Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Гаврил II

Од Википедија — слободната енциклопедија
Гаврил
Родено име Ѓорѓи Милошев
Архиепископ од 1986
Архиепископ до 1993
Претходник Ангелариј
Наследник Михаил
Роден 17 април 1912
Скопје
Починал 4 март 1996
Скопје
Други архиепископи со име Гаврил

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Гаврил (родено име: Ѓорѓи Милошев; Скопје, 17 април 1912 - 4 март 1996) — третиот архиепископ по возобновувањето на Македонската православна црква.

Гаврил бил првиот претседател на Друштвото на преведувачите на Македонија. Во 1977 година, отец Ѓорѓи Милошев се замонашил и по хиротонисувањето за архијереј бил прв декан на Богословскиот факултет во Скопје. Во 1986 година бил избран за архиепископ на МПЦ. Веднаш по застанувањето на престолот, тој ги продолжил веќе започнатите проекти на неговиот претходник Доситеј. Ова пред сè се однесувало на изградбата на црквата Свети Климент Охридски во Скопје, формирањето на Богословскиот факултет и издавањето на Библијата на македонски литературен јазик. Гаврил бил првиот македонски архијереј кој ја обновил древната традиција, фрлање крст во реката Вардар.

Архиепископот Гаврил се повлекол од престолот во 1993 година поради старост. Починал во 1996 година и е погребан во манастирот „Свети Наум“ во Радишани крај Скопје.

Рани години[уреди | уреди извор]

Архиепископ Гаврил е роден во Скопје во 1912 година, како Ѓорѓи Милошев. Младоста ја минал во молитви и божји богослуженија во скопските цркви „Св. Петка“, „Св. Богородица“ и „Св. Мина“. Согледувајќи ги неговите квалитети, како одличен студент, скопската општина му доделила едногодишна стипендија по веронаука, а наставниците му биле Руси. Смртта на неговиот татко била причина да не може да ја оствари својата желба и се посветил на изучување на јазици. Во 1936 година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, отсек германистика и славистика.

Во Скопје бил ракоположен за свештеник, а бил поставен за парох во влашката црква „Света Богородица“ во Велес[1] во 1942 година.

Период по војната[уреди | уреди извор]

Веднаш по крајот на Втората светска војна, во 1945 година, отецот Ѓорѓи станал еден од првите професори во велешката гимназија. По кратко време учителствување, од свештенството на Велес и велешката околија бил избран за претседател на Духовниот одбор, и во таа улога учествувал како делегат на Првиот црковно народен собир во Скопје во 1945 година, на кој била донесена одлука за обнова на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

Дело[уреди | уреди извор]

Со оглед на општестевно-политичките прилики во земјата во повоениот период и потребата од високообразовани кадри, бил принуден на неодредено време да престане активно да се занимава со свештеничката дејност и целосно да се посвети на просветата. Од 1949 година бил на служба во Државното книгоиздателство на Македонија – Скопје (подоцна „Просветно дело“). Оттогаш, па сè до смртта, скоро цели триесет години тој му се посветил на учебникарството и на просветителството. Поточно тој најмногу се посветил на усовршување и стандардизирање на македонскиот литературен јазик. Во овој период тој составил и издал прирачници, учебници, речници и училишна литература, па дури и периодика. Посебно за истакнување е неговиот научен пристап кон делата на Кочо Рацин и Војдан Чернодрински. Тој е еден од првите истражувачи од македонскиот научен свет кој се појавил со написи и анализи за опусот на поетот Кочо Рацин.

Во овој период започнал да се создава и развива и црковно-просветната дејност, во која отецот Ѓорѓи зел активно учество. Како плод на неговата неуморна работа, за првпат во овој период за потребите на богослужбата, биле преведени и издадени на македонски јазик Евангелијата и Апостолот. Издавач на ова дело бил Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ.

Во 1949 година започнал со подготвувањето за издавање на Новиот завет, а истиот излегол од печат во 1967 година. Процесот на преводот на Библијата, започнал да се одвива веднаш по ослободувањето. Во овој период тој ги направил и првите чекори во големиот капитален проект кој значи целосен превод на Библијата на современ македонски јазик. Ова капитално дело, целосно било завршено во 1990 година, кога и излегло од печат.

По триесетгодишна дејност, отецот се повлекол во пензија.

Автор е на книгите:[уреди | уреди извор]

  • Галички свадбарски народни песни, 1946
  • Пионерска сцена, 1954 (заедно со Васил Куноски)
  • Деца јунаци, 1959
  • Германско-македонски речник, 1962 (заедно со Бранислав Груиќ и Лазар Алексовски)
  • Мал германско-македонски речник, 1962 (заедно со Бранислав Груиќ и Лазар Алексовски)
  • Транскрипција на германските зборови во македонскиот литературен јазик, 1963
  • Српско-хрватско-македонски речник, 1964 (заедно со Бранислав Груиќ, Михаил Ќорвезировски, Борис Благоевски и Александар Џукески)
  • Мал македонско-германски речник, 1966 (заедно со Маргарита Алексовска и Бранислав Груиќ)

Периодот пред да стане архиепископ[уреди | уреди извор]

По смртта на сопругата, кон крајот на 1977 година, отецот Ѓорѓи бил повикан од г.г. Доситеј, возобновителот на Охридската архиепископија, односно на МПЦ, да прими епископски чин. Како просветител кој ја знаел потребата и важноста за Црквата од формирање на кадар со високо црковно образование, отецот Ѓорѓи Милошев, го условил стапувањето во архијерејскиот ред со отворање на Богословски факултет.

Така што кон крајот на декември 1977 година, по десетгодишно автокефално дејствување на Македонската православна црква (1967 – 1977) или по дваесетгодишно возобновено живеење на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ (1958 – 1977) бил формиран Богословскиот факултет, со седиште во манастирот „Св. Јован Крстител“ во Капиштец, во Скопје. За прв декан на факултетот бил избран Гаврил.

Митрополит на Повардарската епархија[уреди | уреди извор]

На 18 ноември 1977 година, Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква на синодска седница одлучила да се оформи посебна Повардарска епархија, а архијереј на епархијата бил назначен Гаврил[2]. На 29 јануари 1978 година Гаврил бил устоличен во Повардарски митрополит. Тој бил седмиот по ред хиротонисан епископ по обновувањето на Охридската архиепископија.

Седнувајќи на престолот на повардарските епископи митрополитот Гаврил се соочил со сите потешкотии во Повардарската епархија, како што се недостигот на свештеници, поправка на руинирани свети места и изградба на нови македонски православни светилишта. Во текот на оваа декада, како владика во Повардарската митрополија, Гаврил ја стабилизирал епархијата на духовен и материјален план и ја изградил новата митрополитска зграда во Велес.

Архиепископ на МПЦ[уреди | уреди извор]

По трагичната смрт на архиепископот г.г. Ангелариј, во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид, претставниците на Изборниот црковно-народен собир со тајно гласање го избрале Гаврил за трет поглавар на МПЦ. На 4 октомври 1986 година во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид г.г. Гаврил бил устоличен како нов поглавар на Македонската православна црква.

На 18 октомври 1990 година г.г. Гаврил го промовирал капиталното дело македонскиот превод од Библијата, издадено од печатницата на „Љубљанско дело“ во Љубљана, Словенија. На промоцијата на македонската Библија г.г. Гаврил истакнал дека овој историски чин нема само религиско значење, туку во исто време има и општествено значење, па затоа е огромна неговата големина. На македонскиот превод на Библијата, работел повеќе од 50 години.

Архиепископот Гаврил, заради старост и кревкото здравје, поднел оставка, а од 1993 година се повлекол во осамување во неговиот стан и ниту еднаш не излегол од него сѐ до неговата смрт. Починал во 1996 година и е погребан во манастирот „Св. Наум“ во Радишани крај Скопје.

Значење[уреди | уреди извор]

Архиепископот Гаврил е првиот црковен великодостојник кој преку јавните медиуми на македонските православни верници им ги честитал Божиќните празници и тој е првиот македонски архиепископ кој ја обновил древната традиција на празникот Водици, во реката Вардар, да се фрла Богојавленскиот крст.

По повод големиот национален празник Илинден, исто така за првпат започнала традицијата редовно да се испраќа Соборна Синодска посланица до верниците, а за првпат новото време Гаврил го нарече „време на третиот Илинден“.

На 12 август 1990 година, во сослужение на сите членови на Светиот синод на МПЦ, бројното свештенство и пред многубројниот македонски народ, свечено бил осветен Светиклиментовиот соборен храм на МПЦ во Скопје, како вечно светилиште на македонскиот народ. Во однос на прашањето поврзано со признавањето на автокефалноста на МПЦ, кое ѝ биле наметнато од страна на другите православни сестрински цркви архиепископот Гаврил се залагал за решавање на проблемот, но по пат на братољубив дијалог.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Гиревски, Ацо (2007). „Првични сознанија за книжевната оставштина на Кочо Рацин од професорот Ѓорѓи Милошев“. Менора. Наводот journal бара |journal= (help)
  2. http://povardarska-eparhija.org.mk/pe/index.php?option=com_content&task=view&id=43&Itemid=54
Претходник
Ангелариј
Архиепископ Охридски и Македонски
1986–1993
Наследник
Михаил