Николај Гогољ

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Николај Васиљевич Гогољ)
Николај Гогољ
Портрет на Гогољ, дело на Фјодор Молер.
Роден/аНиколај Василевич Гогољ
31 март 1809(1809-03-31)[1]
Сорочинци, Руска Империја (денешна Украина)
Починат/а4 март 1852(1852-03-04) (возр. 42)
Москва, Руска Империја
Занимањедраматург, раскажувач, романописец
НационалностРусин
НародностУкраинец
Период1840 — 1851
Потпис

Николај Василевич Гогољ (руски: Никола́й Васи́льевич Го́голь, украински: Мико́ла Васи́льович Го́голь; Сорочинци, 31 март 1809Москва, 4 март 1852) — руски писател, хуморист и сатиричар од украинско потекло.

Животопис[уреди | уреди извор]

Куќата на Гогољ (денес музеј)

Николај Василевич Гогољ се родил на 31 март (12 април по нов стил) 1809 година, во блародоничко семејство, во малото место Василевка крај Сорочино, Миргородски округ, Полтавска губернија. Татко му бил надарен човек со уметничка природа, а особено имал смисла за литературата, пишувајќи песни и шеговити драмски дела на руски и на малоруски (украински јазик). Денес, многу малку е сочувано од книжевните дела на Василиј Гогољ, кој не им придавал големо значење, ниту пак се обидел да ги отпечати. Во близината на селото Василевка, кое било семеен имот на семејството Гогољ, живеел познатиот украински магнат Д. П. Трошчински, далечен роднина на мајката на Николај Гогољ. Таму, татко му на Николај Гогољ работел како деловен застапник и често го поминувал времето на имотот на Трошчински, а во неговиот домашен театар глумел и младиот Николај, заедно со татко му и со мајка му. Токму таму биле прикажувани и драмските дела на Василиј Гогољ. Николај Гогољ го стекнал своето основно образование во кругот на семејството, стекнувајќи се со љубов и наклонетост кон книжевноста.[4][5][6]

Во 1818 година, Гогољ отишол да учи во Полтава, а потоа, уште една година се подготвувал кај приватен учител. Во 1821 година, во Нежин се отворила „гимназија на вишите науки“, па Василиј Афанасјевич, инаку мошне културен човек, го запишал синот таму. Во Нежинскиот лицеј, Николај Гогољ не бил меѓу најдобрите ученици и не се истакнувал во учењето, но неговата дарба се манифестирала на разни начини: ги забавувал другарите со шеги и со сатирични стихови, бил иницијатор и уредник на школското списание и со голем успех играл машки и женски улоги во претставите што ги приредувале учениците. Така, толку се истакнал со улогата на Простакова од драмата „Малолетник“ на Фонвизинов, што по тврдењето на еден негов современик, ниту една московска или петроградска глумица не можела да се мери со неговата изведба. исто така, во лицејот кај Гогољ се појавила и страста за цртање со кое се занимавал и подоцна во Петроград, каде некое време посетувал настава во Академијата на уметностите. Во тоа време се случил крупен настан во животот на Николај Гогољ - смртта на татко му, која придонела за неговото брзо созревање, зашто тој морал да се грижи за мајка му и сестра му. Уште за време на престојот во лицејот, Гогољ мислел дека во животот го чека голема задача и имал намера да ѝ служи на својата земја. Во едно писмо од 1827 година, тој напишал: „Уште многу порано, од раното детство, јас горев со незгаслив стремеж својот живот да го направам корисен за државата. Вознемирувачката мисла дека не ќе можам да го направам тоа... ме фрли во длабока тага. Во мислите ги претресив сите занимања... и се задржав на една — на правосудството. Видов дека тука ќе има најмногу работа... дека тука ќе бидам вистински корисен за човештвото. Неправдата, најголемата несреќа на светот, најмногу ми го кинеше срцето. Се заколнав дека нема да изгубам ниту еден миг од својот краток живот а да не направам добро“.[6][7]
По завршувањето на гимназијата, во 1828 година, Гогољ отишол во Петербург, но и покрај сите препораки не можел да најде соодветна служба. Првата зима во Петроград, тој ја поминал во летен капут, зашто немал пари за да си купи зимски капут. Бидејќи не можел да најде работа, сакал да се вработи како лгумец во еден театар, но бил одбиен на пробното читање. Всушност, тој читал одлично, но неговиот стил не им се допаднал на тогашните театарски луѓе, зашто Гогољ читал едноставно и природно, а тие биле навикнати на афектација и на лажна патетика. Сепак, Гогољ успеал да се вработи како државен службеник во Департманот на царските добра, но набргу ја напуштил работата и, со помош на своите пријатели, во средината на 1834 година се вработил како професор по историја на Патриотскиот институт. Меѓутоа, неговата професорска кариера претставувала целосен неуспех, а подоцна, во едно свое писмо, и тој на опишал како „неславна“. Иако во Нежинскиот лицеј стекнал доволно знаење од областа на историјата, тој не бил дораснат за таа работа. Навистина, благодарение на неговиот книжевен талент, првите негови предавања им оставиле впечаток на студентите, но подоцна тие престанале да одат на неговите предавања. За тоа сведочи и неговиот тогашен студент, Иван Тургенев, кој во своите спомени пишува дека предавањата на Гогољ биле толку лоши, што никој не верувал дека професорот Гогољ-Јановски (официјалното презиме на Гогољ) и писателот Гогољ се истата личност. Всушност, во тоа време Гогољ бил предаден на писателската работа и немал време да им се посвети на универзитетските предавања, па кон крајот на декември 1835 година добил отказ од универзитетот. Откако влегол во книжевните кругови во Петроград и почнал да се занимава со пишување, Гогољ го променил мислењето за државната служба и во едно писмо до својата мајка тој напишал: „Наместо онаа глупава, бесмислена работа која секогаш ја мразев поради нејзината ништожност, мојата сегашна работа ѝ причинува на мојата душа неискажливо задоволство...[6][8]
По неуспехот на својата универзитетска кариера, огорчен од нападите по премиерата на „Ревизор“, во јуни 1836 година, Гогољ заминал во странство, каде што, со помали и поголеми прекини, престојувал околу десет години, најмногу во Рим. Напуштајќи ја Русија, тој му напишал на еден свој пријател од Женева: „... во Русија постои толку голема колекција на одвратни муцки, што повеќе не можев да ги поднесам. Дури и сега ми се плука, кога ќе се сетам на нив.“[9] Гогољ поминал низ Германија и се доселил во местото Веве, на Женевското Езеро, но есента се преселил во Париз, а по ненадејната смрт на Пушкин (29 јануари 1837) заминал во Рим. Таму, Гогољ се чувствувал многу пријатно и имал многу пријатели меѓу Русите кои живееле таму, а особено се дружел со сликарот Александар Иванов. Меѓутоа, животот во Рим имал и негативни последици за Гогољ кој западнал во религиозно расположение, во прв ред предизвикано од дружењето со кнегината Зинаида Волконска, која околу себе собирала свештеници и луѓе наклонети кон мистицизам.[10]
Во 1842 година, Гогољ западнал во тешка душевна криза од која никогаш повеќе не закрепнал. Тогаш, тој целосно го променил мислењето за своето творештво и за својата улога како уметник и започнал да проповеда патријархално-реакционерни политички идеи кои најсилно дошле до израз во познатата книга „Одбрани места од преписката со пријателите“ од 1847 година. Во научната литература многу е истражувано прашањето за причините на пресвртот и трагедијата во животот на Гогољ, но до ден-денес не е најдено задоволувачко објаснување. Се знае дека под влијание на мајчиното воспитување, тој стекнал силно религиозно чувство, а подоцна неговите патријархални погледи се засилиле под влијание на ставовите на руското конзервативно словенофилство (М. Погодин, С. Шевирјов, С. Аксаков, Н. Јазиков, итн.), како и под влијание на поетот В. А. Жуковки. Екстремните ракционерни ставови на Гогољ предизвикале големи протести во руската јавност, а особено е познато писмото на големиот критичар В. Г. Белински од 15 јуни 1847 година. Меѓутоа, Гогољ немал сила да ги послуша советите на Белински и сè повеќе тонел во религиозен занос, така што во 1848 година заминал на поклонение во Палестина, а последните години од животот ги поминал во бројни настапи на неговата душевна болест.[11] Гогољ умрел на 21 февруари 1852 година, а неговиот закоп бил величествен, во присуство на голем број жители на Москва.

Творештво[уреди | уреди извор]

Петроградскиот период (1829 — 1836)[уреди | уреди извор]

Книжевната кариера на Гогољ започнала по преселбата во Петроград, каде во 1829 година ја објавил поемата „Ханс Кихелгартен“, потпишувајќи ја со псеводинмот В. Алов. Поемата била многу лошо оценета од книжевната критика, а Гогољ бил толку разочаран, што со својот слуга ги собрал од книжарниците сите испечатени примероци и ги запалил, така што првото издание на ова негово дело денес претставува извонредна реткост. Сепак, Гогољ успеал релативно брзо да влезе во кругот на петроградските писатели, кои веднаш го препознале неговиот телент и му помагале во неговиот развој како писател. Еден од неговите помагатели бил пријателот на Пушкин, П. А. Плетнов (подоцнежен професор и ректор на Петроградскиот универзитет), кој го запознал со Жуковски, Делвиг, Пушкин и со другите поети од Пушкиновиот круг. Набргу, Гогољ почнал да објавува во петроградските весници и списанија и во 1830 година, во февруарскиот и во мартовскиот број на списанието „Татковински записи“ (Отечественные записки) го објавил својот прв расказ „Басаврјук“ или „Вечерта спроти Иванден“ кој следната година влегол во неговата прва збирка раскази. Исто така, тој објавувал и во алманахот „Северно цвеќе“ (Северные цветы), како и во списанието „Книжевни новини“ (Литературна ягазета) кои ги уредувал Пушкиновиот пријател А. А. Делвиг. Познанството со Пушкин било еден од најважните настани во животот на Гогољ. Всушност, уште пред да дојде во Петроград, тој сонувал да се запознае со Пушкин, а кога се преселил во Петроград, еден ден отишол во куќата на Пушкин, но таму му одговориле дека поетот спие. Гогољ се запознал со Пушкин во мај 1831 година кај П. А. Плетнов, а Пушкин веднаш ја насетил огромната дарба на Гогољ и му станал искрен пријател, учител и советник. За својот однос кон Пушкин, Гогољ пишувал во своите писма и во „Исповедта на писателот“ (1847). Смртта на Пушкин претставувала голем удар за Гогољ. Така, во писмото до М. П. Погодин од март 1837, Гогољ напишал дека кога создавал, пред себе го гледал само Пушкин, дека ништо не пишувал без неговиот совет и дека целото негово дело е дело на Пушкин. Во своето дело „Семејни хроники“,С. Т. Аксаков тврди дека на веста за смртта на Пушкин, Гогољ „се разболел во душата и во телото“ и дека Пушкиновата смрт била единствената причина на сите душевни заболувања на Гогољ.[12]

Петроградскиот период во творештвото на Гогољ е богато со извонредни книжевни резултати. Во септември 1831 година, Гогољ го објавил првиот дел од својата прва збирка раскази „Вечери во селцето крај Диканка“, а во април 1832 година се појавил и вториот дел од збирката. Во 1835 година ја објавил втората збирка раскази „Миргород“, исто така, во два дела, а истата година се појавила и книгата со разни литературни творби „Арабески“ (во два дела). По нив, Гогољ ги напишал расказите „Нос“ и „Кочија“ кои биле објавени во Пушкиновото списание „Современик“, а паралелно со тоа, Гогољ работел и на некои други дела. Така, во 1835 година, Гогољ ја започнал работата на своето најголемо и најзначајно дело - „Мртви души“, а според некои податоци, во средината на 1830-тите е започнат и прочуениот расказ „Шинел“ кој првпат се појавил во неговите собрани дела од 1842 година, како и шеговитата игра „Коцкари“. Со други зборови, речиси сите најважни уметнички дела на Гогољ се проектирани или напишани за време не неговиот престој во Петроград. Значајно место во петроградскиот период зазема и драмското творештво. Уште по објавувањето на првата збирка раскази, Гогољ планирал да напише драма за современиот руски живот; станува збор за неговата ненапишана комедија „Владимир од трет ред“ која ја споменува во едно писмо од крајот на 1832 година. Од ова дело се сочувани четири дела: „Утрото на работниот човек“, „Во собата за слугите“, „Судски спор“ и „Исечок“. Кога ја напуштил работата на оваа драма, Гогољ се префрлил на пишувањето на комедијата „Женидба“ која ја започнал во 1833 година, првата редакција била завршена во 1834 година, но Гогољ не бил задоволен и го преработил текстот, најпрвин во 1835, а потоа и во 1836 година, додека крајната верзија ја завршил дури во 1841 година. Паралелно со тоа, есента 1835 година почнал да работи на комедијата „Ревизор“, првата редакција била готова во декември, а делото било завршено пролетта 1836 година, иако Гогољ продолжил да прави некои поправки сè до премиерата која се одржала на 19 април 1836 година.[13]

Мртви души[уреди | уреди извор]

Гогољ ги пали списите од делото „Мртви души“

Во „Исповедта на писателот“, Гогољ го објаснува настанувањето на делото „Мртви души“. Во една прилика, кога Гогољ му прочитал на Пушкин една сцена, тој се воодушевил и му рекол „...како е можно со таква способност човек да не се зафати со некое големо дело!“ Потоа, Пушкин почнал да му укажува на Гогољ на неговата кревка градба, на болестите и на можноста да умре млад; потоа, му го кажал примерот со Сервантес кој, иако напишал неколку извонредни раскази, да не се зафател со „Дон Кихот“, никогаш не би го зазел своето место меѓу писателите; најпосле, му го отстапил своето сиже од кое сакал да напише еден вид поема, а тоа било сижето за „Мртви души“.[14]

Првиот том на „Мртви души“ се појавил во мај 1842 година и предизвикал општествени бранувања. Погресивниот дел на јавноста, на чело со највидните претставници на општествената и литературната мисла на Русија од тоа време, бил воодушевен, но реакционерните кругови остро го нападнале. Според неговиот концепт, романот „Мртви души“ требало да биде триологија. Меѓутоа, својата замисла тој никогаш не ја остварил. За време на престојот во странство напишал многу глави од вториот том, но во состојба на физичка исцрпеност и душевна криза, во 1845 година ги запалил ракописите. Кон крајот на 1851 година го завршил вториот том на „Мртви души“, меѓутоа, физичката болест и душевната исцрпеност довеле до тоа, една февруарска ноќ, да стане од постела и да го запали напишаното.

Раскази[уреди | уреди извор]

На почетокот од својата книжевна кариера, Гогољ пишувал романтични раскази со тематика од родниот крај во кои јасно се гледа влијанието на украинскиот фолклор и германскиот романтизам. Своите први раскази Гогољ ги напишал во 1829 година, а во септември 1831 година го објавил првиот дел на збирката раскази „Вечери во селцето крај Диканка“. Една година подоцна, тој го објавил вториот дел на „Вечерите во селцето крај Диканка“ (1832), а во 1835 година и збирката „Миргород“. Веќе во овие збирки се застапени елементите на неговиот особен хумор, фантастика и поетски реализам, како и суптилна иронија и сарказам полн со горчина и со сочувство.[15][16]

Во своите раскази, Гогољ често обработува бизарни мотиви кои се движат на границата на реалноста, така што дури и во неговите најреалистични дела е присутна фантасмагоричната атмосфера. Сложената уметничка личност на Гогољ се одликувала со бројни противречности поради тој што создавал чудни ликови и настани. Тоа се забележува уште во првите раскази на Гогољ, кои се засновани врз народните верувања во Украина. На пример, таков е случајот со расказите во „Вечерите во селцето крај Диканка“, во кои е прикажан фантастичниот свет на душата на примитивниот човек при што нереалното не може да се оддели од реалните настани. Како исклучок од ваквиот пристап се јавува исклучително реалистичниот расказ за Иван Фјодорович Шпоњка и неговата тетка. Неколку години подоцна, Гогољ напишал два расказа во кои се обработува баналното секојдевие: „Старовременски спахии“ и „Приказна за тоа како се скараа Иван Иванович и Иван Никифорович“ во кои е присутно типичниот гогољевски третман на стварноста. Фантастиката е уште поизразена во подоцнежните негови раскази во кои ирационалното преминува во гротеска и хипербола. Тоа е особено присутно во т.н. „Петроградски раскази“ кои, поради нагласените фантастични мотиви, се третираат и како „хофмански“.[17] Меѓу расказите на Гогољ особено се истакнува „Шинел“ кој претставува класично дело на рускиот реализам и извршил големо влијание врз подоцнежните руски писатели: доцните реалисти и модернистите.

Драми[уреди | уреди извор]

Средбата помеѓу Гогољ, Жуковски и Пушкин

Гогољ го засакал театарот уште во најраните детски години. На имотот од богатиот Трошчински, во неговиот домашен тетар учествувал и малиот Николај, а исто така, во Нежинската гимназија, тој глумел, режирал и правел сценографии за училишниот театар. По преселбата во Петроград, тој дури и се пријавил на аудицијата на Александрискиот театар, но не успеал во својата намера.[18] Воопшто, во целиот свој книжевен живот, тој размислувал и пишувал за театарот, а неговиот ироничен дух, дарбата за индивидуализирање на спротивставените карактери и чувството за релјефниот јазик и за сценската драматика — сето тоа како да го влечело кон театарот.[16] На пример, во една своја статија, тој вели: „Театарот воопшто не е безделничење или неважна работа ако се земе предвид дека во него може наеднаш да се смести маса од пет, шест илјади луѓе и целата таа маса, која по ништо не е слична меѓу себе кога ќе ја поделиме на поединците, може да се потресе со еден потрес, да заплаче со едни солзи и да се засмее со една заедничка смеа. Тој е таква катедра од која на светот може да му се кажат многу добри нешта.“[19]

Во 1833 година, Гогољ ја започнал својата прва комедија „Владимир, трети степен“ која требало да биде сатира насочена против бирократијата. т.е. во неа требало да биде прикажан еден висок државен службеник кој се труди да го добие орденот „Владимир од трет ред“. Меѓутоа, Гогољ не ја завршил комедијата, а причината може да се најде во неговото писмо до М. П. Погодин во кое тој пишува: „... постојано ме прогонува идејата за комедија... но, досега ништо не напишав. Овие денови веќе почнав и сижето да го составувам, веќе и насловот го напишав... и колку смеа, духовитост! Но, наеднаш застанав гледајќи дека перото откажува токму на оние места кои цензурата нема да ги пропушти. А што вреди ако пиесата нема да се игра? Драмата живее само на сцената. Без неа, таа е како душата без телото.“[20] Подоцна, тој на напишал и комедијата „Женидба“, но ниту таа не се одликува со некоја поголема вредност.[16] Наоѓајќи се пред таква дилема, тој ја напуштил замислата и се вратил кон прозата. Во писмото од 7 октомври 1835 година, Гогољ го замолил Пушкин да му даде сиже за комедија. Пушкин му излегол во пресрет на својот помлад пријател (нешто пред тоа му дал сиже и за “Мртви души”), и веќе во декември истата година Гогољ ја завршил комедијата „Ревизор“.[21] Во почетокот на 1836 година, Гогољ ја читал комедијата во домот на поетот Жуковски, каде присуствувал и Пушкин. Впечатокот кај присутните бил блескав; Пушкин за сето време „се превиткувал од смеа“. Останувајќи доследен на својот став дека пиесата мора да биде играна на сцената, Гогољ направил чекори за изведба на „Ревизор“. Меѓутоа, цензурата не дозволила изведување на комедијата и благодарејќи само на заземањето на Жуковски, кој успеал да издејствува читање пред царот, таа била ставена на репертоарот. Приемната изведба „Ревизор“ се одржала на 19 април 1836 година на Александрискиот театар во Петербург, каде што Гогољ неколку години порано сакал да се вработи како глумец. Публиката била шокирана: едни остро го напаѓале авторот, а други, воодушевено го фалеле. Комедијата „Ревизор“ е извонредна карикатура и жестока сатира на руските државни службеници во 1830-тите, во која е исмеан целокупниот бирократски поредок на тогашната Русија.

Корица од првото печатено издание на „Ревизор“

Позначајни дела[уреди | уреди извор]

Влијание[уреди | уреди извор]

Покрај Пушкин, Гогољ е основач на рускиот реализам. Навистина, како творец на реализмот во руската книжевност се смета Пушкин, но како што забележува Чернишевски, сепак, славата на основач на рускиот реализам тој мора да ја дели со Гогољ. Имено, иако Гогољ бил помлад од Пушкин, сепак повеќето негови прозни дела се објавени пред оние на Пушкин.[15] Во секој случај, Гогољ е еден од најголемите руски реалисти, заедно со Лав Николаевич Толстој. Затоа, кај руските писатели и ден-денес е одомаќена изреката: „Сите ние излеговме од под „Шинелот” на Гогољ“, мислејќи на подолгиот расказ „Шинел“. Според Станислав Винавер, Гогољ е „најголемиот мајстор на рускиот јазик што Русија воопшто го дала“.[22]

Гогољ како тема во уметноста и во популарната култура[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]


Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Некои извори велат дека е роден на 20 март/1 април 1809 г.
  2. New Directions Publishing, 1961.
  3. FT.com, „Разговор со Хосе Сарамаго“
  4. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. X-XI.
  5. Раде Силјан, Странски автори и дела, Матица Македонска, Скопје, 2001, стр. 97.
  6. 6,0 6,1 6,2 Вељко Радовић, „Смешне згоде у Потемкиновом селу“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Ревизор. Београд: Рад, 1986, стр. 5.
  7. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XI-XIII.
  8. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XIII-XIX.
  9. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XLIII.
  10. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XLV.
  11. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. LIII-LVIII.
  12. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XIV-XVI.
  13. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XIV-XVIII.
  14. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XV-XVI.
  15. 15,0 15,1 Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. IX.
  16. 16,0 16,1 16,2 Вељко Радовић, „Смешне згоде у Потемкиновом селу“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Ревизор. Београд: Рад, 1986, стр. 6.
  17. Nana Bogdanović, „N. V. Gogolj“, во: N. V. Gogolj, Petrogradske pripovetke. Beograd: Rad, 1964, стр. 129-130.
  18. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XI-XIV.
  19. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXXVIII-XXXIX.
  20. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXXVIII.
  21. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XVIII.
  22. Марија Стојиљковић, „Објашњења“, во: Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970, стр. 437.
  23. Данил Хармс, Случаи. Скопје: Темплум, 2004.