Ќамуран Тахир

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Ќамуран Тахир (Скопје, 16 јануари 1925 – Скопје, 27 февруари 2011)[1] бил македонски комунист, Турчин по националност, учесник во НОВ, повоен новинар и политички деец.

Биографија[уреди | уреди извор]

Роден е во Скопје на 16 јануари 1925 година, но долги години живеел во Велес, каде и завршил основно и средно образование. Како гимназијалец станал член на СКОЈ во 1941 година и бил член на Месниот комитет на СКОЈ во Велес. Бил учесник во НОВ, како борец и заменик политички комесар во Велешкиот партизански одред (од 1942 година). Во 1943 година бил ранет и уапсен, но како малолетен бил ослободен на судењето. Во 1944 година станал член на КПМ. Истата година повторно бил уапсен и осуден на 10 години затвор, но успеал да избега и пак се приклучил во НОБ. Демобилизиран како резервен капетан на ЈНА.

По ослободувањето бил член на Околискиот комитет на КПМ, секретар на Окружниот комитет на СКОЈ и член на Градскиот комитет на КПМ во Велес, инструктор на ЦК на КПМ, уредник на Радио Скопје, дописник на весникот „Комунист“, член на Идеолошката комисија на ЦК на СКМ, народен пратеник и потпретседател на Републичкиот собор на Собранието на СРМ, секретар на Околискиот комитет на СКМ во Велес, член и секретар на Главниот одбор на ССРНМ, член и претседател на комисија на Извршниот одбор на Сојузната конференција на ССРНЈ, потпретседател на Извршните совети на СРМ од 1967 и 1968 година, претседател на Градската конференција на СКМ во Скопје (1970 година), член на ЦК на СКМ, член на Контролната комисија на СКЈ и член на постојаниот дел на Конференцијата на СКЈ. Исто така, бил претседател на Универзитетскиот совет на Универзитетот „Кирил и Методиј“.[2]

За време на политичката пресметка со носителите на либералните тенденции во Хрватска, Србија, Словенија и Македонија, Тахир е еден од оние македонски функционери чии гледишта за поголема демократизација биле оценети како либерални и спротивни на политиката на СКЈ. Меѓу другото, Тахир бил критикуван поради потценување на опасноста од национализмот, фракционерско делување поврзано со поранешниот секретар на Секретаријатот на ЦК на СКМ, Славко Милосавлевски, нелегални кадровски комбинации за сменување на некои одговорни функционери во Скопје и во Републиката, поделба на луѓето на конзервативно–догматски и прогресивни, насочена кон дискредитирање на одреден број луѓе итн. Тахир од принципиелни причини одбил да прифати одговорност за обвинувањата и да поднесе оставка, поради што бил сменет од политичките функции, предвремено пензиониран и исклучен од Сојузот на комунистите.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Последен збор“, „Утрински Весник“, 01.03.2011.
  2. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, стр. 1470.
  3. Невен Радически, „Политички пресметки во СКМ (писмо на Ќамуран Тахир до Јосип Броз Тито од 15. V 1973)“, Гласник ИНИ, Скопје, 2015, бр. 1-2, 223-224 стр.