Каролина Гочева го имаше својот прв забележителен настап на десет годишна возраст на детскиот фестивал "Си-До" во Битола и на фестивалот Макфест во 1991 во Штип со песната "Мамо, пушти ме". На почетокот на нејзината кариера, таа настапуваше на голем број домашни фестивали за промовирање на нејзиниот талент и нејзината кариера. Стана редовен учесник на фестивалот Скопје фест, дебитирајќи во 1994 со песната "Кој да ти каже". Во наредните години успешно настапуваше на Скопје фест каде што се избираше песна за Евровизија. Во 1996 учествуваше со песната "Ма, ајде кажи ми" и се пласира на деветто место. Во 1998 учествуваше со "Украдени ноќи" и имаше поголем успех стигнувајќи до четвртото место со 10,454 гласови. Во 2000 година Каролина стана дел од Авалон продукција и го издаде својот деби-албум "Јас имам песна". Од овој албум излегоа хитовите "Сакај ме", "Без оглед на се" и "Немир" која ја испеа во дует со Тоше Проески. Меѓу песните на нејзиниот прв албум беше и "За нас" која ја напиша Дарко Димитров, со која настапи на Скопје фест. На овој фестивал Каролина за малку не победи, заврши на второто место со 916 бода. Во 2000 година таа потпишува договор со Авалон Продукција и го издава нејзиниот прв албум „Јас имам песна“ и од тој албум произлегуваат хитовите : „Без оглед на се“, „Сакај ме“, „Срцево не ќе издржи“, „Милениум со тебе“ и други.
Во 2002 година на Македонскиот национален избор Каролина настапува со песната Од нас зависи и победува. Меѓутоа набргу се јавува контроверзија меѓу МТВ и Каролина. Имено Каролина има желба да ја пее песната на англиски јазик, бидејќи според нејзиното мислење на претходните учества на Евровизија Македонија се претставувала на македонски и немала некој добар пласман. За разлика од неа, во МТВ биле убедени дека треба да се пее на македонски, и биле подготвени ако Каролина не сака да ја изведе песната на македонски, на Евровизија 2002 да настапи второпласираната Андријана Јаневска. На крајот, Каролина сепак прифаќа да пее на македонски. Во Талин Каролина се пласира на 19 место, недоволно за Македонија да оди во учество наредната година. Таа година Каролина е избрана за мис Евровизија.
Во 2003 година, Каролина го издала албумот „Зошто сонот има крај“, на кој се јавуваат повеќе композиции, од кои најпознати се „Ти можеш“, „Јамајка“ како и „Кажи ми“, со која настапила на „Будва фест 2003“. Притоа, на албумот, овие три песни се испеани и на англиски јазик.