Никола Михов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Nikola Mihov Zhelevo IMARO.jpg
Роден Желево, Леринско, Егејска Македонија
Починал 1 август 1907
Дреновени, Костурско, Егејска Македонија

Никола Михов Јановски (Желево, Леринско - 1 август 1907 во Дреновени, Костурско) — македонски револуционер, костурски војвода, учесник во македонското револуционерно движење и деец на Македонската револуционерна организација.

Биографија[уреди | уреди извор]

Никола Михов е роден во леринското село Желево, тогаш во Отоманската Империја. Неговиот брат Михо Јановски работел на чифликот на Хусеин ефенди, близу до Желево. Жителите на Желево имале долгогодишни спорови со Хусеин во врска со сопственоста на земјата. Никола Михов Јановски бил еден од најактивните жители на селото, кои нанесувале штета на чифликот на Хусеин, поради што преминал во илегала.[1] Ваквите активности имале за цел да го натераат Хусеин ефенди да им ја продаде земјата на селаните. Никола Михов Јановски бил дел од ајдучката чета на Коте Христов до 1904 година, кога Коте преминал на страната на грчката вооружена пропаганда. Заедно со желевците Трајко Додев, Јото Лулев (Љулов), Богдан Трпчев и Васил Павлев, формирал селска чета на ВМОРО.

Трговецот од Желево Хаџи Павле, брат на Васил Павлев, бил убиен од гркоманската чета меѓу Песодер и Желево. Како одговор за ова, четата на ВМОРО го убила гркоманскиот кмет на Желево, Ламбро Николов.

Во текот на 1905 година, четата ја разбила грчката чета на капетанот Георгиос Манолис, како и друга грчка чета крај Оровник. Заедно со четите на Пандо Кљашев, Атанас Кршаков, Кузо Блацки и Митре Влаот учествувале во редица борби со андартите и турскиот аскер в околината.

Во текот на ноември 1906 година, учествувале во борба во која бил убиени андартите Павел Киров и Димитар Далипо, во Габреш заедно со четата на Георгиос Цондос, во Нивици и Претор. Четата запленила грчки тајни шифри и со нивна помош подготвиле заседа на раководителот на грчката пропаганда во Желево, поп Ставре и го убиле.

Никола Михов и неговите борци учествувале на советувањето во Дреновени со Христо Цветков и реонските раководители на 1 август 1907 година, но биле предадени и во борба со Турците останале живи само Христо Цветков и Трајко Додов, кои пребегале во Желево.[2]

Историчарот на Желево Фото Томев, за Никола Михов Јановски напишал:

Никола М. Јановски се покажал како голем херој. Името му станало популарно, легендарно. Луѓето го почитувале како втор Крали Марко.[3]


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Томев, Фото. Кратка историја на село Желево, издава Желевското братство во Торонто, Торонто 1971, с. 40-42/Tomev, Foto. Short history of Zhelevo village, Macedonia, Zhelevo Brotherhood, Toronto 1971, p. 40-42.
  2. Илустрација Илинден, бр.119, стр.6-8
  3. Томев, Фото. Кратка историја на село Желево, издава Желевското братство во Торонто, Торонто 1971, с. 42-43/Tomev, Foto. Short history of Zhelevo village, Macedonia, Zhelevo Brotherhood, Toronto 1971, p. 42-43.