Стајковци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Стајковци
Stajkovci-MKD.JPG

Поглед кон Стајковци

Стајковци се наоѓа во Republic of Macedonia
Стајковци
Местоположба на Стајковци во Македонија
Координати 42°01′38″ СГШ 21°30′47″ ИГД / 
Општина Општина Гази Баба
Население 3532 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 237 м
Commons-logo.svg Стајковци на Ризницата

Стајковци е село во Општина Гази Баба, во околината на градот Скопје.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Глетка на дел од селото Стајковци

Селото Стајковци лежи во низината, која благо се спушта од северозапад кон југоисток[1]. На северозапад низината е висока околу 265 метри, а на југоисток нејзината висина изнесува околу 237 метри[2].

Во неговата непосредна близина се наоѓаат селата Црешево, Виниче, Брњарци и Сингелиќ кое е споено со населбата Методија Андонов - Ченто, односно градот Скопје, а низ самото село Стајковци води патот кон овие села. Непосредно крај селото од северната страна минува обиколницата. На атарот на селото нема извори, па населението водата за пиење ја обезбедува од бунари кои се ископани во секоја куќа и се длабоки 12 до 13 метри[3], а во поново време е спроведен и водовод. Селото од сите страни е опколено со обработено земјиште, а до средината на XX век било поделено во два дела, постар на југозапад и понов, основан во 1942 година, на североисток, кои меѓусебно биле оддалечени 500 метри[4], но со текот на времето како што се доселувале луѓе и граделе куќи тие наполно се споиле. Местоположбата на селото Стајковци е многу поволна од аспект на стопанските и сообраќајните прилики, кои непосредно влијаат на неговата големина и значење. На целиот атар во најголема мера преовладува обработливото земјиште (над 99%), додека сосема незначителен дел отпаѓа на пасиштата.

Историja[уреди | уреди извор]

Црквата Свети Кирил и Методиј

Кога е основано селото не може со точност да се утврди[5]. Од денешните родови најстари доселеници се Анџиини од првата половина на XIX век, а по нив се доселиле Алтиовци и Дељовци во втората половина на XIX век[6]. Старини биле пронаоѓани во месностите: Стари Гројба (преорано во 1918 година) лево од патот Стајковци-Сингелиќ каде што се познавале крстови поради тоа што со сигурност се знаело дека тоа се христијански гробишта кои припаѓале на македонското насление кое за време на турското ропство било уништено или иселено, како и во месностите Јаболче и Каменик каде што биле пронајдени „згурија од ковачница“ и мали мермерни блокови[7]. Опустошувањето на старото село морало да биде многу одамна, бидејќи доселениците кои дошле во XIX век не ги наследиле тие гробишта, туку своите починати ги погребувале во соседното село Црешево сѐ до 1942 година, кога Стајковци основало нови гробишта[8]. До втората половина на XIX век низ Стајковци водел важен кираџиски пат по кој од Скопје се одело за Куманово или Овче Поле, поради што во Стајковци постоел еден ан во сопственост на некојси Максут-ага, кој бил затворен со изградбата на новите колски патишта и губењето назначењето на овој кираџиски пат[9]. Во XIX век селото Стајковци било потполно чифлигарско село (поради одличната местоположба и плодноста на земјиштето) на повеќе турски поседници од Скопје, кои во ХХ век имале 4 кули и биле застапувани од албански „ќаи“[10]. Од чифлигарството, Стајковци започнало да се ослободува од 1900 година со постепено откупување на земјиштето на атарот, од кое селаните успеале да откупат две третини, додека една третина преку аграрна реформа српската (кралска југословенска) окупаторска власт после Првата светска војна им ја отстапила на доселениците во селото Сингелиќ[11].

Со раширувањето на градот Скопје и изградбата на голем број на фабрики по Втората светска војна, Стајковци станало привлечнно место за доселување на луѓе од околните села, како и од североисточните краишта на Македонија (Кумановско, Кривопаланечко), при што селото нагло почнало да расте добивајќи ја денешената големина и изглед на приградска населба.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Во однос на потеклото и значењето на името на селото, населението смета дека тоа е дадено според личното име (Стајко) на некој постар жител и тоа уште во времето пред турското ропство („уште од век пред Турчинот да биде овде“)[12].

Стопанство[уреди | уреди извор]

Земјоделско производство на градинарски растенија под пластеници во Стајковци

Селото Стајковци е едно од најпознатите и најголемите производители и снабдувачи на скопските пазари со зеленчук и земјоделски производи, од кои најголемиот дел од населението остварува приходи. Речиси целиот атар на селото е обработен и засеан со житни растенија, најмногу пченица, пченка и јачмен, потоа градинарски и раноградинарски култури како што се надалеку познатите и прочуени стајковски домати (патлиџан - скопски јабучар) и пиперки (зелени и црвени), марула, спанаќ, боранија, морков, кромид, лук, зелка, целер, магдонос, праз, а во прилично голема мерка се застапени и бостаните преку одгледување на лубеници, дињи и тикви. Овоштарството и лозарството се застапени во помала мерка претежно по приватните дворови и за сопствени потреби. Сточарството преку одгледување на крупен добиток и живина (кокошки) е исто така застапена во многу мала и незначителна мерка.

Покрај земјоделството, односно градинарството и продажбата на скопските пазари, поради непосредната близина на градот Скопје, значаен дел од населението се занимава и со други второ и третостепени стопански дејности, како што се занаетчиство (автомеханичари), градежништво (ѕидари, плочкари, молери, малтерисувачи), трговија, услужни и угостителски дејности. Во самото село работат повеќе трговски и услужни дејности како што се продавници, ресторани и кафулиња, автосервиси, бутици за облека, книжарница, берберница итн.

Население[уреди | уреди извор]

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 3.532 жители. Следува табела на националната структура на населението[13]

Националност Вкупно
Македонци 3 207
Турци 3
Роми 43
Албанци 232
Власи 0
Срби 38
Бошњаци 0
Други 10

Родови[уреди | уреди извор]

Стајковци од секогаш па сѐ до денес е исклучиво населено со Македонци од православна вероисповед. Според потеклото на старината населението доаѓало од разни страни, но во најголем дел се доселило во Стајковци во поново време преку соседното село Црешево и неговиот заселок Виниче во подножјето на Скопска Црна Гора[14]. Родови кои живеат во селото се: Анџиини (најстари доселеници од с.Бразда), Алтиовци, Дрнговци, Караџовци, Шеркови (сите од заселкот Виниче на с.Црешево), Шанови (од Виниче, каде дошле преку с. Страчинци) Дељовци, Младеновци (двата рода од с.Црешево, со подалечно потекло од Овче Поле), Смилковци, Трчковски, (сите од с.Црешево), Тонковски (дошле преку Црешево со подалечно потекло од околината на Куманово)[15].

Општествени институции[уреди | уреди извор]

Администрација и политика[уреди | уреди извор]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Уште за време на турското ропство, најголем дел од иселениците од постојните како и цели родови од Стајковци се преселиле во градот Скопје[17]. Во денешно време иселеништвото е исто така насочено најмногу кон Скопје, а во помала мерка и привремено и во странство (Германија и западна Европа).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.112
  2. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.112
  3. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.112
  4. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.112
  5. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.112
  6. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.112
  7. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.112-113
  8. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.113
  9. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.113
  10. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.113
  11. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.113
  12. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.113
  13. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  14. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.113
  15. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.113-114
  16. „Верски објекти“ (на македонски). Општина Гази Баба. http://www.gazibaba.gov.mk/znamenitosti/verski-objekti. посет. 28 ноември 2010 г. 
  17. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.115

Надворешни врски[уреди | уреди извор]