Македонско девојче 2

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Македонско девојче 2“
албум од Каролина Гочева
Издаден25 февруари 2014
Снимен2012-2013
ЖанрМакедонски фолклор, поп, џез
Траење48:25
Издавачка куќаАвалон продукција
ПродуцентДејан Момировски
Каролина Гочева — Хронологија
Капка под небото
(2010)
Македонско девојче 2
(2014)
Извор
(2018)
Издадени песни од Македонско девојче 2
  1. "Чалгиска"
    Издадена: декември 2013
  2. "Две лири (не ни било пишано)"
    Издадена: јануари 2014
  3. "Кој да ми запее"
    Издадена: април 2015

Македонско девојче 2 — осмиот студиски албум на македонската пејачка Каролина Гочева првпат излезен во продажба на 25 февруари 2014 година. Албумот е издаден преку дискографската куќа Авалон продукција во Македонија. Хрватската куќа Далас рекордс исто така го издала албумот низ земјите на поранешна Југославија во април 2015 година. Албумот содржи осум оригинални песни напишани од страна на Валентин Соклевски и Весна Малинова, за чиј аранжман и продукција се погрижиле Никола Мицевски и Дејан Момировски. Покрај горенаведените песни, на „Македонско девојче 2“ исто така можат да се најдат две преработки од кои една е на македонска народна песна, а другата е на песна оригинално снимена од страна на пејачот Пепи Бафтироски. Мотивацијата за снимањето на албумот Гочева ја добила од успехот на нејзиниот претходен проект инспириран од македонската народна музика, „Македонско девојче“ (2008).

Финализацијата на проектот траела две години поради желбата на тимот кој работел зад него да го усоврши колку што може повеќе. Според Гочева и продуцентот Мицевски, доброто познавање на тимот од претходно помогнало во процесот на снимање и одредување точна насока и цел со снимањето на „Македонско девојче 2“. Музички, албумот е сличен на неговиот претходник. Песните се одликуваат со елементи од македонскиот народен фолклор, но се адаптирани во посовремен стил кој е актуелен во времето на издавањето на албумот, односно содржат елементи и од поп и џез музика. Во текстовите, се опеани чувства на тага, среќа, љубов и копнеж на зрела жена. Сите песни биле компонирани специјално за Гочева притоа земајќи ги предвид нејзините широки вокални способности; карактеристично е отсуството на придружни вокали.

Албумот бил голем критички и комерцијален успех. Во 2014 година бил прогласен за најпродаваниот албум во Македонија за таа година. Три сингла биле издадени од албумот; песната „Чалгиска“ е објавена на 6 декември 2013 година пред албумот да биде издаден во продажба, „Две лири (не ни било пишано)“ била претставена во јануари 2014 и „Кој да ми запее“ била издадена во април 2015 година и почнала да кружи низ радио станиците во Македонија и државите од бивша Југославија. Со цел дополнително да го промовира „Македонско девојче 2“, Гочева одржала голем број на концерти во разни градови низ Македонија пред и по издавањето на албумот. Голем дел од нив биле документирани и прикажувани на различни ТВ емисии, како и на официјалните профили на пејачката на друштвените мрежи и на видео платформата YouTube. Од 2015 година, турнејата за промоција на албумот се одвивала и во Србија.

Позадина[уреди | уреди извор]

Во 2008 година, Гочева го издава албумот „Македонско девојче“ за кој соработува со композиторот Златко Ориѓански. Албумот се одликува со елементи од народната македонска музика што претставува промена во стилот на песни кои пејачката дотогаш ги снимала. Според Гочева, албумот служел како експеримент за неа со цел да види дали може да се снајде со снимање таков тип на музика. Албумот бил голем комерцијален и критички успех, станувајќи најпродаваниот албум за таа година во Македонија и добивајќи ја наградата за најдобар етно албум на фестивалот Сунчане скале.[1] Покрај тоа, влијанието на албумот врз публиката продолжило да трае неколку години по издавањето.[2]

По добриот резултат и барањето на публиката да продолжи со такви песни, Гочева се мотивира и одлучува да сними втор дел во тој музички правец.[2][3] „Македонско девојче 2“ претставува следбеник на албумот од 2008 година и се одликува со песни кои исто така содржат народни музички елементи од македонскиот фолклор.[4] Плановите за албумот Гочева за првпат ги споменува за време на интервју во мај 2012 со списанието „Наш свет“, откривајќи дека веќе започнала со избор на песни кои ќе бидат вклучени во второто издание на проектот „Македонско девојче“.[5] На почетокот, „Македонско девојче 2“ бил само работен наслов, а потоа станал и официјалното име за албумот со цел да се покаже дека музиката е во ист стил со првиот дел.[2][6]

За инструментацијата и аранжманот на песните на албумот се погрижил тим од повеќе личности од кои како најистакнати се појавуваат Оливер Јосифоски од музичката група Љубојна, Зоран Костадиновски од Кабадајас, Бошко Мангаровски од Чалгија Саунд Систем и Гоце Узунски од Синтезис. Албумот содржи осум оригинални композиции за чие пишување и компонирање придонес имале Никола Мицевски, Валентин Соклевски и Весна Малинова имајќи предвид дека нивните песни ќе бидат испеани од Гочева и притоа усогласувајќи ги со нејзините вокални способности и музички стил на изведба. Две преработки исто така се вклучени на албумот; „Те видов и се заљубив“ која е народна македонска песна и „Ако згрешам нека изгорам“ испеана од страна на Пепи Бафтировски и напишана од Миле и Ѓорѓи Барбаровски.[4]

Снимање и развиток[уреди | уреди извор]

Финализирањето на целиот албум траело две години, поради тоа што тимот кој работел зад него сакал да посвети внимание на деталите и да ја сними најдобрата можна верзија на материјалот и притоа сè да се одвива постепено.[7][8] Процесот започнал во 2012 година со тоа што откако песните биле напишани, Мицевски снимил демо верзии и ѝ ги испратил на Гочева.[3][7] Откако биле преслушани, сите десет песни биле прифатени за да се вклучат во новиот албум.[7] „Македонско девојче 2“ бил снимен во студиото „XL“ на Дејан Момировски во Скопје.[9][10] Во интервју со порталот ИдиВиди, Гочева изјавила дека групата која работела на албумот се состоела од нејзини долгогодишни познаници и поради тоа ѝ било „лесно и мило да работам со неа, бидејќи имаше одлична атмосфера“.[8] Покрај тоа, долгогодишната соработка и претходните искуства им служеле како лекција за усовршување, при што Гочева стекнала поголема самодоверба и била посигурна во насоката која сакала да ја заземе со албумот. За време на интервју на емисијата Carpe diem на Алсат М во февруари 2014, Гочева изјавила дека албумот е нејзиниот најдобар музички производ издаден дотогаш.[2] Созревањето на пејачката во нејзината кариера служело како инспирација за „модернизирање на традиционално[то]“; Гочева изјавила дека македонскиот фолклор е нешто коешто македонскиот народ го има во крвта и дека албумот не се одликува со типични народни песни туку со песни инспирирани од македонскиот етнос. Притоа, таа преку песните дозволила со нејзината музичка изведба да даде свој личен печат во интерпретацијата на македонската етно музика.[2] Исто така, пејачката кажала дека покрај тоа што музиката која што ја снимила со албумот не е светски модерна и популарна, звукот бил поавтентичен за македонското поднебје од другите светски популарни жанрови како што се хип-хоп, поп и Р&Б.[2]

Мицевски исто така е една од личностите кои имале долгогодишна професионална врска со пејачката и кои придонеле за снимањето и аранжманот на „Македонско девојче“ (2008); почетокот на таа врска започнал кога тој се придружил на бендот кој настапувал заедно со Гочева за време на нејзините концерти.[9] Тој додал дека поради меѓусебното разбирање со пејачката, процесот на одредување на насока за тоа како треба да звучи албумот се одвивал без тешкотии, но исто така бавно поради нивната главна цел да создадат квалитетен материјал.[7] За време на интервју со неделниот весник „Република“, Мицевски изјавил дека работата на „Македонско девојче 2“ како следбеник на првиот албум кој веќе достигнал успешност и пофалби за својата уметничка вредност претставувала одговорност и притисок во одредена мерка. Тој додал, „Зна­чи се ба­ра­ше да се на­пра­ви не­што што ќе ли­чи на тоа пр­во­то, но не­ма да би­де исто, и, се раз­би­ра, да го за­др­жи ква­ли­те­тот, па и да го над­ми­не. Ме­ѓу­тоа, тоа за ме­не прет­ста­ву­ва­ше еден го­лем пре­диз­вик и, мо­же­би, жи­вот­на шан­са да се изра­зам по­и­на­ку, уни­кат­но, со еден по­и­на­ков бе­лег, со це­ло­то свое зна­е­ње и ду­ша. До­пол­ни­тел­но за­до­волс­тво бе­ше и тоа што ра­бо­тев со мој бли­зок при­ја­тел и со­ра­бот­ник Де­јан Мо­ми­ров­ски... На крај, си­те за­ед­нич­ки мис­лам де­ка ус­пе­ав­ме во тоа што го на­у­мив­ме.“[9] Мицевски исто така открил дека сите песни на албумот биле оригинално напишани за Гочева, приспособени на нејзините вокални способности и музичка зрелост, додавајќи: „Ка­ро­ли­на е из­ве­ду­вач од свет­ски рам­ки, глас што рас­по­ла­га со мно­гу тех­нич­ки спо­соб­но­сти, пе­јач што мо­же да пее мно­гу раз­лич­ни сти­ло­ви. Таа, ед­но­став­но, се сна­о­ѓа се­ка­де и го пра­ви тоа на мно­гу ви­со­ко ни­во. Бе­ле­гот што го да­де на ма­те­ри­ја­лот од „Ма­ке­дон­ско де­вој­че 1 и 2“ е, на­ви­сти­на, уни­ка­тен, ори­ги­на­лен на­чин на из­вед­ба, кој оста­ва дла­бо­ки тра­ги во исто­ри­ја­та на ма­ке­дон­ска­та во­кал­но-ин­стру­мен­тал­на му­зи­ка.“[9]

Композиција и текст[уреди | уреди извор]

Според Гочева, албумот покрај народен фолклор исто така се одликува со елементи од етно-џез музика.[3] Критичарите исто така забележале дека елементи од поп и џез музиката се застапени во песните и дека се врши интернационализација на традиционалниот македонски канон.[4][11] Текстовите во песните опеваат чувства на радост, тага, љубов и копнеж. Инструментално, во песните се претежно застапени кларинети, бас гитари, труби, гитари, виолини, канони, саксофони и удиралки.[12]

Албумот започнува со седумминутната љубовна песна „Кој да ми запее“ која ја опева тагата и тешката емотивна состојба на зрела жена која го загубила својот љубеник кој претходно постојано ѝ пеел песни додека биле заедно. Насловот на песната и стиховите „жедна сум, жедна за пој“ и „[e]х што ми беше срцето живо, ех што си имав со него живот“ ги доловуваат нејзините чувства на недостасување, потреба од љубов и жал за изгубената младост.[11][13] Новинарот Бечковиќ ја опишал како „класика во новата македонска чалгија“.[11] Втората песна која се надоврзува на неа е „Чалгија“ која е карактеристична со своите стихови во кои е застапена римата.[11] „Сакам да не те сакам“ тематски зборува за неверен љубовен партнер и ја прикажува положбата на изневерениот женски протагонист. Таа му ја посветува песната за тој да дознае „кој го сакал искрено“.[11] „Смеј ми се, смеј“ се одликува со елементи од џез музиката и класични чалгиски елементи.[4][11]

„Две лири (не ни било пишано)“ опева стара љубов и претставува песна оставена во аманет од некоја баба која не дочекала да ја види свадбата на својата внука. Девојката сепак ѝ ја исполнува желбата на својата баба и со две лири нарачува песна на свадбата на нејзиниот поранешен љубеник на која таа учествува како гостинка.[11] „Ќе пијам љубов до крај“ се одликува со весел текст, и според Бечковиќ музички е слична на игривиот ритам на жанрот босанова поради тоа што Гочева е придружена од брза труба и контрабас. Во текстот на песната, Гочева пее за „врел бакнеж што жежи“.[11] Песната „Сон“ се одликува со бајковита атмосфера и опишува како „убавината завршува кога ќе ги отвориме очите“ и како животот е поразличен од сонот преку стиховите „Пуста остана желба невина, сон си мина и ти си замина... Не знам кој е крив, Боже дај ми здив...“.[11] Преработките „Те видов и се заљубив“ и „Ако згрешам нека изгорам“ се одликуваат со аранжмани поразлични од оригиналните верзии поради што ритамски се вклопуваат со целосната музичката атмосфера присутна на албумот.[11]

Издавање во продажба[уреди | уреди извор]

На 24 февруари 2014, шестминутен преглед на албумот, со кратки извадоци од сите негови песни бил објавен на официјалната страница на YouTube на Гочева.[14] Наредниот ден, албумот бил издаден низ сите поголеми продажни места во Македонија. Покрај тоа, сите песни од „Македонско девојче 2“ исто така биле овозможени на страницата за преслушување музика на интернет Spotify,[15] а секоја песна засебно била објавена заедно со нејзиниот текст на официјалната страница на YouTube на Гочева кон крајот на февруари и почетокот на март.[16] На 16 април 2014 година, албумот можел да се набави дигитално низ целиот свет преку музичката платформа iTunes Store.[17][18] На 26 април 2015 година, албумот бил издаден во продажба низ сите земји на поранешна Југославија (Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија) преку хрватската издавачка куќа Далас рекордс.[19] Албумот претставувал првиот проект издаден на македонски јазик низ земјите на бивша Југославија после долг временски период.[20]

Промоција[уреди | уреди извор]

Промоција во Македонија[уреди | уреди извор]

Од 20 до 24 февруари, Гочева одржала пет концерти во салата на Македонска опера и балет (МОБ) на коишто ги пеела песните од албумот во живо за првпат пред македонската публика. Посетителите на тие концерти биле првите кои добиле примероци од албумот заедно со купените влезници кои излегле на продажба на 9 декември 2013 година.[21] Во јануари 2014, било одржано преслушување на албумот во тогаш новоотворениот скопски клуб XO на кое исто така присуствувала Гочева; целиот настан претставувал прв од таков тип во Македонија и според Гочева инспирацијата дошла од слични настани кои се одржуваат ширум светот за време на кои артистот и персоналот позади албумот заедно со група на луѓе ја преслушуваат целата финална верзија на производот.[8] Во 2014 година, биле продадени 15.000 влезници за концертите на Гочева во Скопје.[1]

На 17 февруари 2014 година, Гочева исто така се појавила на проектот „МРТ за Најдобрите“, кој претставувал прославување на долгогодишното постоење на македонските радио и телевизија. На настанот таа настапувала со песната „Две лири (не ни било пишано)“ и била облечена во согласност со стилот застапен на албумот според мрежното место Fashionel.[22] На 21 март 2014 година, Македонска радио-телевизија (МРТ) емитувала во целост еден од концертите на Гочева на кои биле испеани голем број од песните од албумот заедно со нејзините постари песни.[23] На 12 ноември, истата година, Гочева ја испеала „Кој да ми запее“ на Скопје Фест во Метрополис арената и официјална снимка од настапот била објавена на нејзината страница на YouTube два дена подоцна.[24] На 13 декември 2014 година, во салата „Борис Трајковски“, Гочева одржала концерт во рамките на проектот „Македонско девојче 2“, организиран од Авалон продукција.[25] На овој концерт, заедно со влезниците посетителите добивале и ДВД кое содржи снимки од настапите за време на концертите одржани во МОБ.[26]

Летото во 2015 година, Гочева одржала мини турнеја во која ги промовирала двата албуми од проектот „Македонско девојче“. Концертите се одвивале во Хераклеја во Битола на 23 јули, Античкиот амфитеатар во Охрид на 24 јули и градскиот парк во Дојран на 2 август.[27] Пејачката исто така настапувала и на фестивалот Пиво фест на 15 јули 2016 година во Прилеп каде пеела песни од албумот.[28] Гочева изјавила дека концертите на кои ги пеела песните од „Македонско девојче 2“ претставувале предизвик за неа и барале голем вокален напор поради тоа што за време на настапите во живо немало придружни вокали во позадина. Гочева исто така открила дека бенд од десет луѓе бил посебно составен за изведување на музиката од албумот во живо; се состоел од академски музичари кои ја придружуваат на сцена.[3]

Промоција во Србија[уреди | уреди извор]

Во 2015 година, Гочева започнала да го промовира албумот и во Србија. На 29 мај се појавила во шестата сезона на емисијата Вечер со Иван Ивановиќ (српски: Вече са Иваном Ивановићем) каде што била почесен гостин. На емисијата настапила со песните „Кој да ми запее“ и „Смеј ми се смеј“ од албумот како и „Бегај, бегај“ која била издадена после албумот.[29][30] Според рејтинг мерењата на компанијата Nielsen, епизодата на која гостувала Гочева била гледана од околу милион луѓе во Србија.[31] На 8 јуни, Гочева се појавила на четвртата недела од втората сезона на балканското талент шоу Икс Фактор Адрија настапувајќи со „Кој да ми запее“.[32][33] На 11 јули настапувала на Егзит фестивалот во Нови Сад со песни од „Македонско девојче 1“ и „Македонско девојче 2“.[34]

На почетокот на ноември, Гочева се појавила на вестите на N1 и на емисијата Добро утро - Јована и Срѓан (српски: Dobro Jutro - Jovana & Srdjan) на Радио Телевизија Пинк каде што зборувала за албумот и за претстојниот концерт во Белград.[6] На 7 ноември одржала концерт во салата „Коларац“ во Белград каде што преку концерт за првпат ѝ ги претставила песните од двата албуми во живо на српската публика.[3][35] Гочева била придружена од Николче Мицевски на клавијатури и хармоника, Благојче Трајковски на кларинет, Благоја Антовски на тапани, Зоран Костадиновски и Владимир Чадиковски на гитара, Владимир Крстев на виолина, Мартин Јосифовски на бас гитара и Џамбо Агушев како специјален гостин настапувал на труба.[36] На 14 февруари 2017 година, настапот на Гочева на српската емисија Три бои на звукот (српски: Три боје звука) бил емитуван на Радиотелевизија Србија; Гочева настапувала со три песни од албумот, имено „Кој да ми запее“, „Смеј ми се смеј“ и „Ќе пијам љубов до крај“.[37][38] На 26 јуни 2015 година пејачката исто така го промовирала албумот во Бугарија, настапувајќи на првата вечер на „Балкан боеми фестивал“ во Банско.[39]

Синглови[уреди | уреди извор]

Песната „Чалгиска“ била издадена како првиот сингл од албумот. За првпат била објавена на 6 декември 2013 на официјалната Facebook страница на пејачката како и на таа на нејзината издавачка куќа Авалон продукција.[21] „Две лири (не ни било пишано)“ исто така била издадена како сингл во Македонија, а била за првпат претставена на 13 јануари 2014 година.[4][10] Видеото со текстот на песната важи за најгледаното од албумот, а воедно и каналот на Гочева на YouTube со преку 4 милиони прегледи во 2017 година.[40] Песната „Кој да ми запее“ исто така била издадена како сингл во април 2015 година кога била доставена низ различни радио станици во Македонија и земјите низ бивша Југославија.[19][41] Во октомври 2016 година, англиската пејачка Џос Стоун го контактирала персоналот на Авалон продукција, барајќи од нив да ја отпее „Кој да ми запее“ заедно со Гочева во парк во Скопје. Настапот произлегол од серија видеа кои Стоун ги снимала во тој период во земји во кои имала концерт како дел од нејзината турнеја насловена Total World Tour. Пред посетувањето на државите, на YouTube, пејачката барала која музика е карактеристична и актуелна во земјата во која оди да настапува и ги контактирала артистите кои ја изведуваат, избирајќи ја притоа песната која нејзе најмногу ѝ се допаѓа. Во Скопје, Стоун пристигнала подготвена, со научен текст и мелодија од „Кој да ми запее“ и при настапот импровизирала со цел да придонесе со свој специфичен звук.[7] Професионална видео снимка од настапот била објавена на официјалните профили на YouTube на Стоун и Каролина на 18 октомври 2016 година. На почетокот на видеото, Гочева ѝ објаснува на Стоун за што се зборува во песната, а потоа двете заедно ја пеат придружени од музичари кои ја свират во живо.[13][42]

Прием[уреди | уреди извор]

„За крај – и по првото, и по шестото слушање на овој вонсериски добар албум, кој беше мојата спојка со Каролина за Божик, го имам истото чувство. Никој одамна подобро не ја опеал тагата, како што таа е опеана во овие 50-ина минути. Македонскиот одговор на планетарниот бестселер „Buena Vista Social Club“. На едно место љубов и тага, копнежи и страсти, ритми и болка. Повеќе солзи отколку смеа... Различни стилови, сплотени во единствената македонска чалгија. Турлитава од различни музички бои и жанрови. За свирачите – капата долу. Аферим! За гласот на Каролина да не правиме муабет. За нејзината емоција во секој збор, уште помалку...“

— Бечковиќ во својата рецензија на „Македонско девојче 2“.[11]

Пред издавањето, албумот бил доставен до музичкиот критичар Иван Бечковиќ кој имал можност да го ислуша во целост и да напише официјална рецензија за мрежното место Македонска Музичка Мрежа. Според него, албумот претставувал логичен чекор по успехот на „Македонско девојче 1“ и додал дека „повторно ја имаме совршената комбинација - градска музика отпеана на волшебен начин од една градска девојка“.[11] Тој забележал дека текстовите на песните се толку реални што оставаат впечаток како да се нечии вистински искуства во минатото, притоа забележувајќи ја желбата на Гочева со албумот да остави нешто што ќе остане подолго да трае и „ослонувајќи се на своите внатрешни инстинкти и потреби, својата сила и духовност ги крева на едно повисоко ниво“.[11] Бечковиќ исто така смета дека уникатноста на албумот е во различните музички елементи коишто го карактеризираат притоа издвојувајќи го од класичната македонска чалгија. Тој ја завршил својата рецензија заклучувајќи дека на самиот почеток на 2014, македонската музика го добила албумот на годината.[11]

Во својата статија објавена во Радио Слободна Европа, новинарот Љупчо Јолевски го нарекол албумот „магичен и повеќеслоен... [о]стварување кое ја има инстантната допадливост, но кое го откривате со секое идно преслушување“.[4] Јолевски исто така го пофалил тимот кој стои зад аранжманот и инструментацијата за своите напори да го дадат најдоброто од себе во песните кои ги изведуваат. Го опишал звукот на албумот како составен од мешавина на македонскиот фолклор со „океанот на звуци во глобални рамки“.[4] Според Јолевски, „,Македонско девојче 2' се воздига до прекрасна колекција од песни која и се противи на сета грдотија од ритми и припрости стихови која катадневно не заплиснува.“[4] На крајот од неговата статија, Јолевски заклучува дека Гочева го достигнала својот музички зенит и најсветлата точка во својата кариера преку албумот кој го опишува како „битолски албум“ кој „ги донесува звуците и обичаите на битолската чаршија, на градот кој некако и во ововремиево им одолева на турбо-атаците од сите страни“.[4]

Според Авалон продукција, „Македонско девојче 2“ бил најпродаваниот албум во 2014 година во Македонија.[20] Песните од албумот исто така биле добро прифатени од страна на посетителите на концертите на пејачката во Македонија и Србија и претставувале едни од омилените на публиката.[43] За време на интервју со српскиот медиум N1, Гочева изјавила дека сите песни станале евергрини во Македонија. Кога ја прашале дали за идните проекти ќе продолжи да снима поп-музика како претходно или изворна македонска музика како таа со проектот „Македонско девојче“, Гочева изјавила дека „не постои причина поради која не би направила уште еден ваков проект“.[3]

Список на песни[уреди | уреди извор]

Бр. НасловТекстописци Траење
1. „Кој да ми запее“  Весна Малинова 7:06
2. „Чалгиска“  Валентин Соклевски 4:05
3. „Вези, вези“  Валентин Соклевски 4:27
4. „Сакам да не те сакам“  Валентин Соклевски 4:38
5. „Смеј ми се смеј“  Весна Малинова 3:59
6. „Две лири (не ни било пишано)“  Валентин Соклевски 4:29
7. „Ќе пијам љубов до крај“  Валентин Соклевски 4:38
8. „Сон“  Валентин Соклевски 4:36
9. „Те видов и се заљубив“  Атина Апостолова[a] 5:28
10. „Ако згрешам нека изгорам“  Миле Барбаровски, Георги Барбаровски[b] 5:09
Вк. траење:
48:25
Забелешки
  • Никола Мицевски се погрижил за музиката и аранжманот на сите песни од албумот.
  • Дејан Момировски служи како продуцент на сите песни од албумот.
Фусноти
  • ^[a] За песната „Те видов и се заљубив“ нема податоци за текстописци поради тоа што се работи за народна песна.[12]
  • ^[b] „Ако згрешам нека изгорам“ е преработка на песна оригинално испеана од починатиот музичар Пепи Бафтировски и е испеана во негова чест.[12]

Кредити[уреди | уреди извор]

Извори: Радио Слободна Европа[4] и самиот албум.[12]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 "Makedonsko devojče": Karolina Gočeva prvi put uživo u Beogradu (video)“ (српски). Svet.rs. 7 октомври 2015. Посетено на 10 август 2017.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Carpe Diem - Интервју со Каролина Гочева. 2014 година. Алсат М.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 „Etno džez Karoline Gočeve u Kolarcu“ (српски). N1 Beograd. 22 октомври 2015. Архивирано од изворникот на 2017-08-13. Посетено на 9 август 2017.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Јолевски, Љупчо (18 февруари 2014). „Каролина - „Македонско девојче 2". Радио Слободна Европа. Посетено на 8 август 2017.
  5. Наш свет. КАРОЛИНА ГОЧЕВА: "Се работи на нов поп-албум, а се бираат песни за второто издание на “Македонско девојче”. 22 мај 2012.
  6. 6,0 6,1 „Dobro Jutro - Jovana & Srdjan - Karolina Goceva - 06.11.2015“ (српски). Dobro Jutro - Jovana & Srdjan. Радио Телевизија Пинк. YouTube. 6 ноември 2015. Посетено на 12 август 2017.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 7,5 Маневска, Александра (6 јуни 2017). „Не можевме да направиме подобар албум од „Македонско девојче 2". Fashionel. Посетено на 8 август 2017.
  8. 8,0 8,1 8,2 „Со Каролина го преслушавме „Македонско Девојче 2": Емоции, љубов и топлина!“. ИдиВиди. 10 јануари 2014. Посетено на 8 август 2017.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 „Николче Мицевски: „Македонско девојче 2" е скроено по мера на Каролина“. Република. 17 март 2014. Архивирано од изворникот на 2017-08-13. Посетено на 9 август 2017.
  10. 10,0 10,1 „Слушнете ја новата песна на Каролина“. Vesti.mk. 14 јануари 2014. Посетено на 8 август 2017.[мртва врска]
  11. 11,00 11,01 11,02 11,03 11,04 11,05 11,06 11,07 11,08 11,09 11,10 11,11 11,12 11,13 Бечковиќ, Иван. Македонска Музичка Мрежа. Ексклузивно: Прва официјална рецензија на комплетниот албум „Македонско девојче 2“ од Каролина. 9 јануари 2014.
  12. 12,0 12,1 12,2 12,3 „Македонско девојче 2“ (кредити во албумот). Каролина Гочева. Авалон продукција. 2014.
  13. 13,0 13,1 Karolina Gocheva ft. Joss Stone - Macedonia. JossStoneOfficial. YouTube. 18 октомври 2016. https://www.youtube.com/watch?v=kyiclbo9wSk. Retrieved 9 август 2017. 
  14. Karolina - Makedonsko Devojce 2 (Album Preview). YouTube. KarolinaGocevaONAIR. 24 февруари 2014. https://www.youtube.com/watch?v=waIsc8W2-mU. Retrieved 19 јули 2017. 
  15. „Makedonsko devojče 2 by Karolina Gočeva“. Spotify. 2014. Посетено на 11 август 2017.
  16. „Karolina - Makedonsko devojce 2“. YouTube. KarolinaGocevaONAIR. 2014. Посетено на 11 август 2017.
  17. „Целиот свет ќе го слуша албумот „Македонско девојче 2" на Каролина“. Press24. 16 април 2014. Архивирано од изворникот на 2017-08-13. Посетено на 26 јули 2017.
  18. „Makedonsko Devojče 2 by Karolina Gočeva“ (англиски). iTunes Store (САД). Apple Music. Посетено на 10 август 2017.
  19. 19,0 19,1 „Каролина се продава низ цела екс Југославија“. Vesti.mk. 26 април 2015. Посетено на 26 јули 2017.[мртва врска]
  20. 20,0 20,1 „АВАЛОН ПРОДУКЦИЈА: За Каролина, нејзините рекорди и за по нешто друго…“. Vistina.mk. 22 декември 2014. Архивирано од изворникот на 2017-08-13. Посетено на 10 август 2017.
  21. 21,0 21,1 „Каролина ќе го промовира "Македонско Девојче 2" со пет концерти во МОБ“. Kajgana.com. 3 декември 2013. Архивирано од изворникот на 2017-08-13. Посетено на 17 јули 2017.
  22. „МРТ за Најдобрите: Потврда за општо цивилизациски принципи и вредности“. Fashionel. 17 февруари 2014. Посетено на 10 август 2017.
  23. „Каролина Гочева и „Македонско девојче 2", во петок ексклузивно на МРТ1“. Македонска радио-телевизија. 19 март 2014. Посетено на 9 август 2017.
  24. „Karolina Goceva - Koj da mi zapee (live)“. KarolinaGocevaONAIR. YouTube. 14 ноември 2014. Посетено на 10 август 2017.
  25. Ѓорге Стојанов, „Се радувам на секој момент, ова го чекав цел живот“, Дневник, година XVIII, број 5642, понеделник, 15 декември 2014, стр. 21.
  26. „Македонско девојче со Каролина“. Официјална страница на Каролина Гочева. Авалон продукција. ноември 2014. Посетено на 17 јули 2017.
  27. „Историскиот проект „Македонско девојче" во историските локалитети и градови Хераклеја – Битола, Антички театар – Охрид и градски парк Дојран“. Vesti.mk. 7 јули 2015. Посетено на 10 август 2017.[мртва врска]
  28. „Каролина главна ѕвезда на „Пиво фест 2016". Radio MK. 10 јуни 2016. Архивирано од изворникот на 2016-06-12. Посетено на 10 август 2017.
  29. Епизода 239. Сезона 6. Вече са Иваном Ивановићем. Прва српска телевизија. 29 мај 2015
  30. Karolina - Koj da mi zapee (Ivan Ivanovic Show). KarolinaGocevaONAIR. YouTube. 31 мај 2015. https://www.youtube.com/watch?v=JPsjHUru4KE. Retrieved 10 август 2017. 
  31. „Видео - „Македонско девојче 2" со промоција на цел Балкан“. ТВ Пакет. 31 март 2015. Архивирано од изворникот на 2017-08-13. Посетено на 10 август 2017.
  32. „Saša Kovačević i Karolina specijalni muzički gosti X Faktora!“ (српски). X Factor Adria. 8 август 2015. Архивирано од изворникот на 2017-08-13. Посетено на 10 август 2017.
  33. „Каролина Гочева блесна во црвен фустан на X Factor Adria“. Stylist.mk. 10 јуни 2015. Посетено на 10 август 2017.
  34. „Каролина со „Македонско девојче" на EXIT фестивалот“. ИдиВиди. 21 мај 2015. Посетено на 10 август 2017.
  35. Р, Љ. (4 октомври 2015). „Karolina Gočeva peva izvorne pesme“ (српски). Курир. Посетено на 9 август 2017.
  36. „Каролина концертно ќе го претстави „Македонско девојче" во Белград“. MKD.mk. 5 ноември 2015. Архивирано од изворникот на 2019-01-28. Посетено на 10 август 2017.
  37. „Tri boje zvuka“ (српски). Радиотелевизија Србија. 14 февруари 2017. Посетено на 10 август 2017.
  38. Песни со кои Гочева настапила во живо на српската ТВ емисија Три боје звука:
  39. „(ВИДЕО) Каролина Гочева на фестивал во Бугарија ќе ја пее „Македонско девојче". Reporter.mk. 15 јуни 2015. Посетено на 10 август 2017.[мртва врска]
  40. Karolina Goceva - Dve Liri (Official Lyrics Video). KarolinaGocevaONAIR. YouTube. 13 јануари 2014. https://www.youtube.com/watch?v=aZrgLaf_7E4. Retrieved 11 август 2017. 
  41. В., Б. (29 април 2015). „Хрватски „Далас рекордс" го објави „Македонско девојче 2" на Каролина Гочева“. Плусинфо. Архивирано од изворникот на 2017-08-13. Посетено на 26 јули 2017.
  42. Karolina & Joss Stone - Koj da mi zapee (live). KarolinaGocevaONAIR. YouTube. 18 октомври 2016. https://www.youtube.com/watch?v=4WT35-hwrbo. Retrieved 9 август 2017. 
  43. Ќунковиќ, Милан (9 ноември 2015). „DVOSATNO UŽIVANJE UZ MAKEDONSKO DEVOJČE: Karolina ispunila srca na Kolarcu! (FOTO) (VIDEO)“ (српски). Telegraf. Посетено на 12 август 2017.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Македонско девојче 2“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).