Прилеп
| Прилеп | |
|---|---|
Поглед кон Прилеп од Марковите Кули |
|
| Mестоположба | |
Прилеп на картата на Македонија |
|
|
Часовен појас : CET/CEST (UTC+1/2) |
|
| Општи податоци | |
| Име: | Прилеп |
| Прекар: | Градот под Маркови Кули |
| Поштенски бр.: | 7500 |
| Повикувачки бр.: | (+389) 048 |
| Автомобилска ознака: | PP |
| Заштитници: | Свети Никола |
| Портал: | prilep.gov.mk |
| Историја | |
| Управа | |
| Држава: | |
| Регион: | |
| Општина: | |
| Градоначалник: | Марјан Ристески |
| Географија | |
| Надм. височ.: | 620-650 м |
| Население | |
| Население: | 69.704 |
| Образование: | |
| Етнички групи: | Македонци (92,90%) Роми (6,28%) |
Прилеп е град во Македонија, лоциран во северниот дел на Пелагониската котлина, во јужниот дел на Република Македонија, до него се стасува преку магистралниот пат М-5. Има 73.925 жители и површина од 1.675 km2. Се наоѓа на 128 km (воздушна линија) од главниот град Скопје.
Прилеп е познат како „градот под Марковите Кули“ поради неговата близина до Кулите на легендарниот херој Крали Марко (во Прилеп нарекуван Крале Марко).
Градот е одликуван со орден на народен херој на Југославија на 7 мај 1975 и е еден од осумте одликувани града во СФР Југославија со овој орден. Покрај тоа носители на овој орден се уште 14 лица кои потекнуваат од Прилеп и прилепско.
Прилеп е седиште на истоимената Општина Прилеп.
Содржина |
Потекло на името[уреди]
Постојат повеќе претпоставки за потеклото на името на градот Прилеп. Според едно предание на Марко Цепенков, луѓето кои почнале да се доселуваат, своите куќи ги граделе прилепени до калето на Марко, па поради прилепените куќи и градот го добил името Прилеп. Во истото предание се споменува дека градот бил прилебно место (место каде што се правело леб).[1]
Според некои истражувачи името има старословенско потекло со значење блатно, мочурливо место, место покрај блато.[2] Според Блаже Конески името Прилеп е образувано од личните имиња Прилепа и Прилепка, кои се зачувани во руската антропонимија.[2]
Историја[уреди]
Праисторија и антички период[уреди]
Градот Прилеп и воопшто населби на подрачјето на поширокиот прилепски регион, датираат уште од антиката, како што е археолошкиот локалитет Стибера, кај селото Чепигово. Во близина на градот, на Марковите Кули се откриени траги од предисториска населба. Во раната антика тука израснала населбата Керамија (Ceramie), обновена во доцната антика, која до крајот на антиката останала селска населба и не прераснала во град и епископија.[3]
Средновековна историја[уреди]
Денешната местоположба на градот Прилеп потекнува од раниот среден век, кога Прилеп бил многу важен трговски и воено-стратегиски град. Токму во градот Прилеп, по катастрофалниот пораз на самoиловата војска во Беласичката битка, 1014 година, кога ги видел своите ослепени војници, царот Самиул починал од срцев удар. По смртта на Самуил градот потпаднал под византиска власт, се до распаѓањето на Византија во 1204 год. Низ XIII век Прилеп преминува постојано во рацете на новите господари — двапати на деспотите од Епир, двапати на Бугарија, еднаш на царот од Никеја.[3] Во 1334 година Прилеп заедно со цела Македонија стануваат дел од Српското Кралство, на чело со Стефан Душан.
Во 1371 година Прилеп станал престолнина на средновековниот македонски феудален владетел, Волкашин, кој го создал Прилепското кралство, со седиште во Прилеп. По неговата смрт во Маричката битка (1371), го наследил неговиот син, Крале Марко, (во народните преданија и приказни, познат по своите натприродни сили и моќи), кој и по доаѓањето на Турците се до неговата смрт во 1395 година владеел со Прилеп и поширокиот регион на западна и југо-западна Македонија.
Османлиско ропство[уреди]
Прилеп потпаднал под османлиско ропство за време на владеењето на султанот Мурат I. Со доаѓањето на Турците, Прилеп од високоразвиен трговски град, се преориентира кон селското производство особено на тутун. Во Прилеп во 1564/65 година ќе се случи и првиот поголем бунт на македонскиот народ кон турската власт, кога незадоволните Мариовци, ќе направат голем протест, проследен со нереди пред судот во Прилеп.
Во XVIII и XIX век во градот се одржувал голем панаѓур, кој бил еден од најголемите во Румелија и траел 25 дена.[4] На панаѓурот доаѓале трговци од целиот Балкански Полуостров, а се најмногу се тргувало: жито, тутун, ќилими, стока и др.
Во XIX век, во Прилеп учителствувал големиот македонски преродбеник и собирач на народно творештво Димитар Миладинов, заедно со својот помошник Рајко Жинзифов и токму во овој период во контакт со Миладинов, Марко Цепенков (роден прилепчанец) ќе ја прифати идејата на преродбеникот за собирање на македонското народно творештво. Други преродбеници кои учителствувале во Прилеп се: Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Григор Прличев, Кузман Шапкарев, Јосиф Ковачев и др. Во овој период градот бил поделен на христијански и турски дел. Постоеле 17 христијански маала и 10 турски.[5] Во средината на XIX век во Прилеп доаѓа до брз развој на занаетчиството и трговијата. Во овој период во Прилеп биле развиени: казанџискиот, ковачкиот, абаџискиот и ќурчискиот занает, а нешто покасно почнал да се развива и терзискиот занает.
Според структурата на ВМОРО, Прилеп за време на илинденскиот период бил дел од Прилепската околија на Битолскиот револуционерен округ. Илинденското востание ќе има силен одглас во прилепско, а со борбите раководеле познатите прилепски војводи Петар Ацев и Крсто Гермов-Шаќир војвода. На Илинден востаниците во прилепско ги исекле телеграфските кабли меѓу Прилеп-Велес и Прилеп-Битола, а биле разрушени и некои дрвени мостови по патот Градско, Кичево, Крушево и Велес.
Голем број Прилепчани активно се вклучиле во Младотурската револуција. Во септември 1910 година властите уапсиле над 70 граѓани за време на акцијата за разоружување на младотурците.
Балканските и светските војни[уреди]
За време на Првата (1912-1913) и Втората Балканска војна (1913) во Прилеп и неговата околина се воделе жестоки борби. Таква е битката кај Прилеп помеѓу војските на Кралството Србија и Отоманската империја, во која отоманската војска била поразена. Крајот на војните се означил со Букурешкиот договор, со кој била поделена Македонија, а Прилеп крајно разурнат и разорен, како дел од Вардарска Македонија ќе влезе во рамките на Кралството Србија. Ширењето на идеите на Октомвриската револуција во Русија довеле во 1919 година во Прилеп да се формира Комунистичка партија, што ќе услови во градот да се пројави жива револуционерна активност меѓу двете светски војни.
Во април 1941 год. Прилеп потпаднал под фашистичка окупација. На 8 април таа година во градот влегла германската фашистичка војска, а на 26 април влегла и бугарската војска.[6] Уште од првите денови на окупацијата се појавил отпор, за конечно на 11.10.1941 година со нападот на бугарската полициска станица од страна на Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ да започне антифашистичкото народно востание против окупаторската власт.[7][8]. Во текот на војната, населението од градот и околните села активно се вклучило во борбите. Во борбите се вклучиле и Сојузот на Комунистичка Омладина на Југославија (СКОЈ) и Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ). Градот бил ослободен на 9 септември 1944, а конечното ослободување е на 3 ноември истата година. Во текот на НОВ од Прилеп и прилепско од 8000 учесници, активни борци со оружје в рака биле 2700. Од нив 650 се загинати, 15 прогласени за Народни херои (10 загинати во НОВ) и 154 носители на „Партизанска споменица 1941“.[6] Поради големиот број на борци и жртви, кои Прилеп ги дал во Втората светска војна, градот по војната го добил епитетот „град херој“. По војната градот почнал да се развива и напредува во сите сфери.
Географија[уреди]
Градот Прилеп се наоѓа во североисточниот дел на најголемата македонска котлина, Пелагонија, односно во Прилепското поле, како најголема населба и негов центар. Опкружен е со планините Бабуна и Дрен Планина.
Населби[уреди]
- Али Чаир
- Багеска Ограда
- Бончејца
- Варош
- Градина (планирана)
- Марино Маало
- Под-кули
- Рид
- Сточен пазар
- Точила
- Тризла
- Центар
- Чачорица
- Џогдере
- Шарена Чешма
- Старо Корзо
Клима[уреди]
Градот Прилеп и околината се наоѓаат на надморска висина од 550-700 метри, а Прилепското поле го ограничуваат високи планини (1500м) коишто условуваат умерено-континентална клима. Средната годишна минимална температура според мерниот пункт во Прилеп изнесува 6,1° додека пак апсолутната максимална температура изнесува до 39,4°. Овие температури се повисоки од апсолутните максимални температури во Струга, Ресен, Охрид и Битола. Малото количество на врнежи во текот на годината (500-600 мм) е услов за појава на послаби извори на вода.[9] Прилеп и околината во текот на годината имаат најчести ветрови од североисточен правец. Североисточниот ветар дува со максимална брзина 22,5 m/s. Југоисточниот ветар дува со просечна брзина од 3,8 m/s.[10] Градот има повеќе од 250 сончеви денови во годината.[11]
| Клима на {{{Место}}} | |||||||||||||
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Показател | Јан | Фев | Мар | Апр | Мај | Јун | Јул | Авг | Сеп | Окт | Ное | Дек | |
Транспорт[уреди]
Прилеп со патишта е поврзан со останатите делови од Македонија. Поважни патни правци се Прилеп-Битола, Прилеп-Охрид (преку Ресен), Прилеп - Кичево и патниот правец Прилеп-Велес-Скопје.
Прилеп е поврзан и со железница со Битола на југ и Велес и Скопје на север, а од железничката станица во Прилеп во 2010 година отпатувале 149.000 патници.[12]
До околните населени места има организирано редовен автобуски или железнички сообрајќај.
Население[уреди]
| Население низ историјата | ||
|---|---|---|
| Година | Жители | %± |
| 1921 | 18.508 | — |
| 1931 | 22.821 | 23.3% |
| 1948 | 24.816 | 8.7% |
| 1953 | 29.776 | 20.0% |
| 1961 | 37.459 | 25.8% |
| 1971 | 48.202 | 28.7% |
| 1981 | 60.464 | 25.4% |
| 1991 | 66.817 | 10.5% |
| 2002 | 66.246 | −0.9% |
| Извор: Податоците од 1948-2002 се според официјалните пописи[13] | ||
Градот Прилеп има поволна демографска слика, бидејќи бројот на неговото население бележи константен прираст на секој попис. На почетокот на XX век, во Прилеп живеат 24.520 жители.[14] За време на Балканските војни, бројот на населението опаѓа, па така во 1914 год. изнесува 22.237 жители. Потоа започнува процес на миграција на турското население и Првата светска војна, а поради тоа населението во градот повторно се намалува и во 1921 год. изнесува 18.508 жители. По овие периоди започнавува постојан природен прираст на населението. Тоа се јавува првин поради доселувањето на извесен број колонисти од Југославија. Во периодот од 1948 до 1971 бројот на жителите во градот се зголемил повеќе за два пати. Тоа се должи на миграцијата село-град, како и на големиот природен прираст. Денес природниот прираст е во стагнација.
Прилеп е четврт по големина град во Македонија, а според последниот попис од 2002 година, во градот се регистрирани 66.246 жители. Со новата територијална поделба селото Варош преку конурбација е споено со градот Прилеп и денес претставува негова населба. Заедно со 3.458 жители од Варош, во градот Прилеп вкупно живеат 69.704 жители. Според етничката структура населението во градот е следново: Македонци - 64.754 (92,56%), Роми - 4.379 (6,60%), Срби - 162 (0,23%), Турци - 123 (0,19%), Албанци - 21 (0,03%), Власи - 17 (0,02%), Бошњаци - 17 (0,03%) и останати - 229 (0,34%).[13] Според религијата, најголем дел од населението се православни христијани, додека Ромите најмногу се муслимани. Во градот најмногу се зборува македонскиот јазик, односно неговиот прилепски говор.
Стопанство[уреди]
Прилеп е центар на производство на високо квалитетен тутун и цигари, метало преработувачка, електронска, дрвна, текстилна, прехрамбена и мермерна индустрија (рудникот “Сивец“).
Тутунот е еден од Прилепските традиционални култури што успева во Македонската клима. Многу од големите светски производители на цигари го користат Прилепскиот тутун откако ќе се обработи во нивните локални фабрики. Кога во Прилеп бил основан Институтот за Тутун за креирање на нови видови тутун, тоа било прв пример за примена на генетиката во земјоделството на Балканот. Повеќето жители на Прилеп опстојуваат со производство на тутун, кој потоа се откупува од Тутунски Комбинат АД Прилеп во Прилеп. Во 2011 година во Прилепско поле биле произведени 7 321 тони тутун[15] што претставува 28% од вкупното количество тутун произведено во Македонија.
Покрај тутуно-производството во Прилеп, од големите индустриски претпријатија работат и Прилепска пиварница, мермерниот комбинат, индустријата за висока технологија „Микросам“ кој е позната во светот по големиот број произведени роботи и разни технолошки изуми, повеќе фабрики за мебел, градежни материјали и воена опрема.
Образование[уреди]
Образованието во Прилеп се одвива во повеќе училишта. Основни училишта се: ОУ „Блаже Конески“, ОУ „Гоце Делчев“, ОУ „Добре Јованоски“, ОУ „Кире Гаврилоски Јане“, ОУ „Климент Охридски“, ОУ „Кочо Рацин“ и ОУ „Рампо Левката“. Во составот на основните училишта функционираат и повеќе подрачни училишта во градот и околните села.
Средните училишта се: Гимназијата „Мирче Ацев“, а од стручните: СОЕПТУ „Кузман Јосифовски Питу“, СОУ „Ѓорче Петров“, СОУ „Ристе Ристески - Ричко“ и СУ „Орде Чопела“, на кои постојат голем број на стручни насоки.
Од високото образование постои Економскиот факултет, како и дисперзирани студии за информатика и компјутерска техника,[16] производство и преработка на тутун,[17] рударство, геологија и инженерство на природни ресурси. Исто така, во Прилеп функционираат и постдипломски студии при Институтот за композитни материјали и роботика.[18]
Култура[уреди]
- Институт за Старословенска Култура - ИСК генерално се занимава со етногенезета на старите Словени, преку истражувањата на археолозите, историчарите на уметност, етнолозите, лингвистичарите и други помошни историски науки. Формиран е како Центар за истражување на Старословенската Култура при Музејот на град Прилеп, а во 1980 година се осамостојува како Институција од научен карактер. Негов основач е тогашниот директор на Музејот на град Прилеп - Проф. д-р. Бошко Бабиќ, а подоцна и негов директор од 1980 година.
- Центар за Современа Ликовна Уметност (ЦСЛУ) - Уметничка Колонија, којашто секоја година (во летниот период во месеците јули и Август) се одржува во центарот на градот Прилеп, за време на Прилепското Културно Лето. Основана е во 1957 година, од страна на историчарот на уметност и археолог - Проф. д-р. Бошко Бабиќ (директор на ЦСЛУ до 1981 година, а потоа и нејзин доживотен почесен претседател), по негова иницијатива и исто така по иницијатива на неговиот пријател и долгогодишен соработник на ЦСЛУ - академскиот сликар Ристо Лозановски. Уметничката Колонија е една од најстарите во Југоисточна Европа, а е најстара на Балканот. Секоја година, се одржуваат, редовни четири работилници: Интернационалната Сликарска Колонија (започната 1957 год.), Интернационален Скулпторски Симпозиум "Мермер" (1963 год.), Интернационално Студио за Пластика во Дрво (1971) и Интернационално Ателје за Скулптура во Метал (1984). Периодично се одржуваат и други работилници, како: Уметничка Фотографија, Керамика, Витраж, Мозаик,Графика, а од 2005 година и Студиото за Пластика во Пластика, основано по инцијатива на директорот на ЦСЛУ Диме Јанески (на функција од 1981 година до денес) и академскиот скулптор - Предраг Јаневски.
- Македонски Театарски Фестивал "Војдан Чернодрински" - кој се одржува во чест на првиот модерен македонски автор на драми, Војдан Чернодрински, кој бил роден во село Селци, Струшко во 1875 год. Основан е во 1965 година, од страна на познати македонски актери, кои ја дале целата нивна поддршка, како што се: Нада Гешоска, Димче Гешоски, режисерот Мирко Стефаноски и други. Овој Театарски Фестивал е најголемиот и најзначајниот за македонската театарска дејност, како и пошироко на Балканот, чии признанија се од голема важност во животот на актерите. Се одржува секоја година, во првата недела од месецот Јуни.
- Манастирот во Зрзе и манастирот “Св. Архангел Михаил“, кои имаат фрески од XII и XIV век, се значајни знаменитости на културата во Прилеп.
- Исто така е важен манастирот „Трескавец“, кој се наоѓа на падините под врвот Златоврв и каде се снимени дел од сцените на филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски.
Уметност и архитектура[уреди]
Постојат неколку антички знаменитости во Прилеп, вклучувајќи една кај Маркови Кули, црквата “Св. Никола“ од XIII век, црквата “Св. Успение Богородично“ (“Трескавец“), црквата “Св. Преображение“ и “Могилата на Непобедените“, споменик во чест на жртвите од фашизмот кој се наоѓа во централниот парк на Прилеп. Познато е дека постои голем римски некрополис и каде се најдени голем број на ѕидини. Римски рушевини се наоѓаат и блиску до Варошкиот Манастир, изграден во стрмните падини на ридот, каде подоцна е населена средновековна заедница. Голем број на рано римски гробници, некои со скулптурни релјефи на починатите или од “тракијскиот јавач“ и други споменици од официјална природа, се наоѓаат во двориштето на црквата под јужната падина на Варош. Некои од најголемите споменици биле изградени во ѕидовите на црквата.
Најважниот антички споменик е стариот град Стибера ситуриран во ридот Бедем близу Чепигово, во централниот дел на Пелагонија.
Манастирот Трескавец, е изграден во XII век во планините на 10км северно од Прилеп, под Златоврв, на работ на мала висорамнина околу 1100 метри надморска висина. Други инскрипции во Трескавец вклучуваат неколку римски творби од I век посветени на Аполон. Старата тврдина била користена од Римјаните, а подоцна Византијците. Во средновековието, Крале Марко ја обновил цитаделата, правејќи ја важна воена тврдина. Дури и Цар Самуил дошол таму по поразот на Беласица во 1014 година.
- Цркви
- Црква „Св. Благовештение“ - позната како Стара Црква;
- Црква „Св. Кирил и Методиј“ - црква градена во периодот 1926-1936 [19];
- Црква „Св. Преображение“ - се наоѓа во самиот центар на градот;
- Црква „Св. Петка“ - црква од понове време. Се наоѓа во населбата Точила[20];
- Црква „Св. Троица“ - се наоѓа на Песјобрдо;
- Црква „Св. Константин и Елена“ - се наоѓа во населбата Аличаир. Поставени темели во 2012;[21]
- Црква „Св. Пантелејмон“ - се наоѓа во дворот на градската болница. Поставени темели во 2012[21];
- Црква „Св. Наум Охридски“ - се наоѓа покрај спортската сала „Македонија“. Поставени темели во 2012[21];
Редовни настани[уреди]
Личности од Прилеп и околината[уреди]
- (1300 - 1349), Григориј Акиндин, еретик, книжевник и мислител;
- (1320 - 1406), Никодим Тисмански, преподобен, светец, книжевник, исихаст, црковен политичар;
- (1335 - 1395), Крале Марко, средновековен владетел;
- (1829 - 1920), Марко Цепенков, македонски преродбеник, еден од најголемите собирачи на народно творештво;
- (1860 - 1908), Атанас Бадев, композитор, хорски и музички теоретичар;
- (1864 - 1921), Ѓорче Петров, македонски револуционер, еден од раководителите на ЦК на ВМРО;
- (1865 - 1912), Пере Тошев, македонски револуционер, еден од најзначајните членови на ЦК на ВМРО;
- (1868 - 1962), Крсто Гермов (Шаќир Војвода), илинденски војвода и прв претседател на Народното Собрание на Асномска Македонија;
- (1877 - 1939), Петар Ацев, македонски револуционер за време на владеењето на Отоманската империја со Македонија;
- (1880 - 1943), Али Фетхи Окјар, премиер на Република Турција и претседател на турскиот парламент;
- (1897 - 1944), Методија Шаторов - Шарло, македонски комунист, национален деец;
- (1902 - 1957), Методија Андонов - Ченто, прв претседател на АСНОМ;
- (1909 - 1944), Круме Волнароски, народен херој на Југославија;
- (1909 - 1942), Рампо Левков, народен херој на Југославија;
- (1909 - 1988), Круме Кепески, автор на првата книга за граматика за македонски јазик
- (1912 - 1942), Борка Велески, народен херој на Југославија;
- (1912 - 1942), Јордан Чопела, народен херој на Југославија;
- (1915 - 1944), Кузман Јосифоски - Питу, организатор на антифашистичкото ослободително движење за време на НОБ, познат како вториот Гоце Делчев, народен херој на Југославија;
- (1915 - 1943), Мирче Ацев, народен херој на Југославија;
- (1918 - 1944), Кире Гаврилоски, народен херој на Југославија;
- (1919 - 2006), Вера Ацева, народен херој на Југославија;
- (1919 - ), Борко Темелковски, народен херој на Југославија;
- (1921 - 2001), Крсте Црвенковски, народен херој на Југославија;
- (1921 - 1993), Блаже Конески, македонски преродбеник, поет и татко на македонскиот јазик и литература;
- (1921 - 1942), Борка Талески, народен херој на Југославија;
- (1921 - ), Илија Јовановски, с. Топлица, народен херој на Југославија;
- (1922 - 1995), Ѓоре Дамевски, народен херој на Југославија;
- (1925 - ), Атанас Забзановски, народен херој на Југославија;
- Види исто така целосна Листа на личности од Прилеп, Категорија:Родени во Прилепско, Категорија:Починати во Прилепско
Збратимени градови[уреди]
Градот Прилеп е збратимен со градовите[22]:
Галерија[уреди]
-
Експонати во Музејот на тутун во Прилеп
Наводи[уреди]
- ↑ К. Цепенков, Марко (1989). „Македонски народни приказни“. Македонска книга. стр. 106. ISBN 8636900425.
- ↑ 2,0 2,1 „Прилеп во средниот век“. Завод и Музеј - Прилеп. http://muzejprilep.org.mk/en/muzejska-dejnost/oddelenie-za-istorija/116-prilep-vo-sredniot-vek.
- ↑ 3,0 3,1 Иван Микулчиќ, „Средновековни градови и тврдини во Македонија“, Скопје, 1996, стр. 249-250.
- ↑ „Кратка историја на Прилеп“. НУ Завод и музеј - Прилеп. http://www.muzejprilep.org.mk/en/component/content/article/94-kratka-istorija-na-prilep.
- ↑ Хаџи Васиљевиќ, Јован (1902) (на српски). „Прилеп и његова околина“. Чупићеве задужбине Л., Београд. стр. 32, 33.
- ↑ 6,0 6,1 „Прилеп низ историјата“. www.prilepinfo.mk. http://www.prilepinfo.mk/mk/za-prilep/prilep-niz-istorijata/133-prilrp-niz-istorijata.
- ↑ „Антифашистичката војна во Македонија“. А1 телевизија. http://www.a1.com.mk/vesti/default.asp?VestID=46275.
- ↑ „Историја на АРМ“. http://www.morm.gov.mk/morm/mk/ARM/History/History3.html.
- ↑ „Клима туризам“. Општина Прилеп. http://www.prilep.gov.mk/informacii/mk/klima-turizam-1/.
- ↑ „Клима земјоделие“. Општина Прилеп. http://www.prilep.gov.mk/informacii/mk/klima-zemjodelie-1/.
- ↑ „Во Прилеп ќе се гради прва соларна централа“. Утрински Весник. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=721555F285D8F44CBDF43B545384B6DC.
- ↑ „Транспорт и други услуги, 2010“. Државен завод за статистика на Република Македонија. 2011. стр. 17. ISBN 9786082270463. http://www.stat.gov.mk/Publikacii/8.4.11.03_700.pdf.
- ↑ 13,0 13,1 „Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година)“. Државен завод за статистика. http://makstat.stat.gov.mk/pxweb2007bazi/Dialog/varval.asp?ma=Popis_nm_1948_2002_NasPoEtnPrip_mk&ti=%CD%E0%F1%E5%EB%E5%ED%E8%E5+%ED%E0+%D0%E5%EF%F3%E1%EB%E8%EA%E0+%CC%E0%EA%E5%E4%EE%ED%E8%BC%E0+%F1%EF%EE%F0%E5%E4+%E8%E7%BC%E0%F1%ED%F3%E2%E0%9C%E5%F2%EE+%E7%E0+%E5%F2%ED%E8%F7%EA%E0%F2%E0+%EF%F0%E8%EF%E0%E4%ED%EE%F1%F2%2C+%EF%EE++%ED%E0%F1%E5%EB%E5%ED%E8+%EC%E5%F1%F2%E0%2C+%F1%EF%EE%F0%E5%E4+%EF%EE%EF%E8%F1%E8%F2%E5+%ED%E0+%ED%E0%F1%E5%EB%E5%ED%E8%E5+1948%2C+1953%2C+1961%2C+1971%2C+1981%2C+1991%2C+1994+%E8+2002++%E3%EE%E4%E8%ED%E0+%28%F1%EE%E3%EB%E0%F1%ED%EE+%F2%E5%F0%E8%F2%EE%F0%E8%BC%E0%EB%ED%E0%F2%E0+%EE%F0%E3%E0%ED%E8%E7%E0%F6%E8%BC%E0+%EE%E4+1996+%E3%EE%E4%E8%ED%E0%29&path=../Database/%CF%EE%EF%E8%F1%E8/%CF%EE%EF%E8%F1%E8%20%ED%E0%20%ED%E0%F1%E5%EB%E5%ED%E8%E5%201948%20-%202002/&lang=18.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр.244.
- ↑ „Полјоделство, овоштарство и лозарство, 2011“. Државен завод за статистика на Република Македонија. 2011. ISBN 9786082270661. http://www.stat.gov.mk/Publikacii/5.4.12.01.pdf.
- ↑ „Додипломски студии“. УКЛО. http://www.uklo.edu.mk/categories/view/91.
- ↑ „Производство и преработка на тутун (Дисперзирана настава во Прилеп)“. Факултет за земјоделски науки и храна, Скопје. http://www.fznh.ukim.edu.mk/20100912286/proizvodstvo-i-prerabotka-na-tutun.html.
- ↑ „Постдипломски студии“ (на англиски). Институт за композитни материјали и роботика - Прилеп. http://www.iacr.edu.mk/pages/postgraduate-studies/.
- ↑ „ЦРКВА „СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ – ПАРАКЛИС“ (на македонски). http://www.oldprilep.com/prilepska-crkovna-opstina/crkva-sveti-kiril-i-metodij.html. проверено на 2012-04-25.
- ↑ „Донирани средства за изградба на црквата Св. Петка во Прилеп“ (на македонски). Курир. Петок, 20 Јануари 2012 16:14. http://kurir.mk/republika/opstini/57798-Donirani-sredstva-za-izgradba-na-crkvata-Sv-Petka-vo-Prilep. проверено на 2012-04-25.
- ↑ 21,0 21,1 21,2 „Осветени темели на уште на една црква во Прилеп“, Дневник, 24.04.2012, 14:58 (консултирано на 2012-04-25). (на македонски)
- ↑ http://www.prilep.gov.mk/index.php?option=com_content&task=view&id=261
- ↑ Прилеп се збратими со украински Чернигов
Надворешни врски[уреди]
| „Прилеп“ на Ризницата |
- Официјална страница на општината Прилеп
- Стар Прилеп - Да се потсетиме, да не заборавиме!
- Стопански адресар на град Прилеп
- Институт за старословенска култура - Прилеп
- Национална установа центар за култура „Марко Цепенков“ - Прилеп
- ЈКП Комуналец - Прилеп
- Тутунски комбинат АД Прилеп
- Пиво Фест
- Прилеп Шема
|
||||||||||
|
|||||||
|
|
|||||