Света Столица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Света Столица (на латински: Sancta Sedes, на италијански: Santa Sede) — јурисдикција на бискупот на Рим, попознат како папа, која го вклучува апостолскиот епископски престол на Римската бискупија со универзална свештеничка јурисдикција на светската Римокатоличка црква, како и суверен ентитет во меѓународното право, кој управува со Ватикан.

Според католичката традиција, Светата Столица е основана во првиот век од страна на светите Петар и Павле и е фокална точка на ехваристичкото единство на католиците низ светот. Како суверен ентитет, Светата Столица има седиште, работи во и практикува „ексклузивна власт“ над Државата на градот Ватикан, современа независна енклава во Рим, чиј суверен е папата.

Светата Столица е управувана од Римската курија, која е централна власт на Римокатоличката црква.

Иако Светата Столица понекогаш метонимиски се нарекува „Ватикан“, државата Ватикан е одделно воспоставена со Латеранскиот договор од 1929 година помеѓу Светата Столица и Италија за да се обезбеди временска, дипломатска и духовна независност на папството. Имајќи го тоа предвид, нунциите, кои се папски дипломати во државите и во меѓународните организации, се признаени како претставници на Светата Столица, а не на државата Ватикан, пропишано во канонското право на Римокатоличката црква.

Светата Столица одржува билатерални дипломатски односи со над 180 суверени држави, потпишува конкордати и договори и извршува мултилатерална дипломатија со повеќе меѓувладини организации, вклучувајќи ги Обединетите нации и нејзините агенции, Советот на Европа, Организацијата за безбедност и соработка на Европа и Организацијата на американски држави.