Брњарци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Брњарци
Brnjarci-2.JPG

Глетка на селото Брњарци

Брњарци is located in Македонија
Брњарци
Местоположба на Брњарци во Македонија
Координати 42°2′3″N 21°32′48″E / 42.03417° СГШ; 21.54667° ИГД / 42.03417; 21.54667Координати: 42°2′3″N 21°32′48″E / 42.03417° СГШ; 21.54667° ИГД / 42.03417; 21.54667
Општина Општина Гази Баба
Население 395 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 290 м


Брњарци — село во Општина Гази Баба, во околината на градот Скопје.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Влезот во Брњарци од патот кој води кон Стајковци

Селото Брњарци се наоѓа во источниот дел на Скопската Котлина на оддалеченост од 10 километри североисточно од градот Скопје[1]. Сместено е на допирот на падината на Скопска Црна Гора од североисток и пространото котлинско дно на југозапад, при што ваквата местоположба му овозможува одлични услови од економско-стопански аспект[2]. Подножјето на југоисточната падина на Скопска Црна Гора кое се спушта од северозападен правец завршува со издаден рид кој го раздвојува Брњарци од соседното Арачиново, а на кој постои извор и соѕидана каптажа за водите кои се користат за пиење. Ридот кој се издава кон североисток отвора мал дол низ кој протекува извор со кисела вода и кој се протега надолу до сретсело каде што е соѕидана селската чешма. Брњарци е рамничарско село расположено на надморска височина од 290 метри[1]. Атарот зафаќа површина од 5,8 km², од кои обработливото земјиште зафаќа 339,7 хектари, пасиштата 191,5 хектари и шумите 13,3 хектари[1]. Во целина селото има збиен тип, а краевите (маалата) носат име според разгранетит родови, на пример: Пупевски, Милошевски, Бунгуровски, Шоповски[2]. До селото Брњарци се стигнува по афалтирани патишта од две страни: од исклучувањето лево на влезот во Арачиново и преку поновоасфалтираниот пат кој води од Стајковци. Кога се оди од подалеку или се вози по обиколницата над селото се забележува и препознатливо доминира белата купола на селската црква.

Историja[уреди | уреди извор]

Селската чешма со македонски обележја на сретсело во Брњарци

Кога е основано денешното село Брњарци точно не се знае, но во неговата непосредна близина во границите на атарот постојат повеќе остатоци од старини. На оддалеченост меѓу 500 метри и 2 километри јужно од селото постои археолошкиот локалитет Ирма или Латинско гробје, на кое се познаваале прободени камења за кои селаните верувале дека припаѓале на жителите кои некогаш живееле на потегот Дрма во атарот на соседното Арачиново[2]. Според податоците на инфромативната табла поставена на сретсело, на тој потег се пронајдени и темели од поголем објект, римска некропола со надгробни плочи (стели) и стари монети, додека во месноста Тумба е откриена населба од новото камено време (неолит) со делови од керамички садови, кремени и камени орудија. На возвишението Кале кое се наоѓа на падините североисточно од селото селаните наоѓале остатоци од ѕидини, темели и делкани камења. Во турските документи од средновековиот период од XV век, односно во опширниот пописен дефтер бр. 12 од 1452/1453 година за тогашниот Скопски вилает се споменува една ненаселена мездра по име Прунарчево, Првнарчево[3], кое е блиско до името Брњарци, но поради тоа што може да се утврди нејзината местоположба, не се знае дали воопшто има некаква врска со денешното село. Во 19 век, Брњарци било чифлик на некој Турчин од скопскиот род Котлевци чии тројца наследници до крајот на векот се разделиле со имотот, а преку купување земја чифлик направил и албанецот Ибраим-ага од с.Чајлане во пределот скопски Дервен[2]. До Балканските војни во 1912 година, Брњарци било затечено како мало македонско село со 12 домаќинства, од кои само родот Пупевци имале и работеле своја сопствена земја[2]. Веднаш по 1912 година, сопственоста на земјата преминала во раце на Македонците кои живеле во селото[2]. Во 1950 година, на местото каде што постоел камен крст над селото е изградена селската црква Св. Петар и Павле[2].

Глетка на селото Брњарци од околните ридови

Според територијалната поделба на Република Македонија од 1996 година, селото Брњарци припаднало во составот на Општина Арачиново, додека со измените во 2004 година тоа влегло во составот на Општина Гази Баба. Поради стратешката положба и непосредната близина со Арачиново, во селото Брњарци за време на Битката за Арачиново во воениот конфликт во 2001 биле стационирани и дејствувале македонските безбедносни сили меѓу кои бил вклучен и ангажиран и македонскиот генерал Стојанче Ангелов. Поради овој факт и непосредната близина и опколеност со албански села (Страчинци и Арачиново), македонското население од Брњарци во годините по конфликтот е предмет на постојани притисоци, насилства од албанското население од Арачиново, кое сѐ повеќе се раширува и гради куќи во непосредната близина на атарот, патот и влезот во селото, а напасува и стока на ридовите над Брњарци. Дел од притисоците за иселување (кои се отворено јавно искажувани од Албанци од Арачиново[4]) и акти на насилство врз населението на Брњарци се убиството на 57-годишниот Гоце Заевски[5], вооружениот напад со пукање од возило врз семејната куќа на семејството Димчевски[6] на влезот од селото и прегазувањето со возило над 79-годишниот Ѓорѓи Стефановски[7] кој јавно засведочил за овој настан во 2007 година.

Во повеќе наврати се напаѓани деца и сквернавни гробишта пред православни празници (2007, 2013), а последен инцидент е забележан со сквернавењето на православните гробишта со кршење на надгробните плочи и крстови на Задушница во февруари 2014 година[8]. Сепак, Македонците опстојуваат на сите притисоци и остануваат да живеат во Брњарци, обработувајќи ги своите имоти во арачиновскиот атар, а постојано се забележани македонски свадби и новороденчиња. Ваквата положба влијае и за решителноста и изразениот македонски патриотизам и родољубие кај населението на Брњарци, видлив по многубројните македонски обележја и симболи на селската чешма, игралиште како и македонски знамиња на куќите.

На 29 октомври 2017 година, во пресрет на Локалните избори во Македонија, во Брњарци одново се осквернавени и искршени над 40-тина надгробни плочи.[9]

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото Брњарци е со македонско потекло и означува патронимско име, односно име на заедница, кое што потенува од географско именување, можеби од постаро има на вода како *Брьнја што произлегува од старословенскиот збор брьниѥ означува кал, калливо место[10]. Друга научна претпоставка поврзана со ова значење е дека името на селото потекнува од зборот *бърнар односно *бърняр со значење на човек што меша кал (за тули), калџија, тулар[10]. Ваквите претпоставки соодветствуваат со условите на теренот во непосредната околина на Брњарци над кое што има силни извори на вода со каллива земја, а сѐ до педесетите години на ХХ век во непосредна близина на селото се наоѓало и големото познато Арачиновско или Горно Блато со многу каллива почва. Имиња на места кои потекнуваат од старословенскиот збор брьниѥ со значење на калливо место во Македонија се и с.Брник во Мариово и Брвеница за која постои таква претпоставка, а имиња како Брно, Брник, Брњак, Брњаре постојат и во други словенски земји како Чешка, Словенија, Србија (Косово) итн. Имајќи предвид дека крај селото порано имало блатно и мочурливо водесто земјиште, крај кое вообичаено растат барски растенија и ниски грмушки - прнари, постои многу мала можност потеклото името да се поврзе и на оваа основа.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Според поставеноста на положбата на селото, Брњарци има поледелска функција[1]. Земјоделството е главното занимање на населението, при што секое домаќинство има од 2 до 10 хектари обработливо земјиште[2]. Највеќе се огледуваат „бели жита“ тутун и винова лоза. Во поново време во голем развој е и градинарството и одгледувањето раноградинарски култури и зеленчук од оранжериско производство под пластеници, кои се продаваат на пазарите во Скопје. Денес во Брњарци од поледелството најмногу се одгледуваат жито (пченица и јачмен) во нивите во полето под селото во правец кон Арачиново и Стајковци, и градинарските растенија односно зеленчук - кромид, лук, праз, пиперки (зелени), домати, краставици, марула, спанаќ, морков, зелка, боранија, магданос под пластеници (и отворено) насекаде низ селото како и бројни лозови насади во подножјето на ридот веднаш над селото и селската црква. Заедно со соседните околни села како Стајковци и Инџиково, производителите на градинарски производи од Брњарци се едни од најголемите снабдители на зелените пазари во Скопје со кромид, лук, праз, марула, патлиџан (домат), зелени пиперки и друг вид на раноградинарски зелечнук. Во минатото и сточарството било доста важна стопанска гранка, при што секое домаќинство имало 20 до 30 овци, а доста се одгледувале и биволи[2]. Сѐ до Втората светска војна бил раширено стопанисувањето во семејни задруги кои одгледувале поголем број на стока[2]. Местоположбата на Брњарци е доста поволна за сточарство, планинската тревната падина над селото со ретка нискостеблеста шума е поволна за напасување на овци и кози, а обилно напоените ливади во котлинското дно под селото се поволни за напасување на крупен добиток. Денес се напасува многу мал број на овци и кози и се одгледува живина во дворовите. Поради близната со градот Скопје, помал дел се занимава и со занаетчиски (превоз, столарство), трговски и други услужни дејности.

Население[уреди | уреди извор]

Според статистиката на Васил К'нчов („Македониja, Етнографиja и статистика“) од 1900 година, во Брњарци живееле 84 жители, сите Македонци.[11]

Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Брњарци имало 96 Македонци, егзархисти.[12]

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 395 жители, од кои 392 Македонци и 3 Срби.[13]

На табелата е прикажан бројот на население низ сите пописни години:[5]

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 84[11] 96[12] 217 316 341 334 384 458 418 395

Брњарци е средно село по големина со исклучиво македонско население и без позначајни промени во бројот на жителите. Во 1961 година селото броело 341 жител од кои 318 Македонци и 14 Албанци, додека во 1994 Брњарци имало 418 жители, сите Македонци[1].

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Брњарци од секогаш било населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Македонски родови кои живеат во селото се: Пупевци или Тасеви, Стојанови (двата рода од с.Црешево), Милошеви (од с.Раштак), Шопови (од Кривопаланечко најпрвин се доселиле во Стајковци и Арачиново во средината на XIX век), Тошкови, Димовски, Шутевци (трите рода од с.Арачиново), Бунгуровци (старинци, кои најпрвин живееле во Брњарци, преминале во Арачиново па се вратиле назад), Џамбови (од с.Коњари - кумановско), Здравкови (од соседното с.Страчинци, каде имаат роднини), Шилковци или Јанкови (од скопското с.Орман крај Лепенец), Озимковци (од с.Идризово), Најданови (од Асанбегово-Синѓелиќ), Јаневи (од Тиквеш)[2].

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Црквата Свети Петар и Павле

Во селото работи основно училиште до четврто одделение кое се наоѓа на самото сретсело, а во чија близина е и селското игралиште.

Цркви[14]
Археолошки локалитети[16]
  • Ирма — населба од римско време;
  • Латина — некропола од римско време;
  • Тумба — населба од неолитско време;
  • Кале — населба од рана и доцна антика и среден век[17]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото Брњарци од 1996 до 2004 припаѓало на Општина Арачиново, а од 2004 година е засебна месна заедница во рамки на Општина Гази Баба со заедничка канцеларија со повеќе други села во МЗ Стајковци и технички секретар Тони Бојковски[18].

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Селската слава на која се одржува голем народен собор е Петровден[2], посветена на светецот на селската црква.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Во време на отоманското владеење од Брњарци се иселиле следните македонски родови: Ѓоревци (во с. Стајковци), Брњарци (во с. Пчиња - кумановско), Шкатуновци (во с. Кучково), Гарбучкови (непознато), додека во подоцнежно време едно домаќинство од родот Пупевци се иселило во Скопје[2]. Во најново време забележани се иселеници во Скопје (населбите М.А. Ченто, Маџари, Автокоманда во блискиот источен дел на градот), Стајковци, како и во странство во Словенија, Германија и Италија. Презимето Брњарчевски кое во денешно време се среќава на жители во населбите Ѓорче Петров и Геге-Новоселски пат во крајниот западен дел Скопје, можно е да потекнува од луѓе со директно потекло од Брњарци или од родот Шкатуновци од Кучково доселен од Брњарци. Меѓу триесетите и педесетите години на ХХ век во селото се доселиле, па потоа си заминале следните муслимански родови: Имерови, Абдураманови (двата турски од бегалци-мухаџири од Бугарија, дојдени од Кумановско), Расимови (албанци од Љуботен), Елезови (поалбанчени роми - „маљоци“ од Косово)[2].

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 40. 
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 Трифуноски, Јован (1964) (на српски). Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике. 5. Скопје: Филозофски факултет. стр. 21. 
  3. Соколоски, Методија (1976) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 214. 
  4. - „Сакаа да не убијат“ - Вест, 25.08.2007
  5. - „Убиецот од Брњарци се крие во Швајцарија“ - Утрински Весник, 22.02.2007
  6. - „Сакаа да не убијат“ - Вест, 25.08.2007
  7. - „Прегазен велосипедист оставен крај пат, сторителите побегнале“ - Утрински Весник, 26.08.2007
  8. - „Осквернавени православните гробишта во скопско Брњарци“ - Денешен Весник, 22.2.2014
  9. - „ФОТО: Во Брњарци искршени над 40 надгробни плочи на христијански гробишта, власта врши психолошки притисок граѓаните да не излегуваат на гласање“ - Курир, 29.10.2017
  10. 10,0 10,1 Иванова, Олга (2014) (на македонски). Речник на имињата на населените места во Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 75. 
  11. 11,0 11,1 Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.206
  12. 12,0 12,1 D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.114-116.
  13. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  14. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  15. „Верски објекти“ (македонски). Општина Гази Баба. конс. 2010-11-28. 
  16. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  17. Лилчиќ, Виктор; Античкото кралство Македонија во Република Македонија
  18. - Месни и Урбани заедници на Општина Гази Баба