Јаболци

Координати: 41°53′41″N 21°19′50″E / 41.89472° СГШ; 21.33056° ИГД / 41.89472; 21.33056
Од Википедија — слободната енциклопедија
Јаболци

Поглед на селото Јаболци од патот кон Нова Брезница и браната Козјак

Јаболци во рамките на Македонија
Јаболци
Местоположба на Јаболци во Македонија
Јаболци на карта

Карта

Координати 41°53′41″N 21°19′50″E / 41.89472° СГШ; 21.33056° ИГД / 41.89472; 21.33056
Регион  Скопски
Општина  Сопиште
Население 18 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1054
Повик. бр. 02
Шифра на КО 25068
Надм. вис. 594 м
Јаболци на општинската карта

Атарот на Јаболци во рамките на општината
Јаболци на Ризницата

Јаболци — село во Општина Сопиште, во областа Торбешија, во околината на градот Скопје.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на селото Јаболци од дворот на црквата „Св. Мина

Селото Јаболци се наоѓа во југозападниот дел на Скопската Котлина во горниот дел на сливното подрачје и долината на Маркова Река[2] на границата меѓу областите Каршијак и Торбешија, во северното подножје на планината Караџица. Сместено, е речиси во средишниот дел на Општина Сопиште, а атарот се издигнува високо до сртот на планината Караџица[2]. За местоположбата на Јаболци, Ѓорче Петров запишал дека е расположено на еден рид ½ час десно од Сува Река кај отворот на долот на Патишка Река[3]. Селото е расположено на надморска височина од 711 метри и е означено како планинско[2], но сепак условите на теренот на кој се сместени куќите на ниски ридови со благи падини укажуваат дека тоа е всушност вистинско ридско село.

Непосредно крај селото се наоѓа клисурата низ која протекува потокот Сува Река која е речна челенка која ја составува Маркова Река. Јаболци е сместено на нерамно варовничко земјиште помеѓу Говрлево на североисток, Нова (Пуста) Брезница на југозапад и Осинчани на исток[4]. Јужно од селото селаните имаат локва каде се напојува стоката, а во која се собира атмосферска вода која лете не пресушува[4]. Куќите во селото се распоредени на зарамнетиот дел и благите ридести возвишенија. Јаболци е село од збиен тип кое што се состои од Горно и Долно Маало во кои сродничките куќи се групирани[4]. Во средишниот дел на селото околу чешмата и бунарите се населени муслиманските Албанци, а по краевите се населени православните Македонци[4]. Од градот Скопје селото е оддалечено околу 17 километри[2]. Има мошне голем атар кој зафаќа површина од 50,4 км2, а на него преовладуваат пасиштата на површина од 2.727 хектари, потоа следат шумите на површина од 1.861 ха, додека на обработливото земјиште отпаѓаат 429 хектари[2].

Историја[уреди | уреди извор]

Стара куќа во Јаболци со препознатлив изглед и архитектура за областа Каршијак во Скопско

Во пишаните историски извори селото Јаболци најрано се среќава во средновековните турски пописни дефтери од XV и XVI век. Во опширниот пописен дефтер бр. 12 од 1452/1453 година за тогашниот Скопски вилает, за селото запишано како Јанболци стои дека во него живееле вкупно 19 македонски христијански семејства кои произведувале пченица, јачмен, овес, 'рж, просо, граор, лозја, овошје, чувале свињи и пчели во улишта од што се вкупно се остварувало приход од 1 810 акчиња[5]. Селото се споменува и во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Скопскиот Вилает со 23 семејства и 1 вдовица, сите христијани.[6]

Во подоцнежните записи од XVI век, во 1544 селото имало 46 македонски христијански семејства, а во 1568 /69, селото Јаболци било со статус на земает во посед на некојси Мехмед Чауш при што во него живееле 62 македонски христијански семејства кои се занимавале со производство на пченица, мешано жито, уров, грозје и шира, бостан, сено и чувале за што се остварувало севкупен приход од 8000 акчиња[7].

Според преданието кое се раскажува од селаните, некогаш Јаболци било големо село со околу 90 македонски православни куќи, но за време на турското владеење тогашното село од насилија („зулум“) или од чума еднаш сосема опустело („некој изумрел, некој избегал“)[4]. Остатоците од старото село Јаболци се различни, а во него постоеле две црквишта од кои на местото на едната доселените Албанци пред околу 100 години изградиле џамија додека на местото на другото црквиште доселените Македонци пред околу 80 години ја подгинале старата градба на црквата Св. Мина[4]. За време на изграбата на џамијата, постарите селани паметат дека од црквиштето јасно се познавале греди и ѕидови што укажува дека тука била главната црква на старото раселено Јаболци, а во црквата Св. Мина бил соѕидан еден дел од олтарот на старото црквиште[4]. На местото каде што се наоѓа селото, од старите жители пронајдени се бунари и чешма со земјени цевки - „ќункови“, а некоја жена која избегала од Јаболци раскажувала дека иселените селани во време на опустошувањето целиот „бакар“ го закопале во бунарот[4]. Првобитното Јаболце, освен главниот дел на селото имало и споредни оддалечени маала на поединечни делови од атарот: на потезите Краста и Присој се наоѓаат остатоци од ѕидови и по некој напуштен бунар; на потего Лозје жителите откопувале некогашни гробови[4].

Сегашното Јаболци било обновено пред 200 до 210 години од три доселени родови и тоа Македонците - Грујовци и Шетајковци, а од Албанците - Заимовчиња, поради штпо овие три родови спрема другите доселеници се сметаат како старинци[4]. После обновувањето на селото, поголемиот дел од земјата ја приграбил некој бег, кој македонските селани ги претворил во чифчии[4]. Беговите владееле над христијаните сè до 1912 година, кога тие преку купување на земјата се ослободиле од чифчиството[4]. За македонските селани чифчиството било многу тешко: покрај делот за господарот, се давал десеток на државата, а притоа морало да се кулучи (бесплатна работа) за бегот, поради што тукашните селани економски стоеле многу слабо[4]. Преданијата се полни со податоци за тоа како беговските застапници, ќаи (некој албанец Исен од Јаболци и други) и полјаци, во кулите повикувале македонски жени и девојки кои ги силувале и ги терале да им играат, влегувале во куќите на чифчиите и за ситници ги тепале и убивале[4].

Во XIX век, селото е дел од нахијата Каршијак во Скопската каза во Отоманското Царство.

Македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот во својата патописна статија за селата јужно од Скопје насловена „Јужна страна скопска“, објавена во „Цариградски весник“ на 1 мај 1855 година, дава поопширен опис за местоположбата и занимањата на жителите на селото Јаболци кое се наоѓало заселено во густа дубрава (дабова шума), под високи ели, дабови (растје), тополи, јавори и јасики[8]. Селаните правеле само јаглен (ќумур), греди и штици делкале, кои ги носеле во градот за општа полза без да отпочинат[8]. Во селото имало една урнисана црква од древно време[8].

На крајот на XIX век во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров погрешно запишал дека Јаболци е албанско село[3][4].

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Научните толкувања сметаат дека името на селото Јаболци потекнува од деминутивот за Јаболко > Јаболкце[9]. Името е во врска со јаболка бидејќи топонимот Јабука од стсл. ѩблъко бил обичен и насекаде застапен од најстаро време[9]. Според Петар Скок, името на селото е во врска со јаболка, иако во тоа време ги немало во селото[4], што денес не е случај бидејќи јаболковите дрвја се застапени во дворовите и овоштарницигте во Јаболци. Селаните знаат дека името на селото е старо и тека тоа така се викало уште во времето кога во него живееле старинци[4]. Толкувањето на настанокот на додавката -ци се смета как одрагоцен остато од старата деклинација на топономастиката во вовие краишта[9].

Стопанство[уреди | уреди извор]

Според составот на атарот селото Јаболци има мешовита земјоделска функција[2]. Преостанатото население и оние кои имаат свои имоти во Јаболци се занимаваат со земјоделство и сточарство. Повеќе куќи се занимаваат со градинарство за сопствени потреби при што најмногу успеваат: грашок, кокар - млад кромид и лук, компир, жито односно пченица и јачмен[10], зелени пиперки, патлиџан (домат), краставици, зелка, марула. Во поново време се подигнати и повеќе нови насади на овоштарници од бадеми, ореви, сливи[10], јаболка и цреши. Поради поволните услови на благите падини со богати тревнати пасишта, значаен дел од населението и од Македонците и од Албанците се занимаваат со сточарство кое е во сè поголем подем, односно се одгледуваат неколку стада на овци и се чуваат околу 500 говеда[10], при што некогашната зграда на селското училиште на почетокот на селото се користи како штала за чување на добитокот. Во дабовите и буковите шуми на атарот на Јаболци, од страна на подрачната единица на ЈП „Македонски шуми“ - Караџица, како и од бројни приватни сопственици се сече и дрво за огрев и градежни материјали. Шумарството, јагленарството и дрводелството било главно занимање на жителите на Јаболци во средината на XIX век, за што сведочи записот на македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов - Џинот кој забележал дека селаните само јаглен (ќумур) прават, греди и дштици делкаат и во град за општа полза без да си починат ги носат[8].

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948471—    
1953537+14.0%
1961563+4.8%
1971396−29.7%
1981180−54.5%
ГодинаНас.±%
199157−68.3%
199466+15.8%
200241−37.9%
202118−56.1%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било мешано со христијанско и муслиманско население, каде имало 9 христијански[11] и 6 муслимански[12] домаќинства. На овој попис биле забележани 16 мажи христијани, со 1 новороденчe и 15 мажи муслимани со 1 новороденчe. Се проценува дека селото во тој период имало 66 жители.

Стефан Верковиќ во 1857 година го забележува со 252 жители.[13]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, јаболци е населено со 130 жители Македонци[14] христијани и 180 Албанци[15] муслимани.[16] По податоци на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Јабалци имало 136 Македонци[14].[17]

После Втората балканска војна, 1913 г. селото влегува во границите на Србија, како дел од Општина Говрлево и има 331 жител.[18]

На етничката карта на Северозападна Македонија во 1929 година, Афанасиј Селишчев го одбележил Јаболци како мешано македонско-албанско село.[19] Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 200 Македонци и 150 Албанци.[20]

Поради засилена емиграција селото Јаболци во период од 30 години доживеало пад на населението од 8,5 пати односно за скоро 88% од 563 жители од кои 352 Македонци, 147 Албанци, 58 Турци и 5 Срби во 1961 година на само 66 жители од кои 36 Македонци и 30 Албанци во 1994 година.[2]

Според пописот од 2002 година, селото Јаболци имало 41 жител, од кои: 26 Македонци и 15 Албанци.[21]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 18 жители, од кои 4 Македонци, 5 Албанци, 1 Србин, 1 останат и 7 лица без податоци.[22]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Јаболци:

Година Македонци Албанци Турци Срби Ост. Лица без под. Вкупно
1948 471
1953 320 198 8 1 10 537
1961 352 147 58 5 1 563
1971 196 4 41 2 153 396
1981 74 104 0 2 0 180
1991 37 20 0 0 0 57
1994 36 30 0 0 0 66
2002 26 15 0 0 0 41
2021 4 5 0 1 1 7 18

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови[уреди | уреди извор]

Јаболци е македонско-албанско село.

Според истражувањата од 1950 година, родови во селото се:[23]

  • 'Македонски родови:
    • Доселеници: Грујовци (6 к.) доселени се, но не знаат точно од каде. Се сметаат за најстар селски род. Овде живеат од пред 140-150 години (сметано во 1950 година); Шетајковци (2 к.) доселени се однекаде. Овде се доселиле во исто време со претходниот род; Петревци (7 к.) не знаат од каде се точно. Овде се доселиле на беговска земја. Го знаат следното родословие: Војне (жив на 65 г. во 1950 година) Илија-Аце-Петре, кој се доселил во исто време со основачите на претходните два рода. Жителите на овој род имале потемна боја на кожата. Старецот Зафир од Костовци кажувал дека тие се од ромско потекло; Костовци (9 к.) доселени се од селото Волковија во Горна Река. Основачот на родот бил Коста по кој го добиле името. Тој во Волковија имал убава жена, но неа ја нападнале некои муслимани. И потоа Коста се решил да се иселат од Волковија. Во Јаболци тој ги добил синовите Кољо, Илко и Спасо. Од нив потекнува денешниот род. Го знаат следното родословие: Зафир (жив на 61 г. во 1950 година) Милош-Кољо-Коста, кој се доселил. Тој кога дошол во селото зборувал албански, и тој јазик последен го употребувал предокот Милош. Костовци имаат роднини во селото Волковија и во Гостивар. Роднините од Гостивар дошле во посета после Првата светска војна; Смилковци (6 к.) доселени се од селото Здуње во Порече. Смилко во Здуње имал татко Миајл. Во Здуње живееле во Горно маало, и таму биле староседелци, припаѓале на родот Шарковци; Димишковци (1 к.) доселени се од селото Осинчани. Таму биле староседелци; Гроздановци (1 к.) доселени се од селото Рамне во Порече; Дамјановци (1 к.) доселени се од селото Здуње во Порече. Таму биле староседелци и се викале Видојевци. Таму куќата им била во Долна или Мечкароска маала; Букурчани (1 к.) по потекло се од селото Букурци, сега раселено село во сливот на реката Треска. Од таму во втората половина на XIX век се населиле во селото Пуста Брезница. Таму имаат роднини, Василевци; Коце (1 к.) доселени се од селото Осинчани.
  • Албански родови:
    • Доселеници: Заимовчиња (13 к.) доселени се од селото Штировица во Горна Река. Поддалечно потекло од северна Албанија; Адемоски (4 к.) исто потекло како и претходниот род; Зимберовчиња (4 к.) и Максутовчиња (2 к.) доселени се од Горна Река; Виљовчиња (2 к.) потекнуваат од фисот Бериша. Името го добиле по селото Вила во Калиса. Овој род порано биле католици и затоа ги викале и Латини; Исламовци (1 к.) доселени се од Љума во северна Албанија.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Поранешно основно училиште
  • Поранешна општина и месна заедница
  • Поранешна амбуланта
  • Поранешна пошта

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Бронзена глава со природна големина од наоѓалиштето Падиште во близина на селото. Музеј на Град Скопје.

Во XIX век, селото било дел од Скопската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Сопиште, една од ретките општини која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од некогашната Општина Сопиште.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кисела Вода. Селото припаѓало на некогашната општина Ракотинци во периодот од 1955 до 1962 година.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Јаболци, во која покрај селото Јаболци, се наоѓале и селата Држилово, Нова Брезница, Осинчани и Патишка Река. Во периодот 1950-1952 година селото претставувало седиште на истоимената општина, во која влегувале селата Јаболци, Нова Бреница, Осинчани и Патишка Река.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[24]
Џамии
Археолошки наоѓалишта
Пештери[25]

Личности[уреди | уреди извор]

Личности родени во Јаболци:

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од Македонците се знаат следните иселеници: Крстевци во Говрлево, Дуваревци во Сопиште, Шетаревци во Горно Соње, од Грујовци 4 семејства преминале во Скопје, каде преминала и 1 семејство од Петревци во населбата Ѓорче Петров, додека од Албанците во Скопје се иселени 4 семејства и тоа 1 од Заимовчиња, 2 од Адемоски и 1 од Виљовчиња, а во Турција се иселиле 4 семејства по две од Заимовчиња и Адемоски[4]. Во шеесеттите и седумдесеттите години на XX век значаен дел од населението се иселило во населбите Припор и Кисела Вода во Скопје, за работа во тамошните фабрики и претпријатија.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 137-138. ISBN 9989-862-00-1.
  3. 3,0 3,1 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 348. ISBN 978-608-245-113-8.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 4,13 4,14 4,15 4,16 4,17 Трифуноски, Јован (1958). Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања (српски). Скопје: Филозофски факултет. стр. 152–155.
  5. Соколоски, Методија (1976). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 244.
  6. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 495
  7. Соколоски, Методија (1984). Турски документи за историјата на македонскиот народ. VI. Скопје: Архив на Македонија. стр. 97–98.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 Хаџи Константинов - Џинот, Јордан (1855). Блаже Конески (уред.). Јужна страна скопска. „Избрани страници“. Цариград: Цариградски Весник. стр. 82.
  9. 9,0 9,1 9,2 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 96–97.
  10. 10,0 10,1 10,2 Според кажување на Слободан Смилковски (на 74 години) жител на селото. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски, Горан Богоевски и Калин Марковиќ на 26.03.2016
  11. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  12. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на муслиманското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2020.
  13. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  14. 14,0 14,1 Македонците биле забележани како Бугари.
  15. Албанците биле забележани како Арнаути.
  16. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 209.
  17. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.116-117.
  18. Речник на местата во ослободената област Стара Србија по службени податоци. Белград: Мил. Ант. Вујиќ. 1914.
  19. Афанасий Селищев. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929.
  20. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.[мртва врска]
  21. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 април 2016.
  22. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  23. Трифуноски, Јован (1958). Слив Маркове Реке. Филозофски факултет.
  24. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  25. Колчаковски, Драган (1993). Категоризација на позначајните пештери во Република Македонија (PDF). 1 (1. изд.). Скопје: Институт за географија, ПМФ.[мртва врска]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]