Усје

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Усје
Usje-Macedonia.JPG

Поглед кон селото Усје

Усје is located in Македонија
Усје
Местоположба на Усје во Македонија
Координати 41°57′21″N 21°27′23″E / 41.95583° СГШ; 21.45639° ИГД / 41.95583; 21.45639Координати: 41°57′21″N 21°27′23″E / 41.95583° СГШ; 21.45639° ИГД / 41.95583; 21.45639
Општина Coat of arms of Kisela Voda Municipality (2015).svg Кисела Вода
Област Каршијак
Население 845 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 240 м
Commons-logo.svg Усје на Ризницата
Поглед кон селото Усје, Цементарницата и градот Скопје со поширокото Скопско поле

Усје — село во областа Каршијак, во околината на градот Скопје, административно во состав на Општина Кисела Вода, .

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Населбата Усје се наоѓа во јужниот раб на Скопската котлина на околу 6 километри оддалеченост од центарот на Скопје. Поради својата големина и местоположба, а пред се близина, Усје е конурбирано со градот Скопје и е дел од неговата периферија, но сепак тоа е физички одвоено од градот Скопје, а се уште ги има задржано карактеристиките на рурална населба. Селото Усје лежи на надморска височина од 240 метри, во дол на крајните источни падини на планината Водно и ридестиот предел Каршијак. Низ селото протекува Усјанскиот Канал (јаз) кој се влива во реката Вардар кај населбата Горно Лисиче. Всушност селото Усје е сместено, односно вовлечено во долината на Усјанскиот поток од чија лева страна се Горното и Средното Маало, а од десната страна е Долното Маало[1]. На ридот од десната страна над селото Усје е поставен голем метален крст, од каде има прекрасна панорамска глетка на целиот град Скопје и Скопската котлина.

Историja[уреди | уреди извор]

Селото Усје е една од постарите населби во југоисточниот дел на Скопската котлина. Најстарото пишано споменување на селото се среќава во XIV век, каде тоа е запишано под името Оушче, а со обликот Устие е запишно во турските документи од 1568/69 година[2] кога припаѓало на Скопскиот санџак и во него живееле 29 македонски христијански семејства и 11 неженети кои во 5 чифлици произведувале пченица, мешано жито, уров, грозје, бостан и одгледувале свињи за што остварувале севкупен приход од 12000 акчиња[3] . Материјални нешта кои што сведочат за староста се и повеќето куќи постари од 100 години, во стариот дел на селото во близина на селската црква, кои се со традиционална македонска архитектура од типот на куќи - чардаклии. Кон крајот на ХIX и почетокот ХХ век, во селото Усје и околината било доста силно македонското револуционерно ослободително комитско движење, за што сведочат повеќе борби со турскиот аскер и заптии во околината на селото во 1903 и 1905 година. Голем дел од градското на население на градот Скопје, се засолнило во селото Усје, за време на бомбардирањето на германската фашистичка авијација на градот Скопје во почетокот на Втората светска војна.

Поглед на селото Усје од крстот над селото
Црквата Свети Атанасиј во селото Усје

Археолошките ископини близу црквата Св. Атанас говорат дека на територијата на Усје имало населба уште во римско време. Со пропаста на Римската Империја во доцниот шести век, сите населени места на територијата на денешната општина Кисела Вода биле уништени или напуштени. Некои биле уништени и во земјотресот што го погодил Скупи во 518 година. Селото Усје повторно почнало да се населува за време на турското ропство. Така, според најраните податоци од турското владеење во 1452 година во селото живееле 13 македонски христијански семејства. Со текот на годините нивниот број се повеќе се зголемувал. Следен пишан извор за селото Усје е поменикот на манастирот во Матка од 1560 - 1570, кога како приложници се запишани повеќе жители од село Усје. Според народното предание Усје било големо македонско село со голема црква, кое било запалено од Татарите кои дошле оздола[1]. Црквата постоела во рушевини расипана во средината на селото (десно крај потокот) до пред 140 години, кога била обновена, а за време на обновата селаните одредено време на причест оделе во Драчево[4]. Карактеристично за селото Усје е тоа што неколкупати го зафаќала болеста чума. Последен пат чумата се појавила зимата 1878 година[5]. Од неа пцовисал целиот добиток, а селото веднаш било запалено. Уништена била и црквата Св. Атанас. Пред околу 200 години селото било почифликувано, односно земјата на селаните им била одземена од беговите, меѓу кои имало и еден Македонец по име Миле Симиџија од Скопје, а најголем дел имал Етем-бег[5]. Беговите живееле во Скопје, а амбари со жито имале во селото Усје. Во беговските куќи во Скопје живееле субаши, кои го застапувале бегот и ги надгледувале работите во селата. Населението било подложено на страшен терор и насилства од субашите, од кои едниот Садик-ага Албанец од селото Црн Врв со 6 синови се населил во Усје, градејќи куќа во Средното Маало и насилно земајќи земја од утрините (пасиштата), а подоцна и со сечење на шума[5]. Садик-ага двајца свои синови оженил со 2 грабнати Македонки од селото Добри Дол, а започнал да повикува и населува други албански одметници, убијци и пљачкаши, истиснувајќи ги угледните македонски семејства да се иселат[5]. Поради појавата на македонските комити од ВМРО, плашејќи се од одмазда за своите недела, Садиковци целосно се иселиле од Усје во 1908 година и преминале во Батинци[5].

Потекло и значење на името Усје[уреди | уреди извор]

Името на селото Усје потекнува од македонскиот збор устие, со значење на утока односно место каде што се составуват или влеваат два или повеќе водотеци — реки или потоци[6]. Селото Усје името го добило поради некогашниот слив на потоците (јазовите или каналите) со вода кои доаѓале од планината Водно и минувале низ селото. Местоположбата на самото село кое сместено во дол помеѓу два рида, и низ кое и денес тече Усјанскиот канал, ја потврдува оваа претпоставка за настанокот и значењето на името Усје.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Црно грозје во Усје
Лозови насади во Усје

Населението на селото Усје главно се занимава со земјоделство, од кое најмногу се застапени полјоделството (раноградинарството) и лозаро-овоштарството. На нивите и бавчите во Усје, најмногу се одгледуваат: житни култури (најмногу пченица) особено на нивите во рамничарскиот дел помеѓу селото и патот за Кисела Вода и Драчево, градинарски и раноградинарски култури под пластеници од кои најмногу: домат, краставица, пиперка (зелена), млад кромид и лук, кромид, марула, спанаќ и грашок, претежно во нивите и бавчите крај Усјанскиот канал и меѓу куќите. Ридовите кои го окружуваат Усје, поради идеалните услови кои ги нудат, целосно се искористени за одгледување на лозови и овошни насади. Најзастапени покрај лозовите насади се праските, црешите, крушите, јаболката и кајсиите. На пазарите во Скопје надалеку се познати усјанското трпезно грозје како и марула и домат. Дел од населението на Усје се занимава и со секундарни и терциерни стопански дејности, а најголем дел е вработено во најголемата цементарница во Република Македонија која се наоѓа до селото и го носи истото име „УСЈЕ“ и експлоатира цементен лапорец на ридовите западно од Усје. Останатиот дел на населението работи и во блиските авто-сервиси, фабрики, фирми, стоваришта и погони кои се наоѓаат во непосредна околина на селото Усје.

Население[уреди | уреди извор]

Поради својата близина до градот Скопје, селото Усје има поволна демографска состојба. Бидејќи не претставува атртактивно миграционо место, постојаниот висок пораст на населението се должи на зголемениот наталитет, па така домаќинствата во Усје се просечно со околу 3 деца и вкупно 7 членови. Според пописот од 2002 година, селото Усје брои 845 жители, од кои:

Националност Вкупно
Македонци 830 (98,22 %)
Албанци 0
Турци 1
Роми 0
Власи 7
Срби 6
Бошњаци 0
други 1

Родови[уреди | уреди извор]

Во селото Усје од секогаш живееле Македонци со православна христијанска вероисповед. Постојат и повеќе старински родови меѓу кои се: Тошовци, Љубошани (за време турско преминале во Драчево, па во Љубош, за повторно да се вратат во Усје), Крцовчиња (овие три рода слават Митровден), Цветановци, Китановци, (овие 2 рода слават Св.Никола), Апчевци, Конопаровци (овие 2 рода слават Св. Архангел)[5]. Доселенички родови се: Смилковци (од Добри Дол), Ќерамидовци (од околината на Бабуна во Велешко), Мицковчиња (од Маркова Сушица), Добридолци (од Добри Дол), Бучинчани (од Бучинци), Трифуновци (од Пагаруша) и Казаковци[7]. Во поново време во селото има доселеници од околината на Кавадарци, Неготино.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Во селото Усје работи основното училиште до IV одделение „Невена Георгиева - Дуња“, а во нејзина непосредна близина е селската црква Свети Атанасиј, возобновена во 1979 година.

Цркви[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Усје претставува месна заедница во рамките на Општина Кисела Вода, во нејзиниот средишен дел. Советот на месната заедница Усје брои 6 членови, а претседател е Марјанчо Андрески

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во селото постојат ракометно игралиште и игралиште за мал фудбал, кои се во непосредна близина. Во близина се наоѓаат и просториите на фудбалскиот клуб „Вардар 75“ и кунгфу-клубот „Ву Шу“.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Иселеници од селото Усје се забележани во Драчево, Кучевиште, Инџиково, Огњанци и Скопје[7].

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр. 125
  2. Иванова, Олга (2014) (на македонски). Речник на имињата на населените места во Р.Македонија. Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 192. 
  3. Соколоски, Методија (1984) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. VI. Скопје: Архив на Македонија. стр. 206-207. 
  4. Трифуноски пишува 90 години
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 Трифуноски стр. 126
  6. Иванова, Олга (2014) (на македонски). Речник на имињата на населените места во Р. Македонија. Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 192. 
  7. 7,0 7,1 Трифуноски, стр. 127