Шишево

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Шишево
Шишево-МК.JPG

Поглед на селото Шишево од патот за Горна Матка

Шишево is located in Македонија
Шишево
Местоположба на Шишево во Македонија
Координати 41°58′27″N 21°18′38″E / 41.97417° СГШ; 21.31056° ИГД / 41.97417; 21.31056Координати: 41°58′27″N 21°18′38″E / 41.97417° СГШ; 21.31056° ИГД / 41.97417; 21.31056
Општина Coat of arms of Saraj Municipality.svg Сарај
Население 3.376 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 483 м
Слава Атанасовден Зимски
Шишево на општинската карта
Шишево во Општина Сарај.svg

Атарот на Шишево во рамките на општината
Commons-logo.svg Шишево на Ризницата

Шишевосело во Општина Сарај, во околината на градот Скопје. Според пописот од 2002 година, селото имало 3.376 жители.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на селото Шишево од црквата Свети Атанасиј

Шишево се наоѓа во западниот дел на Скопската котлина на 13 километри оддалеченост од центарот на градот Скопје. Селото се наоѓа во источниот дел на Општина Сарај и е споено со селото Глумово од кое е одделено само со мостот и реката Треска. Шишево е сместено во алувијалната рамнина на десниот брег на реката Треска, на нејзиниот излез од кањонот Матка поради што селото има благопријатна клима во текот на целата година. Дел од селото (заедно со неколку викенд-куќи) е распослано и на ридовите кои се дел од масиовот на планините Водно и Буковиќ.

Историja[уреди | уреди извор]

Поглед на селото Шишево од ридовите над Глумово и Долна Матка
Геодетска карта на Шишево.

Селото Шишево постои уште од средновековниот период. За тоа сведочат и остатоците и рушевините од средновековни манастири во месноста Манастириште која се наоѓа североисточно високо на ридовите над селото на патот кон Горни Грчец, како и пишаните докази во кои се споменува селото Шишево од кои најстариот потекнува од XIV век. Со доаѓањето на Турците, се менува етничкиот состав на селото со населување на неколку турски семејства но селото сепак го задржува својот македонски и христијански карактер кој го држи и ден денеска. Во текот на отоманскиот период, Шишево било село во Сарајот на Скопскиот бег кој тука имал изградено своја кула и конаци (од кои денес нема никакви остатоци) поради благопријатната клима и местоположба на селото на излезот од кањонот Матка, а во овој период селото го носело името „Качепури“. Доста стари пишани докази за Шишево се наоѓаат во турските пописни дефтери од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 за Скопскиот вилает од 1452/53 година, каде за селото Шишево е запишано дека во него живееле со 21 христијански македонски семејства кои произведувале пченица, јачмен, овес, 'рж, просо, грав, бостан, лен, одгледувале лозја, чувале свињи и пчели и работеле една воденица со три камења и една валавница за што се остварувал севкупен обрт од приходи и давачки од 3151 акче[1]. Подоцна во XIV век во пописните дефтери од 1544 година Шишево имало 57 македонски христијански и 1 исламизирано муслиманско семејство, а во 1568 година биле регистрирани 72 христијански семејства[1]. Во пописните дефтери од 1544 и 1568 година има податоци дека ова село од султанот Бајазит ѝ било доделено на жена му на Мустафа паша како мулк[1]. Подоцна, таа го увакуфила ова село при завието што го изградила близу мостот, за што населението од Шишево било задолжено да го одржува и чува мостот, поради што било ослободено од сите редовни и вонредни државни даноци, како и од давање на војници - азапи, черахари, улаци, јаничари и сегбани, а исто така биле ослободени и од давање работници за поправки на тврдини (хисари)[1]. Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ од 21 мај 1855 година, во „Цариградски весник“ за селото Шишево (кај него стои Шешево) запишал дека е основано на реката Треска до манастирите Свети Никола и Свети Андреја[2]. Понатаму тој запишал дека во селото има стара црква со едно кубе, храм Свети Никола (т.е. денешната Свети Атанасиј), со славјански ракописи, како и 6 цркви разорени и други старини[3]. Кон почетокот на ХХ век се забележуваат првите населувања на Албанци на местото од Турците.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Најстариот запис во кои се споменува селото со името Шишево потекнува од црковните манастирски записи од XIV век, а со тоа име се среќава и во манастирскиот поменик на манастирот Матка и турските документи од XVI век. Постојат неколку научни претпоставки кои сметаат дека името на селото Шишево потекнува од човечко (антропонимско) именување: 1. заштитно име; 2. скратен и нагален облик (хипокористица) од личното име Шишман < Шиш(е)-ман или од тур. şişman со значење на 'дебелко'; 3. придавско образување од старото лично име Шише или Шишо од Шишман[4].

Стопанство[уреди | уреди извор]

Селото Шишево е економски развиена средина пред се поради својата близина до градот Скопје и својата специфична местоположба. Главна стопанска гранка на жителите на Шишево е земјоделството. На плодните ниви во алувијалната рамнина на реката Треска под голем број на пластеници и стакленици и на отворено се одгледува познатиот сочен шишевски домат, пиперки, краставици, кромид, лук, морков, зелка и др. Во помала мера се одгледува и пченка. Застапено е и сточарството преку одгледување на ситен и крупен добиток (овци, крави и телиња, свињи итн.). На блиските ридови на кои се изградени и повеќе викенд-куќи застапено е и овоштарството (јаболки, круши, сливи) и лозарството (постојат повеќе лозја од кои населението произведува домашни вино и ракија). Покрај земјоделството дел од населението на Шишево има или е вработено и свои приватни фирми во градежништвото, техниката, моторните масла и автомобилите кои успешно работат. Во Шишево постојат и неколку колонијални продавници и кафеани.

Население[уреди | уреди извор]

Шишево е едно од ретките села во Општина Сарај кое е етнички мешано и во кое Македонците претставуваат значаен дел од населението. Демографската слика на селото е поволна. Покрај традиционално високиот наталитет кај албанската заедница, забележлив е наталитетот и кај македонската, а во повеќе македонски куќи имаат 3 или 4 деца. Покрај старото население во селото е забележлив големиот број на помладо население.

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 3.376 жители. Следува табела на националната структура на населението во неколку пописни години:[5]

На табелата е прикажан националниот состав на населението во неколку пописни години:[6]

Години Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. Вкупно
1948 540
1953 298 126 180 8 3 ... 3 618
1961 348 253 73 ... ... ... 2 676
2002 583 2.776 3 3 9 3.376

Родови[уреди | уреди извор]

Во Шишево во минатото живееле само Македонци, а подоцна етапно почнале да се доселуваат и Албанци од Северна Албанија и околните блиски села од пределот Скопски Дервен. Денес во Шишево, Македонците живеат во северниот дел на селото, а Албанците во јужниот дел на селото кон селската црква.

  • Македонските родови во Шишево се староседелци и сите се преселени во денешното Шишево, од старото Шишево кое се наоѓало малку понајуг во ридскиот предел, а положбата ја променило по насилното почиифлигување од Хамзи-паша околу половината на XIX век. Македонски родови се: Златановци, Прмевци, Јандриовци, Крстевчиња, Радичовци, Кицеви, Мекановци, Бутинаровци, Ацевчиња, Ангелевски[7]. Подоцна се доселени и некои македонски родови со потекло од селото Кучково, а денес во селото живеат и семејствата Спиркови, Цветковски.
  • Албански родови се: Барук (доселени околу средината на XIX век, од областа Љума во северна Албанија) и Заке (доселени веднаш после претходниот род, од некое место „во Грција“, веројатно во областа Епир во јужна Албанија)[8]

Општествени институции[уреди | уреди извор]

Во селото Шишево работи основно училиште до четврто одделение, кое се наоѓа помеѓу куќите на подножјето на ридот. Во училиштето се одржува настава на македонски (во 1 паралелка) и албански јазик. Децата од Шишево што се од македонска националност претежно ги посетуваат основното училиште во селото Сарај или училиштето „Мирче Ацев“ во населбата Ѓорче Петров во Скопје.

Администрација и политика[уреди | уреди извор]

Шишево административно е споено со селото Глумово (заеднички се води статистика за двете села), но сепак селото претставува посебна катастарска општина и месна заедница на територијата на Општина Сарај.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Манастирската црква „Св. Никола“

Во селото Шишево постојат неколку постари македонски куќи со традиционална македонска архитектура од овој крај кои и покрај тоа што се во доста запуштена (и руинирана) состојба, сепак се населени и во нив живеат луѓе. Поради специфичната архитектура неопходно е заводот за заштита на културните споменици да ги земе овие куќи во својата заштита. Во селото постои и џамија.

Цркви и манастири[уреди | уреди извор]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Селската слава „Свети Атанасиј“ (31.1) во селската црква.
  • Прослава на патрониот празник на Шишевскиот манастир „Свети Никола“ - летен (18.5).

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

  • ФК Треска - На самиот почеток на селото од десната страна спроти последната автобуска станица на автобусот број 12 се наоѓа фудбалското игралиште на кое своите натпревари ги игра ФК Треска која се натпреварува во регионалната фудбалска лига.

Младото население на селото активно спортува и во ФК Македонија Ѓорче Петров и во повеќе пливачки клубови во Скопје.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Соколоски, Методија (1976) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 196. 
  2. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 год. стр.78
  3. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 год. стр.78
  4. Иванова, Олга (2014) (на македонски). Речник на имињата на населените места во Р.Македонија. Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 206. 
  5. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  6. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk.
  7. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.102-103
  8. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.103

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]