Илинден (населба)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
За други значења на поимот Илинден видете на појаснителната страница
Илинден
Ilinden(Belimbegovo)MK.jpg

Поглед на дел од нас. Илинден крај железничката станица

Илинден is located in Македонија
Илинден
Местоположба на Илинден во Македонија
Координати 41°59′45″N 21°34′55″E / 41.99583° N; 21.58194° E / 41.99583; 21.58194Координати: 41°59′45″N 21°34′55″E / 41.99583° N; 21.58194° E / 41.99583; 21.58194
Општина Општина Илинден
Население 4.931 жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1041
Илинден на општинската карта
Илинден во Општина Илинден.svg

Атарот на Илинден во рамките на општината
Commons-logo.svg Илинден на Ризницата


Илинден (до 1951 г. Белимбегово) — село во Општина Илинден и нејзин административен центар, во околината на градот Скопје.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на населбата Илинден

Илинден е сместено во средишниот дел на Скопската Котлина, односно во средишниот дел на областа Блатија на допирод помеѓу две зони на почви, влажни под селото и суви над селото[1]. Населбата е рамничарска, расположена на 245 метри надморска височина и од градот Скопје е оддалечена 10 километри во источен правец. Веднаш крај Илинден поминуваат автопатот „Александар Македонски“ кој е дел од меѓународниот патен правец Е-75 и коридорот 10, а исто така и железничката пруга кон Куманово и Белград дел од истиот паневропски сообраќаен коридор. Населбата има разбиен тип, а поради големиот број на население и доселеници, како и спојувањето со соседното место Марино, таа има се повеќе урбани каркатеристики и важи за градска населба. На југ од Илинден води патниот правец на кој се наоѓа Јурумлери и води кон Драчево, на североисток се Ајватовци и Бунарџик, на северозапад е Арачиново, на исток и југоисток од Илинден се наоѓа Марино низ кој водат 2 локални патни правци кон Кадино и Мралино и кон Миладиновци, на запад е градот Скопје со населбите Хиподром и Маџари.

Историја[уреди | уреди извор]

Покрај селото Илинден, некогашно Белимбегово, се до заминувањето на турските власти, на месноста Маркова Колепка се познавале стар гробови, кои не припаѓале на населението, кое пак врз основа на нивното постоење имало предание дека на местото на денешното село постоело друго село кое подоцна било уништено[2]. Денешната населба настанала за време на турското владеење, кога на ова место бил основан чифлик од страна на некој си Белим-бег кој се грижел и за производството на барут во соседното Јурумлери, а по кого селото го добило и името[2]. Во месноста Требоши, на 1 километар јужно од селото селаните често откопувале ќерамиди, ќупчиња, јазови, бунари и остатоци од мостови, при што постоело преданието дека некогаш таму постоело посебно чифлигарско македонско христијанско село, кое било заграбено и раселено од белимбеговските чифликсајбии, при што дел од населението преминало во Белимегово, а остантиот дел се раселил на разни места[2]. До крајот на турското владеење во Белимбегово постоеле 7 чифлици на скопски бегови и сите македонски семејства, освен родот Аџиовци кои имале своја земја, работеле како чифчии и момоци[2]. Од чифлигарството жителите Македонци започнале да се ослободуваат со аграрната реформа во 1927 година и со подоцнежната во 1946 година, кога започнале да добиваат и откупуваат земја во свој посед[2]. Во 1928 година во селото се доселило семејството Калкус (три брата) од Чешка, кои за кратко време створиле посед простран од 150 до 200 хектари, кој по Втората светска војна било одземено и национализирано за основање на земјоделското стопанство[3]. По Првата светска војна во Белимбегово масовно почнале да се доселуваат Македонци од селата на Скопска Црна Гора, при што тие го основале Плац Маалото[3]. Вториот голем бран на доселувања, започнал кон крајот на шеесетите години на ХХ век, кога во Илинден се доселиле голем број на Македонци од селата во околината на Крива Паланка. Се до 1996 населбата Илинден припаѓала во рамките на скопската градска општина Гази Баба, по што била основана истоимена општина со седиште во оваа населба.

Економија[уреди | уреди извор]

Поволната географска положба и одличната сообраќајна поврзаност на населбата Илинден и овозможува одлична економска развиеност. Во непосредна близина на Илинден се наоѓаат индустриската зона „Илинден“, слободната економска зона „Бунарџик“ и рафинеријата „ОКТА“, каде што работат голем број на фабрики, производствени погони, стоваришта во кои работат жители на Илинден. Поголемиот дел на жители се занимаваат со секундарни стопански гранки како работа во индустријата, градежништвото, трговијата, угостителство. Во близината на Илинден се наоѓа и скопскиот Аеродром „Александар Велики“ на кој работат дел од жителите на Илинден. Значаен дел од населението, посебно постарите селски родови со поголем земјишен посед, се занимава со земјоделство. Најзастапено е полјоделството односно одгледување на житни растенија - највеќе пченица, јачмен и пченка. Во голема мера е застапено и градинарството и одгледувањето на кромид, марула, пиперки, домати, зелка и моркови. Сточарството и живинарството се доста застапени и голем број на домаќинства одгледуваат свињи, крави и живина. Во минатото како дел од земјоделското стопанство „Белимбегово“ постоела голема живинарска фарма, а денес во Илинден работат неколку приватни живинарски фарми кои произведуваат јајца и пилешко месо. Во непосредната близина на Илинден се наоѓа и млекарницата „Сведмилк“, а во населбата работат голем број на продавници и салони за бела техника, мебел, книжарници, фризерски салони, ресторани и кафеани.

Демографија[уреди | уреди извор]

Според послениот Попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 4.931 жители. Следува табела на националната структура на населението[4]

Националност Вкупно
Македонци 4 285
Албанци 0
Турци 2
Роми 31
Власи 1
Срби 176
Бошњаци 0
Други 96

Како привлечно место за доживување, во Илинден се доселуваат голем број на луѓе, па така бројот на населението бележи постојан пораст. Во 1981 година во Илинден живееле 4.077 жители, а во 1994 година 4.321 жител од кои 3702 (85,67 %) Македонци, 224 Албанци, 194 Срби, 10 Роми и 190 жители се изјасниле како други[5].

На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[6]

Година Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. Вкупно
1948 906
1953 1.084 10 1 20 89 ... 17 1.252
1961 1.375 94 2 ... ... 151 ... 39 1.661
1971 2.069 149 ... 181 ... 96 2.495
1981 3.410 48 3 212 ... 404 4.077
1991 3.588 154 13 1 161 450 4.367
1994 3.702 224 10 1 194 190 4.321
2002 4.285 2 31 1 176 96 4.931

Родови:[уреди | уреди извор]

Илинден е волгавно македонско село, но има и од други народности во селото.

Според истражувањата од 1953 година, родови во селото се:[7]

Македонски

  • Староседелци: Аџијовци (3 к.)
  • Доселеници: Риклевци (4 к.) доселени се во XIX век од скопското маало Чаир. И таму биле однекаде доселени; Аџаларци (6 к.) доселени се средината на XIX век од селото Аџалари. И таму биле доселени однекаде; Савевци или Нацевци (2 к.) гранка се од претходниот род; Паличкови (9 к.) доселени се од селото Сушица. Нивните истоимени роднини од Сушица се иселиле во Кадино (од таму прешле во Петровец) и Бунарџик; Пурчеви (5 к.) по потекло се од планинското село Дивле. Од таму се иселиле во Брњарци, па потоа прешле во Илинден; Бејтовци (8 к.) доселени се во XIX век од селото Карабуниште кај Велес. Познати се и под името Бошковци; Дончевци (6 к.) доселени се во XIX век однекаде; Пејовци (2 к.) доселени се одамна однекаде; Пројковци (1 к.) доселени се од Горно Лисиче; Џиковци (6 к.) потекнуваат од домазет доселен од селото Драчево; Најдовци или Пагарушовци (3 к.) доселени се од селото Пагаруша. Ја знаат следната генеологија Анѓеле (жив на 50 г. во 1953 година) Најдо-Велко, кој се доселил; Стојанови (2 к.) доселени се од селото Деладровци; Роглевци (2 к.) доселени се од селото Бунарџик; Деспатови (1 к.) доселени се однекаде; Бушевци (3 к.) доселени се пред 1912 година. Пред тоа живееле во Трубарево и Идризово; Костадиновци (5 к.) доселени се од Маџари. Подалечно потекло од селото Карбуниште кај Велес; Шкодреви (3 к.) порано живееле во Ајватовци и Јурумлери. Овде се доселиле пред 1912 година; Караџови (2 к.), Шарковци (2 к.), Зајчеви (2 к.), Чанкуловци (9 к.), Бостанјеви (2 к.), Крстевски (1 к.), Љошевци (2 к.), Милошеви (2 к.), Спасоски (3 к.), Аврамови (3 к.), Димови (2 к.), Мерџанови (3 к.), Радески (3 к.), Петровски (2 к.), Крушкарои (2 к.) и Ушлиновци (2 к.) доселени се од 1926 до 1950 година од селото Бродец на Скопска Црна Гора; Рајевци (2 к.), Кошарчеви или Видинци (5 к.), Ниниќи (1 к.) и Кајоски (1 к.) доселени се од 1926 до 1949 година од селото Кучевиште на Скопска Црна Гора; Секуловци (1 к.), Крковци (1 к.), Јаневци (2 к.) и Јовевци (2 к.) доселени се од селото Сопиште; Нешовци (4 к.) доселени се во 1928 година од селото Љуботен; Паланчани (3 к.) доселени се во 1947 година од селото Трново кај Крива Паланка; Паликуровци (1 к.) доселени се во 1946 година од селото Паликура во Тиквеш; Романовци (2 к.) доселени се во 1949 година од селото Романовце.

Торбешки род

  • Доселеници: Салијевци (1 к.) доселени се во 1916 година. По потекло од некое село кај Радика (Долна Река)

Србски

  • Доселеници: Арсови (3 к.) доселени се пред крајот на турското владеење од Витина кај Гнилане во Косово; Стојановиќи (2 к.) доселени се во 1930 година од селото Жбевац кај Ристовац; Милиќи (1 к.) доселени се во 1935 година од околината на Заечар; Јефтиќи (1 к.) доселени се од селото Слатина кај Чачак.

Албанизирани Роми или Маљоци


Општествени установи[уреди | уреди извор]

Во населбата Илинден, на самиот нејзин крај кон селото Марино, работи основното училиште „Гоце Делчев“ и првото средно модуларно училиште во Општина Илинден[8].

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Константин и Елена“ во Илинден

Цркви[уреди | уреди извор]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Во минатото се забележани следните иселувања: еден род по име Пакошево се доселил од селото Пакошево, па се иселил во Скопје уште во XIX век. Најголем број иселеници имало во градот Скопје и некогашните села, денес негови населби Кисела Вода и Тафталиџе, потоа во Драчево и Инџиково[9]. Во поново време има иселеници во странство, посебно во Германија, САД и Канада.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.130-131
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.131
  3. 3,0 3,1 Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.132
  4. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  5. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.136
  6. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат. Државен завод за статистика.
  7. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.
  8. http://www.ilinden.gov.mk/en/node/639
  9. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.134-135

Надворешни врски[уреди | уреди извор]