Ракотинци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Ракотинци
Ракотинци 02.JPG

Поглед на Ракотинци од патот кој води кон Добри Дол

Ракотинци is located in Македонија
Ракотинци
Местоположба на Ракотинци во Македонија
Координати 41°56′43″N 21°20′38″E / 41.94528° N; 21.34389° E / 41.94528; 21.34389Координати: 41°56′43″N 21°20′38″E / 41.94528° N; 21.34389° E / 41.94528; 21.34389
Општина Coat of arms of Sopište Municipality.svg Сопиште
Население 390 жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1054
Шифра на КО 25111
Надм. вис. 490 м
Ракотинци на општинската карта
Ракотинци во Општина Сопиште.svg

Атарот на Ракотинци во рамките на општината
Commons-logo.svg Ракотинци на Ризницата


Ракотинци — село во Општина Сопиште, во областа Каршијак, во околината на градот Скопје.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на Ракотинци од Сопиште и патот за Горно и Долно Соње

Селото Ракотинци се наоѓа во југозападниот дел на Скопската Котлина во составот на Општина Сопиште[1], во пределот на етногеографската област Каршијак. Ракотинци е расположено на југоисточната падина на планината Водно, на левата страна на долот Бутурец[2]. Селото е ридско на надморска височина од 480 метри[1]. Од градот Скопје е оддалечено 8 километри. Атарот на Ракотинци зафаќа површина од 9,7 км2, од кои обработливото земјиште зафаќа 680 хектари, шумите зафаќаат 100 хектари, а пасиштата 83 хектари[1]. Соседни села се Сопиште, Добри Дол, Горно Соње и Долно Соње[2]. Ракотинци се наоѓа непосредно јужно од селотo Сопиште кое е општинско средиште, а низ него води локален асфалтен пат за селото Добри Дол кој се спојува со регионалниот пат кон областа Поречје кај селото Маркова Сушица и Марковиот Манастир. Низ Ракотинци минува автобусот на ЈСП со број 58, кој сообраќа до соседното село Добри Дол.

Историja[уреди | уреди извор]

Поглед на сретсело со селската чешма, воедно автобуска станица

Околу селото Ракотинци постојат повеќе старини кои сведочат дека на овој простор имало жители уште од младото камено време. На возвишението Орловица (476 метри) според преданијата на жителите „бил град“[3]. Ова се однесува на денес познатото археолошко наоѓалиште Орловица, кое датира од неолитот, бронзеното и железното време. Од него, селаните тука често откопувале ќерамиди и големи земјени ќупови. Веројатно е дека тврдината имала и посада, кој го чувала патот во долината на Маркова Река[3]. На потегот Црквиште, се наоѓаат една стара надгробна плоча и стар табуисан брест, а на истото место според преданијата на селаните некои турци копале во потрага по пари[3].

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Скопскиот Вилает и имало 21 христијанско семејство.[4]

Подоцна селото Ракотинци, се споменува и кон крајот на XVI век, кога селскиот свештеник и повеќе лица од селото се запишани како приложници во Поменикот на манастирот во Матка од 1560 - 1570 година[5].

Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ објавен во „Цариградски весник“ на 1 мај 1855 година за Ракотинци запишал дека е најдобро плодно село со цркви урнисани[6]. Во селото постои црквата „Света Богородица“, за која селаните не го знаат датумот на изградба, но според изгледот таа била многу стара, веројатно повеќе од 350 до 400 години. До 1879 година, црквата имала и рушевини од манастирски конаци, при што истата година за нивна обнова, селаните на Ракотинци позајмиле пари од познатиот албански сточар, поседник и насилник Касам - ќаја, за што тие потоа 3 години бесплатно ја обработувале земјата на неговиот чифлик во Маркова Сушица[3]. Денешната црква на тоа место е обновена во 2000 г. Селските родови, освен родот Станковци, биле чифчии и на поседниците им давале третина, а некогаш и половина од житото, сè до 1878 година, кога поседниците започнале да им ја продаваат земјата на селаните[3]. Пред околу 120 години селото пострадало од чума, за што посведочил и македонскиот револуционер Ѓорче Петров, кој во 1896 забележал дека селото имало само неколку куќи, а пред тоа било толку богато со лозја што на спаилукот плаќало по 200 товари грозје, за истата година да спадне на само 70 до 80 товари[7].

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

За потеклото на името на селото Ракотинци, може да се претпостави дека доаѓа зборот ракита, што е име за вид на врба која што е застапена на атарот на селото.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Поглед на лозовите насади во Ракотинци

Главно занимање на населението на Ракотинци е земјоделството. Најзастапени земјоделски гранки се полјоделството односно одгледување на житни растенија (најмногу пченица и пченка), градинарски култури под пластеник и отворено (пиперки, домати, краставици, кромид, лук, марула) како и други видови зеленчук. Во Ракотинци и околните села на јужните и југоисточните падини на планината Водно, особено многу е развиено лозарството и одгледувањето на виновата лоза и трпезните видови на грозје. Овој крај е познат како Скопско виногорје, а покрај приватните лозја на многу селани, во овој предел свои лозови насади има и позната голема македонска винарница „Сковин“. Развиено е и овоштарството, посебно одгледувањето на цреши, јаболки, сливи, кајсии. Од сточарството најразвиено е одгледувањето на поситен добиток како кози и овци во помал обем, а особено е развиено живинарството и одгледувањето на кокошки, мисирки. Еден дел од жителите на селото се занимаваат и со други видови на дејности како занаетчиство и градежништво (плочарки, стаклари, водоводџии), а некои работат и во фирмите и блиските фабрики во градот Скопје.

Население[уреди | уреди извор]

Според статистиката на Васил К'нчов („Македониja. Етнографиja и статистика“) од 1900 година, во Ракотинци живееле 350 жители, од кои 260 Македонци.[8]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ракотинци имало 160 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

Според пописот од 2002 година, во селото Ракотинци живеат 390 жители, сите Македонци.[10]

На табелата е прикажана состојбата на населението во сите пописни години:[11]

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 260[8] 160[9] 477 519 541 546 580 645 576 390

Родови[уреди | уреди извор]

Ракотинци е македонско село.

Според истражувањата од 1950 година, родови во селото:

  • Староседелци: Станковци (3 к.), Енѓелковци (7 к.), Шавганци (4 к.) и Трабиновци (1 к.)
  • Со непознато потекло: Ѓешовци (3 к.) не знаат ништо за потеклото. Некои викаат дека се староседелци.
  • Доселеници: Нецовци (4 к.) се сметаат за многу стари доселеници. Незнаат од каде се доселени; Овчарковци (10 к.) познати се и како Тошковци. Доселени се од околината на Крушево. Овде се доселиле како овчари (со преку 400 овци) преку Порече. Кога дошле овде прво се населиле на пустото село Бела Црква, помеѓу Ракотинци и Батинци. Па преминале во Ракотинци; Деспотовци (9 к.) доселени се од околината на Куманово; Петревци (3 к.) и Димишковци (5 к.) доселени се, но не знаат од каде; Чифлижани (2 к.) доселени се средината на XIX век од околината на Дебар. Ги викаат и Дебрани; Домазетовци (2 к.) потекнуваат од домазет доселен однекаде; Ѓорчевци (3 к.) и Трпевци (3 к.) доселени се, но не знаат од каде; Стаменковци (1 к.) доселени се од околината на Куманово. Овде се доселиле во втората половина на XIX век.[5]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Ракотинци

Во селото работи основното училиште „Драга Стојановска“, чија зграда беше обновена во 2008 година.

Цркви

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта
  • Орловица — населба од неолитско, бронзено и железно време

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Ракотинци
Починати и поврзани со Ракотинци

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Најголем број иселеници од селото Ракотинци има во соседното село Варвара, каде во 1945 година се доселиле 9 семејства[7]. Иселеници од Ракотинци се забележани и во Сопиште, Скопје, а во поново време и во странство во Германија, САД и Австралија.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.253
  2. 2,0 2,1 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.130
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 131
  4. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.494
  5. 5,0 5,1 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.
  6. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр.80
  7. 7,0 7,1 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.132
  8. 8,0 8,1 Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 206.
  9. 9,0 9,1 D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.116-117.
  10. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  11. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат. Државен завод за статистика.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]