Димитар Илиевски - Мурато

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Димитар Илиевски)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Димитар Илиевски-Мурато.jpg
Роден 29 септември 1953
Битола
Починал 10 мај 1989(1989-05-10) (воз. 35 г.)
Монт Еверест, Непал

Димитар Илиевски - Мурато (29 септември 1953, Битола - 10 мај 1989, Непал) — македонски алпинист, познат како првиот Македонец што ја има освоено највисоката планина во светот — Монт Еверест. Се искачил на 10 мај 1989, по што не успеал да се врати во базниот логор и официјално се води како изчезнат.

Димитар Илиевски е еден од најголемите алпинисти во историјата на македонскиот алпинизам и спортот воопшто. Се одликувал со фрапантна љубов кон планините и непоколеблива амбиција за соочување со најтешките предизвици. Во својата богата алпинистичка кариера се има искачено на повеќе планински врвови.

Во негова чест на Пелистер подигнато е спомен-обележје. Посмртно ја има добиено наградата Медал за заслуги за Македонија.

Освојување на Монт Еверест[уреди | уреди извор]

На 10 мај 1989 година Димитар Илиевски - Мурато како член на македонската алпинистичка хималајска експедиција „Еверест ’89“ се искачи на највисокиот врв на светот Монт Еверест на Хималаите, за прв пат развиорувајки го југословенското знаме. Искачувањето е направено од непалската страна преку ледоломот Кумбу во стил кој стана класичен и прифатен од сите експедиции кои го качуваат врвот од оваа страна. Базниот логор се поставува на морените под ледоломот на височина од 5370 до 5500 метри. Патот кон врвот се протега низ ледоломот Кумбу, потоа долината на тишината, падината под врвот Лоце и јужното седло, а вдолж него се поставуваат четири висински логори. Првиот висински логор е на височина од околу 6100 м, вториот е под Лоце на височина од 6200 м, третиот на самата Лоце на 7300 м и последниот на Јужното седло на околу 8000 м. Заедно со Диме на врвот во истиот ден се искачија и словенечкиот алпинист Виктор Грошељ, хрватскиот алпинист Стипе Божиќ и шерпасите Сонам и Аџива. Во четвртиот висински логор се наоѓал македонскиот алпинист Борче Јовчевски кој имал задача да биде логистичка поткрепа за јуришната екипа. Искачувањето до врвот траело околу 15 часа во услови на длабок снег. На врвот Диме и Стипе се задржале околу еден час. На симнување од врвот Диме останал најверојатно на височина од 8200 метри. Причината за неговата смрт не е разјаснета до денес бидејќи за целото време на искачувањето и симнувањето бил во одлична состојба често пати пртејки патека во снегот и пред шерпасите. Се претпоставува дека застанувајќи за кратко на 8200 метри за да го почека Стипе, кој бил зад него и имал проблеми со светилката, Диме заспал.

Димитар Илиевски е првиот Македонец кој се има искачено на Монт Еверест и за долго време бил единствениот Македонец кој се има искачено на врв повисок од 8000 метри. Есента 2005 година во организација на комитетот на експедицијата и Македонската алпинистичка асоцијација, под базниот камп на Еверест е изграден споменик во чест на Димитар Илиевски.

Водач на Македонската алпинистичка експедиција на Монт Еверест беше Јован Попоски.

Други алпинистички успеси[уреди | уреди извор]

Покрај искачувањето на Монт Еверест во 1989 година, Диме се има искачено на голем број врвови во Македонија, на Балканот, во Алпите. Меѓу другото се има искачено на Монблан и поголем број врвови со алпинистички приоди во масивот на Монблан, потоа Матерхорн , Монте Роза, Грос Глокнер, Мармолада и значителен број врвови на Доломитите. Во 1982 година се искачи на Хуаскаран и тоа и на северниот и на Јужниот врв, како и на Хопикалки . Во 1984 се искачил на Врвот на Комунизмот во Памир. Во 1986 година во состав на Македонската алпинистичка хималајска експедиција на Манаслу стигна до 7500 метри каде што остана неколку дена во очекување добро време за јуриш кон врвот.

Покрај големиот број тешки алпинистички искачувања во Алпите, тој е автор е на голем број првенствени насоки на Матка, Солунска Глава, Демир Капија, карпите околу Прилеп, на Пелистер, на Проклетие, на Вихрен и уште многу други планински масиви.

Напори за враќање на телото[уреди | уреди извор]

Споменик на Мурато на Пелистер

Во 1998 година се организираше алпинистичка експедиција во организација на Македонската алпинистичка асоцијација и Македонскиот олимписки комитет со цел да се симне телото на Диме од планината и согласно со непалските закони телото со свечена церемонија да биде запалено под базниот логор, и урната со пепелта да се донесе во Македонија и да се постави во музеј соба направена за овој македонски великан. Македонската експедиција требаше да делува како составен дел од Интернационалната експедиција за чистење на Монт Еверест која имаше за цел чистење на планината и симнување на телата на загинатите алпинисти. Експедицијата не се реализира заради настанати административни пречки со непалската влада пред самиот нејзин почеток. Но, идејата за симнување на телото на Диме не е напуштена, бидејќи се смета дека е позната точната локација на неговото тело.

Награди и одликувања[уреди | уреди извор]

За своите достигнувања, Диме Илиевски е одликуван со голем број награди и признанија меѓу кои и наградата „11 Октомври“ како и наградата Cпортист на годината за 1989 година. Од страна на Македонскиот олимписки комитет Диме е прогласен за „Великан на спортот“.

Во февруари 2008, заедно со Глигор Делев, вториот Македонец што се искачи на Мт. Еверест, Димитар Илиевски е посмртно одликуван од тогашниот претседателот Бранко Црвенковски со Медал за заслуги за Македонија.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]