Пчиња (село)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пчиња

Панорама на Пчиња

Пчиња во рамките на Македонија
Пчиња
Местоположба на Пчиња во Македонија
Пчиња на карта

Карта

Координати 42°2′22″N 21°45′21″E / 42.03944° СГШ; 21.75583° ИГД / 42.03944; 21.75583Координати: 42°2′22″N 21°45′21″E / 42.03944° СГШ; 21.75583° ИГД / 42.03944; 21.75583
Регион Скопска Блатија
Општина Куманово
Население 647 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1323
Повик. бр. 031
Шифра на КО 17081, 17581
Надм. вис. 388 м
Пчиња на општинската карта

Атарот на Пчиња во рамките на општината
Пчиња на Ризницата

Пчиња — село во Општина Куманово, Македонија. Селото се наоѓа 7,9 км југоисточно од центарот на градот Куманово, а соседни села се Студена Бара, Вакав и Орашaц. Името го добило по реката Пчиња која тече низ самото село.

Историја[уреди | уреди извор]

Куќи во Пчиња

Селото датира од пред IV век. Во близина на селото се пронајдени неколку населби од римско, доцноантичко, средновековно и железно време.[2]

Селото Пчиња за време на владеењето на Османлиите од пред ХIV век, припаѓало во тимарот на Хусеин-Солак од Скопје, во состав на Нагоричанската нахија од Ќустендилскиот санџак.

Во турскиот дефтер од XVI век селото се спомнува под името Ипшиња и во него има 55 семејства и 52 неженети жители, односно во селото Пчиња во тоа време имало околу 205 жители, но точниот број не може да се утврди, земајќи предвид дека во тој период женските лица не се попишувале на попис.

Селото Пчиња пред XIX век било распространето на левиот брег на реката Пчиња, а во 1912 година се преселуваат и на десната страна од брегот на реката. Старото село се наоѓало во месноста наречена Црквиште на запад од сегашното село Пчиња, но од првите најстари куќи нема никакви траги, бидејќи истите биле градени од слаб материјал и покриени со слама и трска и повеќе личеле на колиби со по една соба која се викала огниште во кои живееле луѓето а во истата се чувал и добитокот. Исто така во таа просторија се чувала и храната. Во месноста Црквиште се наоѓаат остатоци од ќерамиди и друг материјал од глина. Преданието вели дека од населбата која била блиску до патот населението избегало и се засолнило во долниот дел од клисурата на реката Пчиња во трњак и пустињак поради големиот зулум кој правеле турските војници, заптии, башибозуци, качаци и разни други одметници.

Еден дел од сегашното село после 1912 година се преселило повторно од десната страна на селото, познато како Прекуречани. Најстара градба во селото е црквата „Света Богородица“ изградена 1869 година.

На 23 март 1895 една половина од селото изгорело во пожар во кој изгореле 25 куќи и амбари со жито. Овој запис е изваден од Цариградски гласник од 1 април 1895 година.

Запис од Цариградски гласник за пожарот во селото.
Местото на некогашното село Бислим.

Најстари семејства кој се помнат во селото Пчиња се: Пешеви, Рисјанови, Дојчинови, Новакови, Баратлинци, Велкови и Николеви. Подоцна во селото се доселуваат Ангелови (се доселиле од селото Бислим), Исповедници, Бабамарини кои се дел од Исповедници, Брњарци (доселени од село Брњарци, Скопско), Босневи (од Босна), Кичкови (од Кичево), Мавреви (од Маврово), Винчани (од селото Винце), Маравци (река Морава), а најдоцна се доселиле Сушичани (од селото Сушица, Скопско) во 1936 г.

Во 1935 година бил изграден дрвен мост. Во 1938 година е обновен дрвениот мост со бетонски столбови но повторна реконструкција е направена во 1940/1941 година сè до 1972 овој мост се употребувал.

За време на Втората светска војна било вклучено и селото Пчиња со свои војници, а и со свои жртви. Најмногу жртви имало во 1944.

Од 10 ноември до 22 декември 1972 траела изградбата на сегашниот бетонски мост на реката Пчиња која го поврзува селото. Градежните работи ги извеле тогашната Југословенска народна армија.

Во 1975 година е изградена првата амбуланта во с. Пчиња. Во 1995 е изградена и поштата, а истата е дадена во употреба на 11 ноември 1995 година.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Во селото Пчиња има слаба економска зона. За време на социјализмот во селото имало неколку земјоделски комбинати и само две продавници. Но, по социјализмот во селото се отвораат повеќе минимаркети. Во селото луѓето претежно се занимаваат со земјоделство и сточарство.

Религија[уреди | уреди извор]

Единствена религија во селото е православното христијанство. Во историјата на селото црквата се споменува пред XV век, а на стариот место Градиште се пронајдени црковни остатоци . На месноста Црквиште постоела црква. Во селото е црквата „Света Богородица“ изградена 1869 година. Селска слава на селото Пчиња е Спасовден. На 9 јуни 2016 година била осветена црквата посветена на Вознесението Христово.[3]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948984—    
19531.097+11.5%
19611.184+7.9%
19711.011−14.6%
1981896−11.4%
ГодинаНас.±%
1991852−4.9%
1994777−8.8%
2002793+2.1%
2021647−18.4%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Пчиња живееле 330 жители, сите Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Пчиња имало 504 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

Според пописот од 2002 година, Пчиња има 793 жители — 789 Македонци и 4 Срби.[6]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 647 жители, од кои 596 Македонци, 2 Срби и 49 лица без податоци.[7]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 330 504 984 1.097 1.184 1.011 896 852 777 793 647
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Родови[уреди | уреди извор]

Младина во Пчиња, 1964 г.

Пчиња e македонско село.

Според истражувањата од 1953 година, родови во Пчиња се:

Староседелци
  • Пешевци (7 к.), староседелци.
  • Николеви ( 7 к.), староседелци.
  • Кара Велковци (6 к.), староседелци.
  • Зотевци (14 к.), староседелци.
  • Дуќевци (14 к.), староседелци.
  • Ристевци (15 к.), староседелци.
  • Воиновци (8 к.), староседелци.
Доселеници
  • Анѓеловци (11 к.), доселени од соседното раселено село Бислим. Старото име им е Сеќевци. Овде живеат од пред околу 200 години. Го знаат следното родословие: Милош (жив на 98 г. во 1953 година) Анѓел-Спасо, основачот на родот кој се доселил.
  • Моравци (8 к.), доселени од некое село кај Горна Морава, во околината на Гнилане во Косово.
  • Босневци (14 к.), доселени од некое место во Босна. Ги викаат и Домазетовци.
  • Мавревци (3 к.), доселени од селото Маврово во Гостиварско.
  • Брњарци (2 к.), доселени во XIX век од селото Брњарци.
  • Павковци (3 к.), доселени од селото Вакв. Подалечното потекло не го знаат.
  • Баратлици (3 к.), доселени од раселеното село Бислим.
  • Винчанци (2 к.), доселени од селото Винце, подалечното потекло не го знаат.
  • Филиповци (4 к.), доселени однекаде.
  • Дворјанци (3 к.), доселени однекаде.
  • Костевци (1 к.), доселени однекаде.
  • Дојчиновци (4 к.), доселени однекаде.[12]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Основното училиште „Браќа Миладиновци“ во селото

Образование[уреди | уреди извор]

Селото Пчиња најмногу се изградило во XX век. Во 1895 е изградена првата училница за воспитување на деца. Во првата година во школото учеле 16-17 ученици.

Во 1927/28 е изградено училишна зграда во која се учело, истата зграда во 1955/56 е назначена за осумгодишно училиште во селото. Првиот ученик во основното училиште бил Алексо Ангелов во 1895 г.

Денес во селото работи училиштето ПОУ „Браќа Миладиновци“ кое е подрачно на истоименото училиште во Куманово.

Цркви[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Администрацијата во ова село ја врши месната Канцеларија во с. Пчиња. Со селото раководи месната заедница која ги решава проблемите на самото село и на жителите.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

На 1,6 км северно од селото Пчиња се наоѓа подобро сочувано наоѓалиште, а тоа е наоѓалиштето Градиште. Градиште е опфатено со одбранбен бедем кој е приспособен на конфигурацијата на теренот. Темелот од ѕидот се гледа по должина на цела тераса, на неколку места ѕидот сѐ уште стои. Ѕидовите се дебели 1,60 метри.

Ова место датира од XIV век и се врзува за познатата воено-градителска дејност од времето на Јустинијан I кој таквите кули стануваат носители на одбранбена концепција на Византиското Царство. Оваа тврдина настрадала страотно некаде во крајот од VI век и наскоро бил целосно напуштен. Во наоѓалиштето Градиште се најдени некој ретки археолошки пронајдоци како што се: рачка од скифос, дел од Хидрија, рачно изработен грнец, Амфори, двореден чешел изработен од коска, две монети од времето на Аркадиј (395-408 г.), монета кована во Кизик во времето на Хонориј (333 -350 год), монета од времето на Јустин I (518 - 527), монета од времето на Јустинијан (527 - 565) а исто така при копање на просторот од акрополата непосредно западно од северната челна кула биле извадени два-три камени столбови од стара црква.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Наоѓалиштето Градиште
Археолошки наоѓалишта[2]

Спорт[уреди | уреди извор]

Во селото Пчиња во периодот од 1950 до 1960 бил формиран фудбалскиот клуб Пчиња (ФК Пчиња). Овој клуб отсекогаш се натпреварувал во Општинската кумановска лига. Во 1999 година овој клуб завршил со дејност, а по две години во 2001 бил формиран нов клуб ФК Пчиња којшто се натпреварувал во истата лига. Во 2009 година ФК Пчиња го сменила своето име во ФК Пчиња Јунајтед.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Најголемото иселување од селото Пчиња е во периодот од 1960 до 1980 година, каде што многу жители се имаат преселено во Куманово и Скопје.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 220-222. ISBN 9989-649-28-6.
  3. Осветување на храм на Вознесението Христово во село Пчиња
  4. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 215.
  5. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 126-127.
  6. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  7. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  12. Трифуноски, Јован (1964). Сеоска насеља скопске котлине. Скопје.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]