претстедател на таа држава бил писателот В. К. Вуниченко.

Во тоа време настанала современата украинска хералдика (грб и знаме). За да се спротивстави на болшевиците кои владееле со поголемиот дел од земјата, Централната Рада издаве документ насловен како „Обраќање на украинскиот народа до Германија со молба за вооружена помош“. Тоа било повод за своевидна германска окупација. На 29 април 1918 година со поддршка на Германија, во Украина е изведен државен удар и на власт доаѓа хетман П. П. Скоропадски. Украина повторно е хетманат, а државата е германски протекторат.

После поразот на Германија во Првата светска војна, во Украини избиле востание под водство на Семен Петљура. Скоропадски заминува од власт, а во декември 1918 година се прогласува Украинска Народна Република на чие чело повторно застанува Вуниченко.

После распадот на Австроунгарија, 1918 година, во Галиција во исто време е прогласена Западноукраинска Народна Република која во јануари 1919 година се обединува со Украинската Народна Република. Од февруари 1919 година целата власт во Украинската Народна Република се наоѓа во рацете на Семен Петљура. За да се одбрани од Црвената армија која надоаѓала од исток, Петљура склопил воен сојуз со Полска. Но после полско-советската војна, поголемиот дел од земјата преминува под контрола на советските власти на чија територија настанува Украинска Советска Социјалистичка Република. Западна Украина и припаднала на Полска, Буковина и Бесарабија на Румунија, а Закарпатјето било припоено кон Чехословачка.

Советска Украина[уреди | уреди извор]

Знаме на Советска Украина

Идејата за украинството опстанала помеѓу двете војни, па дури и дваесеттите години на 20 век може да се наречат како години на препород на украинската култура, јазик и економија. Во првите години на СССР, болшевиците го помагале развојот на земјата давајќи им на селаните низа погодности. Но таквата состојба нема долго да потрае.

За да ги задоволи државните потреби за храна и да собере средства за индустријализација на земјата, Сталин започнал со реализација на својата идеја за колективизација на економијата. Колективизацијата првенствено ја погодила Украина, која често се нарекувала и „житница на СССР“.

1929 година на селаните им се одзема земјата и стоката. Се создале колективни фарми - колхози. За конфискување на имотот, државата ги користела регуларните полициски сили но често и тајната полиција.

Многумина се спотивствиле на таквата одлука на централната влада, со што започнала очајничка борба на селаните против советската васт. Некои попрво ја колеле својата стока отколку да ја предадат во колхозите. Побогатите селани, нарекувани кулаци, биле прогласувани за непријатели на државата. Десетици илјади селани биле стрелани и испратени на некои од многубројните работнички логори на Далечниот Исток.

Присилната колективизација го уништила земјоделието. Но и покрај тоа, советската влада на чело со Сталин, го зголемила украинскиот удел за обавезен принос на жито за дури 44%, иако добро знаел дека тоа е невозможно да се изведе. Законот налагал житото од колхозите да не може да се дели на селаните сè додека не се наполни државната квота која ја одредила владата. На овој начин гладот станал редовна појава. Најмалку 5 милиони луѓе биле до смрт изгладнети во трагедијата која украинците ја нарекуваат гладомор, а според некои извори имало и двојно повеќе жртви.[9]

Во Советскиот Сојуз овие податоци постојано биле прикривани, дури во одумдесеттите години од 20 век се признало дека имало некои потешкотии поради диверзиите од страна на некои кулаци и поради многу лошите временски прилики. Денес гладоморот е прифатен и признат како реален настан. Некои историчари сметаа дека гладот во периодот од 1932 до 1933 година не можела да се избегне и дека била последица на Стаиновата колетивизација на земјата, додека други историчари сметаа дека до глад не смеело да дојде и дека тоа било смислен чин и геноцид над украинскиот народ.

Откако Германија и СССР ја поделиле Полска во 1939 година, во состав на Советска Украина влегуваат западните подрачја кои до тогаш биле под контрола на Полска а година дена подоцна биле припоени и Буковина и сегашниот украински дел на Бесарабија. На самиот почеток на Втората светска војна, украинските националисти соработувале со Нацистичка Германија, надевајќи се на нејзината помош за обновување на државноста, како што бил случајот со Хрватска и Словачка, кои биле посебни држави под контрола на Третиот рајх. Но германскиот терор кој ќе завладее со украина од 1941 година ги избришал тие алузии. 1942 година била создадена Украинската востаничка армија (укр. Українська повстанська армія), која ќе војува и против Германија и против СССР (и тоа против Советите до 1950-те години). Другиот дел на украинците се борел против нацизмот во редовите на Црвената армија и партизанските движења.

После завладувањето со Украина, нацистите го задржале советскиот тип на колективни фарми, систематски вршеле геноцид над еврејското население а преостанатото население (главно украинци) го депортирале на присилна работа во Германија.

Украинците сочинувале значителен дел од Црвената армија и нејзиното раководство, а за да се спротивстават на нацистичка германија биле активни и како членови на движењата за отпор.

Се проценува дека во текот на војната и германската окупација на Украина погинале 7 милиони луѓе, вкучително и над еден милион настрадани евреи кои биле убиени од псебните германски СС единици и нивните украински сојузници. Поголемиот дел од нив биле жртви на ѕверства, присилна работа и колења на цели села како освета за нападите на нацистичките сили. Од 11 милиони жртви на совестките воени сили, колку се пороценува дека загинале во војната со нацистичка Германија, околу една четвртина (2,7 милиони) биле украинци или биле со украинско потекло. На територијата на Украина се одвивале некои од најголемите битки во текот на Втората светска војна, како на пример Опсадата на Киев, Одбраната на Одеса како и победничкиот јуриш преку Дљепар.

1945 година СССР потпишал спогодба со Чехословачка за приклучување на Закарпатите во Советска Украина, во рамките на која 1946 година е основана Закарпатската област со главен град во Ужхород.

Во наредните децени Украина, не само што го достигнала предвоениот степен на индустрија и производство, туку станала и главна ударна сила меѓу останатите Советски републики. Многу комунистички водачи, како на пример Никита Хрушчов и Леонид Брежњев биле родум од Украина. Тоа било поволно време за развивање на руско-украински културни врски. Многу советски спортисти, научници, писатели и поети доаѓале од Украина. 1954 година за да ја одбележат триста годишницата од моментот кога украинскиот хетман Богдан Хмелницки ја обединил Украина со Русија, РСФСР се одрекла од Крим и истиот бил припоен кон Советска Украина.

Недалеку од украинскиот град Припјат, на местото на Чернобилската атомска електрана, на 26 април 1986 дошло до експлозије, а како последица на тоа поголемиот дел од северна Украина и големо подрачје во Белорусија бил радиоактивно загаден. Тој настан како дополнително дал поттик на движењето за независност на Украина кое се залагало за распад на СССР во втората половина на осумдесеттите години од 20 век.

Украина прогласила независност од СССР на 24 август 1991 година следејќи го примерот на останатите советски републики. Украина е една од основачите на Заедницата на независни држави (ЗНД). На 1 декември 1991 украинците на референдум со големо мнозинство изгласале самостојна и независна Украину, со што службено на тој начин излегле до СССР.

СССР формално ќе престане да постои на 25 декември 1991, а со тој чин украинската независност ќе биде и службено призната од страна на меѓународната заедница

Самостојна Украина[уреди | уреди извор]

На чело на самостојна Украина во периодот од 1992 до 2004 година се наоѓа прво претседателот Леонид Кравчук, кој потоа ќе биде заменет со Леонид Кучма.

Леонид Кучма 2004. година објавува дека повеќе нема да се кандидира за претседател. Во новата канпања за претседател на Украина се појавуаат два главни кандидати. Проруски ориентираниот Виктор Јанукович, тогашен премир на владата, кој ја има поддршката од дотогашниот претседател Кучма и од Русија, и неговиот главен противкандидат Виктор Јушченко, кој сака Украина да ја сврти кон запад и да ја припои кон Европската унија. Во завршната изборна трка, Јанукович службено победил со мала разлика во гласовите, но Јушченко и негове приврзаници не ги признаваат изборните резултати, сомневајќи се во нивната веродостојност. Во земјата избила политичка криза. Јушченко организира масовни улични протести во Киев и во другите поголеми градови. Револуцијата ќе влезе во историјата како Портокалова револуција. Врховниот суд ги поништува изборните резултати. На повторените избори победил сегашниот претседател Виктор Јушченко. Неколку дена после објавувањето на резултатите Виктор Јанукович дал оставка и на 5 јануари 2005 година се распушта владата.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Matossian Shaping World History p. 43
  2. „What We Theorize – When and Where Did Domestication Occur“. International Museum of the Horse. Посетено на 2010-12-12.
  3. „Horsey-aeology, Binary Black Holes, Tracking Red Tides, Fish Re-evolution, Walk Like a Man, Fact or Fiction“. Quirks and Quarks Podcast with Bob Macdonald. CBC Radio. 2009-03-07. Посетено на 2010-09-18.
  4. Gray, Richard (December 18, 2011). „Neanderthals built homes with mammoth bones“. Telegraph.co.uk.
  5. Molodova I and V (Ukraine)
  6. Prat, Sandrine; Péan, Stéphane C.; Crépin, Laurent; Drucker, Dorothée G.; Puaud, Simon J.; Valladas, Hélène; Lázničková-Galetová, Martina; van der Plicht, Johannes; Yanevich, Alexander (17 June 2011). „The Oldest Anatomically Modern Humans from Far Southeast Europe: Direct Dating, Culture and Behavior“. plosone. Посетено на 21 June 2011.
  7. Carpenter, Jennifer (20 June 2011). „Early human fossils unearthed in Ukraine“. BBC. Посетено на 21 June 2011.
  8. „Trypillian Civilization 5,508 – 2,750 BC“. The Trypillia-USA-Project. Архивирано од изворникот|archive-url= requires |url= (help) на 2007-10-21. Отсутно или празно |url= (help); |access-date= бара |url= (help)
  9. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2006-02-16. Посетено на 2013-01-05.