Хималаи
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Хималаи | |
---|---|
Северната страна на Монт Еверест гледана од Тибет. | |
Највисока точка | |
Врв | Монт Еверест (Непал и Кина) |
Надм. височина | 8848 м |
Координати | 27°59′17″N 86°55′31″E / 27.98806° СГШ; 86.92528° ИГД |
Географија | |
Земји |
Хималаи (санскрит: हिमालयः, „дом на снеговите“, хинди: हिमालय, непалски: हिमालय, кинески: 喜馬拉雅山脈) — планински венец во јужна Азија. Хималаите се највисокиот планински масив на Земјата, а се наоѓа помеѓу Индо-Гангеската низина на југ и висорамнината Тибет на север. Името „Хималаи“ на санскритски значи „земја на изобилие од снег“. Хималаите го делат полуостровот Индостан (Бутан, Непал, Индија на југ и Пакистан на запад) од Тибетската Висорамнина (Кина) на север. Хималајскиот масив е формиран со доближувањето на Индоавстралиската литосферска плоча со Евроазиската. Хималаите се протегаат од запад (од врвот Нанга Парбат во сојузната држава Џаму и Кашмир, Индија) кон исток (до Намџагбарва на индиско-кинеската граница), во должина од 2.570 км, со просечна широчина од 250-300 км.
Хималаите се помеѓу најмладите планиски системи на Земјата и се состојат главно од издигнати седиментни и метаморфни скали. Според современата теорија за тектоника на плочите, нивното формирање е резултат од континентална колизија по приближувачката граница помеѓу Индиската и Евроазиската плоча. Колизијата започнува во периодот на горна креда, пред околу 70 милиони години, кога Индиската плоча, придвижувајќи се на север со околу 15 см годишно, се судира со Евроазиската. Пред околу 50 милиони години Индиската и Австралиската плоча целосно го затвораат океанот Тетида. И во нашево време Индиската плоча продолжува да се придвижува хоризонтално со околу 67 мм годишно, подвлекувајќи се под Тибетската Висорамнина со што го издига угоре. Околу 20 мм годишно од индиско- азиската конвергенција се навлекува по јужниот фронт на Хималаите, а што води до нивно издигање за околу 5 мм годишно и ги прави геолошки мошне активни. Движењето на Индиската плоча на север го прави регионот сеизмички мошне активен.
Хималаите се состојат од три паралелни била кои стрмно се спуштаат кон Индогашнката Низина. Најсеверниот појас (Високи Хималаи) ги опфаќа највисоките делови на масивот; десетина врвови (претежно во Непал) преминуваат 8.000 м, а највисок е Монт Еверест (8.848 м.). Средишниот планински појас (Ниски Хималаи), со просечна висина од 4.000 м., е највисок во Непал (до 6.000 м.). Најјужниот појас, со просечна висина од 900 до 1.200 м, прави премин кон Индоганшката Низина. 00 Многуте ледници- околу 15.000 (со приближно 12.000 км кубни вода), се наоѓаат претежно во централниот дел, особено на подрачјето на Монт Еверест и Канченјунга. Долгиот 70 км ледник Сијачен, расположен на границата помеѓу Индија и Пакистан, е втор по должина ледник на светот надвор од поларните области.
Речиси сите поголеми реки извираат во северниот дел на Хималаите. Западните го формираат Индискиот басен, во кој најголема е Инд. Таа започнува во Тибет и тече на југозапад низ Индија и Пакистан до Арапското Море. Главни реки во системот на Инд се Џелам, Ченаб, Рави, Бијас и Сатлеџ. Речната мрежа е подобро развиена на јужните падини. Повеќето од останатите се од басенот Ганг- Брампутра. Ганг тече во рамнините на југ од Хималаите, а Брамапутра извира во Тибет, тече на исток, ги пресекува Хималаите и на запад се влева во Бенгалскиот Залив, формирајќи делта со Ганг. Реката Иравади извира од источната страна на Тибет и тече на југ низ Мјанмар до Андаманското Море. Реките до висина од 1.000 м се покриени со тропска шума која минува во суптропска, а од 2.000 м во лисна шума со умерена клима. Северните падини на Високи Хималаи се покриени со сиромашна вегетација. Во Хималаите има и стотици езера, повеќето на надморска висина под 5.000 м. Најголемо е Пангонг Цо, на границата помеѓу Индија и Кина- околу 700 км кв.
Хималаите се климатска преграда помеѓу тропско- монсунската клима на Индија и континенталната пустинско- степска на средна Азија. Просечната јануарска температура на јужните падини, во висина од 2.000 м, е 6,5, а јулската 18, 5 степени Целзиусови. Над 4.500 м температурата во летните месеци е под 0. Годишното количество на врнежи изнесува на јужните падини, особено во источниот дел, 3.500-4.500 мм. Северните падини примаат многу малку врнежи.
Малубројното население е концентрирано на аглите во долинските проширувања на јужниот дел од Хималаите и на високите тераси, а се занимава со сточарство и земјоделство. За ограничен промет служат претежно патеки. Просечната висина на планинските превои е 4.500-5.500 м. Важни сообраќајници: патот кој го поврзува Катманду со долината на Ганг (Багалпур) на југ и со долината на горниот тек на Брамапутра (Шигатсе) на север, патот од Силигури преку Сикима до Ласе, и патот во западните Хималаи кој води од јужниот дел на индиската сојузна држава Џаму и Кашмир во долината на горниот тек на Инд.
Освојувања
[уреди | уреди извор]Првите искачувања на највисоките врвови на Високите Хималаи се извршени во 50-тите години на 20. век: во 1950. на Анапурна (8.091 м, прв освоен врв над 8.008 м.), во 1953. на Монт Еверест (8.848м ), во 1955. на врвовите Канченјунга I (8.598 м) и Макалу II (8.481 м), а во 1956. на Лотсе I (8.511 м).
Македонски освојувачи
[уреди | уреди извор]Првото македонско освојување на највисоката планина на Хималаите го направил Димитар Илиевски - Мурато (1953 - 1989) во 1989 г. Илиевски не успеал да се врати во базниот логор и официјално се води како исчезнат.
Хималаите како тема во уметноста
[уреди | уреди извор]- „Од неостварениот поход на Хималаите“ - песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 185-186.
|