Старецот и морето

Од Википедија — слободната енциклопедија
Старецот и морето
Македонско издание на „Старецот и морето“
АвторЕрнест Хемингвеј
ЗемјаСАД
Јазиканглиски
Жанрновела
ИздавачЧарлс Скрибнер
Издадена
1952
МедиумПечатена (тврди корици)
Страници93
ПретходнаПреку реката во шумата (1950) 
СледнаОстровите во струјата (1971) 

„Старецот и морето“роман на американскиот писател Ернест Хемингвеј, напишан во 1951 г. на Куба, а објавен една година подоцна. Ова е последниот роман објавен од страна на Хемингвеј додека тој бил жив. Се смета за едно од неговите најпознати дела, во кое се раскажува за борбата на старецот Сантјаго со големата риба марлин, која ја лови надвор од патеката на Голфската струја.

Краток осврт[уреди | уреди извор]

Дејството во овој краток роман се одвива три дена, каде што старецот Сантјаго рибари на отворено море и има намера да улови голема риба. Старецот сам во морските далечини успева да ја фати рибата, што за него како и за секој друг риболовец претставувало животна преокупација. Во почетокот, по затегнувањето на конецот на јадицата, тој почувствувал дека уловил нешто необично и е свесен дека ќе претстои голема борба. Тој имал желба и потреба барем еднаш да ја види рибата, за да знае со каков противник ќе си има работа и каква тактика ќе мора да примени. Но рибата долго останува во морските длабочини и со својата сила му задава големи тешкотии на старецот. Тој сета своја физичка сила и умствена напнатост морал да ја концентрира врз оптегнувањето на конецот и на движењето на рибата. Секое мало невнимание би можело да ѝ даде можност на рибата да се откачи и со тоа сите надежи да бидат залудни. Сам, изложен на суровоста на океанот и жештината на сонцето, тој ги собира сите сили за да ја победи големата риба. И кога успева да ја совлада рибата, се појавува несовладлива опасност - доаѓаат ајкулите и му ја јадат рибата. Останува само костурот од рибата. Но старецот е задоволен што во борбата со големата и силна риба тој победува. И така влечејќи го костурот по чунот тој се враќа во пристаништето како победник. Рибарите во пристаништето се изненадени како успеал старецот да улови толкава риба. Тие се свесни дека тоа било негова победа.

Значење за светската литература[уреди | уреди извор]

Романот „Старецот и морето“ иако по обем најкраток, му донесе најмногу слава и тој беше поводот Хемингвеј во 1954 г. да го добие највисокото светско признание од областа на литературата, Нобеловата награда. Освен со Нобелова, Хемингвеј се закити и со Пулицеровата награда за литература во 1953 г.[1] Појавувањето на овој роман целата критичка и читачка публика го оцени како ремек-дело на Хемингвеј.[2] Со оваа новела авторот сака да ја истакне големината на човекот и да каже дека не постои сила поголема од човекот. Природната стихија може да му нанесе болка и зло на човека, но не може да го победи. Идејата на Хемингвеј е да покаже каква сила претставува човековото суштество и со какви се суровости мора тој да се бори во животот за зачувување на својата егзистенција. Значи, човекот е најсилното суштество во природата и тој секогаш успева да ја победи.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Кус осврт врз повеста од Хемингвеј
  2. „Хемингвеј прогласен за икона на својата генерација“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2012-11-07.

Поврзано[уреди | уреди извор]