Прејди на содржината

Македонска православна црква - Охридска архиепископија

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од МПЦ)
Оваа статија е за современата македонска православна црква, за останати значења видете Охридска архиепископија (појаснување).

Македонска православна црква — Охридска архиепископија
КратенкаМПЦ-ОА
ВидПравославно христијанство
КласификацијаПравославна црква
БогословиеПравославно богословие
ПоглаварАрхиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан
ЈазикЦрковнословенски и македонски
СедиштеСкопје и Охрид
ТериторијаМакедонија
ВладенијаСАД
Канада
Австралија
Европска Унија
Основач
Независност1967 и 2022 (од СПЦ)
Пресоединета2022 (со СПЦ)
Признавањеавтокефалност: 24 мај 2022
Мрежно местоmpc.org.mk/

Македонска православна црква — Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) или само Македонска православна црква (МПЦ) — автокефална и национална црква на Македонците со православна вероисповед, но и Црква за сите православни верници во Македонија и надвор во дијаспората.

Македонската православна црква останала непризнаена од сите канонски православни цркви сè до мај 2022 година. На 9 мај 2022 година, Вселенската патријаршија ја примила Македонската православна црква во канонско евхаристиско единство и ѝ ја признала посебноста, но под називот Охридска архиепископија. Одлучувањето за управните прашања, Патријаршијата ѝ го препуштила на Српската правоаславна црква.[2][3] Македонска православна црква — Охридска архиепископија, по повеќе од пет децении од едностраното прогласување автокефалност на Третиот македонски црковно-народен собор, повторно воспоставила канонско единство со Српската православна црква во мај 2022 година.[4][5]

Историја

[уреди | уреди извор]

Рано христијанство

[уреди | уреди извор]

Христијанството во етничка Македонија, па и пошироко на Балканот, прв го проповеда и шири апостол Павле при своите мисионерски патувања, за што сведочи и библиската книга Дела на светите апостоли. На тие негови патувања го придружуваат и Лука, Тимотеј, Сила и Тихик кои и самите независно од апостол Павле работат на христијанизација на овие простори. Низ Македонија проповеда и Апостол Андреј Првоповикан кој и го поставува апостол Урбан за прв епископ во Македонија. Апостол Силуан бил првиот епископ во Солун, а Епафродит во Адрија или Адријакија (погранично место со Тракија). Што значи дека уште тогаш се поставени темели на организирана Црква. Би спомнале тука и дека апостолите Аристарх и Секунд биле солунјани, Епафродит бил од Филипи, а Гај од Добер (Дервија) кој се лоцира накаде меѓу Струмица и Валандово. Во тоа време Македонија била под римска власт така што често ги менувала своите граници и својот етнички состав. Како резултат на христијанизацијата извршена во првите три века, веќе на почетокот на IV век христијаните на просторот на Македонија имале организирана Црква со црковна ерархија, чии епископи понатаму редовно учествуваат на помесните и вселенските собори.

Охридска архиепископија

[уреди | уреди извор]

Во втората половина на X век, во рамките на Самуиловата држава е организирана Охридската автокефална архиепископија, во достоинство на патријаршија, а подоцна, по паѓањето на Самуиловото Царство, повторно е сведена на степен на архиепископија и како таква постои цели осум века, сè до 1767 година кога е укината од страна на турскиот султан Мустафа III, а нејзините епархии се присоединети кон Цариградската патријаршија.

Теодосиј Гологанов бил поборник за обновување на Охридската архиепископија
  • Нејзините епархии смениле неколку јурисдикции од соседните православни цркви. Особено жестоки борби биле водени по средината на XIX век за создавање на Бугарска егзархија, во кои учествувале деjци како Браќа Миладинови, Григор Прличев, Кузман Шапкарев. Таа била афирмирана со султански ферман во 1870 година со центар во Цариград и до Балканските воjни ги вклучувала епархиите Битолска, Велешка, Дебарска, Охридска, Скопска, Струмишка, Неврокопска и имала обласни претставители во Леринско (Магленско), Воденско, Солунско, Поленинско (Кукушко), Серско, Мелнишко, Драмско. Во 1912 година имала 1.373 егзархиски училишта со 2.266 учители и 78.854 ученици во Македонија. Денес неjзина наследничка е Бугарската патријаршија. По Балканските и Првата светска воjна и укинувањето на Бугарската егзархија во Вардарска Македонија таа беше насилно потчинета на Обединетата православна црква на Србите, Хрватите и Словенците. Во текот на бугарската окупација на Македонија (1941-1945), црквата во Македонија повторно била под управа на тогаш непризнаената Бугарска православна црква. Услови за враќање на самостојноста се создаваат дури кон крајот на Втората светска војна.

Обновување на црквата

[уреди | уреди извор]
Оплакувањето на Христа (1164), една од најпознатите македонски фрески
Епархиите на МПЦ од 1967 до 2013 година.
Писмо од Иницијативниот одбор до Президиумот на АСНОМ за организирање самостојна Македонска православна црква (февруари 1945).
Епархиите на МПЦ во Македонија (2013-2023)

Пред самиот крај на војната, во 1944 г. во селото Врановци бил создаден Иницијативен Одбор за организирање на Македонската православна црква. На 3 јануари 1945 година, Иницијативниот одбор за обновување на Охридската архиепископија испратило писмо до Светиот архијерејски синод на Српската православна црква со образложение на иницијативата. Писмото пристигнало до СПЦ на 22 јануари 1945, а на него одговорил протераниот скопски митрополит Јосиф, со зборовите: „штом бидам слободен, ќе се погрижам да се видам со вас, во Белград или Скопје“. На 4 март 1945 година, во Скопје бил одржан Првиот црковно-народен собор, на кој била донесена резолуција за обновување на Охридската архиепископија, како Македонска православна црква. Оттука, на 9 март 1945 година, Иницјативниот одбор испратил телеграма до СПЦ со известување дека „на 4 март, во Скопје, во главниот град на Македонија, се собра македонскиот црковно-народен собор на кој делегатите ја искажаа еднодушната желба на сите православни Македонци за што побрзо прогласување самостојна Македонска православна црква, односно обновување на историската Охридска ариепископија“. Светиот синод на СПЦ го замолил митрополитот Јосиф да замине во Скопје, но министерот за внатрешни работи не му издал патна дозвола.[6]

На 2 април 1945 година, митрополитот Јосиф го известил Светиот синод на СПЦ дека формирал црковен суд за Скопската епархија, со привремено седиште во Врање. Како реакција на тоа, со акт на претседателството на владата на Македонија, број 1.228 од 25 јули 1945 година, доставен до администраторот на Српската патријаршија, било испратено известување дека свештенството на Скопската епархија, на својата редовна седница од 18 јули 1945 година, ги разгледувало провокациите на митрополитот Јосиф, кој во црквите во Македонија го испраќал својот гласник кој делел пари за помош на Скопската, Злетовско-струмичката и Охридско-битолската епархија.[7]

На 7 декември 1946 година, делегација на Иницијативниот одбор (составена од свештениците Нестор Попов, Кирил Стојанов и Мукаетов, заедно со две цивилни лица) одржала состанок со српскиот патријарх Гаврил и митрополитот Јосиф, на кој дошло до израз недоразбирањето меѓу двете страни во спорот. Подоцна, патријархот Гаврил се согласил во рамките на СПЦ, Македонците да поставуваат свештеници и да избираат нови црковни одбори и совети во кои би влегле и Македонци. Исто така, тој предложил да се достави акт до владата со молба да им се дозволи на митрополитот Јосиф и на епископите Викентие и Венјамин да се вратат во Македонија за да воспостават црковен поредок.[7]

На 10 мај 1947 година, во 20 часот и 30 минути, кај партијархот Гаврил дошле генералот Љубодраг Ѓуриќ и Лазар Колишевски. На средбата, генералот Ѓуриќ ја истакнал ропската положба на македонскиот народ во минатото и ја критикувал великосрпската пропаганда, истакнувајќи дека Македонците сакаат своја црква, а истото го истакнал и Колишевски. Во долгата дискусија, која траела два часа, патријархот Гаврил ја бранел позицијата на СПЦ и рекол дека „во Македонија мора да се воспостави редовна црковна состојба“. Притоа, тој изјавил дека би дозволил „внатрешна употреба на македонскиот дијалект, полна слобода во изборот на епархиските и црковно-општинските совети“ и изразил подготвеност за договор за имињата на парохиите. Тогаш, Колишевски рекол дека народот е поделен, т.е. едни сакаат автокефалност, а други автономија и се заканил дека ако СПЦ не попушти, владиката Борис од Пиринска Македонија е готов да се стави во служба на Македонците. Потоа, Колишевски рекол дека враќањето на митрополитот Јосиф во Македонија е невозможно, зашто против него се народот и свештенството, велејќи дека ако митрополитот Јосиф се појави во Македонија, тој ќе биде линчуван. На крајот, Ѓуриќ и Колишевски повториле дека Македонците нема да отстапат од своите барања и дека прашањето уште повеќе ќе се заострува. Тука завршил состанокот и Колишевски и Ѓуриќ си заминале во 23 часот.[7]

Архијерејскиот собор на СПЦ упорно опстојувал на своите ставови и поради тоа, по Соборот од 9 и 10 мај 1946 година, во своите понатамошни барања, Иницијативниот одбор истапувал со помали барања, т.е. наместо како автокефална, се барало да биде признаена како самостојна црква. Но, барањето на Иницијативниот одбор повторно не наишло на одобрување. По долги години на статус-кво состојба, од 4 до 6 октомври 1958 година, во Охрид бил одржан Вториот македонски црковно-народен собор, каде што била прифатен предлогот за обнова на Свети-Климентовата Охридска архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска православна црква, а за нејзин прв епископ бил избран г. Доситеј.

Архијерејскиот собор на СПЦ се согласил со одлуките на Македонскиот црковно-народен собор, во одлуката АС. бр. 47/1959 година и 6/1959 година зап. 57 од 17/4 јуни 1959 година. Одлуката за самостојност на МПЦ била потврдена преку отслужувањето на заедничка архијерејска литургија со српскиот патријарх Герман, на 19 јули 1959 година во црквата Св. Мина во Скопје, а истовремено била извршена и хиротонија на преспанско-битолскиот владика Климент. Со тоа, Светиот архијерејски синод на СПЦ дал самостојност на Македонската православна црква, со тоа што таа и понатаму останала во канонско единство со СПЦ, преку нејзиниот патријарх. По неколку дена, во црквата Св. Никола во Штип, г. Наум бил хиротонисан за владика на Злетовско-струмичката епархија. Исто така, бил конституиран Синодот на МПЦ според Уставот на МПЦ, како и другите административни органи и тела во архиепископијата и во епархиите.

Во мај 1962 година, во придружба од патријархот Герман, со неколку епископи на СПЦ, во посета на МПЦ дошол патријархот московски Алексиј, придружуван од митрополитот Никодим, епископот Пимен и повеќе високодостоинственици на Руската православна црква. На празникот на Св. Кирил и Методиј, во црквата Св. Богородица Каменска во Охрид била одржана и архијерејска литургија, на која што зеле учество патријархот московски Алексиј, патријархот српски Герман и архиепископот охридски и митрополит македонски Доситеј. Ова било прво сослужување на поглаварот на МПЦ со поглавари на други автокефални цркви.

Во 1966 година, односите со СПЦ повторно се влошиле. По новонастанатите недоразбирања и судири, Светиот Синод на МПЦ на 17 јули 1967 година, во Охрид, го свикал Третиот црковно-народен собор и на свечената седница во охридската црква Св. Климент ја прогласил Македонската православна црква за автокефална. Чинот на прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква бил извршен на Светата архијерејска литургија, отслужена во црквата Св. Богородица Перивлепта (тогаш позната и како Св. Климент) на 19 јули 1967 година, од Светиот архијерејски синод на МПЦ.

На 12 ноември 2009 година, Македонската православна црква во своето име ја додала додавката „Охридска архиепископија“, како директна наследничка на старата Охридска архиепископија. Покрај додавката, МПЦ-ОА извршила и промена во грбот и знамето, односно наместо приказот на црквата Св. Богородица - Перивлепта, била ставена црквата Св. Софија во Охрид, како седиште на архиепископите на Охридската архиепископија.

Организација на МПЦ

[уреди | уреди извор]
Епархиите на МПЦ во Македонија
Архијерејски намесништва на МПЦ во Македонија

Епархиите на Македонската православна црква не се протегаат само на подрачјето на Македонија, туку и во црковните општини надвор од границите на државата.

Епархии на МПЦ се:

  1. Скопска епархија, предводена од архиепископот г. г. Стефан;
  2. Тетовско-гостиварска епархија, предводена од Високопреосветениот митрополит г. Јосиф (Тодоровски)
  3. Кумановско-осоговска епархија, предводена од Високопреосветениот митрополит г. г. Григориј;
  4. Дељадровско-илинденска епархија, предводена од Преосветениот епископ г. Јоаким;
  5. Дебарско-кичевска епархија, предводена од Високопреосветениот митрополит г. Тимотеј;
  6. Преспанско-пелагониска епархија, предводена од Високопреосветениот митрополит г. Петар;
  7. Крушевско-демирхисарска епархија, предводена од Високопреосветениот митрополит г. Јован;
  8. Струмичка епархија, предводена од Високопреосветениот митрополит г. Наум;
  9. Повардарска епархија, предводена од Високопреосветениот митрополит г. Агатангел;
  10. Брегалничка епархија, предводена од Високопреосветениот митрополит г. Иларион;
  11. Делчевско-каменичка епархија, предводена од Преосветениот епископ г. Марко;
  12. Американско-канадска епархија, предводена од Високопреосветениот митрополит г. Методиј;
  13. Европска епархија, предводена од Високопреосветениот митрополит г. Пимен;
  14. Австралиско-новозеландска епархија, чиј администратор е митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар со седиште во Мелбурн.
  15. Австралиско-сиднејска епархија - Епархија за Канбера, Австралија и Тасманија, со седиште во Сиднеј.[8]

Од возобновувањето на МПЦ па до 2013 година, Тетовско-гостиварската и Кумановско-осоговската биле обединети во една Полошко-кумановска епархија. Старата епархија била предводена од митрополитот Кирил. По смртта на митрополитот во 2013 година, епархијата била поделена на две нови.[9] Во февруари 2016 година, Синодот на МПЦ одлучил во Австралија да се формира уште една епархија, т.е. 12 црковни општини да влезат во состав на МПЦ - Епархија за Австралија и Нов Зеланд, а други 12 општини да бидат дел од посебна епархија, наречена МПЦ - Епархија Канбера, Австралија и Тасманија.[10]

Во јуни 2023 година биле формирани 3 нови епархии со привремен карактер, односно новите епархиии би биле во функција до престанување на функцијата на епископот за којшто се основаат, а потоа границите се враќаат во претходна состојба, како пред основањето на новата епархија. Новите епархии биле создадени по канонскиот отпуст на архијереите г. Јован, г. Јоаким, г. Марко и г. Давид од Соборот на СПЦ и обединувањето на Православната Охридска Архиепископија (ПОА) со МПЦ-ОА, со што се ставил крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.[11][12] Новоформираните епархии биле:

Според точката 17 од Образложението на Одлуката за автокефалност, Македонската православна црква, како административен дел од едната, света, соборна и апостолска црква, ќе ги чува Светото Писмо, Светото предание, апостолските правила и прописите на вселенските и помесните собори и ќе се раководи согласно со нив и со Уставот на Македонската православна црква.

Односи со другите православни цркви

[уреди | уреди извор]
Белград, 19.5.2022

Македонската православна црква во моментов е непризната од другите православни цркви, иако во основа со повеќето од нив МПЦ одржува добри односи.

Односи со Вселенската патријаршија

[уреди | уреди извор]

За чинот на канонизација на Пречистанските преподобномаченици химнограф на Вселенската патријаршија напиша богосложба. Ова е првпат химнограф на друга црква да напише богослужба за МПЦ-ОА,овој потег на Вселенската патријаршија, е исклучително значаен[14].

Односи со Бугарската православна црква

[уреди | уреди извор]
  • Во 2008 година МПЦ-ОА на Бугарската православна црква ѝ подари дел од моштите на Свети Климент Охридски за новоизградената црква во Пловдив; за време на предавањето на моштите македонските архијереи беа пречекани со голема почит и братска љубов.[15].
  • Во мај 2014 година на празникот на Св. Кирил и Методиј во Софија, Бугарија, МПЦ-ОА и Бугарската православна црква за првпат заедно ги празнувале Светите Кирил и Методиј, со литургија во Соборниот храм Св. Александар Невски каде присуствувале бугарскиот патријарх Неофит и македонскиот архиепископ Стефан заедно со владиците Наум и Климент. Од посебно значење е тоа што во текот на литургијата македонските владици биле во олтарот на храмот „Св. Александар Невски“, а дополнителна почит кон МПЦ била искажана и со тоа што на г. г. Стефан му било овозможено со светиот крст да го благослови моментот и од име на МПЦ.[16]
  • На 14.05.2018 година Бугарската православна црква донесе одлука да ја одбие поканата од Македонската православна црква за учество на свечените прослави на 1000-годишнината од основањето на Архиепископијата Охрид. Тие, исто така, одбија да испратат претставник на прославата.[17]

Односи со Грчката православна црква

[уреди | уреди извор]
  • На погребот на претседателот Борис Трајковски, меѓу бројните делегации била и онаа од Грчката православна црква која ја сочинуваа: митрополитите Јоил од Воден и Серафим од Костур при што беа пречекани од македонски црковни великодостојници.
  • Поранешниот грчки архиепископ Христодулос трипати се сретнал со македонски великодостојници и тоа на граничниот премин Негочани (Ники) близу Лерин на негово барање се сретнал со митрополитот Петар, потоа во солунскиот хотел „Македонија“ се сретнал со владиците Петар, Тимотеј и Наум, а последната била во Софија[18].

Односи со Романската православна црква

[уреди | уреди извор]
  • Во 1995 година со благослов на романскиот патријарх г. Теоктист било дозволено двајца тогашни клирици на Цариградската патријаршија – светогорските монаси Наум и Климент, да преминат во клирот на Романската православна црква, а од таму да се јават на повикот на архиепископот Михаил за враќање на македонски монаси од светогорскиот манастир „Григоријат“ заради обновување на монаштвото во Македонската православна црква, а потоа романскиот епископ Калиник во сослужение со македонскиот митрополит г. Петар, ја извршија хиротонијата на двајцата македонски монаси по која јероѓаконот Наум стана јеромонах, а монахот Климент доби чин јероѓакон[19].
  • Во август 2012 година Бигорскиот манастир си размени свети мошти со манастирот Робаја од Романската православна црква, при што епископот на нивната епархија Аргешулуи ши Мускелулуи, г. Калиник и игуменијата старица Петронија Добреску, издејствуваа надлежните чувари на гробот на Св. Николај во градот Бари да одвојат честица од светите мошти на Мирликискиот чудотворец, наменета за Бигорскиот манастир[20].

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „History of the Macedonian Orthodox Church“. Forum18.org. Посетено на 2022-01-02. restoration of the Ohrid Archdiocese of Saint Clement as a Macedonian Orthodox Church was accepted
  2. „Крај на изолацијата: Вселенската патријаршија ја призна МПЦ-ОА за канонска | DW | 09.05.2022“. DW.COM. Архивирано од изворникот 2022-05-11. Посетено на 2022-05-11.
  3. „Црквата од Охрид“ или МПЦ-ОА, што стои во одлуката за канонизација на Вселенската патријаршија?, Посетено на 2022-05-12
  4. „Vesti i nastani“. www.mpc.org.mk. Посетено на 2022-05-17.
  5. „Соборот на СПЦ одобри канонско единство со МПЦ-ОА - Слободен печат“. Слободен печат. 2022-05-16. Посетено на 2022-05-17.
  6. Блаже Миневски, „Српските владици ќе бидат линчувани ако се вратат во Македонија“, Публика, неделен политички прилог, број 203, сабота, 8 ноември 2014, стр. 2-3.
  7. 7,0 7,1 7,2 Блаже Миневски, „Српските владици ќе бидат линчувани ако се вратат во Македонија“, Публика, неделен политички прилог, број 203, сабота, 8 ноември 2014, стр. 3.
  8. МПЦ ја подели Австралиско-новозеландската епархија[мртва врска]
  9. „Две нови епархии на место Полошко-кумановската“. Архивирано од изворникот на 2013-06-22. Посетено на 2013-06-19.
  10. „Синодот на МПЦ аминува втора епархија за Македонците во Австралија“, Дневник, година XX, број 5993 петок, 19 февруари 2016, стр. 3.
  11. „МПЦ-ОА ги прифати во своја канонска јурисдикција архијереите на поранешната ПОА“. А1он (англиски). 2023-06-20. Посетено на 2024-01-03.
  12. „СООПШТЕНИЕ од Кумановско-осоговската епархија (КОЕ) за привремена поделба и менување на границите на КОЕ – Кумановско-осоговска епархија“. Посетено на 2024-01-03.
  13. 13,0 13,1 13,2 „Vesti i nastani“. www.mpc.org.mk. Посетено на 2024-01-03.
  14. http://denesen.mk/web/?p=17510
  15. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2015-07-06. Посетено на 2014-08-24.
  16. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2016-04-02. Посетено на 2014-08-24.
  17. https://bg-patriarshia.bg/news/263400
  18. http://preminportal.com.mk/content/view/1137/64/
  19. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2016-03-08. Посетено на 2014-08-24.
  20. http://www.bigorski.org.mk/index.php?content_type=nastani&action=details&record_id=841

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Епархии