Настани во мај

Од Википедија — слободната енциклопедија

1 мај


1707  Англија и Шкотска се обединуваат и го формираат Кралството Велика Британија
1834  Британските колонии го укинуваат ропството.
1886  Во Чикаго, САД, избувна штрајк на околу 40.000 работници кои истапија со барањето за осумчасовен работен ден. На Првиот конгрес на Втората интернационала, што се одржа во Париз, во 1889 година беше решено секоја година на 1 мај, во знак на сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации. Од 1890 година 1 мај се слави не само во знак на борбата за осумчасовен работен ден, туку како манифестација на класната солидарност на работничката класа во целиот свет.
2001  Како реакција на Масакрот кај Вејце, во насилни демонстрации во Битола се запалени повеќе од 40 албански куќи, дуќани и фирми.
2004  Естонија, Кипар, Латвија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка станаа членки на Европската Унија.
2019  Нарухито седнал на престолот на Јапонија, отстапен од неговиот татко, Акихито. Со ова е означен почеток на раздобјето Рејва во јапонската историја.


2 мај


1903  Во селото Смилево, Демирхисарско, почнал Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на ТМРО. За претседател на Конгресот бил избран Даме Груев. Мнозинството на Конгресот се изјаснило за кревање востание.
1945  СССР го објавил освојувањето на Берлин во Втората светска војна. Војниците на Црвената армија го развиориле црвеното знаме над Рајхстагот.
1949  Во Струмица е формиран Народниот театар „Антон Панов“. Во театарот била изведена првата претстава, „Бегалка“ од македонскиот писател Васил Иљоски.
1952  Првиот патнички авион на млазен погон „Де Хавиленд Комет-1“ го направил првиот лет на линијата Лондон-Јоханесбург.
1982  Една британска подморница го потопила аргентинскиот брод „General Belgrano“, при што загинале над 350 луѓе.
1994  Африканскиот национален конгрес на Нелсон Мандела победил на првите слободни парламентарни избори во Јужна Африка.
1999  Во текот на бомбардирањето на СР Југославија, авијацијата на НАТО употребила „графитни бомби“, предизвикувајќи распад на електроенергетскиот систем на земјата.
2007  Еден од учесниците на релито „Гамбол 3000“, Николас Морли, возејќи со недозволена брзина во близина на Струга, удрил во друго возило при што загинале двете лица во другото возило, брачниот пар Чепујновски од Струга. Релито било прекинато, а Морли осуден.
2008  Циклонот „Наргис“ го зафатил Мјанмар и предизвикал катастрофално уништување и поплави, при што загинале над 100.000 луѓе.
2012  Јанош Адер е избран за претседател на Унгарија.


3 мај


1500  Португалскиот мореполовец Педро Алварес Кабрал го открил Бразил и го прогласил за имот на Португалија.
1791  Донесен е т.н. Устав од 3 мај, а подоцна истиот ден бил усвоен од Сејмот на Полско-литванската Државна Заедница. Овој устав бил втор во Европа и трет во светот (прв устав претставува уставот на Сан Марино, а втор е американскиот устав од 1787 година).
1814  Францускиот крал Луј XVIII се вратил во Париз по поразот на Наполеон во Битката кај Ватерло.
1841  Нов Зеланд бил прогласен за британска колонија со потпишувањето на Договорот од Ваитанги помеѓу британската круна и маорските племиња претходната година.
1922  Во Париз е основан Меѓународниот железнички сојуз.
1945  Народната влада на Демократска Федеративна Македонија, по предлог на Комисијата за јазик и правопис при Министерството за просвета донела решение за утврдување на македонската азбука. Азбуката првпат била отпечатена во весникот „Нова Македонија“ број 104, на 4 мај 1945 година.
1946  Во Токио започнало заседанието на Меѓународниот суд за Далечниот Исток на којшто им се судело на јапонските воени злосторници во текот на Втората светска војна.
1979  Со убедлива победа на конзервативците на британските парламентарни избори, Маргарет Тачер станала прва жена премиер во британската историја.


4 мај


1494  Кристофер Колумбо пристига на Јамајка
1814  Наполеон Бонапарт пристига на островот Елба, каде што е протеран по својот пораз
1886  Во Чикаго се случуваат Хејмаркетските немири поврзани со штрајкот од Први мај
1904  САД ја започнале изградбата на Панамскиот Канал.
1953  Ернест Хемингвеј е награден со Пулицеровата награда за „Старецот и морето“.
1979  Маргарет Тачер станува првата жена премиер на Британија
1993  Управата за ПТТ на Република Македонија е примена во членството на Меѓународниот сојуз за телекомуникации - организација на ООН во областа на телекомуникациите со седиште во Женева.


5 мај


553  Јустинијан I го свикал Петтиот вселенски собор во Цариград.
1494  Кристофер Колумбо го открил островот Јамајка.
1891  Петар Илич Чајковски диригирал на отворањето на концертната сала „Карнеги Хол“ во Њујорк.
1936  Војската на фашистичка Италија под команда на генералот Пјетро Бадољо го окупирале главниот град на Етиопија, Адис Абеба.
1961  Во Флорида, САД од лансирната рампа на Кејп Канаверал, Алан Шепард со вселенски брод е лансиран како прв американски космонаут во вселената.
1993  Република Турција и Република Македонија воспоставиле дипломатски односи на ниво на амбасади.


6 мај


1682  Луј XIV го преселил својот двор од Лувр во новиот замок Версај.
1889  Во Париз официјално е отворена Ајфеловата кула во рамките на Универзалната изложба од 1889. Конструктор на кулата е инженерот Густав Ајфел. Кулата е поставена во парискиот парк Шан де Марс и е висока 320 метри.
1937  Цепелинот „Хинденбургсе запалил и изгорел при слетувањето во близина на Њујорк при што загинале 36 луѓе. Оваа несреќа го означила крајот на цепелинот како редовно воздушно превозно средство.
1991  Во Сплит е убиен Сашко Гешовски, прва македонска жртва во конфликтот во поранешна СФРЈ. Тој ден Гешовски бил на должност стражар во командата на воено-поморската област во Сплит каде на протести излегле околу 30.000 демонстранти.
1994  Во Мексико на Генералното собрание на Светската организација за нумерирање на артиклите (ЕАН), како редовен член е примена и македонската организација ЕАН-МАК.
1994  Кралицата Елизабета II и претседателот Франсоа Митеран свечено го отвориле тунелот под Ламнанш, железничка врска помеѓу Обединетото Кралство и Франција.
2007  Претседателски избори во Франција: Николас Саркози е избран за претседател на Франција.


7 мај


1755  На иницијатива на големиот руски научник Михаил Василевич Ломоносов е отворен Московскиот универзитет (грб на сликата), кој првобитно имал само филозофски, правен и медицински факултет. Универзитетот набргу станал центар на руската наука.
1838  Луј Дагер, француски сликар го откри методот на механичко сликање, односно го пронајде овој вид на фотографија.
1929  За првпат е доделена наградата „Оскар“, што секоја година ја доделува Академијата за филмска уметност и наука во Холивуд, САД, за најдобар американски филм, за најдобра машка и женска улога, за режија, сценарио и друго.
1939  Втора светска војна: Германија и Италија склучија пакт, познат како „Оска Берлин-Рим“.
1993  Со одлука на Владата на Република Македонија од 20 април 1993 година, 7 мај е востановен како Ден на македонската полиција, а по повод истиот ден во 1903 година, кога на Смилевскиот конгрес на ТМОРО е извршена реорганизација на власта и безбедноста.
1999  Бомбардирана кинеската амбасада во Белград, во текот на воздушната поход на НАТО против СР Југославија. Во инцидентот загинаа тројца кинески дипломати, а настанот предизвика гнев кај раководството на НР Кина. Официјалниот став на НАТО алијансата беше дека се работи за грешка.
2012  Владимир Путин по вторпат станува претседател на Русија.


8 мај


1886  Фармацевтот Џон Стит Пембертон го изумил газираниот пијалак подоцна наречен „Кока-Кола“.
1898  Одиграни се првите натпревари од Италијанската фудбалска лига, започната од англиски доселеници
1902  На Мартиник избувнал вулканот Монт Пеле и го уништил градот Сен Пјер, убивајќи над 30.000 луѓе. Само неколку жители преживеале.
1921  Во Шведска е укината смртната казна.
1945  Втора светска војна: Нацистичка Германија капитулира.
1992  Република Филипини ја призна Република Македонија.
1995  Република Македонија и Република Сингапур воспоставиле дипломатски односи.


9 мај


1926  Американците Ричард Брет и Флојд Бенет први го прелетаа со авион Северниот Пол, што беше голем подвиг на младата недоволно сигурна авијација.
1945  Во Берлин, нацистичка Германија го ратификува актот за безусловна капитулација, потпишан во Ремс, Франција, на 7.05.1945 година. Победата на антихитлеровската коалиција се одбележува на 9 мај како Ден на победата над фашизмот.
1947  Во Скопје, во Македонскиот народен театар е прикажана првата оперска претстава на македонски јазик — „Кавалерија рустикана“ (или „Селска чест“ како што било запишано на првиот плакат) од италијанскиот композитор Пјетро Маскањи.
1978  Во Рим, во автомобил, е пронајдено телото на поранешниот италијански премиер Алдо Моро.


10 мај


1497  Италијанскиот морепловец Америго Веспучи тргна на првото патување во Новиот Свет. Во текот на патувањето, вплови до бреговите на Хондурас и на Бразил и откри нов континент меѓу Европа и Азија, наречен по него Америка.
1503  Морепловецот Кристофер Колумбо прв ги забележува Кајманските Острови
1877  Романија прогласува независност од Отоманското Царство
1989  Алпинистите Димитар Илиевски (35) од Битола, Виктор Грошељ (36) од Љубљана и Стипе Божиќ (37) од Сплит го освоија највисокиот врв на светот, Монт Еверест. Притоа загина Димитар Илиевски.


11 мај


1867  Со Лондонскиот договор потврдена е независноста и неутралноста на Луксембург.
1946  Во Милано со концертот на кој диригираше Артуро Тосканини, повторно е отворена миланската Скала. Изградена е во 1778 г. од Џузепе Пермарини и собира 3.000 гледачи. Во неа настапуваа славните италијански уметници: Енрико Карузо, Тито Руфо, Амелита Гали - Курчи и други. Името го добила според црквата Санта Марија Скала, која се наоѓаше на местото каде што е изградена оваа оперска зграда, која повеќепати е обновувана.
1973  Долниот дом на Парламентот на Сојузна Република Германија ја потврди спогодбата за воспоставување на односи меѓу двете Германии. Со тоа е заклучен долгогодишниот период на отворено непријателство и непризнавање на Демократска Република Германија како суверена држава.
2010  Дејвид Камерон станува Премиер на Обединетото Кралство со победата на Конзервативците на парламентарните избори.


12 мај


1993  Република Македонија воспостави дипломатски односи со Република Босна и Херцеговина.
1993  Швајцарија ја призна Република Македонија.
1994  Со руско посредство, склучено е примирје со што е прекината ерменско - азербејџанската Војна во Нагорно-Карабах.
2004  Бранко Црвенковски ја презема должноста Претседател на Република Македонија.
2008  Катастрофален земјотрес од 7,9 степени по Рихтер во централна Кина однесе над 22.000 животи.
2014  Ѓорге Иванов стапува во вториот мандат како Претседател на Република Македонија.


13 мај


1871  Во Италија е донесен закон со кој на Светата Столица ѝ се дозволува да има седиште во Ватикан.
1901  Македонскиот драматург Војдан Чернодрински ја основа првата македонска театарска група „Скрб и утеха“.
1961  Преку ТВ Белград е емитувана првата телевизиска емисија од Студио Скопје, наречена „Балкански концерт“ која ја изведоа првенците на Балетот при македонскиот народен театар, Елпида Пакоска и Јован Пашти.
1981  Атентат врз папата Јован Павле II во Рим. Папата го преживеа атентатот.
1990  Крвава пресметка меѓу навивачите на загребски Динамо и белградска Црвена Звезда на стадионот Максимир во Загреб.
2001  Формирана е Владата на широката коалиција, во која учествуваат најзначајните политички субјекти ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ПДП со премиер Љубчо Георгиевски.


14 мај


1643  Четиригодишниот Луј XIV станува крал на Франција по смртта на татко му, Луј XIII. Мајка му Ана Австриска станува регент до неговото полнолетство.
1948  Прогласена е независната држава Израел. Арапските соседи веднаш ја напаѓаат, со што започнува Војната за независност.
1955  Седум комунистички земји и СССР потпишуваат договор за меѓусебна одбрана познат како Варшавски договор.
1999  Во текот на бомбардирањето на СР Југославија, авиони на НАТО погодија колона со бегалци на Косово. Загинаа 87 лица.
2017  Емануел Макрон станува претседател на Франција, победувајќи ја Марин Ле Пен на изборите една недела пред тоа.


15 мај


1848  Во Париз, работниците го распуштиле уставотворното собрание и формирале револуционерна влада.
1926  Во Загреб проработи првата среднобранова радиостаница на Балканот.
1943  Во Москва, по иницијатива на Сталин, била распуштена Комунистичката интернационала (Коминтерната).
1945  Во Југославија завршиле вооружените дејства во Втората светска војна.
1957  Велика Британија ја изврши првата термојадрена проба во централниот Тихи Океан.
1988  По осум години војна, Советската армија го започна своето повлекување од Авганистан.
1992  Во Перт, Австралија, отворен е првиот Македонски информативен центар надвор од границите на Република Македонија.
1992  Бил нападнат воен конвој на ЈНА во Тузла, Босна и Херцеговина при што биле убиени 49 војници.
1995  Кај селото Богомила, велешко, е предадена во употреба првата електроцентрала на реката Бабуна.
2012  Франсоа Оланд станува претседател на Франција.
2013  Челси ја освои Лига Европа


16 мај


1795  Филип Пинел, француски природонаучник и лекар за душевни болести, во париската болница „Салпетриер“, отвори прво одделение за душевни болести.
1943  Германските нацисти го задушија востанието, кое на 19 април 1943 година почна во Варшавското гето, едно од најголемите што за Евреите го изгради хитлеровата власт по окупацијата на Полска. Од 70.000 жители во гетото загинаа 13.000. Се спасија само околу 80-тина жители.
1974  Собранието на СФРЈ го прогласи Јосип Броз Тито за доживотен претседател на државата.
2007  Николас Саркози ја презеде претседателската функција во Франција.


17 мај


1973  Специјалниот сенаторски комитет во САД, ја започна истрагата за аферата „Вотергејт“, во која беше вмешан и тогашниот американски претседател, Ричард Никсон.
1994  Во Малави се одржуваат првите повеќепартиски избори.
1994  Во Скопје е отворен првиот Меѓународен саем на книги и либрографика.


18 мај


1925  Извршен е масакр во пиринското село Дабница врз месното население од страна на месните чети на ВМРО на Ванчо Михајлов.
1954  Стапи во сила Европската конвенција за човекови права.
1974  Индија изврши прва јадрена проба во пустината во Раџастан, со што стана шеста држава која изврши јадрен тест.
1977  Во Москва за време на Дванаесеттото генерално собрание на ИКОМ, 18 мај е прогласен за Меѓународен ден на музеите.
1980  Стотици илјади луѓе ја презедоа контролата над јужнокорејскиот град Квангџу, по немирите во кои единиците на воената хунта убија најмалку двесте продемократски демонстранти.


19 мај


1906  Официјално е отворен тунелот „Симплон“ под Алпите меѓу Италија и Швајцарија, долг 19,77 километри.
1990  Во Велес е формирано Движењето на екологистите на Македонија (ДЕМ) кое во 1993 година е примено во најпознатите европски и светски асоцијации.


20 мај


1836  Основани првите професионални противпожарни служби во Македонија. Овој ден се празнува како Ден на пожарникарството во Македонија.
1875  Во Париз се одржала дипломатска конференција за метарот, на која е основано Меѓународното биро за тегови и мерки. Со тоа започнало средувањето на безредието во областа на мерните единици на одделни физички големини.
1876  Во селото Разловци во Источна Македонија избувна Разловечкото востание на македонскиот народ против османлиската војска. И покрај неуспехот на востанието, тоа имаше големо значење за будењето на националната свест и за народноослободителната борба на македонскиот народ.
1926  Со мирот во Џеда потпишан со кралот Ибн Сауд, Велика Британија ја призна независноста на Саудиска Арабија.
1990  Во Романија на првите слободни избори по 45 години победи партијата Фронт за национален спас.
2023  Јаков Милатовиќ стапува на функцијата претседател на Црна Гора.


21 мај


996  Шеснаесетгодишниот Отон III е прогласен за Свет римски цар.
1871  Француската војска ги нападнала бунтовниците на Париската комуна и ги совладала по еднонеделни улични борби во Париз. Околу 30.000 комунари биле убиени.
1881  Основан е Американскиот Црвен крст од страна на Клара Бартон.
1904  Во Париз, основана е меѓународната фудбалска асоцијација ФИФА.
1927  Американскиот пилот Чарлс Линдберг летна со авион преку Атлантикот на пат долг 5.850 километри. По 33 часа и 29 минути, Линдберг слета во Париз и стана херој, за кого со голема возбуда зборуваше целиот свет.
1932  Прво прелетување на Атлантикот од страна на жена. (Амелија Ерхарт, која поради лошо време слетала во Ирска)
1945  Венчавка на американските глумци Хемфри Богарт и Лорен Бекол.
1956  Американците ја пуштиле нивната прва водородна бомба во Тихиот Океан.
1992  Владата на Република Македонија донесе одлука за формирање на Македонско прес-биро.
2003  Катастрофален земјотрес го погодува северен Алжир, убивајќи повеќе од 2,000 лица.
2006  На референдум во Црна Гора граѓаните се изјаснуваат за независност од сојузната држава Србија и Црна Гора.



22 мај


1819  Парниот брод „Савана“, изграден во Џорџија, САД, пристигна во Ливерпул, во Велика Британија. Ова е првиот пароброд кој за само 25 дена го препловил Атлантикот.
1918  Германските воени авиони го бомбардираа Париз. Во историјата, тоа беше прво авионско бомбардирање на еден град.
1947  Хари Труман потпишал акт со кој на Грција и се дава воена и економска помош за борбата против комунизмот. Оваа помош овозможила пресврт во Граѓанската војна во Грција, и како резултат на тоа — Егзодусот на Македонците.
1967  Повеќе од 320 луѓе загинале во стоковната куќа „Иновасион“ во Брисел.
1972  Претседателот на САД, Ричард Никсон го посетил Советскиот Сојуз. Тоа било првата посета на американски претседател на СССР.
1972  Цејлон го доби називот Шри Ланка. Овој ден се прославува како национален празник на Шри Ланка.
2004  Во Мадрид, шпанскиот престолонаследник, принцот од Астурија, Фелипе Бурбонски, се венчал со поранешната телевизиска водителка Летисија Ортис. Тоа било првото кралско венчавање на територијата на Шпанија по пауза од 98 години.
2012  Отворена за јавноста радиодифузната кула „Токиско небесно дрво“, втората највисока градба во светот.


23 мај


1514  Во Унгарија почна селанската буна под водство на благородникот Ѓерѓ Дож. Унгарските селани кои бараа враќање на „старите права“, по четиримесечни борби зазедоа поголем дел од територијата. Војската на Дож беше разбиена кај Темишвар, а загинаа околу 70.000 востаници. Ѓерѓ Дож беше свирепо убиен.
1805  Наполеон Бонапарт крунусан за цар на Италија во Миланската катедрала
1877  Романија прогласува независност од Османлиското Царство
1905  Со ираде - указ на турскиот султан Абдул Хамид II, Власите се признати како посебен народ во Отоманското Царство. Организациите на Власите на Балканот го слават овој ден како Национален ден на Власите.
1945  Главниот заповедник на Шуцштафел, Хајнрих Химлер се самоубива
1949  Создадена е Западна Германија
1962  Властите во Израел соопштија дека е уапсен поранешниот нацист, Адолф Ајхман, на кој ќе му се суди како на воен злосторник.
1988  Мишел Платини се повлекува од фудбалот
1992 
1994  Во Струга, во организација на Сојузот на студентите на Република Македонија, почна Првата македонска универзијада.
1995  Република Македонија и Украина воспоставиле дипломатски односи.
1995  Сан Мајкросистемс (Sun Microsystems) го претстави програмскиот јазик Јава.


24 мај


1218  Магнус III станува крал на Шведска.
1832  Грција станува кралство.
1833  Во Њујорк официјално е пуштен во употреба Бруклинскиот мост.
1881  Османлиското Царство ѝ ги предоставува Тесалија и Арта на Грција .
1915  Прва светска војна: Италија ѝ објавува војна на Австроунгарија.
1928  Александар Флеминг го пронашол пеницилинот — прв антибиотик делотворен против многу болести.
1940  Јосиф Бродски, руски поет, добитник на Нобеловата награда за литература.
1954  Во Скопје, на сцената на скопската опера е изведена првата македонска национална опера „Гоце“ од композиторот Кирил Македонски.
1961  Кипар станува член на Советот на Европа.
1994  Во стампедо на муслиманските аџии во Мека, во Саудиска Арабија загинаа 270 лица.
1996  Во Штип е поставен камен-темелникот на црквата „Свети Кирил и Методиј“.
2000  Израел ја прекинува 29-годишната окупација на јужен Либан.
2002  Русија и САД го потпишуваат Московскиот договор познат како СОРТ.
2016  Бинали Јилдирим назначен за Премиер на Турција.


25 мај


1810  Во Рио де ла Плата (сегашна Аргентина) започна бунт против шпанскиот колонијален режим и власта ја презеде привремена влада. Овој ден се прославува како Ден на независноста на Аргентина, иако таа формално е прогласена во јули 1816 година.
1850  Во лондонската зоолошка градина пристигна Обајш, првиот нилски коњ донесен во Европа.
1895  Британскиот писател Оскар Вајлд е осуден на две години затвор поради хомосексуалност.
1911  Претседателот на Мексико, Порфирио Дејас поднесе оставка на функцијата по победата на револуционерните сили над владините трупи во граѓанската војна во државата.
1946  Парламентот на Трансјорданија го прогласува емирот Абдула I за крал.
1958  Во Гостивар почна со редовно производство фабриката за производство на огноотпорни материјали „Силика“.
1963  Во Адис Абеба заврши Самитот на африканските држави, на кој учесниците потпишаа Договор за создавање Организација на африканско единство.
1967  Селтик“ го освоил Купот на европските шампиони во фудбал, победувајќи го во финалето „Интер“ од Милано.
1977  Ливерпул“ го освоил Купот на европските шампиони во фудбал.
1979  Се случи најтешката несреќа во историјата на американското воздухопловство. Веднаш при летнувањето од чикашкиот аеродром се урна авионот „ДЦ-10“ на „Американ ерлајн“, при што загинаа 272 патници и членови на екипажот.
1985  Во Бангладеш, од тропски циклон загинуваат околу 100.000 жители
1985  Српската академија на науките и уметностите одлучува да создаде меморандум за политичката, економската, и културната положба на српскиот народ во СФРЈ.
1988  ПСВ Ајндховен“ го освоил Купот на европските шампиони во фудбал.
1997  Кинотеката на Македонија е примена за рамноправен член на Меѓународната асоцијација на филмските архиви.
2002  Авионаска несреќа на кинески авион во Тајван. Загинуваат 225 патници.
2002  Никола Груевски станува претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
2005  Ливерпул“ победил во Лигата на шампионите во фудбал, победувајќи го во финалето тимот на „Милан“.
2013  Тимот на Баерн Минхен ја освоил Лигата на шампионите.


26 мај


1882  Германскиот бактериолог Роберт Кох (1843-1910) на собирот на берлинските лекари соопшти дека го открил бацилот што ја предизвикува туберкулозата и оти пронашол лек за оваа болест — тубекулинот. Кох го откри и причинителот на колерата од која во минатите столетија умираа десетици илјади луѓе во светот. За овој труд во 1905 година ја доби Нобеловата награда за медицина.
1972  Во Москва е потпишан договор меѓу САД и Советскиот Сојуз за ограничување на стратегиското јадрено вооружување.
1994  Весникот на албански јазикФлака е влазеримит“ почна да излегува како дневен весник.


27 мај


1703  Рускиот цар Петар Велики, на утоката на реката Нева, во Балтикот, основа град, кој според него е наречен Санкт Петербург (до 1914 г.), Петроград (до 1924 г.), Ленинград (до 1992 г.), а потоа повторно Санкт Петербург. Од 1712 до 1918 г. градот бил престолнина на Царска Русија.
1957  Пуштен е во погон првиот агрегат на ХЕЦ „Вруток“.
1996  Република Македонија и Обединетите Арапски Емирати воспоставиле дипломатски односи на ниво на амбасадори.


28 мај


1937  Невил Чемберлен станал премиер на Велика Британија. Бил решителен носител на англиската и на европската политика за смирување.
1971  Советскиот Сојуз во правец на Марс ја лансира автоматската вселенска сонда „Марс-3“, со тежина од пет тони.
1993  Република Македонија примена во членството на Меѓународната организација на трудот со седиште во Женева.
1994  Во Битола е отворено Првото меѓународно графичко триенале.


29 мај


1453  Турскиот султан Мехмед II успева по скоро двомесечна опсада да го освои Цариград, по што градот претрпел уште едно пљачкосување и разурнување.
1953  Едмунд Хилари и шерпасот Тенцинг Норгај први во историјата на човештвото се искачија на највисокиот врв на земјата, „покривот на светот“ Монт Еверест, висок 8.848 метри.
1996  Република Македонија во Хелсинки и формално пристапи кон Завршниот документ на Конференцијата за европска безбедност и соработка.
1996  Во Будимпешта, Република Македонија е примена за рамноправна членка на Европската конференција за транспорт (ЦЕМТ).


30 мај


1498  Кристофер Колумбо, шпански морепловец со Италијанско потекло, со шест бродови испловил од шпанското пристаниште Санлукар на третото патување во Новиот Свет, при што ги открил Тринидад и брегот на Јужна Америка.
1969  Гибралтар добил статус на британски доминион со внатрешна самоуправа.
1973  Западна Германија и Чехословачка потпишале Договор за нормализација на односите, ставајќи крај на 32-годишните несогласувања меѓу двете земји.
1981  Во Бангладеш, во обидот за државен удар, бил убиен претседателот Ајаур Рахман.
1998  Во земјотресот, што ја зафатил северната авганистанска покраина Тахар, загинале најмалку три илјади лица.


31 мај


1942  Чехословачките патриоти го убија водачот на Гестапо, Рајнхард Хајдрих, еден од најсуровите нацистички злосторници, организатор на најмасовните масакри врз Полјаците, Евреите и Русите. Во знак на одмазда, нацистите го уништија селото Лидице и ги убија нивните жители.
1961  Јужна Африка се прогласи за република, за претседател на ЈАР е избран Чарлс Робертс Сварт, а државата го напушти Британскиот комонвелт.
1962  Во Израел е извршена смртна казна со бесење врз нацистичкиот злосторник Адолф Ајхман, еден од главните извршители на Хитлеровото „конечно решение“ на еврејското прашање во Европа. Во судскиот процес е утврдено дека Ајхман е виновен за смртта на шест милиони луѓе.
1991  Во Лисабон е потпишан мировен Договор за Ангола, според кој, по околу 16 години заврши граѓанската војна во таа африканска земја.