Кунлун

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Кунлун
昆仑山 / كۇئېنلۇن تاغ تىزمىسى
Западниот дел на Кунлун гледан од патот Тибет-Синѓанг
Највисока точка
Врв Кунлунска Божица
Надм. височина 7167 м
Географија
Кунлун се наоѓа во Кина
Местоположба на Кунлун во Кина
Земји Кина
Сој. држава/Покраина Тибет, Ќингхај, Синѓанг
Координати 36°00′00″ СГШ 84°00′00″ ИГД / 36, 84
Се граничи со пустина Гоби
Реката Каракаш по патот од Тибет за Синѓанг

Кунлун (кинески: 昆仑山, пинјин: Kūnlún Shān; ујгурски: كۇئېنلۇن تاغ تىزمىسى‎; тибетски: ཁུ་ནུ་རི་རྒྱུད།; монголски: Хөндлөн Уулс) — еден од најдолгите планински венци во Азија, со распон од 3.000 км. Во најширока смисла, ја бразува северната граница на Тибетската Висорамнина јужно од Таримската Котлина и коридорот Хесји, па продолжува источно од реката Веј, сè до крајот на Севернокинеската Низина.

Кај постарите извори[1] Кунлун е планинскиот појас што се протега низ средината на Кина Алтинтаг, самиот Кунлун во потесна смисла и венците Чилиен и Чин. Во поново време[2] се смета дека Кунлун ја сочинува јужната страна на Таримската Котлина и потоа продолжува на исток, јужно од Алтинтаг. Историчарот Сема Ќен[3] вели дека царот Хан Вуди (II и I век п.н.е.) испратил извидници за да го пронајдат изворот на Жолтата Река (Хоангхо) и таа планина ја нарекол Кунлун. Името веројатно потекнува од истоименото полумитско место во древното класично дело „Шанхај Ѓинг“ („Книга на планините и морињата“).

Географска положба[уреди | уреди извор]

Планините почнуваат од Памир во Таџикистан, па на исток, долж границата помеѓу автономните региони Синѓанг и Тибет, па до кинеско-тибетските венци во покраината Ќингхај.[4] Се протегаат по јужната граница на Таримската Котлина, кај пустините Такла Макан и Гоби. Од нив истекуваат повеќе важни реки, како што се Каракаш и Јурункаш, кои минуваат низ оазата Хотан и навлегуваат во Такла Макан.

Најабележителни планини во северниот дел се врвовите на Алтинтаг. Источниот дел е сочинет од планините со збирен назив Чилиен. Главен крај во јужниот дел е планината Мин. Во ова подрачје, кракот Бајан Хар ја образува вододелницата на сливовите на двете најдолги реки во Кина — Јангцекјанг и Хоангхо.

Највисока планина на Кунлун е Кунлунската Божица или Лиуше (7.167 м) во областа Керија. Во средиштето се наоѓа венецот Аркатаг, чија највисока планина е Улуг Мустаг.

Венецот е создаден на северниот раб на Кимерскаа Плоча, при нејзиното судрување со сибирското копно во доцниот тријас.

Во сета должина од 3.000 км, Кунлун го преминуваат само два пата — автопатот 219 од Јеченг за Лаце, Тибет. и автопатот 109 од Ласа за Голмуд.

Митологија[уреди | уреди извор]

Според верувањата на таоизмот, на Кунлун се наоѓа рајот. Него прво го посетил кралот Му (976-922 п.н.е.) од династијата Џоу, каде го открил жадовиот дворец на Жолтиот цар (Хуангди) — родоначалник на Кинезите. Во истото патување ја сретнал и култната божица Сји Вангму („Кралицата-мајка на Западот“).

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. L. Richard, 'Comprehensive Geography of the Chinese Empire', 1905
  2. National Geographic Atlas of China,2008
  3. Сема Ќен, Записи на историчарот, свиок 123
  4. КунлунЕнциклопедија „Британика“ (англиски) конс. 19 ноември 2009

Надворешни врски[уреди | уреди извор]