Оровник (Леринско)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Оровник
Оровник се наоѓа во Грција
Оровник
Оровник (Грција)
Општина Преспа
Надморска височина 940
Географска широчина 40° 46′ 0.12″
Географска должина 21° 9′ 0″


Оровник е леринско село во Егејска Македонија, Република Грција. Селото се наоѓа во близина на Малото Преспанско Езеро. Според податоците од пописот во Грција во 2001 година, селото има 71 и жител што се должи на честите разрушувања и големиот бран на иселеници од тој реон на Егејска Македонија.

По спојувањето со селото Буковик, Оровник се простира на површина од 28 км². Тоа се наоѓа на 940 м надморска височина и се граничи со селата Желево, Рудари, П’пли и Л’к.

Етимологија[уреди | уреди извор]

Околината на селото Оровник изобилува со ореови дрвја. Според исказите на селаните селото по тоа и го добило своето име. Како и неговите селани, така и селаните од околните села го нарекуваат ова Оровник.

Во 1926, со одлука на грчката влада биле преименувани сите топоними на грчки јазик, па така и селото Оровник било преименувано во Кариес. Орев на грчки се нарекува каридја.[1]

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа на далечина од околу 3 км од источниот брег на Малото Преспанско езеро, на надморска височина од 940 м. Географски координати на селото се 40°46' СГШ и 21°09' ИГД. Лоцирано е помеѓу два рида, на исток се наоѓа ридот Горица, а на запад Голиот Рид. На исток, Оровник, се граничи со селото Желево, почнувајќи од месноста Селца, преку планината Дупка, Кофилјот, до врвот на планината Калуѓерица. На север граничи со селото Рудари и селото П’пли, а северозападно граничи со Малото Преспанско езеро. Границата со селото Буковик ја оформува месноста Селца преку т.н. Воденички Рид до месноста Мартинца која се наоѓа на средината на полето помеѓу трите села - Оровник, Буковик и Л’к. Со селото Л’к се граничи од месноста Мартинца преку оровничките ливади до самото езеро, во месноста Калдрма.

Во поблиската околина на селото Оровник се наоѓаат следниве населени места: селото Буковик на 3 км, Л’к на 4 км, П’пли на 5 км, Оштима и Желево на околу 15 км. Градот Лерин се наоѓа на околу 50 км оддалеченост од Оровник.

По спојувањето на Оровник со Буковик, селото зафаќа површина од 13 км² плодно земјиште, исто толку и планинска површина и 2 км² езерска површина.[2]

Историja[уреди | уреди извор]

Турско владеење[уреди | уреди извор]

Со доаѓањето на турците во 13. век во Оровник, земјиштето на селаните им било одземено и дадено на дојдените турски бегови. Поради репресиите кон македонскиот народ низ Егејска Македонија, започнале да се појавуваат македонски комити кои воделе борба со османслиите. Во Преспа, како војвода на комитите, бил поставен Геле Андреев од село Рудари. Како и во останатите села, така и во Оровник многу мажи се бореле во илинденското востание. Сепак, поради неуспехот, по востанието, во Оровник биле убиени следниве селани: Божин Божинов, Стево Доламангов и Трпо Ќеримов со неговата жена и ќерка.[3]

Помеѓу двете светски војни[уреди | уреди извор]

Во периодот помеѓу двете светски војни, селото Оровник се наоѓало под грчка административна управа. Грците веднаш отвориле грчки училишта во кои децата, задолжително, морале да се образоваат на грчки јазик, новороденчињата во матичната евиденција биле заведувани со грчки имиња и презимиња, а на веќе родените им биле присилно променувани. Така на пример, секој што се викал Трајко му било променувано името во Евстратиос или Стратис, Стојан во Јанис, Васил во Василис, Петко во Петрос итн.

Со доаѓањето на власт на диктаторот Метаксас, во 1936, на македонците со закон им било забрането да комуницираат меѓусебно на својот мајчин јазик. Постарите луѓе посетувале вечерни училишта за да го научат грчкиот јазик, а доколку некој бил фатен како зборува на македонски бил парично казнуван или престојувал одреден период во затвор.

Во овој период, поради сè посиромашниот живот, на печалба во Австралија отишле 6 жители на Оровник, во Америка отишле 13 селани и во Франција 6 селани.[4]

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

При мобилизацијата, на страна на грчката армија се приклучиле 18 Оровчани кои биле испратени на првата борбена линија, односно на самата албанска граница. По окупацијата на Грција од страна на Германија, прв во селото, на 10 април 1941, се вратил Јосиф Божинов, а по него и останатите мобилизирани селани.

На 13 април, 1941, шест англики авиони го нападнале градот Лерин. Истите тие биле пресретнати од три германски авиони-ловци, кои потполно ги собориле англиските авиони. Неколку од нив се урнале во соседните села, а два од нив се урнале во Оровник и еден од пилотите успеал да се спушти со падобран и да остане жив. Откако бил фатен од селаните бил однесен на местото кое тој им го посочил. Загинатите пилоти, на иницијатива на Петко Божинов и Васил Казиовски, биле донесени во селото и закопани на селските гробишта при црквата „Св. Спас“. Во знак на благодарност кон оровчани, англиската влада ја реновирала црквата и нејзиниот двор.

Во времето кога ЕЛАС ги водела борбите против окупаторите, раководството на КПГ дозволило да се формираат посебни македонски организации и борбени единици во рамките на ЕЛАС. Во 1944, батаљонот на Гоце Димовски војувал со германците кои се повлекувале од Лерин. КПГ, на команда на ЕЛАС, му наредила на батаљонот да се повлече во внатрешноста на Грција и таму да се бори, но по одбивањето на наредбата истиот бил нападнат од единици на ЕЛАС. На 13 октомври, 1944, со дозвола на КПМ батаљонот се преселил во Македонија и тмау ги продолжил борбите. Во овој батаљон учествувале 18 оровничани.[5]

Граѓанска војна во Грција[уреди | уреди извор]

На 10 јули, 1946, во село П’пли биле собрани голем број преспанци, а меѓу нив се нашле и 9 оровчани. Тие биле измачувани во затворот во П’пли со обвинение дека ги помагале партизаните. По 10 дена, двајца од нив биле префрлени во затвор, а останатите биле пуштени. Во август, 1947, била извршена мобилизација во редовите на ДАГ во која биле земени голем број оровчани, а младите кои останале во селото, со оружје го чувале во ноќните часови. Следната година, на 20 март, биле мобилизирани и младите жители родени во 1931 година. Со бомбардирањата на националната армија, во Оровник биле уништени 3 куќи на селани и малата црква „Св. Никола“ во месноста Букшани.[6]

Во Оровник се наоѓале главната телефонска централа и складиштата за храна на ДАГ.[7] За време на војната загинале 13 оровчани на бојните полиња, а 28 биле ранети.[8]

Занимања на селаните[уреди | уреди извор]

Оровчанци главно се занимавала со земјоделство, сточарство, рибарство, лозарство, градинарство, овчарство и шумарство.

Оровничкото поле имало разновидни врсти на земја, па така, насекаде имало различни ниви: песокливи, ниви со црна земја, мешовити, со песок и камен, црвеници со камења и други. Земјата се обработувала со волови и коњи, а како предмети за нејзина обработка се користеле: дрвено рало, железен плуг, лопата, срп, мотика, дрвени чекани за кршење на грутките, речини за сеење, дрвени лопати за веење на житото и дрвени вили. Дрвеното рало се употребувало во ридско-планинските региони и кај црвеното земјиште, додека плугот се употребувал за рамните и црно песокливите земји.[9]

Сточарство и овчарство[уреди | уреди извор]

Равојот на сточарството и овчарството, пред сè, го диктирале условите на селскиот атар. Повеќето семејства чувале волови, крави, свињи, коњи и магариња. Со овци и кози не се занимавале голем број на жители бидејќи немале соодветни услови за нивно одгледување. Селаните најмувале други луѓе за да им ја пасат живината. Истите ги плаќале со жито и други земјоделски производи во зависност од тоа колку ќе се договореле.

За исхрана и одгледување на добитокот се користеле селските пасишта во полињата и планините. За таа цел се користело и сено (собрано од ливадите), слама, езерска трска и плодовите од шумата.[10]

Шумарство[уреди | уреди извор]

Разновидните дрвја селаните ги користеле за многу намени, односно: од буковото дрво се правеле покривите на куќата, вратите и прозорците, чамци и трски за ловење риби; од тополите рачно се изработувале штици кои служеле за подовите, за вратите и прозорците, амбарите и слично; од ореовата обвивка се бојадисувале алиштата и, истата, се костела за огрев.[11]

Градинарство[уреди | уреди извор]

Во Оровник со градинарство се занимавале речиси сите семејста и имале по една или две градини од кои произведувале различни градинарски култури за домашни потреби. Причината поради која селаните произведувале само за свои потреби е таа што пазарите каде што се пласирале продуктите биле оддалечени на 50 км од Оровник. За своите потреби селаните произведувале: зелка, пиперки, домати, праз, лук, морков и други додатоци во исхраната.[12]

Лозарство[уреди | уреди извор]

Во Оровник се произведувало високо квалитетно грозје благодарение на соодветната почва. Најпрочуените месности за одгледување на грозје биле Жабјак и Синор. Во тие предели имало црвеникава земја и теренот бил добро опфатен од сончеви зраци. Во селото се произведувале повеќе сорти на грозје како црно грозје, лисичина, белушина, дренојца и други. Еден дел од селаните произведувал само за домашни потреби, а останатите произведувале поголеми количини за да можат и да продаваат. Грозјето го купувале, главно, трговци од селото Псодери, а во замена за него носеле други прехранбени продукти кои ги немало во Оровник, тоа билo шеќер, масло, сол и друго.[12]

Рибарство[уреди | уреди извор]

Голем дел од населението се занимавало и со рибарство. Тие се здружувале во групи од по две семејства бидејќи така им било полесно да ги плетат езерските огради, а и за еднoто да може да оди да работи на нивите, а другото да оди на риболов. Плетените коци се набивале на дното од езерото со дрвен чекан и се правеле замки за рибите да се уловат. Рибите ги ловеле и со мрежи, ости, црпала и други направи.

Оровничкиот дел од езерото е многу богат со риби и бројни езерски птици, па многу од селаните, ловеле повеќе за да можат и да продаваат. Вишокот уловени риби го носеле во селото Л’к и го продавале на трговецот Буш од село Псодери.[13]

Демографија[уреди | уреди извор]

Според поновите грчки статистички податоци, состојбата со бројот на жители во селото е следнава:[14]

Година Популација
1913 222
1920 244
1928 226
1940 162
1961 160
1971 78
1981 88
1991 74
2001 71

Религија[уреди | уреди извор]

Жителите на Оровник биле православни христијани. Иако со малку жители, во селото биле изградени три цркви. Црквата „Св. Никола“ која била изградена пред доаѓањето на турците; црквата „Св.Атанас“, мала црква, изградена од првите Оровничани кои се населиле на новата локација во 15 век. Оваа црква е изградена во источниот дел од селото, на ридот Горица, и ги задоволувала тогашните потреби на селаните бидејќи биле само неколку куќи. Целосно постоела се до крајот на граѓанската војна во 1949, кога поради негрижа на доселените жители, Маџири, од село Винени, се распаднала. Истата повторно е обновена во 2001 година; во 18. век, на западниот дел од селото во јужното подножје на ридот Голиот, била иградена црквата „Св. Спас“ на која селаните ѝ го дале името. Оваа црква е изградена од камен, а внатре имала чардаци и дрвени скали. Чардаците биле наменети за млади девојки и момчиња, додека за постарите била наменета долната просторија. По напуштањето на селото, односн по поразот во граѓанската војна, и со доаѓањето на Маџирите, црквата „Св. Спас“ била реновирана и добила нов грчки стил, урнат бил тремот и одајчето на клисарот, како и чардаците и скалите во внатрешноста на црквата. Денес, на влезната врата може да се види спомен плоча поставена од грчката влада во која им се заблагодарува на поранешните жители за покажаниот патриотизам и хуманоста.[15]

Образоваие[уреди | уреди извор]

Поради големата оддалеченост од поголемите градски центри каде што имало училишта, а и поради репресиите за време на турскоосманлиското владеење, многу малку Оровчани биле писмени. Голем дел од населението се описменило по 1913 година одејќи во грчки училишта каде не учеле на својот мајчин јазик. По воспоставувањето на грчка власт во Егејска Македонија сите се стекнале со основно образование, додека само двајца успеале да завршат гимназија. Тоа биле Танас Казиовски и Коле Стерјовски.

Пред вотрата светска војна, во 1937, како учител во селото бил назначен Карипидис Андонис кој бил мобилизиран во 1940 и загинал на бојните полиња. Во мај, 1941, во селото како учителка била назначена Кирија Елени која останала на оваа позиција до пристигнувањето на италијанските окупатори. Од овој момент, па сè до крајот на војната, сите училишта била затворени.[16]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Топоними[уреди | уреди извор]

Во атарот на Оровник ги имало следниве топоними: Горица, Анчето, Селца, Анска Ливада, Под племните, Дренчињата, Стивчето, Мартинца, Накоа Круша, Падиње, Живодер, Кошљо, Тумбето, Корча, Ливадјето, Слогоите, Шипод, Тополчето, Кофиљо, Дупка, Широки Орници, Калуѓерица и други.

Откако овие простори потпаднале под грчка административна управа топонимите биле заменети со грчки називи.[17]

Мерни единици[уреди | уреди извор]

  • мерки за должина: чепарок, ендезе, педа, остен, фурка, конец, ортома (фортома),
  • мерки за тежина: ока, поока, драмови, кило, кутел, шиник,
  • мерки за површина: кутелот, шиникот и килото се користеле за мерење на нивите, декар, пола декар, хектар (пола дека означувал 1 кутел, 1 декар бил 1 шиник, а хектарот 1 кило. Шиникот имал 22 оки, кутелот 11 оки, а килото 44 оки жито),
  • мерки за време: фурка, остен, а и човековата сенка се мерела со стапала.[18]

Имиња на небесни тела[уреди | уреди извор]

Оровничани ги употребувале следниве имиња на небесни тела: сонце, месечина, деница, квачка, перустија, голема ѕвезда и мала ѕвезда.[18]

Куќи[уреди | уреди извор]

Сите Оровничани ги граделе своите куќи сами или со мајстори од соседните блиски села. Куќите ги граделе на два ката, а имало и неколку на еден кат. Таваните на куќите најпрво ги опшивале со езерска треска, а потоа ги малтерисувале со смеса од глина и плева. Исто и подовите се лиеле со глинова смеса откако претходно гредите биле рачно опшиени со штици или делкани дрва.

Долниот дел од куќите бил наменет за сместување на крупниот добиток со изградени јасли за ставање на добиточната храна, а еден дел од овој кат служел и како просторија каде што биле сместени амбарите, зимниците, бочвите со вино, прехрамбение продукти и алатите. Исто така, на долниот кат се готвело и храна. Подовите на куќите најчесто биле покривани со рогозини и веленца. Сите куќи имале дрвени балкони, а под нив биле сместени скалите за качување на катот. На катот биле сместени собите за спиење, а имало и поголеми соби кои се корстеле за пречек на поголем број гости за време на разни прослави.

Сите куќи имале и дворови кои биле оградени со ѕидови покриени со керамиди, како и голема надворешна порта која од внатрешната страна се затворала со лостови. Во дворовите се наоѓале фурните за печење леб и за подготовка на друга храна. Покрај фурната се наоѓал кокошарникот, а под него имало просторија, т.н. кочина, за одгледување на свињите.[19]

Покуќнина[уреди | уреди извор]

Во секоја куќа во Оровник, во зависност од бројот на членови на семествотот, ги имало следниве предмти:

  • за пиење течности: стомни, буклиња, каната, карти, чаши, баурчиња, ѓезвиња, филџани и др.
  • за чување на храната: ношви, долапи, сирници, амбари за брашно и друго
  • за јадење: софра, столчиња, маса, лажици, вилушки, ножеви и чинии (дрвени, земјени, метални или бакарни)
  • за приготвување на храната: котли, грнци, церепи, перустии, сукала, тави, фурни и друго
  • за спиење: рогозини, перници, гуни (волнени и козени) и ложници
  • за одржување на хигиената: вода, сапун, леген, корита, котли, ѓумови за топла вода, чешли, огледала и друго
  • за шиење: разбој, гребени, фурки, вретена, игли, конец и направи за шиење[20]

Народни носии[уреди | уреди извор]

Оровничката носија, до Илинденското востание, била шарена и преовладувале црвената и белата боја, но, по востанието, во знак на жалост од задушувањето на истото, во оровничката носија започнала да преовладува црната боја. До 1935 се облекувале во волнени и плетени алишта кои си ги изработувале сами. Подоцна, откако мажите започнале да се враќаат од печалба, некои од нив започнале да се облекуваат на начинот кој го виделе во странските земји. Сепак, постарите мажи и жени старата носија ја носеле до крајот на граѓанската војна во 1949.[21]

Елементи и украси на женската носија[уреди | уреди извор]

Жените, главно, носеле долна платнена кошула, шегун со прчалки, кусаче, појас, гушник, наручиња, ресачки, фута, калци и чорапи. Чевли носеле само на празнички денови, додека во останатиот период носеле опинци изработени од свинска кожа. Облеката која ја носеле на празници била украсена со разни гајтани, плетени колани со монистра, обетки прстени и колани со прикачени бронзени токи.[22]

Елементи на машката облека[уреди | уреди извор]

Мажите најмногу носеле волнени панталони, бели платнени кошули, волнени палта, џабаданчиња, капи, појаси и друго. Овчарите и говедарите, зимно време, наместо палта, носеле волнени козји гуни. И мажите само на празниците носеле чевли, а во останатитот период облекувале опинци.[22]

Личности[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Заминување на децата од Оровник[уреди | уреди извор]

На 3 април, 1948, децата од Оровник биле собрани и евакуирани во други држави. Со претходни подготовки на НОФ се барала согласност од нивните родители, а потоа со јавно гласање се избирале одговорни личности кои ќе патуваат со нивните деца. Од Оровник, како одговорни мајки, биле избрани Софија Стерјовска-Кремова, Благуна Теговска-Даламангова, Стефана Поповкса-Ставрева, Ната Џакова и Стоја Поповска-Ставрева.

Децата биле поделени во две групи и биле испратени од нивните мајки и роднини до грчко-југословенската граница. Со запрежни коли и коњи децата биле однесени во Југославија, а потоа, со возови, биле пренесувани во други држави:

  • Во Романија биле пренесени 4 деца од Оровник
  • Во Унгарија биле пренесени 22 деца од Оровник
  • Во Полска биле пренесени 97 деца од Оровник[25]

Иселеници[уреди | уреди извор]

  • Во СССР се преселиле 21 оровчанец[26]
  • Во Н.Р. Полска се преселиле 67 оровчани[27]
  • Во Чехословачка се преселиле 4 оровчани[28]
  • Во Унгарија се преселиле 3 оровчани[28]
  • Во Романија се преселиле 2 оровчани[29]
  • Во Република Македонија се преселиле 186 оровчани[30]
  • Во Австралија се преселиле 30 оровчани[31]
  • Во САД се преселиле 9 оровчани[32]
  • Во Канада се преселиле 14 оровчани[33]
  • Во Франција се преселиле 15 оровчани[33]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 17
  2. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 12-16
  3. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 74
  4. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 75-78
  5. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 79-88
  6. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 99
  7. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 98
  8. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 105-106
  9. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 24-25
  10. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 26-28
  11. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 27-28
  12. 12,0 12,1 С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 29
  13. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 30-31
  14. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 14
  15. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 37-38
  16. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 35
  17. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 18
  18. 18,0 18,1 С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 19
  19. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 21-22
  20. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 23-24
  21. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 33-34
  22. 22,0 22,1 С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 34
  23. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 70
  24. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 146
  25. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 93-97
  26. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 134
  27. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 3134-135
  28. 28,0 28,1 С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 135
  29. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 136
  30. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 136-139
  31. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 139
  32. С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 139-140
  33. 33,0 33,1 С. Поповски - Оровник, Мала Преспа. „Кома“, Скопје, 2005. Стр. 140

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Стојан Попвски - Оровник, Мала Преспа. Издавач - Кома, Скопје, 2005 година.