Ајватовци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Ајватовци
Ajvatovci-MK.jpg

Поглед на селото Ајватовци и Скопското Поле со индустриската зона Бунарџик од Ајватовски Рид

Ајватовци is located in Македонија
Ајватовци
Местоположба на Ајватовци во Македонија
Координати 42°3′49″N 21°36′37″E / 42.06361° СГШ; 21.61028° ИГД / 42.06361; 21.61028Координати: 42°3′49″N 21°36′37″E / 42.06361° СГШ; 21.61028° ИГД / 42.06361; 21.61028
Регион Logo of Skopje Region.svg Скопски
Општина Coat of arms of Ilinden Municipality, Macedonia.svg Илинден
Област Скопско Поле
Население 232[1] жит.
(поп. 2002)
Повик. бр. 02
Надм. вис. 320 м
Ајватовци на општинската карта
Ајватовци во Општина Илинден.svg

Атарот на Ајватовци во рамките на општината
Commons-logo.svg Ајватовци на Ризницата


Ајватовци — село во рамките на Општина Илинден, во околината на градот Скопје.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Глетка од Ајватовци со Бунарџик и аеродромската писта на Скопскиот аеродром во позадината, од ридот од запад

Ајватовци се наоѓа во источниот дел на Скопската Котлина во рамките на Општина Илинден на само неколку километри од автопатот Скопје - Куманово од неговата лева страна.[2]

Селото е рамничарско и лежи на надморска височина од 320 метри.[2] Расположено е во подножјето на Ајватовски Рид, на допирот помеѓу возвишението (429 м) на север и котлинското дно на југ (233 м).[3]

Низ селото минува асфалтниот пат кој води кон селата Мршевци, Бујковци, Бучинци и Миладиновци, додека на самата средина на селото кон југ (десно) се одвојува патот за селото Бунарџик. Атарот на селото зафаќа површина од 9,1 км², од кои 383 хектари зафаќа обработливото земјиште, 339 хектари пасиштата и 40 хектари шумите.[2] Низ Ајватовци минува патот кој од општинското средиште Илинден води кон селата Мршевци, Бучинци и Бујковци, како и кон Бунарџик. Северно од селото избива изворот Густ Габер.

Историја[уреди | уреди извор]

Денешното село Ајватовци потекнува од крајот на XVIII век.[3] Како што е случај со повеќето околни села, тоа најверојатно било уништено и опустело по Карпошевото востание и Австриско-турската војна во 1689 година, а по неколку века пак се обновило. Основач на Ајватовци кон крајот на XVIII век бил некој Давин, од кого потекнува селскиот род Давиновци.[3] По нив се доселил родот Пешеви, а последен се доселил родот Тасеви. Во првата половина на XIX век Ајватовци станало чифлик на Мемет-бег од Скопје.[3]

Во 19 век, Ајватовци се наоѓало во Скопската каза, во Отоманското Царство.

До 1912 година сите селани работеле на чифликот, а по заминувањето на Турците добиле земја со аграрната реформа. На потезите Клинчарица и Црквиште (каде што се наоѓал камен крст на Св. Петар, а денес е изградена истоимената црква) селаните често ископувале и изорувале ќерамиди и грнчарија од понапрешното население.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Глетка од Ајватовци

Според составот на атарот, селото Ајватовци има исклучиво полјоделска функција.[2] Населението на Ајватовци поради својата погодна положба највеќе се занимава со земјоделство, односно со полјоделство и сточарство. Од полјоделството најзастапено е одгледувањето на жита, посебно пченица, јачмен и овес, фуражни и индустриски култури како луцерка и граор. Во голема мера е застапено и градинарството односно одгледувањето на пиперки, домати, кромид, марули, моркови.

Од сточарството најзастапено одгледувањето на крупна стока односно краварството, за што е погоден и самиот терен. Покрај погодноста на теренот, за развојот на краварството и млекопроизводството кај населението на Ајватовци, највеќе влијае и непосредната близина на некогашната млекарница „Сведмилк“ како и неколку други млекарници непосредно до селото. Во помала мера, но сепак доста застапено е и одгледувањето на ситната стока како овците и козите. Живинарството и одгледувањето домашни птици е застапено во голема мера, поради самиот терен и близината на повеќе приватни живинарски фарми како и некогашната живинарска фарма „Белимбегово“.

Ридскиот терен околу Ајватовци е погоден и за лозарство, па така лозјата се во голема мера застапени во подножјето на ридот непосредно источно и западно од селото. Исто така јужно од селото има и повеќе плански насадени овоштарници со јаболка, слива, круши, цреши, кајсии, праски, бадеми и лешници.

Покрај со земјоделство дел од населението се занимава и со други стопански гранки, односно работа во фабриките на економската зона „Бунарџик“, Рафинеријата „ОКТА“ и големиот број на индустриски погони и хали во индустриската зона „Илинден“ во непосредна близина на Ајватовци. Од неодамна на самиот почеток на патот кој води кон Ајватовци се подгинати повеќе нови големи погони, продажни салони и стоваришта на компании млекарницата „Суташ“ поранешната „Сведмилк“, „DHL“, „Интергрос“ во кои исто така работат жители на Ајватовци. Некои од жителите имаат и сопствени бизниси, за што сведочат нивните убави, големи и богато уредени куќи.

Поради сувото земјиште Ајватовци (заедно со Бучинци) во минатото биле едни од најсиромашните села во целата област, при што жито за прехрана од своите ниви имале само за 6 месеци, а по свои кажувања страдале и за „еден пипер“.[3] За разлика од денешните услови, порано во минатото во Ајватовци поразвиено било сточарството и тоа одгледувањето кози при што секоја куќа имала по 25 глави, односно вкупно 1300 овци.[3] Од 1961 година со создавање на лозарското стопанство од Арачиново кое зафатило голем дел од пасиштата,[3] како и земјоделското стопанство и големите зафати за подобрување на квалитетот на почвата почнале и промените во земјоделското стопанисување на населението во Ајватовци. На ридовите северно од селото во минатото постоела шума која била исечена во времето кога Турците правеле барут во соседното село Белимбегово.[3]

Во поново време, почнувајќи од 2008 година со акцијата „Ден на дрвото“, овие ридови северно од селото активно се пошумуваат со зимзелени дрвја.

Население[уреди | уреди извор]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Ајватовци имало 190 жители, од кои 120 Македонци христијани и Македонци муслимани.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ајватовци имало 176 жители.[5]

Според пописот од 2002 година во Ајватовци живееле 232 жители, од кои 231 Македонец и 1 Србин.[1]

Селото Ајватовци забележало мало опаѓање, а меѓу последните 2 пописи и пораст на бројот на жителите и во основа покажува тенденција на демографска стабилност во односно на бројот на населението. Тоа се должи на поволните животни услови кои се резултат на местоположбата и добрата патна поврзаност со Скопје, големиот број економски објекти во непосредната близина, плодната почва за земоделство итн. Во 1961 година во селото Ајватовци живееле 390 жители, а во 1994 година имало 225 жители.[2] Во селото има поголем број на деца и неколку многудетни семејства.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[6] 1905[7] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 190 176 416 422 390 292 239 204 225 232
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]

Родови[уреди | уреди извор]

Населението на Ајватовци од секогаш го сочинувале исклучиво Македонци, православни христијани. Во Ајватовци живеат следните родови: Давиновци (слават Свети Никола) основачи на денешното село, најстари доселеници кои дошле „од кај Прилеп“ пред околу 220 години. Во овој род се знае следниот родослов: Тодор (жив на 80 години во 1961)-Стојан-Илија-Младен-Давин, основач на родот кој се доселил; Милеви (слават Митровден) и тие се по потекло „од Прилепско“.[3] Родовите Божинови, Николеви и Аврамови потекнуваат од ист предок и сите слават Св. Атанасиј, а се доселиле од селото Кокошиње во Кумановско. Родот Божинови порано бил познат и под прекарот Субашини, а кај нив се знае и следниот родослов: Цветко (жив на 60 години во 1961)-Илија-Ѓуро-Божин, основач на родот.[3] Родови кои не го знаат местото од каде се доселиле се: Пешеви (слават Митровден) се населиле после родот Давиновци, Јовчеви, Ивкови, Ѓорѓеви, Стефкови, Нешеви (сите слават Митровден), Најдеви, Аџиеви, Стојчеви (сите слават Св. Никола), Димеви (слават Петковден), Тасеви (слават Петковден) се последните доселеници кои во селото се населиле околу средината на XIX век.[3]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Илинден, една од малкуте општините, која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Илинден.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кале. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Петровец.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бунарџик, во која покрај селото Ајватовци, се наоѓале и селата Белимбегово, Бујковци, Бунарџик, Бучинци, Дељадровци, Марино, Миладиновци, Мршевци и Текија. Во периодот 1950-1952 година повторно постоела Општина Бунарџик, во која влегувале селата Ајватовци, Бунарџик, Белимбегово, Марино и Миладиновци.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[9]
  • Црква „Св. Трифун“ — главна селска црква во долот помеѓу двата рида во горниот дел на селото.
  • Црква „Св. Петар и Павле“ — се наоѓа на ридот над самото село и се забележува како знаменитост од сите страни. Во дворот непосредно до црквата стои стар камен крст, за кој може да се претпостави дека можеби е подигнат во 1844/45 поради натписот на таа година во грбот на Ајватовци кој стои придружните згради во дворот на црквата.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Иселеници од Ајватовци има во соседните села: во Белимбегово (Илинден) од родот Давиновци додека тамошниот род Шкодреви води потекло од Ајватовци; во Кадино од родот Ѓореви; во Бунарџик од Ајватовци потекнуваат тамошните родови Петковци, Ангелкови, Пешевци и Ивковци; во Дељадровци од родот Стојчеви; родот Дедо-Ваневци во Агино Село води ајватовско потекло, а во Скопје има иселеници од родот Давиновци.[3]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 19 јануари 2017. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 9. 
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Трифуноски, Јован (1964) (на српски). Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике. V. Скопје: Филозофски факултет. стр. 47. 
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 206.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 114-115.
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  8. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  9. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]