Битола
| Битола Манастир |
|
|---|---|
Широк Сокак, Битола |
|
| Mестоположба | |
Битола на картата на Македонија |
|
|
Координати : 41°01′55″N 21°20′05″E |
|
| Општи податоци | |
| Име: | Битола Манастир |
| Прекар: | Град на конзулите |
| Гесло: | Битола, бабам Битола |
| Поштенски бр.: | 7000 |
| Повикувачки бр.: | (+389) 047 |
| Автомобилска ознака: | BT |
| Заштитници: | Свети Нектариј Битолски[1] |
| Мреж. место: | bitola.gov.mk |
| Историја | |
| Стари имиња: | Обител |
| Манастир | |
| Управа | |
| Држава: | |
| Општина: | 122,173 |
| Бр. на населби: | 31 |
| Градоначалник: | Владимир Талески |
| Географија | |
| Површина: | пошироко:320km² урбано:30km² |
| Надм. височ.: | 576 м |
| Население | |
| Население: | 74.550 |
| Образование: | |
Битола е град во југозападниот дел на Македонија. Битола е административен, културен, економски, индустриски, образовен и научен центар за тој дел од Македонија. Градот е познат под името град на конзулите бидејќи тука се наоѓаат дел од конзуларните претставништва во Република Македонија. Битола е трет по големина град во Македонија според бројот на жители, додека по површина е втор. За време на Југославија бил еден од културните центри, како во Кралството Југославија, така и во СФР Југославија. Таткото на турската нација Кемал Ататурк завршил офицерска школа во Битола. Некои негови работи денес се чуваат во битолскиот Народен музеј.
Содржина |
[уреди] Етимологија
Во текот на историјата, во зависност од владетелите, градот Битола имал многу имиња. Словенскиот назив за градот, Битола, потекнува од зборот Обител (старословенски овој израз до денес се употребува и во хрватски: Обитѣль) кој за време на средниот век се користел за заедница на монаси, како фамилија односно манастир. Името го добил по многуте манастири што се наоѓале во градот и во околината, а некои постојат и денес. Со текот на времето, гласот О се исфрла во изговорот на зборот „Обител“, и името на градот станува Битола[се бара извор]. Грците од истите причини градот го нарекувале Монастири (грчки: Μοναστήρι). Битола е денешен официјален назив за градот, но истовремено и најстариот назив, судејќи по Битолската плоча од 1015 година на којашто градот е спомнат, како и според многуте војсководци на царот Самуил, како и патниците од тоа време. Арапскиот патник Абу Абдалах Мухамед ал-Идриси во 12 век напишал: „Потребни се два дена патување на исток за да се стигне од Ахрид (Охрид) до Бутили (Битола). Бутили е необичен и убав град“.
Постојат приказни според кои на десниот кеј на реката Драгор имало 41 цркви и исто толку воденици за нивно издржување. Исто така и на левиот кеј на Драгор имало 29 цркви со исто толку воденици. За време на празничните денови во тоа време, народот од селата од Битолското поле се собирале кај овие цркви каде ги вршеле своите верски обреди. Со оглед на тоа што земјиштето на кое се наоѓал градот Битола тогаш било прекриено со многубројни цркви, градот го добил името Манастир[се бара извор]. Има верзија која вели дека градот Битола името Манастир го добил по една огромна црква која се наоѓала над Битола, кај сегашниот мост викан Црн Мост (турски јазик: kara köprüsü). Во оваа црква можеле да се сместат сите присутни од селското население од битолското поле кои доаѓале за време на празниците да ги вршат верските обреди.
Според записите на Марко Цепенков, градот Битола своето име го добил по големопоседникот Тољо, кој имал своја тврдина во близината на денешното битолско село Буково. Во времето кога дошле Турците да го освојат овој дел од Македонија, за да го повикаат на борба големопоседникот Тољо, му велеле „Би Тољо, до би Тољо“, со што според Марко Цепенков од таму потекнува денешното име на градот Битола.
За време на отоманските власти, градот се викал Манастир, што Турците и Албанците го усвоиле од Грците. После Балканските Војни од 1913 градот потпаѓа под српска окупација и повторно го добил старото име Битола.
[уреди] Историја
Многу важни настани од македонската и балканската историја се случиле во Битола. Градот е граден, доградуван, рушен и повторно граден и надградуван уште од неговото прво населување во доцното бронзено доба. Потоа во хеленистичкиот период, па Римското царство, сѐ до византиското време имал статус на град со висок степен на цивилизација.
Традиционално силниот трговски центар, е познат и како град на конзулите поради тоа што во еден период за време на Отоманската империја, Битола имала дури дваесет конзулати од разни европски земји[се бара извор]. Во истиот период, градот имал многу школи, меѓу другите и воена академија, којашто ја посетувал и славниот турски реформатор Кемал Ататурк. На крајот на деветнаесеттиот век бил толку силен град, што неговото население непрестано растело и го надминало бројот на населението на Белград [се бара извор]. Градот бил преполн со фабрики и фотографски дела, а занимливо е и тоа што покрај Сингер, во Битола уште во тоа време постоела фабрика за слатки. Во Битола се снимени првите фотографии и филмови, благодарејќи на браќата Манаки. Тоа било златното доба на градот. За жал, за време на Балканските војни , многу битки биле водени во околината на градот и самиот град, па многу материјални докази изгореле или биле потполно уништени. Архитектурата можела да се обнови, посебно последните петнаесетина години, а докази за сѐ што се случувало се и прераскажувањата на старите кои добро се сеќаваат. Меѓутоа, денес останале многу организации и фестивали, коишто по долг период, повторно се одржуваат. Еден од нив се одржува секој година од 29 јули до 2 август во Битола, во знак на спомен на Илинденското востание, под името „Културен фестивал Илинденски денови“.
[уреди] Праисторија
Градот Битола со околината е многу богат со споменици од праисторискиот период. Двата најзначајни се Велушка Тумба и Тумба Бара, коишто се наоѓаат покрај селото Породин. Од бакарното доба, тука се населува Тумба покрај селото Црнобуки, Шуплевац (покрај селото Суводол) и Висок Рид (покрај селото Букри).
[уреди] Римски период
Градот се наоѓа на римскиот пат Виа Егнација (Via Ignatia), каде што е и античкиот град Хераклеа Линкестис. Во периодот на II век п.н.е. кога Македонија станува римска провинција, Хераклеа станува силен економско-политички центар (Septina Aurelia Heraclea) со свој постојан римски намесник и римска војска, што сведочи за Битола како центар на вечна моќ, цивилизација, култура и убавина којашто е тука и денес.
[уреди] Балкански војни
За време на Првата балканска војна во околината на градот се водела Битолската битка во којашто отоманската армија била победена од страна на српските сили. Градот страдал за време на Првата светска војна заради близината на солунскиот фронт.
[уреди] Втора светска војна
За време на Втората светска војна, градот најпрво го окупирале Германците, а подоцна Бугарите. Во септември 1944, Бугарија им се приклучила на сојузниците и започнала да се повлекува од Југославија, и Битола била ослободена од македонските партизани. На 4 ноември 1944, седмата македонска ослободителна бригада победнички влегла во Битола. Во 1945, во Битола била отворена првата гимназија (наречена "Јосип Броз Тито") на која се предавало на македонски јазик.
[уреди] Евреите во Битола
Битола била населена со Евреи, кои избегале од Шпанија за време на црквената инквизиција на кралицата Изабела Кастиљска[се бара извор]. Тие Евреи се доселиле во најголем дел на Балканот во градовите од поголемо значење и со развиена трговија, меѓу другите и во Битола. Тука го потпомогнале развојот на градот со добри трговски врски. На 11 март, 1943 година, целокупната еврејска популација од Битола (3.011 Евреи) била депортирана во логорот Треблинка во Полска од страна на бугарските фашисти.
[уреди] Географија
Градот е во подножјето на планината Баба (со врвот Пелистер висок 2.601 m) во средишниот дел на пелагониската котлина. Низ него тече реката Драгор. Се наоѓа на 14 km северно од границата со Грција, на надморска височина од 576 m. Битола е традиционално важна трговско-патничка врска помеѓу Јадранското и Егејското Море, како и една од најзначајните патнички врски на Балканот со Централна Европа.
[уреди] Клима
Градот има средна годишна температура на воздухот од 11,1°С, но со големи отстапувања во одредени години: од 10,1°С во 1975 година до 13,1°С во 1952 г. Најстуден месец е јануари, со просечна месечна температура од -0,6°С, но со апсолутна минимална температура од -30,4°С. Најтопол месец е јули, со средна месечна температура од 22,2°С и со апсолутно максимална температура од 41,2°С. Апслолутното годишно варирање на температурата на воздухот изнесува 71,6°С што е специфика за континенталната клима.
Температурата има карактеристика на континентална клима, а врнежите на сушна изменето-медитеранска или степска клима која, на моменти, има пробиви и на жешки воздушни маси од Северна Африка т.е. Сахара. Просечното годишно количество на врнежи изнесува 601 mm, со вредности кои се движат од 338 mm до 879 mm.
Битола исто така е пример со појавата на поларна светлина. Преку Битола поминува изохазмата (линија која поврзува места со еднаков број на денови со појава на поларна светлост) 0,1 што значи дека на небото на Битола просечно само еднаш во 10 години, се појавува поларната светлост.
Во Битола исто така има метеоролошка станица, лоцирана на излезот од градот на патот кон Новаци. Започнала со работа од 16 март 1945, иако за одредени метеоролошки елементи има систематски податоци од 1926 и 1927 година. Метеоролошката станица во градот се наоѓа на надморска височина од 586 m, блиску до просечната надморска височина на градот која изнесува 576 m.
[уреди] Демографија
Според пописот на населението од 2002 година, во градот имало 95.385 жители од следните национални припадности:[2]
- Македонци - 84.616 (88,29%)
- Роми - 2.613 (2,73%)
- Албанци - 4.164 (4,36%)
- Турци - 1.610 (1,68%)
- Власи - 1.270 (1,34%)
- Срби - 541 (0,56%)
- Бошњаци - 21 (0,02%)
- други - 550 (0,57%)
Според пописот од 1948та година во градот Битола вкупно живееле 30,761 жители. 77.2% (или 23,734 жители) беше Македонско, 11.5% (или 3,543 жители) беше Турско, 4.3% (или 1,327 жители) беше Албанско, 3% (912 жители) беше Српско и 1.3% (402 жители) беше Влашко.
[уреди] Религиозни групи
Битола е епископски град и седиште на Преспанско-пелагониската епархија. Во Втората светска војна оваа епархија го добила името Охридско-битолска. Со обновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква во 1967, го добила сегашното име Преспанско-пелагониска епархија и ги опфаќа регионите на градовите: Битола, Ресен, Прилеп, Крушево и Демир Хисар.
Првиот митрополит на епархијата (1958 - 1979) бил блаженопочинатиот Климент. Вториот митрополит и сегашен администратор на епархијата, надлежен како архиереј од 1981 е Господин Петар. Во Преспанско-пелагониската епархија има околу 500 цркви и манастири. Во последните десетина години во епархијата се изградени или се градат околу 40 цркви и 140 црквени објекти. Епархијата има два црковни музеи - во соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“ во Битола и во храмот „Св. Јован“ во Крушево, како и постојана изложба на икони и библиотеки во зградата на митрополијата. Митрополијата е изградена помеѓу 1901 и 1902 година и е еден од најубавите примери на необарокна архитектура. Покрај доминантната Македонска православна црква, во Битола постојат и други поголеми верски заедници како што се Исламската верска заедница, Римо-католичката црква и други.
[уреди] Битола како град на конзулите
Градот на конзулите е второто име за градот Битола. Во врвот на својата слава, Битола имала дваесет конзулати, но постепено со слабеењето на државата, со доаѓањето на династијата Караѓорѓевиќ на власт, а подоцна и комунизмот, тој број постепено опаѓал до само неколку конзулати. Со независноста на Македонија, државата економски се засилила, а Битола постепено ја враќа старата слава. Повторно почнуваат да се отвораат конзулати и градот го добива својот некогашен сјај.
[уреди] Времето на конзулите
За време на Отоманската Империја, градот имал многу конзули од сите значајни земји, па Битола се сметал за конзуларен град. На 26 јули 1903, на влезот во градот бил погубен рускиот конзул Александар Аркадјевич Ростковски, борец за правата на православната раја, која Турците ја угнетувале. На местото на погубувањето денес стои голем руски крст.
[уреди] Денешни конзуларни претставништва
Моментално градот Битола има дванаесет конзуларни претставништва од кои два генерални и десет почесни:
[уреди] Генерални конзулати
[уреди] Почесни конзулати
Во план е отворање и на конзулат на Босна и Херцеговина во Битола[3], кој би бил тринаесетти конзулат во градот.
[уреди] Попознати локации
[уреди] Широк Сокак
Широк Сокак (официјалното име на улицата е „Маршал Тито,“ позната и како „битолското корзо“) е најфреквентната улица во Битола. Во почетокот била наменета за автомобили, меѓутоа денес е исклучиво пешачка улица и вистинското срце на градот. На Широк Сокак се наоѓаат најголемите продавници, ресторани, театарот со опера, галерии и многу други кафулиња и клубови. Тука се сретнуваат најстарите архитектонски дела и градби на Балканот, коишто го красат градот уште од турско време. Типично турски куќи, покрај прекрасните вили, не се реткост во овој дел на градот. А на самиот крај на Широк Сокак се влегува во простран цветен парк полн со дрвореди, којшто води до зоолошката градина и античкото пронаоѓалиште Хераклеа Линкестис.
[уреди] Хераклеја Линкестис
Хераклеја Линкестис (латински: Heraclea Lyncestis) е древен град од римскиот период, што се наоѓа во близина на самиот град, во подножјето на Баба планина и датира од средината на IV век п.н.е. Основан е од македонскиот крал Филип II. Градот бил развиен воено-стратешки центар на северозападната граница на тогашната македонска област Линкесида (денешно Битолско поле).
[уреди] Историски градби
[уреди] Саат-кула
Не се знае точно кога е изградена саат-кулата. Пишани извори од 16 век ја спомнуваат саат кулата, но не е утврдено со сигурност дали се работи за истата градба. Многумина веруваат дека е изградена во исто време со црквата Св. Димитрија Солунски, поточно 1830 година. Според легендата, кулата е изградена кога отоманските власти во градот, односно Турците, поминале по сите околни села и собрале околу 60 000 јајца од коишто направиле малтер. Од смесата измешана со камења ја изградиле кулата чии цврсти ѕидови стојат и денес неоштетени.
Кулата има основа во облик на квадрат и е висока околу 30 метри. На врвот на кулата се наоѓаат тераси со ковани огради. Од сите страни на терасите се наоѓаат конструкции коишто држат светилки со помош на што целата кула и нејзиниот саат се видливи и ноќе. Саатот се наоѓа на најгорното од трите нивоа. Првобитниот саат е заменет за време на Втората светска војна со понов и многу попрецизен и помодерен саат. Новиот саат го купиле нацистите во знак на благодарност на граѓаните за германските гробишта коишто ги подигнале за жртвите од конфликтот во Битола, заедно со англиските и француските гробишта за време на Првата светска војна.
Саат-кулата за многумина е и симбол на градот Битола. Кулата се наоѓа во паркот каде што постојано се собираат млади, уживајќи во центарот на градот, покрај гитарските звуци што се честа појава. Таа, исто така, е место каде што граѓаните за време на Бадниковата вечер го чекаат Божик и притоа палат свеќи за здравје, долж тревникот и тротоарот на паркот каде што е кулата.
[уреди] Ајдар-кади џамија
Ајдар-кади џамијата (турски суд) е еден од најатрактивните споменици на Исламската архитектура во Битола. Градена е во периодот од 1561 до 1562 година, како проект на славниот архитект Мимар Синан. Џамијата ја нарачал битолскиот кадија Ајдар-кади по кој и џамијата го добила името. Низ времето џамијата тешко се оштетила, заради што моментално се реставрира, што ќе донесе приближно до нејзиниот првобитен изглед.
[уреди] Јени Џамија
Името на турски јазик означува Нова Џамија. Лоцирана е во центарот на градот. Има квадратна основа, со купола на врвот. Близу џамијата има минаре високо 40 m. Денес, одаите на џамијата се употребуваат за изложби. Недамнешни археолошки ископувања откриле дека е изградена врз стара црква.
[уреди] Исак џамија
Наследство на познатиот кадија Исак Челеби. Во нејзиниот голем двор има неколку гробови, привлечни заради фините облици на саркофазите.
[уреди] Безистен
Безистенот е спомнат во еден опис на градот од 16 и 17 век. Сегашниот безистен не се разликува многу од изгледот на тогашниот. Безистенот има 86 продавници и 4 големи железни порти. Продавниците порано продавале текстил, а денес прехранбени продукти.
[уреди] Бања Дебој
Дебојот претставува турска бања - амам. Не е познато кога е изградена. Тешко е оштетена, но по поправките сега го има стариот изглед две големи куполи и неколку мали и впечатлива фасада.
[уреди] Образование
[уреди] Универзитети
- Универзитет „Св. Климент Охридски“.
[уреди] Средни училишта во градот
- Гимназија „Јосип Броз-Тито“,
- Гимназија, сообраќајно, графичко, рударско и текстилно училиште „Таки Даскало“,
- Медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“,
- Економско училиште „Јане Сандански“,
- Земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“,
- Електро-машинско училиште „Ѓорѓи Наумов“,
- „Средно музичко училиште“ на град Битола.
[уреди] Приватни Средни Училишта во Битола
- Гимназија „Прва Приватна Гимназија - Битола“,
- Приватно средно стручно училиште „САБА“,
[уреди] Основни училишта во градот
- ОУ „Гоце Делчев“,
- ОУ „Даме Груев“,
- ПОУ„Даме Груев“ - Долно Оризари,
- ПОУ„Даме Груев“ - Карамани,
- ОУ „Др. Трифун Пановски“,
- ОУ „Ѓорѓи Сугарев“,
- ОУ „Елпида Караманди“,
- ОУ „Коле Канински“,
- ЦОУ „Тодор Ангелевски“,
- ПОУ „Тодор Ангелевски“ - населба Горно Оризари,
- ПОУ „Тодор Ангелевски“ - населба Стрелиште
- ОУ „Св. Кирил и Методиј“,
- ОУ „Св. Климент Охридски“,
- ОУ „Стив Наумов“,
[уреди] Основни училишта во околните села
- ОУ „Славко Лумбарковски“ - Новаци,
- ОУ „Крсте Петков Мисирков“ - Бистрица,
- ОУ „Александар Турунџиев“ - Кукуречани,
- ОУ „Кочо Рацин“ - Ивањевци,
- ОУ „Браќа Миладиновци“ - Добрушево,
- ОУ „Трајан Белев“ - Цапари,
- ОУ „Мирче Ацев“ - Бач
[уреди] Населби
- Бадембалари
- Баир
- Бела Чешма
- Боримечка
- Брусничка населба
- Буковски Ливади
- Гратчето Пејтон
- Горно Оризари
- Девејани
- Довлеџик
- Ремо
- Јенимаале
- Карпош
- Кланица
- Лавчанска населба
- Мал Париз
- Маџармаале
- Недопирливи
- Нова Битола
- Стрежевска населба
- Стрелиште
- Стрчин
- Ушици
[уреди] Збратимени градови
[уреди] Галерија
[уреди] Забелешки
- ↑ www.vecer.com.mk Свети Нектариј Битолски прогласен за нов заштитник на градот. (26 јануари, 2008) (македонски)
- ↑ 2002 census results in English and Macedonian (PDF)
- ↑ www.idividi.com.mk
[уреди] Поврзано
- Прилепско-битолски дијалект
- Битолска битка
- Градски стадион Битола
- Зоолошка градина Битола
- Општина Битола
- Спортска сала Битола
- Хераклеа
- Широк Сокак
- ЕГО
[уреди] Надворешни врски
| Заедничката Ризница има податотеки поврзани со: „Битола“ |
- Официјално веб-место на Општина Битола
- Битола, Бабам Битола
- Музејот во Битола
- Фестивал на Филмска Камера Браќа Манаки - Битола
- Битола град во Македонија
- Евреите во Битола
- Неделен магазин ЕГО Битола
- Официјален туристички портал на Битола
- Виртуелна прошетка низ Битола
- Фото галерија
- Топ дестинации во Битола
- Битола низ песните
- Историја на Битола
- Познати личности од Битола
|
|||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||
| Одредници од БИТОЛА | |||||||||||
| Могила и Кукуречани |
|||||||||||
| Дихово |
|
Новаци | |||||||||
| Бистрица |
|||||||||||
| Статијата Битола е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |