Прејди на содржината

Памир

Од Википедија — слободната енциклопедија

39°N 72°E / 39°N 72°E / 39; 72

Памир
Планински венец
Поглед на Памир од птичја перспектива
Земји Таџикистан, Киргистан, Авганистан, Пакистан, Кина
Региони Горнобадахшанска АО, Вахан, Хајбер Пахтунхва, Гилгит–Балтистан, Синѓанг
Највисока точка Конгур
 - височина 7.495 м
 - координати 38°55′N 72°01′E / 38.917°N 72.017°E / 38.917; 72.017
Масивот Памир во рамките на Авганистан, Гилгит-Балтистан, Кина, Киргистан и Таџикистан
Масивот Памир во рамките на Авганистан, Гилгит-Балтистан, Кина, Киргистан и Таџикистан
Масивот Памир во рамките на Авганистан, Гилгит-Балтистан, Кина, Киргистан и Таџикистан

Памирпланински венец во средна Азија што го образува вкрстувањето на Хималаите, Тјеншан, Каракорум, Кунлун и Хиндукуш. Се вбројува меѓу највисоките планини на светот и го носи прекарот „Покривот на светот“ (веројатно превод од персиски).[1]

На други јазици, венецот се нарекува: киргиски: Памир тоолору; персиски: رشته کوه های پامیر Реште Кух-хаје Памир; таџикистански: Кӯҳҳои Помир; паштунски: د پامير غرونه; ујгурски: پامىر ئېگىزلىكى; урду: پامیر کوهستان; хинди: पामीर पर्वतमाला; кинески: 葱岭 (мктр: „Цунглинг“),[2] но денес почесто 帕米尔 („Памиар“).

Кои сè планини влегуваат во венецот зависи од тоа како се сметаат оние што се надоврзуваат на други масиви.[3] Планините се протегаат претежно во Горнобадахшанската автономна област на Таџикистан и покраината Бадахшан во Авганистан. На север тие продолжуваат во масивот Тјеншан долж Алајската Долина во Киргистан. На југ се спојуваат со Хиндукуш по должината на Ваханскиот Коридор во Авганистан и Гилгит–Балтистан во Пакистан. На исток завршуваат на границата со Кина, но може да се смета и дека навлегуваат во венецот на Конгур, кој понекогаш се смета за составен дел на Кунлун.

Географија

[уреди | уреди извор]

Трите највисоки планини на Памир се Исмаил Самани („Сталинов Врв“ од 1932 до 1962 и „Врв на Комунизмот“ до 1998), со висина од 7.495 м; Ибн Сина (и денес неофицијално познат како „Ленинов Врв“), со висина од 7.134 м; и Корженевскаја, висок 7.105 м.[4]

На планините има доста ледници како што е Федченковиот Ледник долг 77 км, најдолг во некогашниот СССР и најдолг во светот вон поларните региони.[5]

За првпат Македонци ја искачиле оваа планина во 1984 година, кога Македонската Алпинистичка експедиција „Памир '84“ во чиј состав биле алпинистите: Димитар Илиевски, Слободан Јованоски, Борче Јовчевски, Ѓорѓи Костовски, Благојче Лазаров и Јован Попоски направила искачување на врвовите Пик Четворјох, НКВД и Пик Комунизам.[6]

Ливада на Памир на пролет

Планините се прекриени со снег во текот на целата година и се одликуваат со долги и многу студени зими и кратки, свежи лета. Годишното количество на атмосферски врнежи изнесува околу 130 мм, што значи дека вегетација е степска и има мошне малку дрва.

Стопанско значење

[уреди | уреди извор]

Главна стопанска во подрачјето е овчарството, кое се одвива по планинските пасишта. Покрај ова, во западниот дел се експлоатира и јаглен.

Стратешка положба

[уреди | уреди извор]

Памир во историјата играл значајна улога во караванскиот сообраќај меѓу Кашгар и Коканд по Северниот пат на свилата и затоа бил повод за чести борби за превласт над регионот. Северниот пат на свилата (долг 2.600 км) ја поврзувал древната кинеска престолнина Сиан со западните краишта преку Памир, и водел до Кашгар, а потоа сè до Партија.[7] XX век бележи разни поважни настани во регионот. Тука се одвивала Таџикистанската граѓанска војна и се водел граничниот спор помеѓу Кина и СССР (1991). Подоцна во подрачјето се воспоставени воени бази на САД, Русија и Индија,[8] а во поново време постои поголем интерес за развој на трговијата и искористувањето на природните ресурси.[9]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. PAMIRS Архивирано на 23 април 2016 г. - Енциклопедија Британика, XI изд. (1911) (англиски)
  2. 水經注 (цитирајќи од 西河舊事: ”蔥嶺在敦煌西八千里,其山高大,上生蔥,故曰蔥嶺也。“
  3. Памир - Голема советска енциклопедија (руски)
  4. „Таџикистан: 15 години независност“, Душанбе, 2006, стр. 8 (руски)
  5. Orographic Sketch Map: Karakoram: Sheets 1 and 2, Swiss Foundation for Alpine Research, Zurich, 1990
  6. „ИЛИЕВСКИ, Димитар“. Македонска Енциклопедија. Посетено на 2026-03-10.
  7. „Пат на свилата, северна Кина“. megalithic.co.uk. Посетено на 10 август 2009.
  8. „„Памирскиот јазол" на Индија“. The Hindu. Архивирано од изворникот на 2007-12-10. Посетено на 3 август 2007. (англиски)
  9. „Западот е црвен“. Time. Архивирано од изворникот на 2009-02-11. Посетено на 16 август 2007. (англиски)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]