Капиштец

Од Википедија — слободната енциклопедија
Зградите со фасадна цигла по кои е препознатлив Капиштец (ова е западниот дел)

Капиштецнаселба во состав на Општина Центар во Скопје. Населбата се наоѓа на околу 1 км југозападно од плоштадот во Скопје, на подножјето на планината Водно. На север, таа се граничи со населбата Буњаковец, на запад со населбите Тафталиџе и Козле, а на југ со населбата Водно.

Сообраќај и инфраструктура[уреди | уреди извор]

Населбата Капиштец е оддалечена од центарот на Скопје околу 15-20 минути одење пеш. Поврзаноста со центарот е преку источниот крај на ул. „Васил Ѓоргов“ и источниот крај на ул. „Народен Фронт“, а преку нивните западни краеви, „Васил Ѓоргов“ продолжува кон населбата Козле, а „Народен Фронт“ кон населбата Тафталиџе. Исто така, магистралната улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“ (во минатото наречена „Иво Лола Рибар“) поминува низ Капиштец, која всушност ја поврзува населбата Ѓорче Петров со центарот на Скопје.

Во декември 2014 година, во населбата Капиштец бил пуштен во употреба паркот „Капиштец“, со површина од 20.000 квадратни метри, од кои 12.000 се тревна површина. На тој начин, паркот „Капиштец“ е најголемиот парк во рамките на општината Центар. Во состав на паркот се наоѓаат две детски игралишта и кошаркарски игралишта. Паркот е осветлен со амбинетално осветлување и со канделабри и располага со автоматски систем за полевање.[1]

Население и етнички состав на населението[уреди | уреди извор]

Поглед на Капиштец од исток

Во Капиштец живеат околу 12 100 луѓе од кои:

  • 93,5% се Македонци
  • 5,5% Срби (претежно во воените згради)
  • 1% други.

Според образованието, во Капиштец писменоста е околу 99,9%, а 3,5% се лица со високо образование (завршен факултет). Како високоурбанизирана населба, карактеристичен е големиот број на младо население (околу 29-31%), но и на доста старо население. Како понова населба, во Капиштец се доселувале Македонци од сите краишта на Македонија во првите години од изградбата на населбата (1980-1985), а во поново време се забележува миграцијата на луѓе од другите населби во Скопје.

Историја на Капиштец[уреди | уреди извор]

На местото на зградите на улица „Козара“ и куќите по нив, одамна постоело населено место, за што сѐ уште сведочат плочките и подовите од куќи кај тополите и паркингот меѓу двата блока згради на оваа улица (се мисли на зградите кај 511, Балила и тие од спротива кај Лингвалинк) кои биле срушени кога се граделе зградите. Најголем сведок е каналот (сега пресушен, без вода, полн со лисја и земја) низ кој течел јаз (поток) кон Центар (Зелено Пазарче) и се вливал во Вардар кај Маџир Маало (потокот е пресушен некаде 1956/57, односно во годините околу Скопскиот земјотрес). Се претпоставува дека тука се наоѓало селото Долно Водно, бидејќи селото Горно Водно се наоѓало кај училиштето „Кочо Рацин“ и било раселено од таму 1955/56 кога таму се граделе резиденции за владини функционери,па бидејќи биле на зорт бркани луѓето од таму местото го завикале и Зорле. Поради поставеноста на теренот најверојатно Долно Водно било на местото кај овој поток и зградите што денес се наоѓаат овде.

Станбениот комплекс во Капиштец на чие место веројатно било селото Долно Водно

Изградбата на населбата се одвивала во 1980-1985 година, односно Капиштец е релативно нова населба. Пред да се изградат зградите, делот на Капиштец на ул. Народен фронт бил ливади и тука поминувала железничката пруга кон Ѓорче Петров и Охрид.

На местото на зградата на Бетон т.е. Министерство за економија била ложилницата каде се раѓало комунистичкото работничко движење против бугарскиот окупатор за време на Втората светска војна од каде излегле голем број Македонци и Македонски партизани и борци за слобода. Таму работел и дејствувал народниот херој Владо Тасевски од Прилеп (пругата е дислоцирана по земјотресот).

Во изградбата на Капиштец во тоа време учествувале Македонските градежни претпријатија (Маврово, Бетон, Гранит, Пелагонија), а во поново време новите згради се градат од приватни инвеститори.

За дел од Капиштец во поново време се сметаат и новите згради кои се изградени на местото од куќите кај фабриката Треска сè до Католичката црква, ова место е попознато (меѓу младите) како Нов Капиштец или Мал Капиштец (овие куќи беа под К.О. Дебар Маало 2, но се префрлени под Капиштец).

Потекло на името Капиштец[уреди | уреди извор]

Името на Капиштец е поврзано со капиштето на потокот кој течел низ него, а кое, како сите такви места, во паганско време служело за поставување на идоли.

Објекти во изградба (2006)

Важни економски значајни и знаменити објекти[уреди | уреди извор]

Освен големиот број станбени објекти, во Капиштец се наоѓаат два трговски центри („Капиштец“ и „Беверли Хилс“), со голем број трговски дуќани и црквата „Свети Јован Крстител“ на подножјето на Водно, во чиј состав е Богословскиот факултет.

Во Капиштец се наоѓаат уште и Заводот за вработување и Заводот за рехабилитација и ортопедскиот завод „Славеј“, домот за деца без родители „11 Октомври“, сервисот на фабриката „Карпош“ и др.

До 2004 година, во Капиштец се наоѓало едно од најелитните тениски игралишта „КТК“, на чие место биле изградени неколку станбени згради.

Познати личности кои живеат или живееле во Капиштец[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Отворен паркот Капиштец“, Дневник, година XVIII, број 5643, вторник, 16 декември 2012, стр. 18.