Пролет (скопска населба)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Пролет е населба во Скопје која се наоѓа во Општина Центар, поточно помеѓу Новата железничка станица, Феријален дом, Тутунски комбинат и Булевар Кузман Јосифовски Питу. На север граничи со Маџир Маало, на југ со Кисела вода, на исток со Мичурин, а на запад со Ново Маало. Таа е најмалата скопска населба која потекнува уште пред скопскиот земјотрес, изградена во 1947 година како прва станбена населба по Втората светска војна. Има едно основно училиште (ОУ „11 Октомври“), средно училиште (СУ „Раде Јовчевски Корчагин“), балон за мал фудбал „11 Октомври“, познатите ресторани „Кај Злате“, полициската станица „Пролет“, центарот за јавно здравје, поликлиника МВР.

Настани[уреди | уреди извор]

Вечерта пред Бадник, во населбата Пролет традиционално секоја година се пали бадников оган. Во 2001 година е почнато снимањето на телевизиската серија "Наше маало" во населба Пролет.

Спорт[уреди | уреди извор]

Ракометниот клуб „Пролет“ моментално настапува во Вип Супер Машката ракометна лига. Своите натпревари ги игра во салата „Македонско сонце“ изградена во 2012 година во дворот на ОУ „11 Октомври“. Пред тоа, клубот своите натпревари како домаќин ги играл во салите „Расадник“ во Кисела Вода и „Автокоманда“ во истоимената населба. Порано, Пролет настапувал на отвореното игралиште кое денес не постои, а се наоѓало до Железничката станица. Спонзор на тимот е Тинекс.

Познато е соперништвото помеѓу РК Пролет и РК Југ од соседната населба Мичурин.